Економија
Peugeot Sport доби еколошко признание со три ѕвезди од FIA

. Peugeot станува првиот производител на автомобили во WEC одборот, кој ја добил престижната еколошка оцена на FIA!
· Сите тимови на Stellantis Motorsport, кои напорно работеа на изработување на ефикасни стратегии за намалување на влијанијата врз животната средина.
· Оваа важна акредитација ја истакнува посветеноста на Peugeot за енергетска транзиција.
Исто како и Fédération internationale de l’Automobile (Меѓународната федерација на автомобили) (FIA), групацијата Stellantis работи напорно неколку години на глобалните влијанија врз животната средина. Како дел од оваа заложба, на Peugeot Sport му беше доделен еколошки сертификат со три ѕвездички од FIA: првиот производител на автомобили на светскиот шапионат на трките за издржливост на FIA кој го доби ова признание.
Еколошката акредитација со три ѕвезди ја доделува FIA на организации кои се залагаат за заштита на животната средина, намалување на емисијата на јаглерод и воспоставување одржливи практики во автомобилскиот свет. Ова признание доаѓа по ригорозниот процес на евалуација управуван од FIA, кој разгледува голем број различни критериуми. Најновата сертификација на Peugeot Sport е дел од целокупната глобална политика на групацијата Stellantis кога станува збор за енергетска транзиција.
Откако ја доби ‘Low Carbon Award’ („Наградата за ниска емисија на јаглероден диоксид“) на WEC минатата година, Peugeot Sport дополнително ја истакна важноста на развивање на своите еколошки иницијативи. Ова признание на FIA, совршено се вклопува во стратегијата на групацијата Stellantis за намалување на стакленичките гасови, утврдена во планот „Dare Forward“ кој има за цел да се постигне јаглеродна неутралност до 2038 година.
FIA го истакна воспоставувањето и спроведувањето на план за намалување на стакленички гасови, како и оптимално управување со потрошувачката на енергија и осветлувањето. Но, Stellantis Motorsport не застанува тука и веќе ја планира следната ревизија….
За да ги постигне своите цели, Stellantis Motorsport се ангажира со сите свои соработници да дискутираат и разменуваат идеи за климатските предизвици: што им помага на сите да разберат повеќе за нивното лично влијание и глобалното влијание на нивниот спорт. Свеста за овие работи е особено висока во мотоспортот, бидејќи спортот е на врвот кога станува збор за развој на добри практики и намалување на емисиите, како и еволуција на технологии насочени кон поодржлива мобилност.
Jean-Marc Finot – Stellantis Motorsport Senior VP
„По добивањето на оцената од FIA со три ѕвездички за нашата активност во 2023 година, наградата за ниска емисија на јаглерод за Peugeot Sport во WEC и наградата за одржливост на DMSB на Opel Corsa e-Rally Cup, денес се стекнуваме со уште едно важно еколошко признание што претставува гордост за целиот Stellantis Motorsport. Овие сертификати го нагласуваат нашиот ангажман и придонес во рамките на планот “Dare Forward” на Stellantis Group, каде што мотоспортот е истакнат момент. Сето ова е важно за нашите сегашни и идни партнери, кои се поистоветуваат со нашите напори со цел за подобрување на сопствените еколошки перформанси и обврски. Сите заедно го даваме нашиот придонес за развојот на безбедна и обновлива мобилност, поради што сме ù сите тука“.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,29 % во однос на одлуката од 10.03.2025 година.
Од 18.3.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 41,345 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,916 ден/кг и сега ќе изнесува 41,345 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,592%, кај дизелот намалувањето е во просек за 1,513%, кај екстра лесното масло намалувањето е за 1,550% и кај мазутот зголемувањето е за 0,172%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 2,5506%.
Економија
Мицкоски: Се работи на проекти во образованието вредни две милијарди денари

