Македонија
Македонија со 60 делегати на Тера Мадре Салоне дел Густо во Торино
Повеќе од 60 делегати – производители, експерти, готвачи и членови на Слоу Фуд организацијата ќе ја претставуваат Македонија на Тера Мадре Салоне дел Густо, кој се одржи од 22 до 26 септември 2016 година во Торино, Италија.
На 11-то издание, под мотото „Сакај ја земјата“ во Торино, на отворено, ќе се соберат 5.000 делегати од 160 држави, 800 изложувачи на храна, 300 Президиуми на Слоу Фуд и 500 заедници за храна на Тера Мадре. Настанот го организира Слоу Фуд, во регионот Пиемонт и градот Торино. Слоу Фуд Македонија, по петти пат, ќе се претстави на Тера Мадре Салоне дел Густо со сопствен штанд и ќе ги претстави своите четири Президиуми: Слаткото од диви смокви, Президиум на Буковска Пиперка, грозјето Станушина, Македонска медоносна пчела. Во текот на петдневното излагање на производите, секој ден, посебно, ќе биде презентиран по еден производ од македонските Президиуми. Со оглед на тоа што со македонската делегација ќе патува и готвач кој е дел од „Алијанса на готвачи“, на штандот ќе бидат приготвувани јадења со локални состојки од нашата земја карактеристични за нашата кујна. Македонија, веќе, го организираше својот прв Тера Мадре Македонија настан во јуни годинава во Битола. Македонската делегација во Торино ќе учествува и на конференција посветена на Заштитата на Биодиверзитетот на Балканот, а ќе се одржи во рамките на проектот ЕСЕДРА, кој во Македонија се спроведува веќе четврта година. Во Торино ќе се одржат 82 работилници за вкус, четири вечери со познати готвачи, 27 училишни часови за готвење, 12 големи конференции, 41 форуми на Тера Мадре заедниците, 180 едукативни активности, 184 активности организирани од страна на Универзитетот за гастрономски Науки и уште многу други активности. Најважната битка за иднината е правото на храна за сите, заштита на биодиверзитетот, ублажување на климатските промени, врската помеѓу производството на храна со земјата. Сите заедно со нашите избори, имаме неверојатен потенцијал за решавање на овие прашања. Пред 20 години, кога за прв пат се одржа Салоне дел Густо, храната и земјоделството имаа мала улога во комуникацијата, економијата и политиката. До денес многу работи се сменети. Покревањето на свеста на луѓето, во поглед на системот на храна драматично расте низ светот, благодарение на работата на Слоу Фуд. Извонредното богатство на знаење и енергија кое го шири Слоу Фуд е сплотено во мрежа на Тера Мадре каде се обединети 2.400 заедници на храна, кои на овогодинешното издание на Тера Мадре Салоне дел Густо ќе го покажат значењето на „Сакај ја земјата“. Она што е интересно за ова издание на Тера Мадре Салон дел Густо е павилјонот Let it Bee! Во Универзитетот на Торино, Palazzo del Rettorato, постои простор кој е посветен на пчелите. Let it Bee е дизјаниран со цел да ја претстави приказната за пчелите и пчеларите. На овој павилјон ќе учествува претставник на Президиумот-Македонска медоносна пчела, кој воедно ќе ги претставува и македонските техники на пчеларење. Во павилјонот ќе има и изложба со поставени слики и трмки, кои се дел од традиционалното пчеларење во Македонија-пчеларење во трмки. Собрани на едно место, тука пчеларите преку своите искуства и сведочења ќе го докажат значењето на пчелите во зачувувањето на биолошката разновидност. Овај павилјон е поставен со цел да се подигне свеста за употребата на пестицидите, да се објасни традиционалното производство на мед и да се постават нови граници во урбаното пчеларење. Организирано од Слоу Фуд, во регионот Пиемонт и градот Торино, Тера Мадре Салоне дел Густо претставува меѓународен гастрономски саем кој се одржува на секои две години во Торино, каде на едно место ги собира производителите и занаетчиите од целиот свет. Овој настан е комбинација на еден огромен пазар и споредни активности вклучувајќи конференции, работилници, дегустации и часови по готвење. Слоу Фуд е глобална организација која има визија за свет во кој сите луѓе имаат пристап и уживаат во храна која е добра за нив, добра за оние што ја одгледуваат и добра за планетата. Слоу Фуд вклучува повеќе од еден милион активисти, готвачи, експерти, млади, земјоделци, рибари и научници од над 160 земји. Меѓу нив, мрежа од околу 100.000 членови се поврзани во 1.500 локални ограноци низ светот, кои даваат свој придонес преку членарината што ја плаќаат, како и преку настаните и кампањите што ги организираат. Како дел од мрежата, повеќе од 2.400 заедници за храна на Тера Мадре практикуваат мало и одржливо производство на квалитетна храна низ целиот свет./рај/мф/вм
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.