Економија
Насмевка која ги преминува границите: Интервју со д-р Небојша Баткоски за развојот на стоматoлошкиот туризам и моќта на модерната технологија
Во ера кога модерната технологија и медицината се спојуваат за да понудат совршенство, Македонија станува сè позначајна точка на мапата на европскиот стоматолошки туризам. Тој ги надмина границите на ценовно конкурентна понуда и во се почесто привлекува пациенти кои бараат квалитетни и модерни услуги. Денес тој значи доверба, прецизна дијагностика, современа технологија, јасен план на лекување и резултат што пациентот може однапред да го разбере и да го очекува.
Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ од Охрид со години работи со пациенти од Европа и ја позиционира Македонија како дестинација за современа стоматологија, имплантологија и естетски третмани. Со д-р Небојша Баткоски разговараме за тоа како стручноста и континуираната едукација можат да ја претворат една локална клиника во препознатлив регионален и меѓународен стоматолошки центар. Како и за тоа како дигиталната трансформација, вештачката интелигенција и прецизната имплантологија ги менуваат животите на пациентите, за развојот на стоматолошкиот туризам кај нас.
Сè повеќе пациенти од Италија и други европски држави ја избираат вашата ординација за своите стоматолошки интервенции, со акцент на имплантолошките зафати. Кои се клучните фактори кои ја прават Македонија, а конкретно вашата клиника, атрактивна дестинација за стоматолошки туризам?
Д-р Баткоски: Стоматолошкиот туризам денес не се потпира само на подостапните цени, туку пред сè на доверба, врвна технологија и предвидлив резултат. Пациентите од Италија и остатокот од Европа нè избираат нас затоа што нудиме комплетен дигитален протокол кој вклучува вештачка интелигенција и системи како „RayFace“ и „Shining 3D“. Овие технологии ни овозможуваат прецизно планирање на секој чекор, додека со помош на 3D дијагностиката и водената имплантологија, постигнуваме минимална инвазивност и висок квалитет, што значи помалку болка и побрзо закрепнување, во значително пократок временски рок. Нашата предност е индивидуалниот пристап и конзистентноста односно пациентот не доаѓа во неизвесност, туку кај нас добива решение на кое може однапред да му верува.
Од естетска стоматологија до комплексни дентални зафати – кои услуги се најбарани од странците во моментов и како изгледа „патот“ на еден пациент од првата консултација до финалната насмевка?
Д-р Баткоски: Најголем интерес кај странските пациенти има за комплексните рехабилитации на целата вилица, познати како „All on 4“ и “All on 6“, како и за естетски трансформации со циркониумски коронки и винири. „Патот“ на пациентот е однапред темелно испланиран: започнуваме со онлајн консултација каде го анализираме конкретниот случај преку дигитални снимки и користење на вештачка интелигенција. Кога пациентот ќе пристигне, правиме детално скенирање со „RayFace“ и „Shining 3D“ системите, каде тој може виртуелно да го види својот иден изглед пред воопшто да почнеме. Самите интервенции се минимално инвазивни и водени со максимална точност. Финалната фаза е поставување на трајните, висококвалитетни решенија кои значат комплетна функционална и естетска трансформација. Целиот овој процес е брз, строго структуриран и предвидлив, што е пресудно за луѓе кои патуваат од странство и имаат ограничено време.
Кај странските пациенти особено е важно времето да биде добро организирано. Тие доаѓаат со однапред испланиран престој, па затоа мора да има јасен протокол, точна дијагностика, план на третман и реални очекувања. Тука дигиталната стоматологија ни помага многу, бидејќи овозможува подобра комуникација со пациентот уште пред неговото пристигнување, но и поголема сигурност во секоја следна фаза од третманот.

Живееме во ера на имплентација на модерни технологии во стоматологијата. Кои се најновите иновации кои моментално ги применувате во вашата работа и колку тие го менуваат искуството на пациентот во однос на прецизноста и квалитетот?
Д-р Баткоски: Прогресот на стоматологијата е отиден дотаму што денес таа претставува наука која е целосно дигитализирана. Во нашето работење ние активно користиме системи базирани на вештачка интелигенција кои ни помагаат во анализите кои човечкото око некогаш може да ги пропушти. „RayFace“ технологијата ни овозможува да го снимиме лицето на пациентот во 3D форма и да ја дизајнираме насмевката според неговата уникатна анатомија. Преку водена имплантологија, поставувањето на имплантите е без грешка и со минимален засек. За пациентот, оваа технологија не е само „модерна алатка“, таа е гаранција за квалитет, поголема сигурност за време на зафатот и значително пократко време поминато во ординација. Предвидливоста е најголемиот подарок на технологијата, веќе нема несакани изненадувања.
