Економија
Пет милијарди евра заштедени во македонските банки
Банките располагаат со речиси 5.000.000 евра депозити, од кои 69 отсто отпаѓаат на граѓанско штедење, беше речено во понеделник на одбележувањето на Светскиот ден на штедењето.
Претседателот на Здружението на банкарството при Стопанската комора на Македонија, Коста Митровски рече дека стимулирањето на штедењето зазема централно место во деловната политика на банките и штедилници – членки на Здружението, бидејќи штедните влогови се најевтин капитал за поддршка на стопанскиот развој на нашата држава и сигурна основа за проширување на асортиманот на услугите на банките кон населението и другите комитенти.Здружението на банкарството при Стопанската комора на Македонија денес го одбележа Светскиот ден на штедењето, на свечената седница на која присуствуваа м-р Кирил Миноски, министер за финансии во Владата на Република Македонија, Милица Арнаудова Стојановска, генерален директор на Секторот за супервизија, банкарска регулатива и финансиска стабилност во Народната банка на Република Македонија, г-дин Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија и г-дин Коста Митровски, претседател на Здружението на банкарството при Стопанската комора на Македонија, како и претставници на повеќе институции со кои Здружението на банкарството при Стопанската комора на Македонија има воспоставено одлична соработка.Тој истакна дека со состојба на 30.9.2016 година, депозитниот потенцијал на банкарскиот систем изнесува 302.828.000 денари и порастот во однос на јануари 2016 година изнесува 1,01 отсто, од кои 175.220.000 денари се денарски депозити, а 127.608.000 денари се девизни депозити. При тоа, наведе дека вкупните депозити на домаќинствата на 30.9.2016 година изнесуваат 209.734.000 милиони денари, односно 69,2 отсто од вкупниот депозитен потенцијал отпаѓа на депозити на населението. Исто така, тој додаде дека податоците го потврдуваат фактот дека банкарскиот систем во Република Македонија ужива доверба која континуирано е на високо ниво, и дека има висока стабилност која беше потврдена со надминувањето на негативните трендови во вториот квартал од оваа година, кои беа изразени преку зголемената побарувачка на девизи и притисоците врз депозитната база на банките, коишто беа последица на влошените очекувања на економските субјекти предизвикани од фактори од неекономски карактер. При тоа, нагласи дека умереното зголемување на вкупната депозитна база на банките во третиот квартал претставува сигнал за натамошно видливо стабилизирање на очекувањата на економските субјекти.Традиционално, започнувајќи од 1999 година, Здружението на банкарството при Стопанската комора на Македонија го одбележува Светскиот ден на штедењето. Министерот за финансии Кирил Миноски истакна дека макроекономските услови за раст на економијата и подобрата доверба на граѓаните доведуваат до континуиран раст на штедењето, при што го нагласи растот од 2,1% на реална основа, растот на индустриското производство од 5,4%, растот на извозот за 6,1% во периодот јануари-август 2016 година, но и зголемувањето на бројот на вработени лица во Република Македонија за 3%, како значајни фактори кои влијаат на континуираниот раст на штедењето во Република Македонија, кој се очекува да продолжи и во иднина. Тој потенцираше дека усвоените измени на Законот за банките треба да обезбедат дополнително усогласување на банкарското работење со меѓународните стандарди, но и приспособување кон барањата кои ги диктира банкарскиот и финансискиот систем, а кои се од клучно значење во обезбедувањето услови за ефикасност и стабилност на финансискиот сектор во Република Македонија во периодот по влезот во ЕУ. На крајот, Миноски упати честитка до сите штедачи и до сите шалтерски работници од банките и штедилниците на кои им се додели плакета.Арнаудова Стојановска од Народната банка на Република Македонија потенцираше дека штедењето е столб на сигурноста на банкарскиот сектор, кој е основата за повеќе од половина од активностите на банките, вклучувајќи го кредитирањето. Таа истакна дека состојбите во вториот квартал претставуваа тест за капацитетите на банките да се справат со финансиски кризи, и дека банките покажаа подготвеност да ја одржуваат ликвидноста на работењето на стабилно ниво. Истовремено, таа ја потенцираше важноста на потребата да се зацврстат етичките принципи во работењето на банките, што треба да придонесе за градење на висок степен на корпоративна култура во банкарскиот сектор. Воедно, таа ги повика банките да понудат поголема диверзификација на банкарските производи, и на тој начин да се придонесе за зголемен раст на штедењето, кој треба да го проследи растот на кредитните активности, кој изнесуваше 7% на крајот на септември 2016 година. На крајот, Арнаудова Стојановска упати честитка до сите штедачи и до сите шалтерски работници од банките и штедилниците на кои им се додели плакета.Јелисавета Георгиева, извршен директор на Стопанската комора на Македонија и секретар на Здружението на банкарството, упати особена благодарност за воспоставената добра соработка со Министерството за финансии и со Народната банка на Република Македонија, но и со останатите институции од финансискиот сектор.На крајот на свечената седница, беа доделени признанија на 42 најдобри шалтерски работници од банките и штедилниците за постигнати особени резултати во вршењето на работните задачи во доменот на работењето со населението за 2015 година./крај/со/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.
