Контакт

Економија

Основната каматна стапка зголемена за 0,25 процентни поени

Објавено пред

На 16 јуни 2026 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор на Народната банка за поставеноста на монетарната политика. На седницата беше одлучено основната каматна стапка да се зголеми за 0,25 процентни поени, односно од 4% на 4,25%. Одлуката се заснова на најновите податоци и информации и согледувањата за ефектите врз домашната економија од светските случувања. Во однос на сегментите коишто се клучни за монетарната политика, од почетокот на годината беше забележана поголема побарувачка на девизи од корпоративниот сектор, што услови поголемо присуство на Народната банка на девизниот пазар.

Од почетокот на мај се бележи стабилизација на побарувачката на девизи, а најновите информации носат поголема извесност за скоро смирување на конфликтот на Блискиот Исток. Сепак, економските последици од геополитичките случувања се присутни, а неизвесноста околу темпото на целосната стабилизација на тековите и понатаму создава ризици. Опстојуваат и притисоците врз инфлацијата. Имено, во мај годишната стапка на инфлација забави во согласност со очекувањата, но таа и натаму е на повисоко ниво и укажува на продолжена инфлација и побавно враќање кон историскиот просек. Истовремено, и дел од домашните фактори коишто влијаат врз побарувачката и инфлацијата уште повеќе ја нагласуваат потребата од претпазливост при водењето на монетарната политика. Во такви услови, беше оценето дека умереното затегнување на монетарната политика, заедно со досегашните измени кај останатите инструменти – задолжителната резерва и макропрудентните мерки, ќе придонесат за одржување на стабилноста на девизниот курс, за стабилизирање на инфлацијата и за зацврстување на инфлациските очекувања, а соодветно ќе влијаат и врз кредитните услови во економијата. Како резултат на засилените инфлациски притисоци во еврозоната, на последниот состанок на ЕЦБ каматните стапки беа зголемени за 0,25 п.п., што претставува дополнителен фактор што се зема предвид при носењето на домашните монетарни одлуки.

Во однос на најновите податоци за главните макроекономски показатели, на крајот на мај, девизните резерви изнесуваат 5.209,7 милиони евра и се во сигурната зона, а нивната промена засега е во согласност со проекциите за вториот квартал. Во текот на мај девизниот пазар беше стабилен, без интервенции од страна на Народната банка за надоместување на потребите за девизна ликвидност на економските субјекти. Во мај 2026 година, годишната стапка на инфлација забави сведувајќи се на 4,8%, од 5,7% во април, главно под влијание на поумерениот раст на цените на храната, што се должи на повисоката споредбена основа од истиот период минатата година. Сепак, тековните показатели упатуваат на засилени инфлациски притисоци кај енергетската компонента, што создава ризици за пренесување на ефектите и врз останатите цени во економијата. Ова делумно е видливо преку засилениот раст на базичната компонента на инфлацијата. Најновите проекции за увозните цени упатуваат на повисока странска инфлација и умерено нагорно ревидирани цени на енергентите и на дел од прехранбените производи, во услови на одолжена неизвесност. Иако очекувањата на потрошувачите за растот на цените во следниот период се малку поумерени во споредба со претходниот месец, ризиците за инфлацијата претежно се во нагорна насока. Домашната економија и натаму покажува отпорност во услови на неизвесно надворешно окружување. Во првиот квартал од 2026 година, реалниот раст на БДП изнесуваше 3,1%, што е блиску до очекувањата од последниот циклус проекции. Расположливите високофреквентни показатели за вториот квартал сѐ уште не овозможуваат попрецизни согледувања, но априлските податоци упатуваат на раст на индустриското производство и послаби остварувања кај прометот во трговијата. Во монетарниот сектор, согласно првичните податоци за мај, растот на депозитите е во рамките на проектираниот, но динамиката на раст на кредитната активност и натаму е над очекувањата и влијае врз домашната побарувачка.

