Економија
OPEC и другите производител договорија намалување на производството на нафта
Единаесет земји производители на нафта кои не се членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC), вклучително и Русија, се договорија за намалување на производството за 558.000 барели на ден, откако неодамна и земјите од OPEC одлучија да го намалат производството на нафта, објави претседавачот со нафтениот картел, катарскиот министер за енергетика, Мохамед ал-Сада.
Новото намалување е пониско од намалувањето коешто претходно го најави нигериското министерство за нафта, како и од планираните 600.000 барели кои OPEC ги предвидуваше за земјите кои не се негови членки. OPEC минатата седмица одлучи да го намали производството за 1,2 милиони барели дневно од јануари, за да го поттикне растот на цените и да ги зголеми приходите.
„Верувам дека ова е навистина историски настан“, изјави рускиот министер за енергетика Александер Новак, кој ги предводеше земјите кои не се членки на OPEC. Истакна дека земјите на OPEC и оние кои не се членки се одговорни за повеќе од половината од производството на нафта во светот.
Русија претходно најави дека на неа ќе падне половината од тоа намалување во првата половина од 2017 година. Другите земји кои учествуваат во тоа се Мексико, Казахстан, Малезија, Оман, Азербејџан, Бахреин, Екваторијална Гвинеја, Судан, Јужен Судан и Бруени,
Со договорот на OPEC се стави крај на повеќенеделната неизвесност и нестабилност на нафтените пазар, зголемувајќи ги цените на повеќе од 50американси долари првпат по еден месец.
Овој потег претставува и драматичен пресврт во односот на планот на Саудиска Арабија од 2014 година за преплавување на пазарот со нафта за да ги истисне од него конкурентите, особено американските произведувачи од шкрилци, а удар им беше зададен и на руските компании. Цените поради таквата стратегија паднаа од повеќе од 100 долари за барел во јуни 2014 година на под 30 долари претходно годинава, речиси најниското ниво во последните 13 години./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Даночно намалување кај данокот на личен доход и данокот на добивка
Управата за јавни приходи ги потсетува вршителите на дејност кои водат деловни книги и даночните обврзници за данокот на добивка кои во текот на 2024 набавиле и ставиле во употреба до 10 фискални системи на опрема односно фискална апаратура и интегриран автоматски систем за управување согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања, најдоцна до 20-ти јануари до Управата за јавни приходи да поднесат:
Барање за одобрение на даночно ослободување по основ на воведување на фискален систем на опрема, односно фискална апаратура и интегриран автоматски систем за управување (образец „ДЛД-02”), заради намалување на пресметаниот данок на личен доход во Годишниот даночен биланс за 2024 (образец „ДЛД-ДБ”), кое се поднесува електронски преку https://e-ujp.ujp.gov.mk или во хартиена форма до архивата на организациската единица на УЈП.
Барање за издавање на одобрение за намалување на пресметаниот данок на добивка по основ на воведување и користење фискален систем на опрема, односно фискална апаратура и интегриран автоматски систем за управување (образец „ДД-07″), заради намалување на пресметаниот данок на добивка во Даночниот биланс за оданочување на добивката за 2024 година (образец „ДБ“), електронски преку https://etax-fl.ujp.gov.mk/ или во хартиена форма до архивата на организациската единица на УЈП.
Во прилог на барањата ДЛД-02 и ДД-07 задолжително се поднесува, односно прикачува:
Копија од фактура/и за извршена набавка на фискален систем на опрема и/или
Друг доказ за извршена набавка на фискален систем на опрема.
Неискористеното право на намалување на пресметаниот данок на личен доход, односно данок на добивка во ДЛД-ДБ за 2024 односно ДБ за 2024, може да се пренесе во следните периоди, сѐ до неговото целосно искористување.
Економија
Ангеловска-Бежоска на форумот на „Инвисо“: Монетарната политика со значителен придонес за забавувањето на инфлацијата
Монетарното затегнување од страна на централните банки одигра битна улога во контролирањето на инфлацијата, иако инфлацијата не беше стандарден монетарен феномен, туку одраз на повеќе фактори, изјави гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во својата дискусија на гувернерската панел-дискусија на Форумот на Централна и Источна Европа, во организација на Инвисо (конференциите на „Еуромани“), кој се одржува во Виена, Австрија. Таа посочи на клучната улога на политиките и посветеноста на централните банки за враќање на ценовната стабилност, особено преку значителното стабилизирање на инфлациските очекувања.
Говорејќи на панел-дискусијата на тема „Централните банки по бурата“, на која учествуваа и гувернерите на централните банки на Ерменија, на Молдавија и на Грузија, гувернерката посочи дека емпириските студии ја потврдуваат значајната улога на затегнувањето на монетарната политика во процесот на намалување на инфлацијата. Така на пример, според проценките на Европската централна банка (ЕЦБ), индексот на потрошувачките цени во еврозоната би бил повисок од 2,5 процентни поени до 3 процентни поени во 2024 година, доколку не беше спроведено монетарното затегнување. Таа ја потенцираше специфичноста на овој циклус монетарно затегнување, коешто следува по долг период на ниски каматни стапки и претставува едно од најусогласените и најсилните монетарни реакции во последниве педесетина години.
