Македонија
ММФ препорачува зголемување на старосната граница за пензионирање

Обезбедувањето одржливост на пензискиот систем е важна среднорочна цел, предупредуваат од Меѓународниот монетарен фонд во најновиот извештај за Македонија.
Актуелниот пензиски систем се соочува значителна финансиска нерамнотежа поради стареењето на популацијата и намалување на придонесите. Пензискиот дефицит, кој изнесува 4,5 отсто од БДП се планира да се зголеми двојно до 2030-та година, доколку не се спроведат сериозни промени.
Од ММФ препорачуваат да се разгледа опцијата Владата да ја зголеми старосната граница за пензионирање и да имплементираат политики за зголемување на активната работна сила и зголемување на придонесите.
За 2017-та година БНД-то на Македонија се очекува да се зголеми за 3,2 отсто и понатамошно зголемување со директните инвестиции, поради политичката криза економскиот раст за годинава беше намален на 2,2 отсто. Инфлацијата е околу нула отсто во последниве две години, извозот од економските слободни зони комбинирано со ниските цени на нафтата влијаат позитивно на дефицитот во трговската размена, односно негово намалување.
Банкарскиот систем во Македонија е стабилен и профитабилен и со голема ликвидност. Претпазливите макро политики беа успешни во одржување на банкарската стабилност преку серија на депозити и стабилноста на валутата.
За да се одржи фискалната стабилност јавниот долг треба да се стабилизира под 50 отсто од БДП-то на Македонија. Фискалниот дефицит е намален од 4,2 отсто во 2014-та година на 3,5 отсто во 2015-та година.
Стапката на невработеноста е намалена,но се уште е голема, а во иднина се очекува таа да се намалува со побрзо темпо поради странските директни инвестиции. Од ММФ исто така порачуваат дкеа приватниот сектор треба да се засили преку отстранување на пречките како што се пристапот до финансии и непредвидените промени во бизнис средината./крај/мф/вп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Англиска компанија бара партнери за соработка од Македонија

Сојузот на стопанските комори на Македонија го споделува барањето на компанијата „Марион трејдинг“, со седиште во Обединетото Кралство, која е специјализирана за дистрибуција на источноевропски прехранбени производи.
Моментно бараат сигурен деловен партнер за набавка на производи од ферментирана зелка.
Нивниот годишен обем на набавки за овие производи е приближно 1.000 тони и сакаат да воспостават долгорочно партнерство со доверлив доставувач, велат од Стопанската комора.
Сите заинтересирани компании за соработка може да се пријават најдоцна до 20.2.2025 година до 14 часот на следниот имејл: [email protected]
Економија
Владата ќе ги ограничи маржите на повеќе производи, меѓу кои и детергентите и бебешката храна

Владата го задолжи Министерството за економија да донесе одлука за 10 проценти ограничување на маржата во трговија на мало и 10 проценти во трговија на големо на основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници. Но, истата да се дополни со средства за хигиена како што се детергентите и плус да се дополни со бебешка храна, и други непрехранбени производи кај која е забележана многу висока маржа, а истите се дел од основните потреби на граѓаните.
„Очекуваме да бидат вклучени над 100 групи на производи. Оваа мерка е предвидено да трае од денот на донесување, што се очекува да биде за многу брзо од денес и да трае заклучно до 30.04.2025 година“, велат од Владата.
Влада им препорача на сите маркети да почнат процедура за транспарентно објавување на цените на сите производи и нивно редовно ажурирање на дневна основа.
„Целта на оваа препорака е да придонесеме поголема транспарентност од каде граѓаните сами ќе можат да одлучат во кои од маркетите ќе пазарат, да ја видат разликата во цените, а цениме и дека ваквиот пристап кој има карактер на препорака, а не на ограничување ќе придонесе кон некое усогласување на самите цени на производите“, велат од Владата.
Дополнително Владата го задолжи и Министерството за економија и труд да организира итен работен состанок со сите надлежни институции како што се Државниот пазарен инспекторат, министерствата за финансии и земјоделие, КЗК и други кај што ќе може да се разгледуваат и други предлози и мерки коишто ќе имаат долгорочно решавање на оваа состојба.
Економија
Граѓаните тешко осиромашени за осум месеци, Мицкоски допрва анализира што да се прави, велат од СДСМ

„Тотално фијаско на политиките на Мицкоски и ДПМНЕ во економијата, цените продолжуваат да растат, граѓаните имаат се помалку пари и едвај врзуваат крај со крај. Мерките со некакви „кошнички“ доживеаја дебакл. Наместо намалување се случи зголемување на цените на храната, на основните производи, затоа што власта им остави време и простор на трговците да ги зголемат“, соопшти СДСМ.
„Граѓаните беа принудени сами да се организираат и преку бојкот на маркети да кренат глас против високите цени и големите поскапувања.
И наместо веднаш да преземе мерки и да ги намали цените Власта на Мицкоски така си ги остава работите, ништо не прави за намалување на цените. Граѓаните се оставени сами.
Мицкоски вели ќе разгледувале, ќе правеле анализи, ќе презентирале нешто на наредната седница на Влада.
Човекот што троши за една реклама на Фејсбук повеќе од една минимална плата си поигрува со народот кој секој ден плаќа поскапо а има помалку.
Па 8 месеци поминаа допрва ли ќе разгледува Мицкоски? Нели ветуваше дека ќе се намалат цените? Еве цените не се намалија, се зголемија, неспособноста излезе на виделина.
Власта има 6 милијарди евра буџет. Зошто едноставно не ги покачи платите? Што се чека?
Едноставен е одговорот, политиките на Мицкоски се насочени кон заштита на интересите на големите трговци и елитата а граѓаните се оставени сами на себе.
Секогаш кога ДПМНЕ е на власт се зголемува економската несигурност на семејствата, народот има се помалку пари, а се богатат само неколкумина во врвот на власта“, се наведува во соопштението на СДСМ.