Економија
Намалени приходите на Македонски Телеком
Приходите од продажба изнесуваат 7.828.000.000 денари, што претставува намалување за 0,3 отсто во споредба со истиот период од претходната година, соопшти компанијата.
Оперативните трошоци на крајот од првите девет месеци од 2016 година бележат зголемување од 2,8 отсто, а нето добивката е во висина од 714 милиони денари, што претставува намалување за 26 отсто.
Сепак, приходите од малопродажен интернет и IPTV се зголемeни за 2,2 отсто, а бројот на MaxTV корисници изнесува 106.700 илјади што претставува зголемување од 6,3 отсто.
Базата на претплатници во мобилниот сегмент е зголемена за 3,7 отсто, а ззголемени се приходите од системска интеграција и ИТ за 8,9 отсто отсто како резултат на зголемените приходи од ИКТ проекти и Cloud Computing услуги.
Македонски Телеком АД-Скопје ја задржа водечката позиција на пазарот во фиксни говорни услуги на крајот од првите девет месеци од 2016 година, покажуваат неревидираните финансиски извештаи согласно Меѓународните стандарди за
финансиско известување (МСФИ).
Вкупните капитални инвестиции (CAPEX), на крајот од првите девет месеци од 2016 година изнесуваат 1.011 милиони денари.
Како резултат на горенаведените движења на страна на приходите и трошоците, нето добивката е во висина од 714 милиони денари, што претставува намалување за 26 отсто споредено со истиот период од 2015 година.
Според неревидираните финансиски извештаи, Македонски Телеком на крајот од првите девет месеци од 2016 година успеа да ја одржи водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги со удел од 60,5 отсто според интерните податоци. Иако приходите од говорните услуги во фиксната телефонија се намалени за 12,6 отсто споредено со истиот период од 2015 година, со бројката од 219,6 илјади корисници Македонски Телеком на крајот од првите девет месеци од 2016 година е на лидерската позиција на пазарот на фиксни говорни услуги.
Базата на DSL корисници на крајот на првите девет месеци од 2016 година бележи благо зголемување од 0,3 отсто во споредба со истиот период од претходната година и изнесува 190 илјади корисници, додека уделот на пазарот на широкопојасен интернет изнесува 48,2 отсто, според интерните податоци.
Како резултат на високиот квалитет, интерактивноста и уникатното тв искуство, Македонски Телеком оствари добри резултати со дигиталната телевизија, односно со IPTV услугата. Во првите девет месеци од 2016 година, бројот на MaxTV корисници изнесува 106,7 илјади што претставува зголемување од 6,3 отсто во споредба со истиот период од претходната година. Со тоа, Македонски Телеком има 25,7 отсто удел од вкупниот ТВ пазар, според интерните проценки.
Приходите од малопродажен интернет и дигиталната телевизија преку интернет протокол на крајот од првите девет месеци од 2016 година се зголемија за 2,2 отсто во споредба со истиот период од претходната година.
Во мобилниот сегмент, Македонски Телеком има удел од 49,6 отстo, согласно интерната проценка. Базата на претплатници на крајот од првите девет месеци од 2016 година изнесува 1.281 илјади претплатници и е зголемена за 3,7 отсто во однос на истиот период од претходната година кога изнесуваше 1.235 илјади претплатници.
Приходите од говорни мобилни услуги на крајот од првите девет месеци од 2016 година се намалени за 6 отсто во споредба со истиот период од претходната година, како резултат на намалувањето на тарифите, намалените приходи од говорен роаминг и од при-пејд, како и помалиот мобилен сообраќај од меѓународни дојдовни повици. Следствено, просечниот приход по корисник е намален за 3,5 отсто во споредба со истиот период од претходната година.
Приходите од неговорни мобилни услуги се зголемени за 17,4 отсто во споредба со претходната година, како резултат на зголемените приходи од мобилен Интернет и поголем податочен сообраќај, како и зголеменото користење на податочни тарифни модели. На крајот од првите девет месеци од 2016 година, приходите од системска интеграција и ИТ се зголемени за 8,9 отсто отсто во споредба со истиот период од претходната година, поради зголемените приходи од ИКТ проекти, Cloud Computing услугите и други интегрирани решенија за бизнис корисници./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Најважната задача која пред себе ја имаме е да го подобриме животот на граѓаните, рече Мицкоски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот 18-ти Конгрес на партијата кој се одржува во спортскиот комплекс „Јасмин” во општина Кавадарци под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, имаше свое обраќање во кое се осврна на темата за стандардот. Тој истакна дека треба да се работи на системски мерки и решенија, а воедно и дека економијата треба да се раздвижи и домашните компании да се поддржат затоа што, како што вели тој, тие се рбетот на стопанството.
„Најважната задача, која пред себе ја имаме, е да го подобриме животот на граѓаните. Свесен сум дека нашиот народ живее тешко. Ние изминатите нешто повеќе од година и половина власт го посветивме на изградба на темели кои ги затекнавме разрушени. Но од годината што следи нашата основна задача е жилава борба за стандардот на граѓаните. За подобар живот и за создавање на систем кој нема да зависи од субјективните карактеристики на поединецот, туку од моралниот кодекс на заедницата. Систем кој служи на општеството и на она што претставува наша заедничка цел секој човек да има повеќе, да има повеќе пари, повеќе среќа и повисок стандард“, рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека и покрај намалениот наталитет, радува последниот податок на раст на бројот на новороденчиња во земјава. Тој посочи дека треба да се работи на системски мерки и решенија.