Соодветната поставеност на монетарната политика овозможи намалување на стапките на инфлација, коишто од двоцифрени се сведоа на ниски едноцифрени стапки на раст. Освен справувањето со инфлацијата, кое беше приоритет за централните банки, од особено значење беше и тоа политиките да се постават внимателно за да не се втурнат економиите во рецесија и за да се задржи макрофинансиската стабилност. „Монетарните политики беа поставени соодветно, за што сведочат и податоците на економиите во Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈИЕ), но и глобално. Така економската активност во регионот во изминатиов период продолжи да закрепнува, иако со нешто поумерено темпо во споредба со преткризниот период, кое се очекува постепено да забрзува во претстојниот период. Исто така, финансиските институции покажаа висока отпорност за време на циклусот на монетарното затегнување, додека нивната адекватност на капиталот се подобри“, посочи гувернерката.
„И покрај значителниот успех во справувањето со инфлациската епизода, одредени ризици и понатаму постојат, што бара натамошна внимателност заради среднорочно одржување на ценовната стабилност”, изјави гувернерката. Поголемата инерција на базичната инфлација, растот на платите и потребата за фискална консолидација во целиот регион, остануваат прашања коишто треба внимателно да се следат. Исто така, и долгорочната отпорност на поголеми шокови, бара структурни реформи. Напорите, како диверзификација на синџирите на снабдување, зголемување на домашниот производствен потенцијал, намалувањето на енергетската интензивност, се од суштинско значење за заштита од идни шокови, особено во регионот на ЦИЈИЕ. Преку заеднички напори, монетарните и фискалните власти можат да продолжат да постигнуваат одржлива ценовна стабилност, дури и во услови на сложени економски предизвици“, изјави гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Форумот на Централна и Источна Европа е еден од водечките традиционални настани од областа на финансиите. На овој годишен настан редовно присуствуваат повеќе од илјада учесници – гувернери на централни банки, министри за финансии, раководители на финансиски институции и инвеститори. Во рамки на Форумот, гувернерката Ангеловска-Бежоска имаше средба со високи претставници на Европската банка за обнова и развој, повеќе приватни финансиски институции и потенцијални институционални инвеститори.
Економија
Новогодишната кошница беше успешна, оцени Министерството за економија
Денеска завршува акцијата „Новогодишна кошница“ која што беше креирана на предлог на бизнисот со поддршка на Министерството за економија и труд и траеше од 15 декември 2024 година до 15 јануари 2025 година.
Главната цел на Новогодишната кошница која што беше креирана од бизнисот односно производителите, дистрибутерите и трговците, беше да се креира поширока листа на одделни прехранбени производи кои што се ставија со намалени цени на рафтовите, појаснуваат од министерството.
Со истата, како што велат, се спречи зголемување на цените пред и за новогодишните и божиќните празници и се одржа стабилно ниво на инфлацијата во месец декември 2024 и месец јануари 2025 година, за време на новогодишните и божиќните празници кога има зголемена потрошувачка.
На листата на производи, како што е објавено и на веб-страната Моја кошница која што Министерството за економија и труд ја креираше токму за оваа акција се вклучија 1178 производи од 96 производители и дистрибутери се вклучија 51 маркети, а акцијата се применуваше во 762 продажно место.
„Ако ги согледаме овие бројки сметам дека акцијата Новогодишна кошница беше успешна и придонесе за намалување на цените на производите кои што беа вклучени во нејзе.
Според Државниот завод за статистика од податоците за Индекси на трошоците на животот и на цените на мало за декември се забележува дека инфлацијата во 2024 година споредено со 2023 година изнесува 3,5% како што беше и проектирано. На месечно ниво пак во декември 2024, споредено ноември 2024 година инфлацијата изнесува 0,3%.
Податоците на статистика покажуваат дека во декември 2024 година во однос на ноември 2024 година намалувањето на трошоците за живот кај храна и безалкохолни пијалоци изнесува -0,3%.
Ова покажува дека Новогодишната кошница каде што беа вклучени во најголем дел прехранбени и безалкохолни пијалоци го дала својот ефект и цените на храната и пијалоците во декември 2024 година бележат намалување во однос на ноември 2024 година.
Се очекува и во статистичките податоци за месец јануари 2025 година во однос на декември 2024 година, да се потврдат ефектите од новогодишната кошница, односно да се оствари дополнително намалување на трошоците за живот кај храна и безалкохолни пијалоци“.
Од министерството изразуваат Б=благодарност до сите производители, дистрибутери и трговци кои што се приклучиле и учествувале во оваа акција и ги намалиле цените на прехранбените производи и на дел од пијалоците за време на новогодишните и божиќните празници.
истакнуваат дека Министерството за економија и труд во наредниот период ќе продолжи да креира мерки и политики кои ќе значат заштита на стандардот на граѓаните