Економија
Нов повик од ОКТА: Стипендии за постдипломски студии дома и во странство
Компанијата осма година по ред објавува повик за доделување стипендии за постдипломски студии за академската 2026/2027 година. Во овој нов повик, зголемен е бројот на академските области за аплицирање, а дополнет е и со можноста за делумно покривање на трошоците за живот во согласност со однапред утврдени критериуми. ОКТА АД – Скопје продолжува со својата долгорочна посветеност за поддршка на образованието и развојот на млади професионалци.
Во рамки на Програмата за стипендии на ОКТА АД – Скопје, членка на Групацијата HELLENiQ ENERGY, и оваа година ќе бидат доделени две стипендии за редовни постдипломски студии, со максимално времетраење од две години. Едната стипендија е наменета за студии во странство, со можност за аплицирање на универзитети низ Европа, Северна Америка и Австралија, додека втората стипендија се однесува на студии во Република Северна Македонија.
„Во ОКТА, веруваме дека образованието е една од најзначајните инвестиции во иднината која не се однесува само на поединците, туку и на општеството и економијата во целина. Преку нашата програма за стипендии за постдипломски студии, ја поддржуваме следната генерација професионалци, кои преку своето знаење, креативност и посветеност ќе донесат иновации и високи достигнувања во своите области. Оваа иницијатива е доказ за нашата долгорочна заложба за развој на човечкиот потенцијал и за поттикнување на академската извонредност, како и на одржливиот развој на нашата индустрија и општеството“, изјави Димитриос Пасхос, главен извршен директор на ОКТА АД – Скопје.
Оваа година, можноста за аплицирање е проширена на кандидати од различен спектар на академски области. Првата е инженерство и енергетика, каде влегуваат трансформација на енергијата, обновливи извори, алтернативни технологии, напредни енергетски материјали за производство и складирање енергија, како и нафтено инженерство. Втората област е дигитална трансформација, која опфаќа програмирање, мрежи и комуникации, анализа на податоци за вештачка интелигенција, сајбер безбедност и интелигентна автоматизација. Секторот за животна средина е третата област, каде се изучуваат климатски промени, екосистеми, одржлив развој, паметни градови и локален развој. И четвртата област е економија и менаџмент, кој содржи енергетска економија, биоекономија и циркуларна економија, енергетски мрежи и енергетска геополитика, управување со енергетски проекти, маркетинг, комуникации и односи со јавноста, правни студии и управување со човечки ресурси. Кандидатите можат да аплицираат само за еден од овие сектори. Дополнително, програмата за стипендирање за оваа година, отвора можност и за покривање на дел од трошоците за живот во согласност со однапред определени критериуми.
Апликациите се поднесуваат исклучиво онлајн, преку платформата: https://scholarships. helleniqenergy.gr/rnm, каде може да се најдат сите информации и критериуми поврзани со Програмата за стипендии за втор циклус на студии. Крајниот рок за поднесување на апликациите е 18 мај 2026 година.
Програмата за стипендии е дел од стратегијата на ОКТА за корпоративна одговорност, во рамки на која поддршката на образованието е еден од клучните приоритети, и се спроведува во согласност со стратегијата на Групацијата за зајакнување на младите и поддршка за постдипломски студии на стипендисти од земјите каде што работи. Во периодот од 2017 до 2025 година компанијата има доделено вкупно 44 стипендии за постдипломски студии, од кои 43 национални и една меѓународна, со што директно придонесува кон развојот на високообразован кадар во земјава и пошироко.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Без граници, без препреки“ – виртуелно музејско патување што ги обедини децата од светот во Музејот на Народната банка
Музејот на Народната банка оваа година го одбележува Меѓународниот ден на музеите ‒ 18 мај, организирајќи големa виртуелна едукативна дружба со деца на училишна возраст од различни делови на светот, обединети во желбата да ги откријат тајните на исклучителната македонска ризница на антички и средновековни пари коишто се чуваат во нашиот музеј, што e отворен за јавноста секој работен ден од 9 до 15 часот.
Музејското патување низ монетарното минато на нашата земја беше насловено „Без граници, без препреки“, во духот на овогодишната тема на Меѓународниот комитет на музеите „Музеите што го обединуваат поделениот свет“.
