Македонија
Кучи: ЦЕФТА Договорот е олеснување кон зачленување во ЕУ
Основата на ЦЕФТА Договорот е олеснување на процесите за пристапување на ЦЕФТА земјите кон Европската Унија, нивно успешно интегрирање, како и интензивирање на трговијата на пазарите со земјите на ЕУ.
Ова во среда го истакна министерот за економија Дритон Кучи, во обраќањето на регионалниот настан „Република Македонија – 10 години од ЦЕФТА 2006 година“, како дел од Програмата за далекусежност и забележителност на ЦЕФТА.Според оваа програма, вакви настани се предвидени во секоја од ЦЕФТА земјите и имаат за цел да се согледа регионалното значење на ЦЕФТА и на нејзината транспарентност, целата програма по повод јубилејот на ЦЕФТА најмногу е наменета за бизнис заедницата, за нејзино транспарентно информирање за сите детали и новини кои се реализирани или се во тек на реализација на регионално ниво. „Досега во рамките на ЦЕФТА е постигната целосна либерализација во трговијата со земјоделски производи, што значи трговија без царини и царински давачки, се финализира процесот на преговори за олеснувања трговијата и ќе следи усвојување на Дополнителен протокол за олеснување на трговијата, а во завршна фаза се преговорите за поширока либерализација на трговијата со услуги, во однос на либерализацијата што е постигната со членството во СТО. А прогресивна и синхронизирана либерализација во трговијата со услуги за ЦЕФТА земјите ќе значи заедничко отворање на пазарите на услуги, во контекст на европската интеграција“, рече Кучи. Заменик претседателот на Владата на Република Македонија за европски прашања, Арбр Адеми, во своето обраќање се осврна на активностите во рамките на ЦЕФТА кои се интегрален дел од повеќе домашни и регионални стратешки документи. Во Националната програма за усвојување на европското законодавство (НПАА).-Поглавје 30 „Надворешни односи, активностите имаат за цел постигнување на високо ниво на трговска интеграција помеѓу Република Македонија, земјите од Западен Балкан и ЕУ.Тој подвлече дека регионалната соработка во рамки на ЦЕФТА е дел од столбот за Интегриран раст од Стратегијата Југоисточна Европа 2020 чија цел е промовирање на регионалната трговија и инвестиции, како и креирање на политики кои се недискриминаторски, транспарентни и предвидливи. Ваквите политики даваат значаен придонес за економски развој и меѓусебно поврзување на земјите од регионот. Дополнително, регионалната трговија и конкретно регионалниот Протокол за трговија со услуги во рамки на ЦЕФТА е дел од Програмата за економски реформи (ЕРП) 2016 – 2018 на Република Македонија.Присутните имаа можност да ги слушнат и согледувањата на академската јавност во однос на придобивките од пристапувањето на ЦЕФТА презентирани од страна на проф.д-р Ирена Кикеркова од Економскиот факултет од Скопје и проф.д-р Силвана Мојсовска од Економскиот институт од Скопје, а економските аспекти од ЦЕФТА 2006 и најновите проекти ги претстави Зорица Смилева од Министерството за економија. Претставниците на коморите, институциите, меѓународните организации и ЦЕФТА Секретаријатот оставија простор и за панел дискусија на презентираните теми, во насока на јакнење на јавно-приватниот дијалог, а сѐ со цел подобрување на бизнис климата во регионот и споделување на искуствата и потребите на бизнис заедницата за активно интегрирање кон процесите на Европската Унија. /крај/мф/ст
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.