Економија
Време е за редефинирање на моделот на македонската економија
Вистинско време е да се разговара за редефинирање на економскиот модел по којшто треба да се развива Македонија, по многуте успони и падови ги имаше економијата, често погодувана од екстерни шокови.
„На среден до долг рок мислам дека клучно за македонската економија е да може да ги поврзе странските фабрики кои донесуваат повисока технологија, поинакви вештини на организација, на управување со фирмите на лидерство со домашните компании коишто треба да го подигнат својот продуктивен капацитет, да ја подигнат својата економска граница и во даден момент тие да бидат носители на растот, а не тоа да бидат странските фабрики. Меѓутоа таа спојка меѓу домашните фабрики и странските инвеститори треба да биде потпомогната со некаква политика на владата“, рече универзитетскиот професор од Американ колеџ Марјан Петрески, пред почетокот на денешната конференција „Перспективи 2016“.
Одговарајќи на новинарско прашање дали се исплати што странските инвеститори се носат и се привлекуваат со високи субвенции, без даноци, тој вели дека тие потрошени пари ги гледа низ призма на ефектите што ги дале, а еден ефект е во колкава мера тие ќе се поврзат со домашните компании и ќе овозможат така и домашните претпријатија да растат.
„Се чини дека тој ефект во моментов е недоволен. Ако ние и понатаму трошиме на ваков начин тогаш веројатно бенефитот од тоа финансирање на странските инвестиции ќе биде негативен. Затоа мислам дека итно е потребен редизајн на таа политика, значи продолжување на политиката на привлекување странски инвестиции меѓутоа фокусирање на нивно поврзување со домашни претпријатија и целосно да се договориме дали сакаме да го правиме тоа или не“, додаде Петрески.
За тоа што Европската комисија нотира недостатоци во фискалната политика на Македонија, вели дека точно е нотирано, дека сме имале промашена фискалната стратегија, а сега во новата фискална стратегија 2017 – 2019 повторно има заложба за фискална консолидација и тоа е позитивно меѓутоа треба да се опстои во нејзината примена.
„Во оваа фаза од развојот на македонската економија мислам дека е неопходно да генерираме фискални дефицити во Буџетот затоа што суфицитите можат да бидат поопасни. Оваа земја треба да се развива и тој развој од некаде треба да се финансира, вклучително и со генерирање дефицити но, меѓутоа дефицити разумно потрошени. Во таа смисла, долгот нема да може да се намалува, веројатно тој ќе расте, меѓутоа тие пари треба да бидат рентабилно употребени и повторно сметам дека еден елемент на новиот модел на раст да биде токму тоа што ние во општеството ќе изградиме консензус за тоа што сакаме да финансираме и што сакаме да постигнеме и како тоа ќе го финансираме. Значи не можеме да финансираме се одеднаш, а да не зборувам дека треба да прекинеме со ко-финансирање на какви било непродуктивни трошења“, додаде Петрески./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.