Кустосите од Музејот на Народната банка одржаа настан за учење и паметење за 80 македонски деца што се ученици во Австрија, Белгија, Норвешка, Хрватска, Австралија, Франција, Италија, Германија, Шведска, Холандија, Велика Британија, Данска, Канада и во земјава, коишто можеа интерактивно да се дружат и да дознаат необични факти за нумизматичкото културно наследство на нашата земја.
Возбудливото враќање во минатото заврши со кратко откривање на некои од тајните на изгледот на денешните македонски пари, а потоа и со прогласување на победниците од интерактивниот квиз, известуваат од Народната банка.
Економија
Глобалните компании губат милијарди поради војната со Иран, авиокомпаниите најтешко погодени
Американско-израелската војна со Иран веќе ги чинеше компаниите ширум светот најмалку 25 милијарди долари, а сметката продолжува да расте, објавува „Ројтерс“.
Прегледот на корпоративните извештаи поднесени од компании во САД, Европа и Азија од почетокот на конфликтот нуди отрезнувачки увид во последиците.
Компаниите се борат со зголемувањето на цените на енергијата и нарушените синџири на снабдување и трговските патишта загрозени од застојот во иранскиот Ормуски теснец. Најмалку 279 компании ја наведоа војната како повод за активности за ублажување на финансискиот удар, вклучително и зголемување на цените и намалување на производството, покажува анализата. Други ги суспендираа исплатите на дивиденди или откупот на акции, отпуштија вработени, воведоа дополнителни даноци на гориво или побараа итна владина помош.
Најновиот во низата вознемирувачки глобални настани за бизнисот од пандемијата на ковид-19 и руската инвазија на Украина, ги намалува очекувањата за остатокот од годината, бидејќи останува малку надеж за договор за прекин на конфликтот. Една петтина од компаниите во истражувањето, од козметика, производители на гуми и детергенти, до оператори на крстосувачки бродови и авиокомпании, пријавија финансиски удар од војната.
Повеќето од нив се со седиште во Европа, каде што трошоците за енергија секако се зголемени, додека речиси една третина се од Азија, што ја одразува длабоката зависност на регионот од нафта и други горивни деривати од Блискиот Исток.
Дополнително, стотици компании пријавија повеќе од 35 милијарди долари трошоци од октомври минатата година поради царините на американскиот претседател Доналд Трамп за 2025 година, кои тој ги воведе во различни пропорции во земјите низ целиот свет.
Авиокомпаниите учествуваат со најголем дел од квантифицираните трошоци поврзани со војната. Тие сочинуваат речиси 15 милијарди долари, додека цените на авионското гориво речиси се удвоија.
фото/Depositphotos
Економија
Nvidia сега вреди повеќе од целата германска економија
Пазарната вредност на американскиот технолошки гигант Nvidia достигна 5,7 билиони долари кон средината на мај, надминувајќи ја целата германска економија, трета по големина во светот, за прв пат. Податоците јасно го покажуваат брзиот раст на економската моќ на технолошките гиганти во последните години, кои сега се натпреваруваат со најголемите економии во светот, објавува „Еуроњуз“.
„Нвидија“, американскиот производител на полупроводници чии чипови се клучни за сè, од видео игри до системи за вештачка интелигенција, моментално е највредната компанија во светот. Откако стана првата компанија во историјата со пазарна капитализација од повеќе од 5 трилиони долари во октомври 2025 година, нејзината вредност достигна 5,7 трилиони долари кон средината на мај оваа година.
Доминацијата на технолошките гиганти
Ова значи дека компанијата, која веќе ги надмина економиите на Јапонија и Обединетото Кралство по вредност, сега го надмина проектираниот БДП на Германија за 2026 година, кој ММФ го проценува на 5,45 билиони долари.
Со оглед на тоа што Германија е најголемата европска економија, пазарната капитализација на Nvidia сега е поголема од секоја поединечна европска економија, вклучувајќи ги Обединетото Кралство (4,26 билиони долари), Франција (3,6 билиони долари), Италија (2,74 билиони долари) и Шпанија (2,09 билиони долари). Податоците за пазарната капитализација се земени од CompaniesMarketCap од 14 мај 2026 година.
Слична доминација покажуваат и другите американски технолошки гиганти. Alphabet, со пазарна капитализација од 4,12 билиони евра, и Apple, со 3,75 билиони евра, се исто така повредни од секоја европска економија освен од Германија.
