Македонија
Владината делегација во Келн ги презентираше економските поволности
Премиерот Никола Груевски и владина делегација во чиј состав се и вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот за привлекување странски инвестиции, Веле Самак, и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Виктор Мизо, во средата во Келн присуствуваа и се обратија на бизнис форум за презентација на поволностите за реализација на странски инвестиции и отворање на нови работни места.
На бизнис форумот присуствуваа претставници на компании од областа на автомобилската индустрија, информатиката, енергетиката и од други дејности.
Груевски ги елаборираше поволностите кои нашата земја ги овозможува за странските инвеститори, нискиот даночен пакет, поволностите во технолошко-индустриските развојни зони, даночните ослободувања, и пристапот до поширокиот европски пазар.
Груевски, потенцирајќи дека земјата има позитивно искуство со германските инвестиции, истакна дека е веројатно до крајот на оваа година да биде објавена уште една нова инвестиција на германска компанија.
„Ние имаме добро искуство со германските компании. Во Македонија дојдоа ’Дрекселмаер’ во Кавадарци. Тие планираа 4.100, а веќе имаат 4.900 вработувања. Дојдоа и ’Кромберг и Шуберт’ со 2.500. Сега гради компанијата ’Маркарт’ кај Велес фабрика за 600-700 директни вработувања. ’ОДВ Електрик’ во Охрид веќе почна со регрутирање за вработувања. Веќе во април/мај следната година планира да ја гради фабриката. Сега се во браунфилд во постоечка хала. Има и други, и се надевам дека до крајот на оваа година ќе успееме да финишираме со една германска компанија, којашто претходно ни најави влез, но сé уште го нема објавено, па очекуваме да го објави влезот“, истакна Груевски.
Македонскиот премиер позитивно ги оцени бизнис форумите во Франкфурт и во Келн, на кои присуствуваа поголем број германски бизнисмени.
„Ги кажавме сите потребни детали, беа доста задоволни. Имавме и поединечни средби со некои од нив. Некои од нив кажаа дека ќе дојдат во Македонија, со некои од нив претходно имаме воспоставено контакт и ова беше една дополнителна „инјекција“ со информации, со анализи кои што дополнително чувствуваме дека им даваат охрабрување да ја изберат Македонија како следна бизнис дестинација“, рече премиерот Груевски.
Германските менаџери дадоа позитивна оценка за условите кои нашата земја ги овозможува на странските инвеститори, како и за отвореноста и пристапот кој се применува за презентација на поволностите и за привлекување на инвеститорите.
„Најголем впечаток ми остави тоа што видов дека и највисоките владини претставници од Република Македонија се отворени за пристап. Мислам дека ние, како меѓународни инвеститори, како и советници на инвеститорите, тоа не го гледаме често. Владините претставници од Македонија доаѓаат во посета, отворени се и пријателски настроени во својот пристап. Освен тоа, ни ги претставуваат точно оние информации кои ни се потребни. Најмногу ме импресионираше јасниот пристап кој им беше претставен на сите, ги запознавме вистинските луѓе и ги добивме потребните информации од прва рака“, изјави Кристијан Конрад од „ЛЛМ Компанијата“.
„Мислам дека добрите услови за новите компании од западна Европа кои сакаат да инвестираат во југоисточна Европа се многу добри. Од работната сила, до инфраструктурата и отворениот пристап кон новите инвеститори е навистина импресивно за мене. Првпат ми се случува од самиот старт да имам добро чувство со луѓето кои сакаат да ги донесат инвеститорите во својата земја и да им обезбедат стабилност во производството. Од наша гледна точка, мислам дека во иднина може да имаме одлична соработка“, вели бизнисменот Торстен Валтер.
Директорот Виктор Мизо потенцираше дека една од најсилните компаративни предности за привлекување на инвестиции е фактот што германските инвеститори позитивно го ценат квалитетот на работната сила на Македонија.
Тоа неколку компании кои се присутни во Македонија, посебно „ОДВ Електрик“, го потенцираа пред присутните на настанот во Келн.
