Економија
OneID – прва македонска услуга за електронска идентификација: Ново поглавје во дигитализација

Денес КИБС, во партнерство со Некстсенс, ја лансираше првата македонска услуга за електронска идентификација – OneID, изработена и сертифицирана согласно европските стандарди и европската регулатива еIDAS и согласно македонскиот Закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. Со OneID во земјата се отвора ново поглавје во дигитализацијата на процесите за широка палета на услуги за граѓаните и правните лица.
Услугата за електронска идентификација – OneID станува дел од официјалните квалификувани шеми за електронска идентификација на Министерството за информатичко општество и администрација, со што се создадени услови за нејзина масовна примена.
Што е OneID
OneID е услуга за електронска идентификација на граѓаните на далечина при користење на онлајн услуги од правни лица, изработена согласно одредбите од Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. Услугата овозможува онлајн идентификација на корисници преку мобилен уред со високо ниво на доверливост. OneID обезбедува потврден електронски идентитет со точни лични податоци добиени од Централниот регистар на население на Република Северна Македонија
Услугата е развиена од две реномирани домашни куќи на полето на дигиталната трансформација во државава и надвор од неа, КИБС АД Скопје и Nextsense ДОО Скопје.
Со објавувањето на OneID во регистарот на шеми за електронска идентификација, сите финансиски институции, телеком оператори и државни институции во Република Северна Македонија ќе имаат можност да ја интегрираат оваа услуга во своите дигитални процеси со цел да обезбедат електронска идентификација за своите клиенти.
Нов квалитет на дигиталното услужување
Придобивки од OneID
OneID обезбедува целосен пресврт во услужувањето на граѓаните од страна на давателите на електронски услуги, институциите и организациите коишто ќе ја имплементираат оваа нова македонска услуга. Користејќи OneID, организациите значајно ќе го подигнат нивото на дигитално услужување. Идентификацијата на корисниците ќе се одвива целосно дигитално, без потреба од физичко присуство. OneID го скратува времето за проверка на личната карта или друг документ за лична идентификација. Идентификацијата се одвива брзо и безбедно, целосно дигитално, во согласност со важечките закони.
Придобивките за граѓаните се огромни од користењето на OneID како дигитална лична карта со што сите услуги и трансaкции им се достапни 24 часа преку нивниот мобилен уред. Услугата OneID граѓаните можат да ја користат секаде каде што од нив се бара да го докажат својот идентитет. Со неа добиваат пристап до најразлични услуги коишто се строго регулирани, како на пример услуги од банки, осигурителни компании, брокерски друштва за хартии од вредност, телеком оператори, државни услуги давани онлајн и друго. Дополнително, услугата овозможува засилена автентикација при корисничка најава на интегрираните портали и дигитално потпишување документи. ОneID овозможува брзо и лесно креирање на правно валидни документи како договори, изјави, барања, согласности од корисниците, потпишани со валиден дигитален потпис креиран со квалификуван сертификат во облакот на КИБС.
„Денес е голем ден за македонската дигитална сцена. КИБС и Некстсенс, во партнерска соработка, ја обезбедија првата македонска услуга за дигитална идентификација. Значаен е фактот што една ваква комплексна услуга е дело на домашни стручни лица лоцирани во двете компании. Услугата нè позиционира во мал број држави коишто не се членки на Европската Унија, а имаат на располагање услуга од овој вид. Услугата е сертифицирана согласно европски стандарди и станува дел од официјалните квалификувани шеми за електронска идентификација.
Основата е поставена, сега следи полесниот дел – имплементација кај заинтересираните правни лица коишто нудат онлајн услуги. Очекуваме овој процес да тече релативно брзо, затоа што бенефитот е огромен и за организациите и за граѓаните. Неколкукратно побрзо време на услужување, целосно онлајн. OneID за граѓаните функционира како лична карта што може да се користи онлајн. Ќе добијат една дигитална идентификација којашто може да ја користат секаде, без да меморираат различни лозинки, а сепак на безбеден начин да ја добијат услугата. Нивниот идентитет ќе биде утврден со помош на OneID, преку нивниот мобилен телефон. Во многу скоро време чекањето на шалтери за голем дел од граѓаните ќе стане минато. Нема да има потреба од чекање за да се достави барање или да се добие услуга. Со OneID, граѓаните ќе можат во секое време, онлајн да иницираат барања“ – Горан Анастасовски, генерален директор на КИБС.
OneID гарантира највисоко ниво на безбедност на личните податоци
„Новото поглавје во дигиталното услужување е отворено. Денес заедно со КИБС ја лансираме првата македонска дигитална идентификација – OneID, сертифицирана и усогласена со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. Со OneID покажуваме висок степен на подготвеност на македонското општество за дигитализација, согласно највисоките европски стандарди.
Услугата е потврдена од европско тело за серификација и ги помина сите ригорозни процедури на ревизија, со што добивме потврда за квалитетот, безбедноста и доверливоста. OneID содржи дополнителни механизми за идентификација и заштита на податоците, со што се гарантира највисоко ниво на безбедност на услугата. Целосно е регулирано и заштитено правото на пристап до информациите. Единствено граѓанинот лично дава одобрување за секој поединечен трансфер на неговите лични податоци преку сопствениот мобилен телефон до мобилните и веб-апликации на организациите чиишто услуги ги користи и каде што е потребно да се идентификува“ – Васко Кроневски, главен извршен директор на „Некстсенс“.
OneID, освен што ги исполнува строгите одредби од Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, исто така ги исполнува и одредбите од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам. Обезбедувањето дигитална идентификација е целосно усогласено со Законот за заштита на лични податоци (односно GDPR) и стандардите ISO 27001 и ISO 20000.
Повеќе информации за услугата се достапни на https://www.oneid.mk/
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Бектеши: Објавени јавни повици за субвенции за микро, мали и средни компании за занаетчии и за дигитализација за женско претприемаштво