Во моментот имаме инвестициска активност од околу две милијарди денари за проекти во образованието, повеќе од 30 капитални инвестиции, седум комплетно нови училишни згради, дваесетина се реновираат, спортски сали во Струга и во Битола, отпочнуваме со спортските сали – Кисела Вода и Аеродром, во план е продолжување на проектот за реконструкција на универзитетите, односно зградите на факултетите ФИНКИ и ФФК, отпочнуваме со кампусот „Мајка Тереза“, изјави попладнево премиерот Христијан Мицкоски.
„Истовремено, ќе продолжи и инспекцискиот надзор на оние високообразовни институции, но и оние други образовни институции, што не ги исполнуваат стандардите. Ќе бидат опоменати. Доколку не преземат ништо во насока на исполнување на стандардите, ќе мора да бидат затворени“, рече премиерот.
Тој кажа дека децата треба да добијат европско знаење, а „тоа може да го даваат институции што ги почитуваат законите и што нудат таков тип на пренос на знаење“.
„Реформата во образованието е навистина опсежна. Оваа година, нешто што не е за фалење, учениците ги добија книгите на 1 септември. Исто ќе биде и во следната година. Ние пред 10 – 15 години зборувавме за компјутер за секое дете, денеска сме среќни ако секое дете има учебник. Но, за жал, имавме цунами седум години што и тоа не можеше да го направи онаа влада на СДСМ и ДУИ, па оваа влада мора буквално сите тие елементарни работи да ги прави“, додаде премиерот.
Економија
Перински во Студеничани: Инвестираме и во руралните средини – тие се еднакви по својата важност како и останатите

Во скопската општина Студеничани денеска започна реконструкцијата на 6,5 км долгиот локален пат Драчево – Мотел Китка, проект финансиран од првиот владин повик за финансиска поддршка на инфраструктурни општински проекти. На официјалниот почеток на градежните активности присуствуваа министерот за локална самоуправа, Златко Перински, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за транспорт, Александар Николоски, првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, заменик министерот за локална самоуправа, Ерџан Селими и Калтрина Зеколи Шаќири, заменик министер за транспорт.
Градоначалникот Азем Садики, појасни дека станува збор за пат долг 6,42 км, кој се протега од селото Црвена Вода до мотел Китка, а проектот предвидува негова целосна реконструкција и обнова со неопходната инфраструктура.
„Многу сум среќен што Владата продолжува да ги помага општините, особено руралните. Овој пат е многу битен за нашата општина, затоа што не само што ќе придонесе за побрз, полесен и побезбеден транспорт за жителите во планинските села, туку ќе создаде услови за поттикнување и развој на туризмот и за инвестирање во скопската околина со оглед на близината и убавината на Китка“, истакна Садики.
Министерот Перински порача дека проектот е доказ за посветеноста на Владата да инвестира во подобрување на инфраструктурата во сите општини и региони.
„За оваа Влада не постојат заборавени општини, помагаме онаму каде што е најпотребно, а тоа се руралните средини со сите предизвици коишто ги имаат во дел на капиталните инвестиции. Радоста на мештаните којашто ја видовме денеска е доказ дека Владата трасира пат којшто се темели исклучиво на потребите на граѓаните и во таа насока ќе продолжиме за да го подигнеме квалитетот на живот на сите граѓани на цела територија на Македонија“, истакна Перински, кој како дел од теренските посети „Каде што срцето е дома“, претходно со неговиот заменик, Селими, одржаа работна средба со градоначалникот, членовите на општинскиот Совет и претставници на администрацијата на која разговараа за актуелните состојби во општината.
Поддршка на сите општини и во периодот што следи најави и премиерот Мицкоски, кој истакна дека Владата ќе продолжи да инвестира во проекти кои ќе значат поквалитетен, покомфорен и поубав живот, независно од политичката определба на градоначалниците.
„Немаме намера да заборавиме ниту едно место на целата територијата на Македонија, ќе инвестираме секаде. Тоа го правиме веќе девет месеци, покажуваме еден поинаков начин на функционирање на Влада. Ќе продолжиме така и во иднина, бидејќи граѓанинот, Македонецот, Албанецот, Турчинот, Србинот, Ромот, Бошњакот, Влавот и сите останати, се центарот на нашето внимание и сите ние заедно ќе работиме за нивно подобро утре“, порача премиерот Мицкоски.
„Евидентна е разликата од начинот на функционирање на оваа Влада“, оцени првиот вицепремиер и министер за животна средина, Меџити.
Министерот за транспорт, Николоски, информираше дека во моментов во село Студеничани привршува и реконструкција на локален пат долг 840 метри, а во тек е тендерска постапка за изградба на нов пат во Моране, проекти со кои дополнително се дава поддршка за подобрување на инфраструктурата во оваа општина.