Економија
Opel победник за 2021 – возила, луѓе и бренд
• Целосно дизајнирана за успех: Opel Mokka-e освои „Златен управувач 2021“
• Електричниот транспортер: Opel Vivaro-e е „Интернационално комерцијално возило за 2021 година“
• Јасен концепт: Opel Manta GSe ElektroMOD „Најдобар концепт автомобил на годината“
• Награда за шеф на дизајн: Mark Adams именуван за „Eurostar 2021“
Жирито составено од експерти и пошироката јавност се подеднакво импресионирани од моделите на Opel – бројните награди оваа година се доказ за тоа. „Интернационално комерцијално возило за 2021“ за Opel Vivaro-e и „Златен управувач за 2021“ за Opel Mokka-e се само неколку примери.
„Ние сме многу горди на овие награди, тие се знак на посветеноста и страста со која Opel постојано работи“, рече извршниот директор на Opel, Uwe Hochgeschurtz. „Без оглед на тоа каква работа работат – во дизајн, инженерство или во канцеларија – сите наши вработени создадоа фантастични автомобили. На сите им должам голема благодарност“.
Opel Vivaro-e веќе беше прогласен за „Интернационално комерцијално возило за 2021“ на крајот на минатата година. Ценетиот трофеј потоа стигна до седиштето на Opel во Rüsselsheim пролетта. Ова беше почеток на серија награди за најпродавано лесно комерцијално возило со електричен погон. Само во Обединетото Кралство, Vivaro-e собра бројни награди како „Електрично комерцијално возило на годината“. Потоа, Combo (со мотор со внатрешно согорување или како целосно електричен Combo-e) собра многу награди низ Европа во текот на годината.
Новата Opel Mokka пристигна пролетта – смела, елегантна и сè освен не обична. Оттогаш, Mokka ги воодушевува медиумите и јавноста, неодамна целосно електричната Mokka-e ја освои наградата „Златен управувач 2021“, една од најпознатите награди во целата автомобилска индустрија. Врвните технологии кај неконвенционалниот SUV се исто толку одлучувачки како и стилот сведен на основните работи, што според магазинот Top Gear, ја прави Mokka „Дизајн на годината“. Човекот одговорен за сензационалниот изглед е потпретседателот за дизајн на Opel, Mark Adams; доволна причина Automotive News Europe да го именува како „Eurostar 2021“.
Со Opel Manta GSe ElektroMOD, група вработени во Opel оваа година ја оживеаја вистинската автомобилска легенда и ја направија погодна за иднината. Електричната Manta GSe ElektroMOD разгорува емоции каде и да оди. Уникатниот еднократен модел навистина привлекува внимание – во Франција и Шпанија неодамна беше избрано за „Концепт автомобил на годината“.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.