„Германските компании кои се денеска присутни тука имаа и конкретни прашања за квалитетот на работната сила, затоа колку таа сила е едуцирана, бидејќи не е секогаш пресудно која е цената на работната сила, туку најважно е да се има ефикасна работна сила, која ќе може да го произведува видот на комплексен производ, кој се повеќе и повеќе компании одлучуваат да го произведат во Македонија за целиот европски пазар. Од таа гледна точка сметаме дека сме многу добро позиционирани да привлечеме нови инвеститори кои уште повеќе ќе го подобрат трговскиот биланс на Македонија со Германија“, изјави Мизо./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Работилници за одржлив туризам оваа недела во Скопје и Крушево
Одржливиот туризам се смета за суштинска и долгорочна економска исплатливост на дестинациите. Со заштита на природните и културните добра, дестинациите можат да привлечат посетители на долг рок, да ги диверзифицираат нивните туристички понуди и да ги поддржат локалните економии без да ги деградираат нивните ресурси или да го загрозат квалитетот на животот на жителите.
Градење на капацитите и зголемување на свеста за одржлив туризам со цел да се обезбедат насоки за туристичкиот сектор во нашата земја за да се зголеми нивната подготвеност за дојдовен туризам преку усвојување на одржливи практики во туризмот, е целта на трите работилници кои се организираат оваа недела во Скопје и Крушево.
Работилниците се во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Стопанската комора на Северна Македонија и Националната асоцијација за дојдовен туризам – НАИТМ, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Програмата за промоција на увозот (SIPPO) и Програмата за зголемување на пазарната вработливост (IME).
Со овие активности фокусирани на одржливиот туризам, со интернационална експертиза и ресурси ќе им се помогне на бизнис организациите од областа на туризмот и приватниот туристички сектор во нашата земја, да го подобрат нивното разбирање за практиките за одржлив туризам со цел да ги интегрираат во нивните операции, преку пристап до релевантни алатки и најдобри практики од регионот и светот.
„Oдржливиот туризам е важен за одржување на деликатната рамнотежа помеѓу економскиот развој, зачувувањето на животната средина и социјалната еднаквост, поттикнувајќи одговорно патување кое им користи и на сегашните и на идните генерации. Со сѐ поголемиот притисок и новите регулаторни барања на ЕУ како и барањата од здруженијата за туризам во Европската Унија – бизнисите да усвојат одговорни практики, да се усогласат со прописите за животната средина и да се придржуваат до етичките стандарди, засегнатите страни во туристичката индустрија во сите земји сѐ повеќе ја препознаваат важноста на одржливоста во развојот на туризмот.“, изјави Даниела Михајловска Василевска, координатор на угостителство и туризам при Стопанска Комора на Северна Македонија
„Трендовите на пазарот и преференците на потрошувачите растат сѐ повеќе во делот на одржлив туризам бидејќи туристите бараат автентични, значајни искуства кои се усогласуваат со нивните вредности. Странските туристи се спремни да поддржат бизниси и дестинации кои покажуваат посветеност на одржливост, поттикнувајќи промена кон одговорни туристички практики. Одржливиот туризам може да биде и најдобрата компаративна предност на македонските дестинации во иднина, но потребна е заедничка напорна работа од страна на сите чинители во секторот и државата., истакна Влатко Сулев, претседател на здружението НАИТМ.
„Значајно е да се напомене дека неопходно е да се преземат мерки и активности кои го намалуваат загадувањето на природата, но секако и спроведување на стандарди за заштита на биодиверзитетот, животната средина и културното наследство. Особено доколку знаеме дека масовноста во туризмот носи зголемени негативни влијанија пред сѐ на животната средина. Затоа овие форми на туризам велимедека се посеопфатни, посовесни и поодговорни бидејќи нивна основна цел е да се одржи баланс помеѓу масовноста во туризмот и намалување на загадувањето и заштитата на животната средина. Токму затоа активностите на Агенцијата за туризам и во наредниот период ќе бидат насочени кон организирање на низа обуки и работилници пред сѐ наменети за туристичкото стопанство, а ќе бидат во насока на подигнување на свеста за значајноста, придобивкитеи спроведувањетона мерки за одржливост во туризмот, како и промоција на одговорното патување. Реализирањето на дополнителните работилници во текот на годината се планира да биде во рамките на дестинациите во нашата земја, но и ќе останеме отворени за соработка со странските програми, фондови и амбасади за реализација на проекти во насока на градење на одржливи дестинации.“
„За следната година се разгледуваат можностите во соработка со странските партнери за имплементација на ЕСГ стандардите во рамките на хотелиерството, која ќе овозмозможи нивна поголема конкурентност, препознатливост, транспарентност, економски развој, но и привлекување на одржливо финансирање и инвестиции.”- изјави м-р Јасмина Лескаровска, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Преку заеднички напори, бизнис организациите, приватниот сектор и државните институции е потребно да работат заеднички за промовирање на одржливиот туризам како двигател на економскиот раст, општествениотразвој и зачувувањето на животната средина во земјата.