Народната банка останува цврсто посветена на одржувањето на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото, како основен предуслов за обезбедување ценовна стабилност на среден рок. За таа цел, ќе продолжи со внимателно следење на домашните и меѓународните економски и финансиски движења, ќе ги оценува нивните ефекти врз девизниот пазар и инфлацијата и е подготвена да ги употреби сите расположливи инструменти за зачувување на макроекономската и финансиската стабилност.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија

СДСМ: Оризот скапува по амбарите, Владата на Мицкоски ги остави оризопроизводителите без откуп

Објавено пред

Оризопроизводителите се соочуваат со една од најтешките кризи во последните години, како директна последица на погрешните политики на Владата на Христијан Мицкоски, велат од СДСМ.

„Половина од ланското производство сè уште стои по амбарите затоа што нема организиран откуп. Наместо државата да обезбеди пласман на домашното производство, илјадници тони ориз пропаѓаат, а земјоделците стравуваат дека ќе ги изгубат плодовите од својот труд. Дополнителен проблем е што Владата на Мицкоски сè уште не кажува каква ќе биде откупната цена за новата реколта, ниту кога ќе бидат исплатени субвенциите. Земјоделците влегуваат во нова производствена сезона без никаква сигурност и без поддршка од институциите. Во исто време, најавите за драстично ниска откупна цена не ги покриваат ниту основните трошоци за производство. Со вакви политики, оризопроизводството се турка кон целосен колапс. Огромни количини ориз остануваат изложени на пропаѓање, што претставува дополнителна економска штета за земјоделците и ризик за целиот регион“, стои во соопштението на партијата.

Опозициската партија потсетува дека оризот со децении бил препознатлив македонски производ и важен извозен потенцијал.

Од СДСМ тврдат дека откупната цена во периодот кога тие биле на власт била над 40 денари за килограм, додека сега, според нивните наводи, е пониска од 20 денари.

СДСМ бара Владата итно да обезбеди организиран откуп на преостанатите количини ориз, да ја објави откупната цена за новата реколта, да ги исплати заостанатите субвенции и да донесе мерки за поддршка на производителите.

Прикажи повеќе...

Економија

ВМРО-ДПМНЕ: Македонија е со најниска инфлација во регионот, СДС се обидува да шири паника, но бројките ги демантираат

Објавено пред

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека економските показатели покажуваат стабилизирање на цените и дека Македонија има најниска инфлација во регионот меѓу земјите кои ги објавиле податоците за јуни.

Во соопштение од партијата се наведува дека обвинувањата од СДС за економска несигурност се невистинити и дека официјалните податоци на Државниот завод за статистика ги демантираат таквите тврдења.

„Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, годишната инфлација во јуни изнесува 3,4 проценти, а во однос на мај е намалена за 0,5 проценти. Тоа се официјални факти. Уште поважно, инфлацијата кај храната и безалкохолните пијалаци изнесува само 2,5 проценти, а кај облеката и обувките 2,1 процент. Тоа се категориите што најдиректно влијаат врз семејниот буџет и животниот стандард на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според податоците што ги објавува партијата, инфлацијата во јуни изнесувала:

– Македонија – 3,4 отсто
– Словенија – 3,6 отсто
– Грција – 3,9 отсто
– Хрватска – 4,5 отсто
– Бугарија – 5,6 отсто
– Турција – 32,1 отсто

„Ова се бројки што не можат да се сокријат ниту да се релативизираат. Додека СДС се обидуваат да градат дневна политика врз измислени кризи и ширење паника, Владата работи со конкретни мерки што даваат резултати. Намалената инфлација е директен доказ дека економските политики се правилно поставени и дека се води одговорна грижа за стандардот на граѓаните. Наместо манипулации и лажни сценарија од СДС јавноста заслужува мерки и проекти. А фактите се јасни, Македонија денес има една од најстабилните ценовни политики во регионот и најниска инфлација меѓу соседните земји што ги објавија податоците за јуни. Владата ќе продолжи со одговорни економски политики, стабилни јавни финансии и мерки што носат резултати, без разлика на обидите тие резултати да бидат оспорени од оние што немаат што да понудат освен дезинформации“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Прикажи повеќе...

Економија

(Видео) Филипче: Оризот скапува по амбарите, Владата ги уништи оризопроизводителите

Објавено пред

(Видео) Филипче: Оризот скапува по амбарите, Владата ги уништи оризопроизводителите

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска оствари средба со оризопроизводители од регионот на Општина Чешиново-Облешево, на која се разговараше за состојбата во производството на ориз и проблемите со кои се соочуваат земјоделците.

