Економија
Народната банка: Чекор поблиску до воспоставување склад на податоци за потребите на екстерните статистики со поддршка на ЕУ
Народната банка успешно ги заврши активностите поврзани со првите две фази од компонентата за воспоставување склад на податоци за потребите на екстерните статистики коишто произлегуваат од проектот финансиран од ЕУ „Зајакнување на капацитетот на Народната банка во областа на екстерните статистики, платежната статистика и платните системи“, информираат од таму.
Првата фаза од активностите од проектот финансиран од ЕУ, според соопштеното, опфаќаше пред сѐ анализа на постојната состојба и подготовка на функционална спецификација, а втората фаза се однесуваше на изработката на дизајнот на ИТ-решението и на нацрт-документот. Следните фази од проектот ќе вклучуваат развој, тестирање и воведување на новото системско решение.
Проектот финансиран од ЕУ ќе овозможи воспоставување современ склад на податоци за потребите на екстерните статистики, унапредување на интерните работни процеси преку нивна понатамошна дигитализација и оптимизација, зголемување на оперативната ефикасност, како и обезбедување поквалитетни, посеопфатни и подостапни статистички податоци за јавноста и институциите. Истовремено, поддршката од ЕУ претставува важен придонес за исполнувањето на обврските во процесот на европска интеграција и за понатамошното усогласување со статистичките стандарди и практики на Европската Унија.
Проектот финансиран од ЕУ за „Зајакнување на капацитетот на Народната банка во областа на екстерните статистики, платежната статистика и платните системи“, покрај воспоставување склад на податоци за потребите на екстерните статистики, вклучува и компонента за усвојување на новиот светски стандард ISO 20022 во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска: Секој вложен денар во хидроелектраните носи повеќе домашна енергија и поголема сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновскa ја посети хидроелектраната „Глобочица“, каде заедно со директорот на Подружница ХЕС „Црн Дрим“, д-р Гоце Божиновски, извршија увид во работењето на еден од најзначајните хидроенергетски капацитети во државата и разговараа за идните инвестициски активности и развојните планови.
Во фокусот на работната средба беа производните резултати, реализацијата на планот за производство, тековното и инвестициското одржување, како и следната фаза од ревитализацијата на хидроелектраните „Глобочица“ и „Шпилје“.
Особено охрабрува податокот дека „Глобочица“ веќе има реализирано околу 80 проценти од годишно планираното производство, а само во првата половина од годинава во македонскиот електроенергетски систем испорача 120 GWh електрична енергија – речиси 19 проценти повеќе од планираното.
„Овие резултати покажуваат дека кога се инвестира во домашните производствени капацитети, државата добива повеќе сигурност, стабилност и сопствено производство на електрична енергија. Наш приоритет останува модернизацијата на постојните капацитети, затоа што тие се темел на сигурен и одржлив енергетски систем“, истакна министерката Божиновска.
На средбата беше презентирана и третата фаза од ревитализацијата на ХЕС „Црн Дрим“, која започнува ова лето. Најголемиот дел од инвестициите ќе бидат насочени токму кон хидроелектраните „Глобочица“ и „Шпилје“, каде се предвидени капитални зафати – замена на генератори, ротори, лежишта и блок-трансформатори, модернизација на хидромеханичката опрема и други активности што ќе ја зголемат сигурноста, ефикасноста и работниот век на постројките.
Паралелно се разработуваат и нови развојни проекти, меѓу кои „Глобочица 2“, „Шпилје 2“, пловечка фотонапонска електрана на акумулацијата „Шпилје“, модернизација на регулациониот систем за автоматска контрола на испустот и далечинско управување со нивото на Охридското Езеро и реката Црн Дрим, како и други проекти што ќе придонесат за зголемување на домашното производство на чиста енергија.
ХЕЦ „Глобочица“, која е пуштена во употреба во 1965 година, повеќе од шест децении претставува еден од столбовите на македонската електроенергетика. Од почетокот на работата до денес има произведено над 10.500 GWh електрична енергија, а преку досегашните ревитализации нејзината инсталирана моќност е зголемена од 34,5 на 42,5 MW.
Министерката Божиновска нагласи дека вложувањата во ваквите капацитети не се само инвестиции во инфраструктура, туку инвестиции во енергетската безбедност, економскиот развој и енергетската независност на државата.
„Хидроелектраните се нашата домашна, чиста и стратешка енергија. Тие ја намалуваат зависноста од увоз, обезбедуваат стабилно производство и претставуваат еден од најсилните столбови на зелената енергетска транзиција. Затоа продолжуваме со инвестиции кои ќе обезбедат овие капацитети сигурно да произведуваат и во следните децении“, порача Божиновска.