Економија
Народна банка: Основната каматна стапка се задржува на нивото од 6,30 отсто
На 16 април 2024 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата на Комитетот беше оценето дека тековнaта поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата. Така, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари. И натаму се очекува дека тековното ниво на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и за задржување на стабилноста на девизниот курс. Притоа, последните промени кај инструментот задолжителна резерва, чијашто примена започнува од јуни 2024 година, значат и дополнителна поддршка на прудентниот карактер на монетарната политика, извести Народната банка.
Во услови на стабилен девизен пазар, главниот акцент при носењето на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика беше ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата на историски ниските нивоа и инфлациските очекувања на потрајна основа, имајќи ги предвид присутните ризици, коишто во голема мера се поврзани со геополитичките тензии. Имено, инфлацијата очекувано забрза во март 2024 година на 4% на годишно ниво (3% во февруари), со оглед на престанокот на важноста на мерките за гарантирани цени на дел од прехранбените производи и пијалаци и за укинување/намалување на дел од увозните давачки. Сепак, остварувањето е под проекцијата на Народната банка, при значително намален притисок од цените на храната и енергијата, но и пониски ценовни притисоци од помалку променливите категории во првиот квартал, во согласност и со преземените монетарни мерки. Цените на примарните производи на берзите и натаму надолно се приспособуваат, со исклучок на нафтата којашто има одредени флуктуации. Остварувањата кај инфлацијата од почетокот на годината се пониски од очекувањата, но нивото сѐ уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат. Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, вклучително и на политиките што делуваат врз побарувачката во економијата. Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во април повторно беше донесена одлука за задржување на основните каматни стапки на истото ниво.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на март изнесува 4.287,1 милион евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на девизниот пазар се поволни и придонесуваат за интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка, при умерено намалена нето-побарувачка од корпоративниот сектор и натамошен висок прилив на девизи на менувачкиот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во првите два месеца од 2024 година е малку повисок од очекувањата според октомврискиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со март се малку пониски од проектираните нето-приливи од приватните трансфери.
Остварениот економски раст во последниот квартал на 2023 година, како и за целата година, е под проектираниот, што упатува на посилно забавување на економскиот раст од очекуваното. Имено, реалниот раст на домашната економија во 2023 година изнесува 1%, при раст на БДП во четвртиот квартал од годината од 0,9% на годишна основа. Високофреквентните податоци за првиот квартал од 2024 година со кои се располага упатуваат на годишен раст кај индустриското производство и угостителството, при мал реален годишен пад на прометот во вкупната трговија и кај градежништвото. Сепак, расположливоста на податоците е ограничена и не е доволна за попрецизна оцена. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти.
Во монетарниот сектор, според првичните податоци за март 2024 година, депозитите растат со слична динамика како и претходниот месец, но малку посилно од очекувањата. Од друга страна, кредитната активност на банките умерено забавува, но годишниот раст е малку над проекциите за првиот квартал.
Сѐ на сѐ, амбиентот за водење на монетарната политика е умерено поповолен од очекувањата. Сепак, ризиците кај инфлацијата наметнуваат потреба од натамошно внимателно следење на динамиката и факторите на инфлацијата и претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата, вклучително и преку пазарот на труд каде што има високи стапки на реален раст на платите. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок, соопшти НБ.