Економија
Онлајн трговијата бележи рекордни бројки – во 2025 се потрошени 950 милиони евра
Асоцијацијата за е-трговија ги анализираше најновите објавени податоци за трансакции на места на продажба за е-трговија на Народната банка за 2025 година според кои може да се забележи дека вредноста и бројот на вкупните онлајн трансакции направени од Македонци кон домашни и странски е-трговци, како и од иматели на странски картички кон македонски е-трговци има забележителен раст.
Вредност на реализирани трансакции
Остварена е вкупна вредност од 58,408.8 милиони денари или 950 милиони евра, што преставува пораст од 32% во однос на 2024 година. Вредноста остварена од домашни иматели на платежни картички кон домашни е-трговци изнесува 28,888.3 милиони денари или 470 милиони евра што преставува пораст од 21% во однос на минатата година. Кон домашните трговци се слеале уште 52 милиони евра од странски иматели на картички што претставува пораст од 40% во однос на 2024 година, што значи кон домашните е-трговци се слеала вредност од 522 милиони евра. Сепак, најдинамичен раст се забележува кај вредноста која Македонците со своите картички ја направиле кон странски е-трговци во износ од 26,312.1 милиони денари или 428 милиони евра што преставува пораст од 45% во однос на истиот период минатата година.
Извор: НБРСМ
Број на реализирани трансакции
При тоа, бројот на вкупните онлајн трансакции изнесува 28.9 милиони, односно е за 32% повеќе во однос на 2024 година. Најизразен пораст повторно се забележува кај домашните картички кон странски е-трговци, со раст од дури 61%, што укажува на зголемена фреквенција на онлајн купувања, најчесто со пониска поединечна вредност. Бројот на трансакции кај домашните е-трговци исто така расте, но со поумерено темпо односно остварени се 15 милиони трансакции што претставува пораст од 14% во однос на истиот период минатата година, додека странските иматели на картички кон домашните е-трговци оствариле 2 милиона трансакции односно пораст од 39% во однос на минатата година.
Извор: НБРСМ
Просечна вредност на трансакција
Просечната вредност на направените онлајн трансакции во 2025 година изнесува скоро 33 евра и е еднаква како и минатата година. Нерамномерниот пораст на вкупната вредност и бројот на онлајн трансакциите јасно се рефлектира и во просечниот износ по трансакција. Имено просечната вредност остварена за купување со македонски картички од странски е-трговци се намалила за 10% и изнесува 34 евра, додека кај имателите на домашни картички кон домашните е-трговци се зголемила за 6% и изнесува 32 евра, а странските иматели кон домашните е трговци исто така ја зголемиле вредноста за 1% и изнесува 31 евро.
Извор: НБРСМ
Нови отворени е-продавници
Во 2025 година, согласно подaтоците на Народната банка има вкупно 1,829 трговци со виртуелни места на продажба, но активни е-продажни места се 1396 односно 84 повеќе во однос на минатата година (активно работење подразбира извршување најмалку една трансакција на продажно место на трговецот во текот на календарската година за којашто се известува). Асоцијацијата за е-трговија има регистарот на е-трговци, кој претставува единствен регистар на онлајн продажни места кој се обновува во соработка со 5те банки кои нудат процесирање на е-трансакции. Регистарот содржи и категоризација, односно може да се прегледаат сите активни е-трговци и може да се пребаруваат е-трговците.
