Економија
ОКТА започнува иницијатива за поддршка на потрошувачите, по дополнителните количини гориво набавени преку продуктоводот ВАРДАКС
ОКТА, водечки снабдувач со горива во земјата, објави иницијатива насочена кон поддршка на домашниот пазар на нафтени деривати и олеснување на тековните притисоци, во услови на зголемена нестабилност на регионалните и меѓународните енергетски пазари. По успешниот прием на дополнителни количини на гориво преку продуктоводот ВАРДАКС, што дополнително го зајакнува капацитетот за снабдување на земјата, ОКТА започнува иницијатива за поддршка на пазарот.
Почнувајќи од денеска (13 март 2026), заклучно со крајот на овој месец, ОКТА ќе обезбеди попуст од 2 денари по литар дизел и бензини, за трговците кои набавуваат горива од компанијата, овозможувајќи им со тоа на големопродажните и малопродажните партнери дополнителна флексибилност оваа поддршка да ја рефлектираат во цените што им ги нудат на своите потрошувачи. Трговците на големо и мало и понатаму самостојно ќе ги утврдуваат своите продажни цени, во согласност со сопствените комерцијални политики и пазарните услови.
Врз основа на очекуваните количини на горива кои треба се пласираат на домашниот пазар до крајот на овој месец, оваа иницијатива претставува вкупен придонес за поддршка на пазарот од страна на ОКТА во износ од околу 2 милиони евра. Тоа ја одразува посветеноста на компанијата кон сигурност на снабдувањето, стабилност на пазарот и ублажување на тековните пазарни притисоци.
Во оваа прилика, главнот извршен директор на ОКТА, Димитриос Пасхос, изјави: „Препознавајќи ги предизвиците во енергетскиот сектор што ги донесе актуелната состојба, ОКТА презема конкретни чекори за поддршка на пазарот и потрошувачите. Во овој контекст, зајакнувањето на снабдувањето преку продуктоводот ВАРДАКС игра значајна улога во обезбедувањето стабилност и континуитет во снабдувањето со горива низ целата земја“.
„Како општествено одговорен снабдувач со енергија, ОКТА е посветена да обезбеди ова зајакнато снабдување да се претвори во конкретна поддршка за пазарот. Поради тоа, почнувајќи од денеска, па сè до крајот на месец март, ОКТА воведува попуст од 2 денари по литар за дизел и бензини, за трговците на големо и мало кои набавуваат горива од ОКТА, со што им се овозможува оваа придобивка да ја пренесат кон крајните потрошувачи. Сепак, трговците на големо и мало остануваат целосно слободни самостојно да ги утврдуваат своите продажни цени. Оваа иницијатива ја одразува долгогодишната посветеност на ОКТА да го поддржува пазарот, домаќинствата и бизнисите во периоди на зголемени предизвици“, потенцираше Пасхос.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, изјави: „Зајакнувањето на снабдувањето со горива преку продуктоводот ВАРДАКС претставува значаен чекор напред за енергетската безбедност на земјата и отпорноста на нашиот пазар на нафтени деривати. Во период кога меѓународните енергетски пазари остануваат непредвидливи, а цените се под влијание на глобалните случувања, обезбедувањето сигурно снабдување и стабилност за граѓаните и бизнисите претставува клучен приоритет на Владата. Зголемениот капацитет на продуктоводот придонесува за зајакнување на енергетската инфраструктура на земјата и ја зацврстува позицијата на Република Северна Македонија во рамки на регионалната енергетска мрежа“.
„Иницијативите, како што е оваа на ОКТА, кои овозможуваат зајакнато снабдување и истовремено го претвораат во директна поддршка за потрошувачите, се особено важни, бидејќи помагаат да се намали притисокот врз домаќинствата и бизнисите, истовремено одржувајќи ја стабилноста на домашниот пазар на нафтени деривати. Ги поздравуваме напорите кои придонесуваат за поддршка на граѓаните и стабилноста на енергетскиот систем, особено во период кога координираното дејствување помеѓу институциите и приватниот сектор е од суштинско значење за справување со актуелните предизвици со кои се соочува енергетски сектор“, истакна Божиновска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средба во Атина со колегите од регионот: Со заеднички напори ќе градиме интегриран и силен енергетски систем
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска денеска учествуваше на заедничката министерска средба со министрите за енергетика на Република Грција, Република Србија и Република Бугарија, Ставрос Папаставру, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ и заменик-министерот Кирил Темелков, којашто се одржа во Атина, Грција. Станува збор за средба која е единствена во ваков формат, а која е фокусирана на регионалното енергетско поврзување и зацврстување на соработката меѓу земјите од регионот на полето на енергетиката.
Министрите ја нагласија потребата од понатамошна меѓусебна соработка во регионот како катализатор на инфраструктурните развојни планови , пазарната интеграција во делот на гас и електрична енергија, флексибилноста и сигурноста во снабдувањето. Се разговараше на техничко ниво со владините претставници и систем операторите за гас и електрична енергија. Беше потенцирана одличната соработка помеѓу систем операторите на четирите земји , со дополнително барање да се интензивираат нивните контакти и продлабочи нивната соработка во понатамошниот период.
На крајот од состанокот во духот на понатамошна соработка беше договорено да се прошират работните групи со Србија и Македонија со цел да работат поефективно во насока на градење поврзана, поотпорна, одржлива регионална енергетска рамка, усогласена со целите на Европската енергетска унија.
При тоа, министерката Божиновска ја истакна важноста и потребата од координација во однос на инфраструктурата, пазарите и политиките, оценувајќи ја како клучна за изградба на поотпорен и поконкурентен енергетски систем во Југоисточна Европа.
„Денешната дискусија доаѓа во важен момент за нашиот регион. Југоисточна Европа се наоѓа во сложена енергетска транзиција, каде што сигурноста на снабдувањето, интеграцијата на пазарите и декарбонизацијата мора да напредуваат заедно. Македонија целосно ја споделува оваа визија. Ние сме посветени на зајакнување на енергетската безбедност преку диверзификација, забрзување на интеграцијата на обновливите извори на енергија и усогласување со внатрешниот енергетски пазар на ЕУ“, нагласи министерката Божиновска на средбата со колегите од регионот, додавајќи дека ниту една земја не може сама да се справи со овие предизвици.
Економија
Дурмиши: Со новите мерки обезбедуваме директна поддршка за малите бизниси, занаетчиите и преработувачката индустрија
Министерството за економија и труд денеска објави Јавен повик за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија и занаетчии, во рамки на Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста за 2026 година.
За реализација на оваа мерка се обезбедени 11,34 милиони денари, а поддршката ќе се реализира преку кофинансирање на 40 проценти од докажаните трошоци за набавка на нови машини и алати, но не повеќе од 200 илјади денари по барател.
„Со оваа мерка директно им помагаме на домашните компании и занаетчии да инвестираат во модернизација, нова опрема и зголемување на продуктивноста. Нашата цел е да создадеме поконкурентна домашна економија и да обезбедиме реална поддршка за малите бизниси, кои се двигател на економскиот раст“, соопшти министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Право на учество на јавниот повик имаат микро, мали и средни претпријатија со мнозински домашен капитал, како и занаетчии регистрирани согласно Законот за занаетчиство.
Поддршката се однесува на трошоци направени во текот на 2025 и 2026 година, а сите апликанти кои ќе ги исполнат условите утврдени во јавниот повик ќе бидат опфатени со мерката.
Министерството за економија и труд најави и два нови јавни повици во рамки на Програмата за поддршка на преработувачката индустрија и општествена одговорност за 2026 година.
Првиот повик се однесува на надоместување на дел од трошоците за воведување и сертификација на стандарди во преработувачката индустрија, за што се обезбедени 2 милиони денари. Компаниите ќе можат да добијат кофинансирање до 70 проценти од трошоците, но не повеќе од 200 илјади денари.
„Преку воведување меѓународни стандарди им помагаме на компаниите полесно да се позиционираат на странските пазари, да ја зголемат конкурентноста и да станат дел од глобалните синџири на добавувачи“, истакна Дурмиши.
Вториот јавен повик е наменет за зајакнување на соработката помеѓу компаниите од преработувачката индустрија и универзитетите преку реализација на заеднички проекти. За оваа мерка се предвидени 5 милиони денари, а кофинансирањето ќе изнесува до 70 проценти од трошоците, но не повеќе од 500 илјади денари по проект.
„Инвестицијата во знаење, истражување, иновации и соработка меѓу бизнисот и академската заедница е клучна за технолошки развој, зелена и дигитална транзиција и создавање производи со повисока додадена вредност“, соопшти министерот Дурмиши.
Економија
Божиновска на Energy Transition Summit во Атина: Посветени сме на заложбите за кредибилен партнер во Европската енергетска интеграција
Посветени сме да бидеме конструктивен регионален партнер, кредибилен учесник во европската енергетска интеграција, земја која придонесува за постабилна, побезбедна и поодржлива Југоисточна Европа, изјави денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, говорејќи на Министерскиот панел: “Delivering 2030 – Leadership commitments for the East Med transition”, во рамките на дводневниот „Energy Transition Summit: East Med and Southeastern Europe“, кој се одржува во Атина, Грција.
На Самитот, којшто е во организација на Financial Times и Катимерини, учествуваат високи владини претставници од регионот, како и претставници на бизнис и финансискиот сектор на регионално ниво.
Министерката Божиновска, во својот говор се осврна на важноста од регионалното енергетско поврзување:
„Во изминатите неколку години многу јасно се покажа дека ниту една земја во нашиот регион не може сама да изгради енергетска безбедност, и дека ниту една транзиција не може да успее ако не е сигурна, достапна по цена и погодна за инвестиции. За мојата земја ова е прашање на енергетска безбедност, економска конкурентност и социјална стабилност. Затоа, за нас остварувањето на целите за 2030 значи три работи: изградба на регионална интерконекција како безбедносна инфраструктура, интеграција на обновливите извори преку мрежи, складирање и балансирање, и одржување на транзицијата достапна, социјално праведна и привлечна за инвестиции“, рече министерката Божиновска.
Набројувајќи ги постигнувањата на нашата земја на полето на енергетиката, министерката Божиновска потенцираше дека нашата цел е географската позиција на земјата да се претвори во предност.
„Гасниот интерконектор со Грција е клучен пример. Со почетен капацитет од 1,2 милијарди кубни метри годишно и можност за проширување до 2,8 милијарди кубни метри, тој ја менува нашата позиција од енергетска крајна точка во дел од регионален коридор. Ова е важно затоа што диверзификацијата денес не значи само повеќе снабдувачи. Таа значи повеќе рути, поголема флексибилност и поголема отпорност.
Преку поврзувањето со Грција, нашата земја го зајакнува пристапот до регионалните гасни текови, вклучително и LNG инфраструктурата. Планираната интерконекција со Србија е следниот чекор кон посилна север-југ енергетска поврзаност во Југоисточна Европа. Нашата позиција е јасна: интерконекторите се инструменти на регионална стабилност, енергетска дипломатија и долгорочна отпорност“, нагласи министерката Божиновска на Министерскиот панел: “Delivering 2030 – Leadership commitments for the East Med transition”, во рамките на „Energy Transition Summit: East Med and Southeastern Europe“.