Ординацијата „Д-р Баткоски“ е препознатлива по своето прилагодовање на модерните трендови преку едукација на своите вработени за новитетите во стоматологијата на глобално ниво. Како успеавте да го споите искуството со модерните трендови и што е она што ве издвојува на пазарот во Македонија и пошироко?
Д-р Баткоски: Континуираната едукација е столбот на нашиот успех. Стоматологијата забрзано се менува на секои неколку месеци, па затоа постојано инвестираме во обуки, учество на светски конгреси и совладување на најновите софтвери од страна на нашите вработени. Нашата сила лежи во спојот на долгогодишното клиничко искуство и отвореноста кон иновациите. Она што нè прави поинакви е тоа што не нудиме готови „индустриски“ решенија, туку комбинација од врвна клиничка прецизност и индивидуален третман за секој пациент поединечно. Кај нас секој поединечен случај се планира до најситен детал и се изведува со конзистентен квалитет. Токму тој професионализам нè позиционира како лидери не само во Македонија, туку и пошироко во регионот.
Колку според вас здравата и убава насмевка влијае на целокупниот имиџ и самодоверба кај модерниот човек денес?
Д-р Баткоски: Насмевката одамна престана да биде само прашање на естетика, таа е суштински дел од личниот имиџ и психолошката самодоверба. Кај современиот човек, насмевката директно влијае на тоа како тој се претставува пред светот, како комуницира со околината и колку сигурно се чувствува. Таа е првото нешто што луѓето го забележуваат и често е клучен фактор за успех во личните и во професионалните релации. Нашата улога е да создадеме совршен баланс помеѓу здравјето, функцијата и природната убавина. Ние создаваме насмевка која му дава на пациентот нова сила и сигурност.
Покрај врвната услуга, по што сакате пациентите да ве паметат откако ќе излезат од вашата ординација и какви новини подготвувате за претстојниот период?
Д-р Баткоски: Нашата најголема желба е пациентите, покрај по квалитетните резултати, да нè паметат и по чувството на доверба, сигурност и човечко внимание што го добиле кај нас. Сакаме секој да замине не само со нова поубава насмевка, туку и со уверување дека бил третиран со максимална грижа и професионалност. Што се однесува до иднината, продолжуваме со уште поинтензивни инвестиции во најновата дигитална технологија и имплементација на вештачката интелигенција. Нашата цел е постојано да го унапредуваме искуството на пациентот, нудејќи уште поголем комфор, уште поголема прецизност и резултати кои го надминуваат очекуваното.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ТАВ Македонија: Рекорден 32,4% пораст на бројот на патници во првите 4 месеци – опслужени 1,2 милиони лица
Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, управувани од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на групацијата ADP, ги завршија првите 4 месеци од 2026 година, со силен, рекорден пораст на бројот на патници од 32,4%, опслужувајќи вкупно 1,2 милиони патници (1.202.828), информираат од таму.
Во истиот период, јануари-април, двата македонски аеродрома, според соопштеното, опслужиле вкупно 8.123 летови, што е, годишно зголемување од 10,7%.
„ТАВ Македонија продолжува да бележи рекордно двоцифрено зголемување на патничкиот сообраќај. Во првите четири месеци од оваа година опслуживме вкупно 1,2 милиони патници на двата македонски аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, што е висок пораст од рекордни 32,4% и ќе нè рангира меѓу најбрзо растечките аеродроми во Европа и во светот. Меѓународниот Совет на Аеродроми-Европа (Airports Council International-Europe) веќе нè рангираше меѓу најбрзо растечките аеродроми како земја која не е членка на ЕУ врз основа на јануарските бројки за авиосообраќај. Среќни сме што силниот, рекорден пораст продолжува, и покрај глобалните геополитички предизвици и енергетската криза. Ова не е случајност, туку директен резултат на нашата силна посветеност и континуирани напори, заедно со Владата, за проширување на мрежата на авиолинии од двата македонски аеродрома. Оваа година, досега, отворивме 5 нови дестинации, додека во наредниот период ќе отвориме дополнителни 7 нови дестинации, од двата аеродрома, со што годинава ќе имаме вкупно 12 нови дестинации. Со ова, очекуваме порастот на патници да продолжи до крајот на годината, создавајќи силна основа за стабилен пораст во наредните години“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Како што нагласи тој, покрај проширувањето на мрежата на авиолинии и порастот на воздушниот сообраќај, ТАВ Македонија ќе остане фокусирана на подобрување на квалитетот на услугите на аеродромот, обезбедувајќи одлично искуство за клиентите – и за авиокомпаниите и за патниците.
