Економија
НБРМ: Каматната стапка е непроменета, зголемени ризици за монетарно затегнување
На 5 мај 2026 година се одржа редовната седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и домашната економија, како и најновите случувања на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На оваа седница, Извршниот одбор донесе одлука за задржување на основната каматна стапка на нивото од 4%. Одлуката за монетарната политика беше донесена во услови на исклучително зголемена глобална непредвидливост и потреба од дополнителни информации за поцелосно согледување на ефектите врз домашната економија. Во прилог на ваквата поставеност се и досегашните измени кај останатите инструменти – задолжителната резерва и макропрудентните мерки кои се насочени кон одржување на стабилноста на девизниот курс и инфлацијата и ублажување на кредитните услови. На последниот состанок за монетарната политика ЕЦБ, исто така, ги задржа каматните стапки непроменети.
Одолжувањето на конфликтот на Блискиот Исток доведе до нарушување на снабдувањето со нафта во светот и натамошно одржување на цените на нафтата на светските пазари на високо ниво. Во следниот период, како и досега, внимателно ќе се следат глобалните случувања, нивниот одраз врз домашната економија, а особено врз девизниот пазар и нивото на цените. Доколку инфлацијата се задржи на повисоко ниво и делува на инфлациските очекувања, а побарувачката на девизниот пазар продолжи да расте и во следниов период, Народната банка ќе реагира со зголемување на каматната стапка.
Во однос на тековните движења во економијата, во првиот квартал од 2026 година, просечната годишна стапка на инфлација забави на 3,7% (од 4,2% во претходниот квартал), главно како резултат на послабите притисоци од базичната компонента којашто се сведе на 3,3%. Остварувањата кај инфлацијата се малку повисоки од проекцијата, што заедно со повисоките увозни цени споредено со досегашните оцени, создаваат изразени нагорни ризици за досегашната проектирана динамика на инфлацијата. Имено, и покрај тековните оцени за кусо и ограничено времетраење на конфликтот, најновите проекции за берзанските цени на примарните производи на енергенсите и храната за следниот период се променети поизразено во нагорна насока. Ова, заедно со зголемената неизвесност и променливоста на пазарите поврзани главно со интензитетот и времетраењето на војната на Блискиот Исток, како и со силината на индиректните и секундарните ефекти, упатува на зголемени ризици и потреба од внимателност.
На крајот на март 2026 година, нивото на девизните резерви изнесува 5.249,4 милиони евра и е повисоко во однос на крајот на 2025 година, што го одразува задолжувањето на државата на меѓународниот пазар. Од почетокот на годината, Народната банка активно е присутна на девизниот пазар, со цел задоволување на зголемените потреби од девизна ликвидност на економските субјекти. Во следниот период, влошените изгледи за глобалната економија и нашите клучни трговски партнери, како и растот на цените на енергенсите, создаваат поголеми ризици за надворешната позиција на економијата. Сепак, според сите досегашни оцени, девизните резерви остануваат во сигурната зона, поддржани од приватните финансиски текови и задолжувањето на државата на меѓународниот пазар.
Во четвртиот квартал од 2025 година домашната економија ја задржа динамиката на реален годишен раст од 3,8% и покрај неизвесното и променливо надворешно окружување. Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал од 2026 година упатуваат на понатамошен, но поумерен раст на економската активност. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие се претежно надолни и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката на остварување на домашните инфраструктурни проекти претставуваат едни од главните фактори за темпото на идниот економски раст.
Во монетарниот сектор продолжуваат солидните движења. Податоците за депозитите и кредитите во март 2026 година упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките и солиден раст на кредитната активност, со динамика која е над очекувањата за првиот квартал од годината.
Општо земено, Народната банка продолжува со внимателен пристап во водењето на монетарната политика, во согласност со најновите макроекономски движења и тековните проценки на ризиците. Надворешните ризици остануваат изразени, имајќи ја предвид неизвесноста околу понатамошниот развој на ситуацијата на Блискиот Исток. Истовремено, се следат и домашните фактори коишто влијаат врз доходот и побарувачката. Народната банка внимателно ги следи сите случувања и редовно ги оценува ризиците од можните ефекти врз домашната економија. останувајќи подготвена да ги искористи сите расположливи инструменти и да презема соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска: Македонија ја зацврстува позицијата како активен регионален партнер во енергетската транзиција
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини учествуваше на „Belgrade Energy Forum 2026“, еден од најзначајните регионални енергетски форуми, каде заедно со министри, претставници на Енергетската заедница, меѓународни институции и водечки експерти се дискутираше за енергетската безбедност, декарбонизацијата и иднината на енергетскиот сектор во регионот, инфомрираат од ресорното министерство.
На панелот посветен на енергетската транзиција и регионалната соработка, министерката порача дека Македонија повеќе не е пасивен набљудувач на енергетските процеси, туку држава која активно ги креира сопствените политики и се позиционира како релевантен и стабилен партнер во регионот.
„Енергетската криза беше јасен сигнал дека енергетската безбедност и транзицијата мора да одат паралелно. Македонија суштински го редефинираше пристапот кон енергетиката – од пасивно следење на пазарот, кон активно планирање, инвестиции и развој“, истакна министерката.
