Македонија
УСАИД помогна за рекорден принос на пченка во североситочниот регион
Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси и Центарот за развој на североисточниот плански регион ги одбележаа рекордните приноси на производителите на пченка од североисточниот регион за време на жетвата на пченка.
Производители на пченка од регионот кој годинава за прв пат наводнуваа со системи капка-по-капка донирани од УСАИД успеаа да ги зголемат нивните приноси за 60% (од 10 тони/хектар на 16 тони/хектар), додека земјоделецот Зоран Димитријевиќ очекува рекорден принос од 19 тони/хектар – меѓу највисоките во Македонија.
„САД го поддржува економскиот раст во Македонија повеќе од 20 години со програми кој ја подобруваат конкурентноста на земјоделските бизниси во Македонија. Овие земјоделци покажаа дека иновациите имаат моќ да ги трансформираат малите фарми во профитабилни бизниси,“ изјави Пол Волерс, амбасадорот на САД во Македонија.
„Со зголемувањето на употребата на системите капка-по-капка, макро економските придобивки ќе станат поочигледни. Зголемувањето на продуктивноста со време ќе и овозможи на Македонија самостојно да ја задоволи целосната домашна побарувачка на пченка. Очекуваме дека овој процес ќе создаде 2,800 нови работни места и повраток на инвестиција од дури 101 милиони евра во индустријата за производство на пченка и млеко,“ рече Волерс
„Оваа година за прв пат користев систем капка-по-капка на еден хектар со пченка и сум презадоволен. Наредната година планирам да аплицирам во програмата 50-50 за да поставам систем капка-по-капка на уште 20 хектари со пченка,“ извави Зоран Димитријевиќ, новиот рекордер во производство на пченка во североисточниот регион.
„Без капка-по-капка добивав по 7-8 тони од хектар, а сега со капка-по-капка очекувам од 18 до 20 тони од хектар“, рече Димитријевиќ.
Во 2013 и 2014, Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси ја започна иницијативата „Да одгледуваме повеќе пченка“ за модернизација на производството на пченка во Македонија. Како дел од иницијативата беа донирани 120 системи капка-по-капка и беа обучени 120 земјоделци за користење на добри земјоделски практики во одгледувањето на пченка. Овие земјоделци успеаа да ги зголемат приносите на пченка за два до три пати.
Иницијативата „Да одгледуваме повеќе пченка“ ќе се прошири во наредните две години со донирање на дополнителни системи капка-по-капка и обуки за нивно соодветно користење, се вели во соопштението на УСАИД./крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.