„Потребно е младите да ја добијат вистинската шанса која нема да зависи од политичката или било каква друга припадност, освен од сопствените капацитети и способности. Мора да го подобриме образованието. Знаењето и наобразбата е најважниот и најсигурниот клуч за излез од сиромаштијата. Економијата мора да се раздвижи дополнително, иако до сега се раздвижи најмногу во последната деценија, а домашните компании да се поддржат затоа што тие се рбетот на стопанството. Имаме тешка задача да се бориме против нашето исчезнување како држава и народ, а тоа е демографијата и намалениот наталитет. Радува последниот податок на раст на бројот на новороденчиња, но далеку сме од она што треба да биде вистински мотор на општеството, човечкиот фактор. И затоа треба да работиме на системски мерки и решенија. Помалку луѓе значи послаба економија. Послаба економија значи незадоволни луѓе. Така ја губиме државата. А ние сме премали за да се раситнуваме во секој поглед“, кажа Мицкоски и дополни:
„И кога ја говорам оваа тема за зголемен наталитет, мора да се даде одговор на две клучни прашања. Да се има чувство и грижа за оние кои имаат потешкотии да имаат свој пород, и државата ќе направи се за да помогне за зголемена и подостапна медицинска грижа. И второто прашање е да се помогне младите парови да стигнат до свој дом, затоа што навистина цените на недвижностите се нереални и свесен сум дека претставуваат голема грижа за многу луѓе“.
Економија
Мицкоски: Економијата мора да излезе од замката на ниски плати, до 2030 мора да направиме премин кон економија со високи компетенции
Македонската економија мора да излезе од историската замка на ниските плати, евтината работна сила и ограниченото производство. До 2030 година, земјата мора да направи структурен премин, од економија на евтина продукција кон економија на знаење, високи компетенции и додадена вредност, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во своето прво обраќање во отворениот дел на XVIII конгрес.
„Економската сила ја определува државната сила. Затоа Македонија мора да го напушти моделот на ниска продуктивност и зависност од увоз, и да премине кон економија којашто ќе се темели на знаење, технологија и иновации“, истакна Мицкоски.
Додаде дека овој премин бара системски реформски циклус во повеќе области:
„Индустрии базирани на знаење, технологија, ИКТ, биотехнологија, фармација, инженеринг, креативни индустрии. Ова е новата економска матрица. Земјата мора да вложува во области што создаваат висока додадена вредност и конкурентност на глобалниот пазар. Дигитализацијата и автоматизацијата се предуслов за приклучување кон европските и светските производствени синџири. Модернизацијата на бизнис секторот, новите дигитални технологии и технолошките паркови ќе создадат работни места со висока додадена вредност и ќе го зголемат извозниот капацитет“, рече Мицкоски.
Домашните компании, додаде Мицкоски, мора да станат мотор на раст преку силна институционална поддршка, капитално вбризгување, кредитни линии, намалени административни бариери и поддршка за раст.
„Националната економија е силна само ако домашните претпријатија се силни. Предвидлива фискална политика, стабилни даночни правила и долгорочно стратегиско планирање, усогласено со европските стандарди се предуслов за развој. Ниту една компанија не инвестира во држава во која даночните правила се менуваат со дневната политика. Довербата се гради со долгорочност, јасност и транспарентност“, посочи, меѓу другото, Мицкоски.
Економија
СЕТЕК BLUE DECEMBER: ЖЕЛБИТЕ БЛЕСКААТ ВО СИНО
Декември е месец на посакување, полн со желби за исполнување – време кога празничните моменти нѐ зближуваат, кога малите гестови добиваат големо значење, а топлината ја чувствуваме во вниманието што си го подаруваме едни на други. Ова е период кога блискоста станува најубавата празнична приказна, затоа што среќата е најголема кога се споделува – и секогаш оди рака под рака со подарувањето.
Оваа година, СЕТЕК го бои декември во сино. Со кампањата BLUE DECEMBER, празничниот дух се преточува во месец исполнет со инспирација, идеи и среќни моменти – поддржани од најголемиот избор на техника, по најповолни цени. За нас, декември е време кога желбите полесно се исполнуваат, а радоста стигнува побрзо од кога било.
Во рамките на BLUE DECEMBER ќе оживеат низа празнични активности.
На Сетекнувало, кому секогаш нешто му текнува, ќе му доаѓаат нови идеи за исполнување желби.
Santa Blue ќе го разбуди празничниот дух кај секого, а Синиот караван, кој ќе патува низ салоните на СЕТЕК, ќе ја шири празничната атмосфера каде и да се појави.
Во салоните ќе ве пречека и посебно уредено Сино празнично катче, место каде што инспирацијата се раѓа сама од себе, а идеалниот подарок е секогаш на дофат. Ве покануваме да ја откриете вашата сина празнична приказна во СЕТЕК – место каде што желбите природно се спојуваат со радоста, создавајќи ја вистинската магија на празниците.
BLUE DECEMBER има една едноставна мисија: да донесе повеќе радост во секој дом.
Следете нè за повеќе информации.
Facebook:@setec.com.mk
Instagram: @setec.se.od.tehnika
(ПР)