Таа нагласи дека со новиот Закон за енергетика, усвоен во 2025 година, државата воведе системско планирање и предвидлива рамка за инвеститорите, со што значително се забрза инвестицискиот циклус во обновливите извори на енергија.
Потенцираше дека производството на електрична енергија од сонце е зголемено речиси 50 пати во споредба со 2016 година.
Во своето обраќање таа ги издвои и капиталните државни инвестиции преку АД ЕСМ, особено проектите за изградба на фотоволтаични централи во РЕК Битола и РЕК Осломеј, оценувајќи ги како симбол на праведната енергетска транзиција и трансформацијата на поранешните јагленски капацитети во извори на чиста енергија.
Посебен акцент беше ставен и на диверзификацијата на снабдувањето со енергенси и регионалното поврзување. Министерката посочи дека Македонија активно работи на гасното интерконективно поврзување со Грција и Србија, со што се отвора пристап до нови извори на природен гас и LNG терминали, а паралелно се зајакнуваат и електроенергетските интерконекции со соседните земји.
Говорејќи за европските политики и механизмот CBAM, министерката истакна дека државата веќе воспостави систем за Гаранции за потекло на електрична енергија, што ќе им овозможи на македонските компании поголема конкурентност и полесен пристап до европскиот пазар.
Економија
Николоски: Рокот за Коридор 8 се поместува до декември 2029 година поради две изгубени години од претходната власт
Премиерот Христијан Мицкоски денеска заедно со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски вршат посета на инфраструктурните проекти што се реализираат на западниот дел на Коридор 8.
По увидот на градежните работи на автопатот Тетово-Гостивар и Гостивар Букојчани, вицепремиерот Николоски истакна дека градежните работи се одвиваат со потребната динамика. Сите предизвици на трасата се решаваат со добра координација меѓу институциите, а Владата на изведувачот му овозможи отворен фронт за работа на цела траса.
„Ние многу често зборуваме за овие проекти во нашите јавни настапи, на прес-конференции, на интервјуа, еве сега да се види во живо. Веќе едната секција ја поминавме, автопатот од Тетово до Гостивар, во јавноста некако прифатена перцепција дека тоа е автопат, но во суштина тоа е експресен пат и прв пат на оваа делница ќе се изгради автопат. Втората делница е она на која што сме сега. Нешто што мислам дека за многумина беше незамисливо, а тоа е дека било кога ќе има автопат кој што ќе ја заобиколи Стрaжа и најтешкиот дел од поврзувањето со Охрид и со Струга и целиот Коридор 8. Но можете да видите тука пред нас како интензивно се работи на мостови, на пробивање на автопатот, на косини, навистина се прават исклучително инженерски работи. Како Влада правиме се за да дадеме можност на компаниите кои што се изведувачи што поскоро да ги завршат овие проекти и да можат граѓаните да ги користат. Ова е многу значајно и за БДП, горд сум што во третиот квартал минатата година растот во градежништвото беше 21%, четвртиот квартал 16,7%. Очекуваме добри резултати за првиот квартал, оваа година и да продолжи така во следниот период” -истакна вицепремиерот Николоски.
Тој потенцира три предизвици во делот на изградбата на овие делници. Едната се однесува на дислокација на телекомуникациските меѓународни и внатрешни водови, електрични инсталации и водоснабдувањето за Полог.
„Вториот дел, за жал, морам да кажам дека претходната Влада две години немаше сработено ништо. Ова не е мое тврдење или на примериот или на директорот на ЈПДП. За ова во ноември месец добивме официјално известување од страна на надзорниот инженер, кој што побара да се продолжи рокот за завршување на проектот за најмалку две години. Заради тоа што мораа да се компензираат тие две години кои што се изгубени со предходната Влада и ние тука немаме избор освен тоа да го направиме, така што ќе одиме на рок, најмалку до декември 2029 година, што не значи дека нема да се завршува проектот и порано”- рече Николоски.
Дополни дека важен сегмент е и поврзување со општините кои гравитираат по трасата на автопатот.
По обиколка на овие автопатски делници, ќе се изврши увид и во изградбата на “Галериите” на трасата на автопатот Охрид-Кичево, рехабилитација на превојот Пресека, како и клучката Требеништа која неодамна беше пуштена во употреба.
Економија
„БРАКО“ И „ГРИН МАШИНС“ на светскиот саем „ИФАТ“ во Минхен
Македонските возила за урбана хигиена „Грин Машинс“, кои се произведуваат во БРАКО во Велес, деновиве привлекоа големо внимание во Германија на светскиот саем ИФАТ — водечки меѓународен саем за технологии за животна средина, комунална опрема и одржлива урбана инфраструктура.

Рамо до рамо со конкуренцијата од Швајцарија, Франција, Италија, Германија, Соединетите Американски Држави и други земји производители во оваа индустрија, македонската компанија ги презентираше своите најсовремени решенија за одржување на урбаната хигиена.

Од „Грин Машинс“ велат дека клиентите денес бараат возила со различни типови на погон — електрични, дизел и водородни — а македонскиот производител нуди комплетна палета на решенија.

Дури 98 проценти од производството на БРАКО и „Грин Машинс“ се пласира надвор од државата, во повеќе од 60 земји низ светот. Последната голема испорака беше реализирана во Саудиска Арабија, поточно во главниот град Ријад, каде беа испорачани 52 возила за одржување на урбаната хигиена.
„Грин Машинс Македонија“ има свои компании-ќерки во Обединетото Кралство, Холандија и Соединетите Американски Држави.

Изминатата недела Грин Машинс истовремено ги изложи своите машини на три светски настани, во Минхен, во Лас Вегас и во Ливерпул.

ПР