Филипче оцени дека состојбата на терен е тешка и дека оризопроизводителите се оставени без соодветна поддршка, додека големи количини од минатогодишниот род остануваат непродадени.

Според Филипче, значителен дел од произведениот ориз од минатата година сè уште се наоѓа во амбарите, поради недостиг на откуп.

„Има заостанати количини од минатата година. Само половина од произведениот ориз е откупен од минатата година, 50% седи по амбарите, никој не е заинтересиран да го откупи, глувци има по амбарите, што ризик да се прошират болести во овој регион. Дополнително на сите овие проблеми, нема никаква насока ниту најава за откупни цени или субвенции за оризот којшто се произведува оваа сезона“, рече Филипче.

Притоа, Филипче додаде дека дополнителен удар за оризопроизводителите се најавите дека откупната цена ќе биде ниска и недоволна да ги покрие ниту основните трошоци за производство.

„Најавите се дека откупната цена ќе биде многу ниска. Додека во времето на нашите влади откупната цена беше над 40 денари, сега е по 20 денари за килограм. Неколкукратно трошоците за производство ги надминуваат откупните цени. Дополнително, нема откуп и нема доволна количина која се откупува од оризот“, истакна тој.

Филипче ја обвини Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека не презема доволно мерки за поддршка на земјоделците и дека со тоа се губи довербата во институциите.

„Трагична, трагична незаинтересираност на власта. Огромна разочараност има кај земјоделците. Губат верба во државата поради лошата Влада, гледаат дека во производството на ориз практично немаат никаква иднина и луѓето стравуваат дека целиот овој сектор практично може да се соочи со прашањето дали воопшто ќе функционира во следниот период, во капацитетот во кој што тука бил со децении. Од овие плодни полиња коишто ја хранеле Македонија, кои што биле извор на репроматеријали, ориз и сѐ друго што се произведува тука, кое се извезувало од нашата земја, а тие сега се соочени сега со егзистенцијални проблеми“, рече Филипче.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет6 минути

„Ербиенби“ воведува нов модел на провизии – домаќините ќе плаќаат значително повеќе

Платформата за краткорочно изнајмување „Ербиенби“ започна со воведување нов модел на наплата според кој трошокот за провизија во поголем дел...

Европа15 минути

Франција под црвен аларм поради топлотен бран, 37 департмани со највисоко предупредување

Во Франција денеска 37 департмани се ставени под црвено ниво на предупредување поради силниот топлотен бран што ја зафати земјата,...

Свет20 минути

Трамп се прости од сенаторот Линдзи Греaм: „Ќе ни недостига многу“

Американскиот претседател Доналд Трамп се огласи по повод смртта на долгогодишниот сенатор Линдзи Греaм, кој почина во саботата вечер на...

Свет23 минути

Дете повредено при пресретнување на ирански ракети во Катар, сирените одекнаа во Бахреин

Три лица, меѓу кои и едно дете, се повредени во Катар од делови на пресретнати ирански ракети, соопшти Министерството за...

Македонија37 минути

(Фото) Артилериска граната тешка 13,6 кг отстранета од плажа на Дојранското Езеро

Пиротехничарот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Зоран Пејев, безбедно отстрани неексплодирана артилериска граната со калибар од 100 мм,...

Спорт1 час

(Видео) Мекгрегор се врати и веднаш доживеа уште еден шок

Легендарниот ирски борец Конор Мекгрегор се врати во УФЦ по речиси пет години пауза, но неговиот камбек настап заврши на...

Спорт1 час

(Видео) Аргентина со играч повеќе ја скрши Швајцарија

Аргентина е последниот полуфиналист на Светското првенство откако ја победи Швајцарија со 3:1 по продолжение во драматично четвртфинале во Канзас...

Свет1 час

(Видео) Истрага по експлозиите во близина на Киев: Зеленски обвини за незаконско складирање оружје

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека раководни лица на државниот одбранбен концерн „Укроборонпром“ ја прекршиле законската регулатива дозволувајќи складирање оружје...

Свет2 часа

(Фото+видео) Силно невреме ја погоди Словенија, паѓал град со големина на орев

Силнo невреме проследено со град ја зафати Словенија во саботата попладне, а нестабилното време се прошири во централните, северните и...