“Податоците за 2025 година јасно потврдуваат дека е-трговијата во Северна Македонија продолжува да бележи силен и динамичен раст. Особено значаен е порастот од 32% во вкупната вредност на онлајн трансакциите, што укажува на зголемена доверба на граѓаните во дигиталните канали за купување, но и на постепена зрелост на пазарот. Во оваа насока, позитивен сигнал е и растот на бројот на активни е-продажни места, кои во во 2025 година се за 84 повеќе во однос на претходната година, придонесувајќи за збогатување на понудата и поголема достапност на производи и услуги за потрошувачите. Сепак, особено внимание заслужува фактот што највисок раст се бележи кај трансакциите кон странски е-трговци, што упатува на зголемен одлив на средства од домашната економија и промена во структурата на онлајн трговијата во корист на странските платформи. Доколку во 2024 година кон домашните е-трговци се слеваа 59% од вкупната вредност и 64% од бројот на трансакциите, во 2025 година тој удел се намалува на 55% од вредноста и 57% од бројот на трансакциите. Асоцијацијата за е-трговија и минатата година со своите активности придонесе за проширување и зајакнување на понудата во е-трговија, унапредување на дигиталните вештини, намалување на сивата економија и зајакнување на довербата во онлајн купувањето. Преку активности како што е регистарот на е-трговци, беџот за верификувани е-трговци и информативно-едукативните кампањи за јавноста влијаеме на поголема информираност, свесност и само-заштита на граѓаните со што придонесување и за унапредување на страната на побарувачката” – вели Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска Станков.
Во рамки на својата мисија за унапредување на е-трговијата, Асоцијацијата за е-трговија не само редовно што ги анализира податоците од Народната банка на Република Северна Македонија како и други достапни секундарни извори, дополнети со сопствени примарни истражувања. Токму во таа насока, Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија (АЕТСМ) ја подготвува и годишната анализа на е-трговијата во регионот, насловена „Преглед на е-трговијата во Западен Балкан 2025“. Ова седмо издание на анализата на АЕТМ, а воедно и второ објавено на англиски јазик, ја проширува својата перспектива надвор од Северна Македонија и ги опфаќа пазарите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија и Северна Македонија, обезбедувајќи регионален увид во состојбите и трендовите во е-трговијата. Анализата беше презентирана на 8-та регионална конференција за е-трговија која воедно е препознаена како најголем регионален настан во областа на е-трговијата и претставува клучна платформа за споделување знаење, следење на најновите трендови и вмрежување на компании, институции и професионалци од целиот регион. Повеќе информации за анализата се достапни на: https://ecommerce.mk/analizi-i-izveshtai/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Меѓу првите три сме во Европа според примена на мерки за ценовните шокови
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Македонија, според анализи на ММФ, е меѓу првите три држави во Европа по бројот на применети мерки за справување со ценовните шокови.
Тој посочи дека Владата во овој период најголем дел од активностите ги насочува кон надминување на ценовната криза на горивата, која има влијание врз цените на производите.
„Се наоѓаме во период на изразена глобална неизвесност. Ценовните шокови на енергенсите не се резултат на внатрешни политики, туку се последица на геополитичките случувања“, рече Мицкоски.
Мицкоски најави дека се очекува Регулаторната комисија за енергетика да донесе одлука за дополнително намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за околу 1,5 денар по литар.
Тој додаде дека останува во сила договорениот попуст со ОКТА до крајот на април – 2 денари по литар за бензин и 3 денари за дизел.
Според него, Македонија има најниски цени на горивата во регионот, наведувајќи споредбени податоци со други земји.
Премиерот ги отфрли критиките дека мерките доцнеле или не биле доволни, посочувајќи дека според податоците на ММФ државата е на третото место во Европа според обемот на применети мерки како процент од БДП.
Тој истакна дека инфлацијата сега изнесува 4,9 проценти и додаде дека очекува од мај „работите да доаѓаат на нивото коешто ги очекуваме“.
Мицкоски нагласи дека мерките се дел од поширок пристап за стабилизирање на економијата и дека Владата ќе продолжи да ја следи состојбата и да реагира соодветно.
Економија
Влада ја продолжи мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати до 4 мај
Владата на денешната седница, разгледувајќи ја актуелната економска состојба и влијанието на глобалните ценовни шокови врз домашниот пазар, донесе одлука за продолжување на мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати, со важност до 04 мај.
Со оваа одлука се задржува намалувањето на акцизата за дизел горивото во износ од 4 денари по литар, како и намалувањето на акцизата за безоловните бензини од 95 и 98 октани во износ од 2 денари по литар. Оваа интервенција има директен фискален и пазарен ефект, којшто се рефлектира во значително намалување на малопродажните цени на горивата, со што се ублажува притисокот врз трошоците на живот и се амортизираат инфлаторните импулси.