Економија
УЈП: Заврши годишното оданочување на граѓаните за 2025 година, пријавени над 612 милијарди денари оданочив доход
Управата за јавни приходи генерираше 863.100 Годишни даночни пријави (ГДП) кои се достапни преку системот е-Даночни услуги https://e-ujp.ujp.gov.mk. Од нив, 704.443 се достапни на корисничките профили во системот е-Даночни услуги, додека останатите се однесуваат на лица кои сè уште немаат регистриран кориснички профил на порталот и не можат да извршат увид во ГДП, со цел да ги проверат податоците и да го преземат налогот за плаќање, соопшти управата.
За таа цел, УЈП ги повикува сите физички лица кои сè уште немаат кориснички профил на е-Даночни услуги, веднаш да се регистрираат на https://e-ujp.ujp.gov.mk.
„Увидот во вашата пријава е ваше право и ваша одговорност — само преку системот можете да проверите дали имате обврска за доплата или побарување за поврат на данок. Од вкупно 704.443 ГДП пријави, 26.653 пријави се потврдени лично од даночните обврзници, а 1.145 пријави се коригирани од нивна страна, по кои корекции службени лица во УЈП тековно одлучуваат. Останатите 676.645 пријави се потврдени службено од страна на УЈП. Овој податок укажува дека значителен број граѓани не извршиле увид и не ја потврдиле лично својата пријава. Иако службеното потврдување е законски предвидена можност, тоа значи дека даночниот обврзник не ги проверил податоците и не се произнел по нив. Пријавата генерирана од УЈП се темели на податоците доставени од исплатувачите. Доколку некои приходи не се евидентирани или се евидентирани погрешно, граѓанинот може да го забележи тоа, но само ако ја прегледа пријавата“.
Непроверената и службено потврдена пријава, според УЈП, може да резултира со ненавремено откривање на грешки, неточни износи и дополнителни обврски.
„Согласно податоците структурата на вкупно доставените 704.443 Годишни даночни пријави за 2025 година на профилите на корисниците е следната: Статус на пријавата Број пријави Вкупен износ (денари) Пријави со износ за доплата 208.857 208.984.603 Пријави со побарување (повеќе платен данок) 313.519 53.910.496 Пријави без разлика (износ нула) 182.067 0 Поголемиот број пријави (313.519) покажува дека граѓаните имаат повеќе платен данок, додека 208.857 граѓани имаат обврска за доплата. Речиси 182.000 пријави покажуваат дека данокот бил пресметан и наплатен точно во текот на годината без потреба за доплата или поврат. Од обврзниците кои имаат повеќе платен данок, 617 обврзници искажале барање за враќање на повеќе платениот данок во износ од 32.397.022 денари. Вкупниот пријавен доход утврден во ГДП за 2025 година изнесува 612.866.663.282 денари, а вкупно пресметаниот данок на личен доход (ДЛД) изнесува 39.817.189.183 денари. За споредба, вкупно пријавениот доход утврден во ГДП за 2024 година изнесувал 538.741.195.257 денари, додека вкупно пресметаниот данок на личен доход изнесувал 34.960.971.215 денари. Од тоа се согледува дека вкупниот пријавен доход во ГДП за 2025 година е зголемен за 74,1 милијарда денари, а пресметаниот данок на личен доход за 4,86 милијарди денари во однос на 2024 година“, информираат од УЈП.
Економија
СДСМ: Оризот скапува по амбарите, Владата на Мицкоски ги остави оризопроизводителите без откуп
Оризопроизводителите се соочуваат со една од најтешките кризи во последните години, како директна последица на погрешните политики на Владата на Христијан Мицкоски, велат од СДСМ.
„Половина од ланското производство сè уште стои по амбарите затоа што нема организиран откуп. Наместо државата да обезбеди пласман на домашното производство, илјадници тони ориз пропаѓаат, а земјоделците стравуваат дека ќе ги изгубат плодовите од својот труд. Дополнителен проблем е што Владата на Мицкоски сè уште не кажува каква ќе биде откупната цена за новата реколта, ниту кога ќе бидат исплатени субвенциите. Земјоделците влегуваат во нова производствена сезона без никаква сигурност и без поддршка од институциите. Во исто време, најавите за драстично ниска откупна цена не ги покриваат ниту основните трошоци за производство. Со вакви политики, оризопроизводството се турка кон целосен колапс. Огромни количини ориз остануваат изложени на пропаѓање, што претставува дополнителна економска штета за земјоделците и ризик за целиот регион“, стои во соопштението на партијата.
Опозициската партија потсетува дека оризот со децении бил препознатлив македонски производ и важен извозен потенцијал.
Од СДСМ тврдат дека откупната цена во периодот кога тие биле на власт била над 40 денари за килограм, додека сега, според нивните наводи, е пониска од 20 денари.
СДСМ бара Владата итно да обезбеди организиран откуп на преостанатите количини ориз, да ја објави откупната цена за новата реколта, да ги исплати заостанатите субвенции и да донесе мерки за поддршка на производителите.
