Економија
Мицкоски: Намалени акцизи за горивата, се очекуваат пониски цени за бензините
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека со одлуката на Владата е овозможено намалување на акцизите за горивата – за дизелот за 4 денари по литар, а за бензините за 2 денари по литар.
Тој додаде дека по разговори со раководствата на ОКТА и „Хеленик Петролеум“ е обезбеден дополнителен период од еден месец за намалување од 3 денари за дизел и 2 денари за безоловен бензин.
„Кога сето ова ќе се стави во функција, тогаш за бензините треба да имаме и поевтина цена од таа којашто е сега“, изјави Мицкоски, додавајќи дека за дизелот не би требало да има покачување на одредени бензински пумпи.
Тој посочи дека државата располага со доволни количини на гориво и дека нема потреба од стравувања, иако потрошувачката е зголемена од околу 1,5 на 2 милиона литри дневно, со притисок на одредени погранични места.
Мицкоски информираше дека е продолжена и мерката за намалување на ДДВ од 18 на 10 проценти, со цел заштита на стандардот на граѓаните и бизнисите.
Во однос на движењата на цените, тој рече дека по отворањето на берзите на Исток се забележува намалување на цените на продуктите, но дека ќе се следи како ќе завршат денот и неделата за да се утврдат идните цени на горивата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Владата го усвои националниот план за енергија и клима 2025–2030
Владата го усвои Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030 – стратешки документ што ја поставува државата на јасна патека кон енергетска трансформација, одржлив развој и целосно усогласување со европските политики, соопштија од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
„Планот, изработен по предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, претставува клучен инструмент за модернизација на енергетскиот сектор и исполнување на обврските од Енергетската заедница и европската регулатива.
Со вкупно 61 конкретна мерка, Планот опфаќа:
· 26 мерки за декарбонизација,
· 20 за енергетска ефикасност,
· 3 за енергетска безбедност,
· 11 за внатрешен пазар на енергија и
· 1 за истражување, иновации и конкурентност.
Фокусот е јасен – намалување на емисиите на стакленички гасови, зголемување на обновливите извори на енергија и значително подобрување на енергетската ефикасност“.
Во наредниот период, како што е наведено во соопштението, државата ќе преземе конкретни чекори за: засилени инвестиции во сончева, ветерна и хидроенергија, воведување систем за цена на јаглерод, согласно европските стандарди, развој на складирање на енергија и модерна енергетска инфраструктура, постепено напуштање на јагленот како енергенс.
Паралелно, се зајакнува енергетската безбедност преку диверзификација на изворите, регионална соработка и нови интерконекции, како и понатамошна либерализација и интеграција на пазарот на електрична енергија.
„Планот е резултат на широк и транспарентен процес во кој учествуваа институции, експерти, академската заедница, приватниот сектор и меѓународни партнери. Во неговата подготовка се вградени и препораките на Секретаријатот на Енергетската заедница, како и најновите европски политики.
За документот е спроведена и Стратегиска оцена на влијанието врз животната средина, која ги анализира ефектите врз воздухот, водите, почвата, биодиверзитетот, климатските промени и здравјето на граѓаните. Извештајот е прифатен од надлежните институции, по спроведени јавни расправи и консултации, вклучително и со соседните држави.
Со имплементацијата на Планот се очекува значително подобрување на квалитетот на животната средина, поголема енергетска стабилност и независност, нов инвестициски циклус во енергетиката, забрзана зелена транзиција и економски развој.
Овој документ е јасна визија за енергетската иднина на државата, во која одржливоста, иновациите и европските стандарди стануваат реалност“.
Економија
Нафтата над 102 долари: стравот од блокадата врз Иран го тресе пазарот
Цените на нафтата денеска пораснаа на меѓународните пазари и се приближија до 102 долари по барел, поради стравувањата на инвеститорите дека американската поморска блокада врз Иран дополнително ќе ги намали испораките од регионот на Персискиот Залив.
На лондонскиот пазар цената на барелот попладне достигна 101,85 долари, што е зголемување од 6,65 долари во однос на затворањето на крајот од минатата недела. На американскиот пазар, барелот поскапе за 6,07 долари и достигна цена од 102,64 долари.
Пазарите на почетокот на неделата беа потресени од најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување поморска блокада на Иран, поради незадоволството од позицијата на Техеран во преговорите во Исламабад.
САД се залагаа за итно отворање на Ормуски теснец, но Иран инсистирал на прекин на огнот на сите фронтови, вклучително и во Либан, како и на одмрзнување на својот имот.