„Со продолжувањето на оваа мерка, Владата јасно демонстрира проактивен и одговорен пристап во управувањето со кризата, при што приоритет останува заштитата на животниот стандард на граѓаните и одржувањето на економската стабилност.
Дополнително, имајќи ги предвид стабилизациските ефекти од досегашните мерки и тековните движења на цените, Владата донесе одлука за измена на Одлуката за примена на повластена даночна стапка на додадена вредност. Согласно оваа измена, повластената стапка од 10% ќе продолжи да се применува за бензините, додека за останатите производи се врши враќање на редовната стапка од 18%.
Оваа мерка претставува внимателно балансиран пристап меѓу потребата за таргетирана поддршка на граѓаните и обезбедувањето на фискална одржливост, при што Владата останува целосно посветена на континуирано следење на состојбите и навремено преземање на соодветни економски политики.
Согласно нашите пресметки очекуваме Регулаторна комисија за енергетика да донесе одлука со која ќе се изврши дополнително намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за околу 1,5 денар по литар. Истовремено, останува во сила и претходно договорениот механизам со нафтените компании, согласно кој се обезбедува дополнително намалување од 3 денари по литар за дизел горивото и 2 денари по литар за бензините. Со ова, се постигнува кумулативен ефект на намалување на цените, кој директно се рефлектира во намалување на трошоците за транспорт и во ублажување на инфлаторните притисоци врз економијата“, соопшти владината прес-служба.
Економија
(Видео) Поскапеа и зеленчукот и овошјето, а мерки нема, рече портпаролката на СДСМ, Кузеска
Портпаролката на Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Богданка Кузеска, оцени дека економијата бележи пад и дека граѓаните се соочуваат со влошен животен стандард.
„Помина 60 дена од почеток на кризата на Блискиот Исток а Мицкоски не презеде мерки за заштита на стандардот на граѓаните“, рече Кузеска, додавајќи дека и по најавите за мерки по Велигден, „повторно излажа, наместо мерки продолжија поскапувањата“.
Таа истакна дека, и покрај намалувањето на цените на нафтата, цените на храната и основните производи останале високи. „Скапите цени на храната и на основните производи секојдневно ги празнат џебовите на граѓаните“, рече Кузеска.
Според податоците на Државен завод за статистика, како што наведе, зеленчукот поскапел за над 38%, овошјето за над 10%, а продажните цени во земјоделството за 23%. Додаде дека веќе два месеци растат и цените на месото, зејтинот, маслото и јајцата.
„Ова не се обични бројки туку секојдневие на граѓаните со празни фрижидери и празни џебови“, изјави Кузеска.
Од СДСМ наведоа дека предложиле мерки како намалување на ДДВ за храна на 0%, намалување на акцизите, намалување на ДДВ за горивата на 5% и намалување на патарините, оценувајќи дека Владата ги најавува истите мерки „во фази – доцна и половично“.
Кузеска посочи дека во други земји се преземаат мерки за поддршка, додека „само кај нас Мицкоски не презема ништо“.
„Мицкоски се фали со ‘трета економија во Европа’, а во реалноста – тотален дебакл на економијата“, рече таа.
Според неа, платите остануваат најниски во Европа, инвестициите се намалуваат, а фабрики се затвораат. „Странските инвестиции паднаа за 60% од 1,2 милијарди евра во времето на СДСМ на само 467,5 милиони евра сега“, изјави Кузеска, додавајќи дека 180 милиони евра е долгот за поврат на ДДВ кон компаниите.
Таа рече дека десетици фабрики се затворени и дека над 1.500 работници останале без работа во изминатиот период.
„Реалноста боли. Народот осиромашува. Потребни се итни мерки – веднаш за намалување на цените, поддршка на ранливите граѓани и поддршка на економијата“, порача Кузеска.