Министерството за економија објави три јавни повици за субвенции за микро, мали и средни компании за занаетчии и за дигитализација за женско претприемаштво.
Како што објави на својот фејсбук-профил министерот за економија, Крешник Бектеши, со јавниот повик за субвенционирање микро, мали и средни претпријатија ќе се кофинансираат 40 % од докажаните трошоци направени за набавка на машини, но не повеќе од 250.000 денари од барател.
За оваа мерка се предвидени средства во вкупен износ од 43.000.000 денари. Субвенционирани ќе бидат докажаните трошоци за набавка на машини настанати во 2022 и 2023 година. Со јавниот повик за субвенционирање занаетчии ќе се кофинансираат 40 % од докажаните трошоци направени зa набавка на машини и алати, но не повеќе од 100.000 денари од барател. За оваа мерка предвидени се средства во вкупен износ од 5.000.000 денари. Субвенционирани ќе бидат докажаните трошоци за набавка на машини и алати настанати во 2022 и 2023 година. Со јавниот повик за субвенционирање женско претприемаштво за дигитализација на деловни процеси се субвенционираат претпријатија во сопственост на жени (над 50 %) и управувани од жени, кои вработуваат најмалку две лица (сопственичката на претпријатието и еден вработен) преку кофинансирање 40 % од докажаните трошоци, но не повеќе од 100.000 денари од барател, направени за: развој или набавка на дигитални решенија и технологии со цел дигитална трансформација на деловните процеси или производство и/или имплементација, адаптација и интеграција на дигитални решенија и технологии. За оваа мерка предвидени се средства во вкупен износ од 2.000.000 денари.
Субвенционирани ќе бидат докажаните трошоци за предвидените намени настанати во 2022 и 2023 година. Крајниот рок за аплицирање по овие јавни повици е до 30.6.2023 година.
Економија
Битиќи со германските компании: Нудиме поволно деловно опкружување, стратешки предности и силна владина поддршка

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, оствари средба со делегацијата на германски компании што престојуваат во Северна Македонија, со кои ги сподели деловните можности особено во однос на поддршката за инвестиции, при што ги истакна клучните фактори што ја прават Северна Македонија атрактивна дестинација за нивните инвестиции.
„Северна Македонија има стратешка локација, сместена на раскрсницата на паневропските транспортни коридори VIII и X, и нуди поволна локација привлекување на синџирот на набавки во европскиот континент наречен неаршоринг (near-shoring). Со воспоставување производство блиску до европските центри за потрошувачка германските компаниите може да ги максимизираат ефикасноста и ефективноста на нивните бизнис-процеси“, порача вицепремиерот Битиќи, кој ги информира германските компании дека Северна Македонија е потписник на мултилатерални конвенции и има склучено многубројни билатерални договори за заштита на инвестициите, што за странските инвеститори значи заштита преку институции, како што е Меѓународниот центар за решавање инвестициски спорови (ICSID).
Битиќи се осврна и на финансиската поддршка на Владата, која во прво место е предвидлива и дека сите постапки се транспарентни со цел да создадат еднакви услови и за домашните и за странските инвеститори.
„Поддршката е дизајнирана да постигне неколку цели, вклучително и создавање подобро платени работни места, поттикнување соработка меѓу компаниите и промовирање технолошки развој и иновации“, рече Битиќи, кој германските компании ги запозна и со дигиталниот асистент во јавниот сектор, АДА, прв во регионот и пошироко базиран на вештачка интелигенција, кој стои на располагање на компаниите да добијат целосни информации за условите за инвестирање во нашата земја и за државната помош, која се нуди за инвестициите, без разлика дали се тоа домашни или странски компании.
Kако заклучок, рече дека Северна Македонија е подготвена да ги пречека и поддржи германските компании во нивниот стремеж за раст и успех и дека земјата нуди поволно деловно опкружување, стратешки предности и силна владина поддршка.
„Заедно, дозволете ни да создадеме силни партнерства и да го отклучиме огромниот потенцијал што лежи во нашата соработка“, заклучи Битиќи.
Предводникот на германската делегација, Ханс-Јоаким Баумлер, од консултантската компанија „Интегра“, истакна дека успешноста на германските компании што дејствуваат во Северна Македонија претставува силен мотив за другите компании да го следат нивниот пример и да инвестираат во земјата, која, според него, нуди добра бизнис-клима за понатамошно развивање на трговската размена помеѓу Германија и Северна Македонија.
Економија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита

Министерството за труд и социјална политика информира дека денеска почна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за мај 2023 година.
Корисниците на парични права што поседуваат дебитна картичка ќе може да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 6 јуни 2023 година.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците што не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките во согласност со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето, и тоа:
6.6.2023 – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ; И, Ј, К, Л, Љ
7.6.2023 – М, Н, Њ, О;П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш