Македонија
Помалите фирми ќе плаќаат пониски казни
Со неколку нови мерки, Владата ќе му помага на бизнис секторот, откако на владината седмица во петокот навечер премиерот Никола Груевски предложил мерките, меѓу коишто бил своен предлогот за нивелирање на казните за македонските компании, во зависност од големината на компанијата, што дека малите дуќанчиња ќе плаќаат многу помали казни од големите компании.
Оваа многу важна мерка, во саботата во централниот вечер дневник на телвизија Сител ја појасни вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.„Оваа мерка е донесена по барање на бизнис заедницата. Казните некогаш беа многу ниски, па драстично се зголемија. Ние сега ја правиме најзначајната корекција. Фирмите кои имаат мал број на вработени и низок промет, ќе плаќаат драстично помали глоби“, рече Пешевски.Одмерувањето на висината на глобата за правните лица и трговците поединци ќе се врши врз основа на неколкуте критериуми, како вкупен приход остварен во претходната фискална година, просечен број на вработени, врз основа на состојбата на крајот на претходниот месец и претходно поведение на сторителот.„На пример, за прекршок кој чини 10 илјади денари, отсега фирма која има промет до 500 илјади денари и до девет вработени, ќе плати само 1.500 денари. Голема фирма со повеќе од 250 вработени, ќе ја плати вкупната сума на казната, односно 10 илјади денари. Ова е фер и коректно кон бизнис заедницата. Очекуваме да нема негативни ефекти, какви што имаше од претходната санкциона политика. За одредени прекршоци имаше високи казни. Без лиценца ако продавате алкохол казната е 8.000 евра. Ако ваков прекршок направи дуќан со еден вработен, тоа ќе значеше затворање на дуќанот и еден социјален слиучај. Сега фирмата ќе може да опстане заради помалата казна“, истакна вицепремиерот.Целта, рече Пешевски, на овие законски измени е воведување на поголема правичност во изрекувањето на прекршочните санкции од страна на прекршочните органи.Пешевски информираше и дека на владината седница биле усвоени и Информацијата и Акцискиот план на Македонската банка за поддршка на развојот за почеток со реализација и користење на четвртата евтина кредитна линија за македонските компании, чија вредност е нови 100 милиони евра, при што Владата ја субвенционира и каматата која изнесува 5,5 отсто. Првите 15,3 милиони евра за 66 претпријатија ќе можат да почнат да се влечат веќе од втората половина на месец јули 2014 година. Кредитните средства и натаму ќе се обезбедуваат со мошне поволна каматна стапка од само 5,5 отсто, и таа ќе биде фиксна, непроменлива за целокупниот период на отплата на кредитот./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангеловска-Бежоска: Зголемувањето на учеството на жените во работната сила може да придонесе за повисок економскиот раст
Зголемувањето на учеството на жените во работната сила ќе овозможи повисок економски раст, којшто целосно ќе ги надомести загубите предизвикани од пандемијата. ММФ проценува дека кај брзорастечките и економиите во развој, БДП може да се зголеми за околу 8% во наредниот период од 5 години, доколку се зголеми стапката на учество на жените во работната сила за 5,9 п.п. Намалувањето на јазот помеѓу учеството на мажите и жените во работната сила е една од значајните реформи коишто носителите на политиките може да ги преземат за зголемување на економскиот раст, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на конференцијата „Успешни жени за успешен регион“, во организација на иницијативата Жени во органите на управување Јадран (Women on Board Adria − WOBA).
Гувернерката истакнува дека јазот помеѓу учеството на мажите и жените во работната сила е еднакво широк, како пред триесетина години, така и денеска, како глобално (47% од работоспособното женско население, наспроти 72% мажи), така и кај нас (учеството на жените во работната сила е само околу 43%, а на мажите околу 62%). „Тој се објаснува со несоодветните законски решенија, нееднаквиот пристап до средства, вклучително и финансиски, до услуги (здравствени, образовни услуги, згрижување деца), општествените норми, дискриминаторските ставови и други пречки поради кои жените не можат да го изразат целосно својот економски потенцијал. Доколку се продолжи со постојните политики, не би можело да се очекува поголемо подобрување“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката истакна дека еден од важните аспекти во однос на родовата еднаквост е зајакнувањето на напорите за застапување за женското претприемаштво. Се оценува дека со зголемувањето на економското учество на жените, особено во микро, малите и средните претпријатија, може да дојде до поттикнување инклузивен раст, имајќи предвид дека овие претпријатија придонесуваат за 74% од вработеноста и 68% во додадената вредност во домашната економија. Таа најави дека наскоро Народната банка ќе склучи меморандум за соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), којшто предвидува спроведување пилот-проект насочен кон поддршка на женското претприемаштво и финансиската вклученост на жените претприемачи. „Со оваа активност, го прошируваме нашето дејствување, покрај веќе воспоставените активности во доменот на финансиската едукација, со кои се унапредува познавањето на сѐ посложените финансиски услуги, во време кога дигиталната трансформација го менува пејзажот на достапните финансиски продукти“, вели гувернерката.
Говорејќи на панел-дискусијата „Жени во управни одбори − силни одбори, силно стопанство, силно општество“, гувернерката посочи и дека Народната банка е добар пример во меѓународни рамки за еднаквата родова застапеност, што се потврдува и со податокот дека две години по ред, од страна на британскиот форум ОМФИФ, Народната банка е рангирана на првото место во светот, помеѓу централните банки, според застапеноста на жените на раководните позиции. „Она што го правиме е всушност, обезбедување подеднаква можност за сите врз основа на образованието, вештините, способноста да се работи во тим, да се биде иновативен, проактивен, креативен“, порача Ангеловска-Бежоска.
На панел-дискусијата на која говореше гувернерката, учествуваа и вицепремиерот задолжен за европски прашање, Бојан Маричиќ и претседателката на Надзорниот одбор на „Прокредит банка“, Јованка Јолеска-Поповска и директорот на производство на „Џонсон Мети“, Боријан Борозанов.
Економија
Денеска почнува Глобалната недела на парите 2024: „Заштитете ги вашите пари, обезбедете ја вашата иднина“
Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто се активни во доменот на финансиската едукација, од денеска до 24 март, дванаесетта година по ред, ја одбележуваат Глобалната недела на парите. Глобалната недела на парите традиционално се одбележува преку предавања и објавување едукативни материјали од областа на финансиите.
Темата на која е посветена годинешната Глобална недела на парите е: „Заштитете ги вашите пари, обезбедете ја вашата иднина“ (Protect your money, secure your future), којашто се однесува на безбедното управување со парите и јакнењето на свеста за потенцијалните ризици во финансискиот сектор и заштитата на личните финансии. Таквите ризици вклучуваат финансиски измами, вклучително и сомнителни пораки (фишинг), измами при купување преку интернет, како и ризици поврзани со приватноста на податоците, како што е кражбата на идентитетот. Најчесто младите се жртви на финансиски измами, поради нивниот постојан допир со технологиите и пониската информираност за можните опасности при користењето на современата технологија и современите начини на плаќања за обезбедување нови финансиски производи и услуги. Оттаму, темата на овогодишната Глобална недела на парите ги поттикнува младите луѓе да гледаат подолгорочно и да бидат претпазливи при носењето финансиски одлуки и користењето на современите технологии.
Во рамките на одбележувањето на Глобалната недела на парите, Народната банка ќе организира повеќе предавања за учениците од основните и средните училишта. Народната банка организациски го поддржува и националниот натпревар на Европскиот квиз на парите 2024 година, којшто ќе се одржи за време на Глобалната недела на парите.
Во меѓународни рамки, Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година поради пандемијата, во организација на Организацијата за економската соработка и развој (ОЕЦД). Оваа глобална иницијатива, којашто досега се одбележува во повеќе од 176 земји во светот и со која се опфатени 60 милиони деца и млади, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Повеќе информации за Глобалната недела на парите се достапни на врската: www.globalmoneyweek.org
Економија
Џафери: Периодот на набавката на автомобилите не е поврзан со изборите, туку со времетраењето и километражата
Набавката на службените автомобили на лизинг е пракса со години и соодветните анализи покажале дека трошоците со лизингот се помали, изјави премиерот Талат Џафери прашан за набавката на 45 нови возила на Владата.
„За периодот на лизинг колку што трае, гаранцијата и одржувањето е на давателот на услугата, а не на побарувачот. Во тој контекст, по пет години, ако останат во институцијата, одржувањето би било поскапо. Оттука лизингот би требало да е поевтино решение имајќи превид дека нема последователно во одржувањето да се трошат средства“, рече Џафери.
Прашан за периодот на набавка, односно дека постапката се случува во предизборието, Џафери објасни дека тоа зависи од моментот на заменливоста. Претходните договори, вели Џафери, се поврзани или за времетрањење или со поминати километри.
СОЗР овој пат бара целосно нови 45 дизел-возила (лимузини) од минимум 2.000 кубни метри моторна зафатнина. Отворањето на понудите ќе биде по електронски пат на 27 март. Понудата нема да биде прифатлива доколку има „невообичаено ниска цена“.
По истекот на тригодишниот договор, операторот ќе си ги врати за себе автомобилите, но во текот на тригодишниот договор ќе биде должен да обезбедува сервис, осигурување, регистрација, промена на пневматици, зелен картон, пренос на дефектно возило за репрезентативните автомобили.
Во претходниот тригодишен циклус Владата набави 45 луксузни возила „шкода суперб“, со погон на четири тркала, во вредност од 1,5 милион евра, без ДДВ. Месечниот лизинг за едно возило, според договорот, изнесуваше 60 илјади денари со вклучен ДДВ, а вкупната цена на едно возило достигнуваше околу 40 илјади евра. И овој пат е предвидена километража од 120.000 километри за тригодишниот период од возило.
Владата, односно Службата за општи и заеднички работи, ќе има обврска кон лизинг-компанијата по завршувањето на оперативниот лизинг, да плаќа од поминат километар за секое возило.
Од Владaта оценија дека оперативниот лизинг е најповолното решение и дека така ќе се заштеди затоа што операторот постојано ќе обезбедува сервис и министрите нема да останат без возило во случај на дефект на она што им е задолжено.