Во рамките на летниот распоред на летaње, кој почна на крајот на март и завршува на крајот на октомври, 15 авиокомпании летаат до 54 дестинации од скопскиот аеродром, вклучувајќи ги редовните летови преку целата година и сезонските летови, додека во исто време 7 авиокомпании летаат до 24 чартер дестинации, што значи вкупно 78 дестинации од аеродромот во македонскиот главен град.
По отворањето на новите авиолинии до Будимпешта и Неапол од скопскиот аеродром, во јуни и јули ќе почнат летови до Трабзон (чартер), Самсун (чартер), како и до Палермо и до Алгеро.
Од охридскиот аеродром, со летниот распоред на летање, 8 авиокомпании летаат до 17 дестинации, од кои 14 се редовни дестинации преку целата година и сезонски дестинации, додека три се чартер-летови.
По отпочнувањето на новите летови од Охрид до Братислава, Милано и Штутгарт, во јуни ќе се отворат и новите линии до Вроцлав и Катовице, а од 21 јуни, Аустриан ерлајнс има најавено дека ќе почне да лета од Охрид до Виена.
Економија
Намалување на цените на горивата во Македонија, дизелот поевтинува најмногу
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која малопродажните цени на нафтените деривати се намалуваат во просек за 1,78% во однос на претходната одлука од 4.5.2026 година.
Според пресметките, на светскиот пазар има намалување на референтните цени кај повеќето деривати: бензините за 0,444%, дизелот за 6,073%, екстра лесното масло за 6,495%, додека кај мазутот има зголемување од 0,791%. Курсот на денарот во однос на доларот бележи пад од 0,1199%.
Од 12.5.2026 година од 00:01 часот, новите максимални цени ќе бидат:
ЕУРОСУПЕР БС-95: 85,00 денари/литар (без промена)
ЕУРОСУПЕР БС-98: 86,50 денари/литар (намалување за 0,50 ден/л)
ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 89,50 денари/литар (намалување за 4,00 ден/л)
Екстра лесно масло ЕЛ-1: 94,00 денари/литар (намалување за 4,50 ден/л)
Мазут М-1 НС: 49,968 денари/кг (зголемување за 0,248 ден/кг)
РКЕ посочува дека најголемо намалување има кај дизелот и екстра лесното масло, додека бензините бележат минимални промени или остануваат стабилни.
Економија
Божиновска: Македонија ја зацврстува позицијата како активен регионален партнер во енергетската транзиција
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини учествуваше на „Belgrade Energy Forum 2026“, еден од најзначајните регионални енергетски форуми, каде заедно со министри, претставници на Енергетската заедница, меѓународни институции и водечки експерти се дискутираше за енергетската безбедност, декарбонизацијата и иднината на енергетскиот сектор во регионот, инфомрираат од ресорното министерство.
На панелот посветен на енергетската транзиција и регионалната соработка, министерката порача дека Македонија повеќе не е пасивен набљудувач на енергетските процеси, туку држава која активно ги креира сопствените политики и се позиционира како релевантен и стабилен партнер во регионот.
„Енергетската криза беше јасен сигнал дека енергетската безбедност и транзицијата мора да одат паралелно. Македонија суштински го редефинираше пристапот кон енергетиката – од пасивно следење на пазарот, кон активно планирање, инвестиции и развој“, истакна министерката.
Таа нагласи дека со новиот Закон за енергетика, усвоен во 2025 година, државата воведе системско планирање и предвидлива рамка за инвеститорите, со што значително се забрза инвестицискиот циклус во обновливите извори на енергија.
Потенцираше дека производството на електрична енергија од сонце е зголемено речиси 50 пати во споредба со 2016 година.
Во своето обраќање таа ги издвои и капиталните државни инвестиции преку АД ЕСМ, особено проектите за изградба на фотоволтаични централи во РЕК Битола и РЕК Осломеј, оценувајќи ги како симбол на праведната енергетска транзиција и трансформацијата на поранешните јагленски капацитети во извори на чиста енергија.
Посебен акцент беше ставен и на диверзификацијата на снабдувањето со енергенси и регионалното поврзување. Министерката посочи дека Македонија активно работи на гасното интерконективно поврзување со Грција и Србија, со што се отвора пристап до нови извори на природен гас и LNG терминали, а паралелно се зајакнуваат и електроенергетските интерконекции со соседните земји.
Говорејќи за европските политики и механизмот CBAM, министерката истакна дека државата веќе воспостави систем за Гаранции за потекло на електрична енергија, што ќе им овозможи на македонските компании поголема конкурентност и полесен пристап до европскиот пазар.
