Македонија
Светските медиуми заинтересирани за туристичката понуда на Македонија
Дводневната конференцијата за активен туризам АдвенчрНЕКСТ~Балкан ја одбележа учеството на речиси 300 претставници од повеќе од 30 светски дестинации, вклучувајќи и 12 дестинации од Југоисточна Европа.
На конференцијата, гостите имаа прилика да истражуваат нови можности за стимулирање на развојот на активниот туризам на Балканот. Организирана од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија и предводена од Меѓународната асоцијација за активен туризам (Adventure Travel Trade Association – ATTA), конференцијата во Охрид стави специјален акцент на дестинации во Југоисточна Европа: Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Турција. Во состав на конференцијата беа одржани 490 бизнис средби меѓу 58 снабдувачи на туристички услуги од регионот и 44 купувачи од Европа и Северна Америка. Овие средби се почеток на нова бизнис соработка која се очекува да прерасне во конкретни бизнис зделки кои ќе донесат нови туристи во Македонија и другите балкански дестинации во наредните неколку години. За време на конференцијата беа одржани бројни средби меѓу претставници од туристичката индустрија во регионот и 20 меѓународни медиуми (The New York Times, The Guardian, National Geographic, Lonely Planet, Wanderlustи други) од кои се очекува зголемено информирање во светските медиуми за туристичката понуда на Македонија.Конференцијата АдвенчрНЕКСТ~Балкан стави голем фокус на развојот на активниот туризам преку 14-те едукативни сесии посветени на теми како: иновации во туризмот, стимулирање на економски развој преку туризмот, создавање на препознатливи туристички искуства и растот на кулинарскиот туризам. Меѓу 33-те врвни светски туристички експерти кои учествуваа како говорници и обучувачи на конференцијата се најдоа и тројца Македонци. Пеце Цветковски, сопственикот на Вила Дихово, Тефик Тефиковски, сопственикот на Хотел Туто, и Адријана Алачки, познатата готвачка и претседател на здружението на готвачи Гастро Мак, говореа за нивниот уникатен пристап кон кулинарскиот туризам во Македонија на сесијата наречена „Тајниот сос на Балканот“, посветена на растечкото значење на добрата храна во туристичката понуда.Пред деновите на конференцијата (11-12 мај) повеќе од 50 меѓународни туроператори и патописни новинари од 17 земји ги истражуваа Македонија, Косово, Хрватска, Црна Гора и Албанија преку седум уникатни 3- 5 дневни тури. На 10 мај, повеќе од 150 делегати ја започнаа конференцијата со учество на 20 активни тури во близина на Охрид, организирани од домашни туроператори. Турите вклучуваа културни активности и активности во природа, како пешачење во Националниот Парк Галичица, експедиција за конзервација на флората и фауната на Охридското езеро, фотографски тури, вински тури и археолошко-историски тури во Охрид.Покрај поддршката од Светската организација за туризам на Обединетите Нации (UNWTO), која беше присутна на конференцијата, Регионалниот совет за соработка (Regional Cooperation Council – RCC) исто така ја препозна важноста на настанот и одржа состанок на Групата на експерти за туризам (кој се одржува еднаш на две години) за време на АдвенчрНЕКСТ, на кој соработката во туризмот се дефинираше како важна алатка за надминување на политичките конфликти меѓу земјите на Балканот. УСАИД и Владата на Швајцарија се исто така клучни развојни партнери на настанот и работат на стимулирање на локалниот економски развој, особено кај малите бизниси, преку развивање на активниот туризам.Партнерите на АдвенчрНЕКСТ~Балкан се: Македонија, Туркиш Ерлајнс (Turkish Airlines), Косово и Општина Охрид. Партнерите кои на конференцијата ќе ги промовираат нивните дестинации се: Националниот одбор за туризам на Хрватска, Метеора (Visit Meteora DMC- Грција), Бугарија (претставена од Odysseia-In ), Општина Прилеп и Косово. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.