По објавата на примирјето меѓу САД и Иран во средината на минатата недела, Израел повторно изведе воздушни напади врз Либан, при што загинаа повеќе од 300 луѓе.
По заминувањето на американските преговарачи од Исламабад, предводени од потпретседателот Џејмс Дејвид Венс, Трамп најави блокада на влезот во Ормускиот теснец, додавајќи дека американската морнарица ќе ги запира сите бродови што платиле транзитна такса на иранските власти.
Американската морнарица за Ројтерс појасни дека блокадата ќе биде воспоставена во Оманскиот Залив и во Арапското Море, источно од теснецот, при што првично беше наведено дека ќе се запираат сите бродови, а подоцна дека ќе се блокираат само оние со ирански пратки.
Вашингтон на тој начин сигнализира дополнителна ескалација на конфликтот, кој веќе сериозно ги намали испораките на нафта од регионот.
Техеран возврати дека американската блокада претставува „пиратство“ и предупреди дека, доколку иранските пристаништа бидат загрозени, нема да бидат безбедни ниту пристаништата во Персискиот и Оманскиот Залив.
Од почетокот на март, Иран извезол околу 58,75 милиони барели нафта, според податоците на порталот Windward.
Одделни пресметки на ОПЕК покажуваат дека цената на барелот од кошницата на нејзините членки во петокот изнесувала 105,28 долари, што е намалување за два долари.
Економија
УЈП со План за подобрување на усогласеноста: целта е да се влијае врз однесувањето на даночните обврзници
Управата за јавни приходи донесе План за подобрување на усогласеноста – Неформална економија 2026 – 2027, како стратешки документ кој произлегува од современиот концепт на управување со ризиците на усогласеност.
Овој концепт,како што појаснуваат, претставува модерна филозофија на работењето на даночните администрации, која вклучува препознавање на ризиците за неусогласеност и нивно навремено адресирање преку комбинација од превенција, советување и поддршка, таргетирани контроли и системски мерки.
Целта е, велат од УЈП, да се влијае врз однесувањето на даночните обврзници и да се поттикне доброволна и трајна усогласеност со законските обврски.
Планот претставува континуитет на активностите што УЈП ги спроведуваше во текот на 2025 година за сузбивање на неформалната економија, со дополнително унапредување и проширување на пристапот.
Фокусот и во следниот период останува на угостителството, трговијата на мало и одредени услужни дејности, каде што постои поголем ризик од неевидентирање на готовинскиот промет.
Истовремено, опфатот се проширува и кон економските активности во синџирите на снабдување поврзани со овие дејности.
Овој пристап се темели на сознанието дека неформалните активности не се задржуваат само на местото на продажба и не се сведуваат само на неиздавање фискална сметка, туку се пренесуваат низ целиот синџир преку набавки и плаќања во готово и исплати „во плико“” кон неформално вработени лица.
Дополнителен фокус се става на краткорочното туристичко сместување, вклучително и активностите што се одвиваат преку дигитални платформи, како сегмент што се повеќе добива економско значење, но истовремено носи и специфични ризици за непријавени приходи.
Планот предвидува засилување на превентивните и информативните активности, со акцент на вмрежување и координација со други институции на национално и локално ниво. Целта, како што е соопштено, е даночните обврзници сеопфатно да бидат информирани за своите обврски, права и придобивки од формалното работење. Советодавната поддршка и насочување кон доброволно усогласување остануваат клучен елемент на пристапот, со цел даночните обврзници да го прифатат и одржат законски усогласеното однесување на долг рок, наместо усогласеноста да биде само принуден резултат на санкции.
Во делот на контролите од УЈП нагласуваат дека ќе се имплементираат мерки за зголемување на ефикасноста и ефективноста, не само преку подобрена селекција на субјектите врз основа на анализа на ризик, туку и со унапредена методологија за контрола и примена на индиректни методи за процена на неевидентираниот промет.
Контролата нема да се сведува само на проверка на касата и формалните документи, туку на утврдување на економската суштина на работењето преку капацитетот на деловниот субјект, бројот на вработени, побарувачката, залихите и др. Планот вклучува и системски мерки, меѓу кои е и надградбата на ГПРС системот за следење на готовинскиот промет во реално време, што ќе овозможи подобра анализа и навремено детектирање на ризици. Целта на овој план, според УЈП е трансформирање на неформалните активности во таргетираните дејности во формални и законски усогласени. Успешноста на планираните мерки ќе се цени преку конкретни индикатори, пред се преку растот на пријавениот промет кај даночните обврзници во таргетираните дејности.
