Македонија
Можностите за инвестирање претставени пред бизнимени во Ријад
Македонската владина делегација во рамките на посетата на Ријад, Саудиска Арабија оствари средба во понеделникот со повеќе стопанственици, инвеститори и сопственици на компании кои доаѓаат од повеќе различни сектори на кои им беа презентирани можностите за инвестирање во Република Македонија.
Саудиска Арабија како брзо растечка економија е значен економски пазар и е интензивно насочена кон дисперзирање на економскиот капитал. Пред стопанствениците владиниот економски тим ги посочи поволностите за рееализациа на странски инвестиции кои ги нуди Македонија како што се ниските даноци, квалификуваната работна сила, развојната инфраструктура и олеснетите бирократски процедури.
Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, посочи дека освојувањето на нови пазари и посетата на земја како Саудиска Арабија е значајна од аспект на проширувањето на можностите за да се привлечат нови инвеститори и да се прошири трговската соработка со други земји кои што се надвор од Европа.
„Саудиска Арабија е голем пазар и земја која што има високо ниво на доход и сметавме дека е соодветно да направиме посета и да ги презентираме можностите кои Македонија ги нуди во областа на добрата бизнис клима, ниските даноци, и квалитетната работна сила”, изјави Ставрески.
Тој истакна дека тоа беше прифатено од страна на бизнисмените, а некои од нив имале и позитивно искуство и веќе биле запознаени со условите за бизнис кои ги нуди Македонија.
„Некои од инвеститорите присутни вечерва веќе ја посетиле Република Македонија и имаат поволно мислење за земјата, но добро е уште еднаш да поразговараме поконкретно што можат да направат и на кој начин да дојде до реализација на нивните планови за Република Македонија. Така да првиот ден имавме средба со 30 до 40 бизнисмени, и ќе продолжиме следните денови со такви бизнис форуми во повеќе места овде со цел да ја објасниме можноста што Република Македонија ја нуди за инвеститорите од Саудиска Арабија и веруваме дека дел од нив ќе се решат да ја посетат државата и ќе размислат за нивните инвестиции”, изјави Ставрески.
Калид Ал Тавил кој е стопанственик со повеќе успешни бизниси од сферата на недвижностите, технолошката индустрија и градежништвото и извршен директор на компанијата „Леурон“ го посочи неговото позитивно искуство од претходна посета на Република Македонија.
Условите за бизнис во Македонија се одлични, едни од најдобрите кои ги имаме видено, во поглед на инфраструктурата, во однос на вештините на работната сила, пријателската средина. Даночниот систем е, исто така, одличен и мислам дека Владата завршува одлична работа во поглед на создавањето на услови за привлекување на нови инвестиции. Споредено во однос на други региони за инвестирање што ги имаме видено, условите се многу добри и државата е меѓу најдобрите за инвестирање и јас сум краен оптимист дека работите ќе се одвиваат многу добро и ќе има брз напредок во инвестициите во годините што доаѓаат”, изјави Ал Тавил.
Во однос на можните инвестициски планови поврзани со државата изјави дека размислува и ги разгледува можностите за инвестирање во повеќе области.
„Да, имаме план за проширување на нашата дејност во 2015-та и, исто така, во 2016-та
година во областите кои што ги покриваат човечките ресурси, во поглед на тренирање и обука, како и во областа на недвижностите, туризмот и градежништвото”, изјави Ал Тавил кој посочи дека плановите се развиваат и изрази надеж за нивна успешна реализација.
Министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, г-дин Висар Фида, го објасни значењето на економскиот дел од посетата и се задржа на секторите за кои е пројавено интерес од страна на инвеститорите, а во кои области Владата има постигнато добри резултати.
„Вечерва имавме средба со повеќе компании овде во градот Ријад во Кралството Саудиска Арабија. Меѓу другото, оваа држава е интересна за нас поради тоа што е една од најбрзо растечките економии во овој регион на светот. Компаниите на кои што им ги презентиравме можностите за инвестирање во Република Македонија изразија интерес во повеќе сфери како што е инфраструктурата, земјоделието и туризмот”, изјави Фида.
Тој посочи дека со оние кои ќе пројават зголемен интерес за можно инвестирање Владата ќе остане во контакт и ќе се труди да излезе во пресрет на нивните инвестициски планови. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.