Економија
Правилната финансиска едукација за деца создава одговорни идни генерации – Прва финансиска лекција за деца на Халкбанк
Со новата кампања „Прва финансиска лекција за деца“, Халкбанк овојпат ја потенцира важноста на финансиската писменост уште од најрана возраст, и преку брендот Халки за детско штедење, таа продолжува да инвестира во едукација на најмладите, поттикнувајќи ги да градат корисни финансиски навики.
Кампањата се темели на идејата дека првите лекции за парите се најважни. Штедењето, планирањето и одговорното користење на средствата не се вештини што треба да се учат кога ќе заработи правата плата или хонорар, туку навики што се градат од мали нозе, преку практични совети и реални ситуации.
„Веруваме дека финансиската писменост започнува од најрана возраст и дека токму тогаш се поставуваат темелите за одговорно однесување со парите. Преку Халки сакаме да им дадеме на децата можност да имаат финансиска слобода, но и да ги научиме дека секоја слобода доаѓа со одговорност. Нашата цел не е само да понудиме производ, туку да придонесеме кон создавање генерации кои знаат да планираат, штедат и носат паметни финансиски одлуки“, велат од Халкбанк. Платформата на Халки е конципирана како комплетен пакет услуги кои се прилагодени на потребите на децата и нивните родители. Дел од истата е и Халки картичката наменета за деца од 9 до 15 години, која претставува практична алатка преку која децата можат да ги направат своите први чекори во управувањето со пари, додека родителите преку своето м-банкарство, имаат целосен пристап, увид и контрола врз нивните финансиски активности. На овој начин, финансиската едукација станува дел од секојдневието, а учењето природен процес.
Халкбанк преку повеќе, различни активности работи на финансиска едукација на децата и младите. Банката го издаде првиот Буквар за финансиска писменост за деца, а организираше и повеќе креативни работилници преку кои децата учат за придобивките од штедењето. Со новата кампања „Прва финансиска лекција за деца“, Халкбанк уште еднаш ја потврди својата посветеност кон заедницата и вложувањето во идните генерации, креирајќи вредности што имаат долгорочно значење.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Халкбанк“ ја проширува понудата со услуга за инвестирање на странски пазари
Следејќи ги современите трендови во финансискиот сектор и растечките потреби на клиентите за поголема диверзификација и пристап до глобални инвестициски можности, Халкбанк АД Скопје ја проширува својата понуда со нова услуга, инвестирање во хартии од вредност на странски пазари.
Новата услуга претставува уникатна можност на домашниот пазар, клиентите преку една доверлива институција да добијат интегриран пристап до локални, регионални и глобални пазари на капитал, со поддршка, сигурност и експертиза што ги нуди Халкбанк.
Со воведувањето на оваа услуга, покрај веќе постоечката можност за тргување на Македонска берза, како и останатите банкарски и инвестициски услуги, клиентите ќе можат да инвестираат и во различни видови хартии од вредност на странски пазари, вклучително купопродажба на акции на глобално препознатливи компании, удели во ETFs (Exchange Traded Funds), како и други финансиски инструменти достапни на меѓународните берзи.
Дополнително, клиентите добиваат можност и за инвестирање во должнички хартии од вредност на странски пазари, меѓу кои државни обврзници, корпоративни обврзници и еврообврзници (EUROBONDS), што овозможува креирање на диверзифицирани инвестициски портфолија согласно различните инвестициски профили и стратегии на клиентите.
Тргувањето ќе се одвива на најразвиените светски пазари, вклучувајќи ги САД, Канада, Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Швајцарија, Холандија, Белгија, Данска, Ирска, Шведска, Норвешка, Финска, Австрија, Шпанија, Португалија, Полска, Чешка, Унгарија, Романија, Хрватска и Словенија.
Во време кога инвестирањето станува сè поважен дел од личното и корпоративното финансиско планирање, Халкбанк продолжува да гради современ финансиски екосистем, создаден според потребите на клиентите и насочен кон долгорочен раст и финансиска стабилност.
За повеќе информации за услугата, условите и начинот на инвестирање, заинтересираните клиенти можат да се обратат во најблиската филијала на Халкбанк или да ја посетат официјалната веб-страница на банката.
ПР
Економија
Билатерална средба на македонската и хрватската Царина: „Ќе оставиме видлив белег во реформите за забрзана ЕУ интеграција“
Постигнатиот напредок во спроведување на реформите во областа на Царинската унија, борбата со организираниот криминал, регионалната соработка и зголемување на економскиот раст, ја покажува нашата силна посветеност во процесот на забрзана интеграција во ЕУ и Република Хрватска цврсто нѐ поддржува во евроинтегративните процеси. Започнува нов циклус на соработка, при што Царинската управа на Република Хрватска на експертско ниво ќе ги пренесе своите искуства. Ова е заклучокот од денешната билатерална средба на високо ниво остварена помеѓу директорот на Царинска управа, Бобан Николовски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со директорот на Царинска управа на Република Хрватска Марио Демировиќ.
Директорот на Царинска управа на Хрватска Марио Демировиќ нагласи дека Македонија е дел од геосемејството на Хрватска со која таа дели цврста емотивна врска.
„Отпочнуваме нов циклус на соработка, при што нашата интенција е да оставиме видлив белег позади себе. Покрај нашите искуства во примена на најдобрите практики во реформските процеси во областа на Царинската унија која е основата во евроинтегративните процеси, ќе понудиме и поддршка на македонското стопанство“, вели Демировиќ.
На билатералната средба директорот Николовски истакна дека на Хрватска гледаме како на значаен партнер и нивните искуства сe од исклучително значење во ефективна примена на новиот Царински закон на кој работиме во моментов, имплементацијата на систем за следење на тутунски добра, размена на податоци со УЈП како суштински за сузбивање на сивата економија како и за зајакнување на оперативните механизми.
„Нотираниот напредок во спроведување на реформите, зголемената наплата на приходи која годинава заклучно со април бележи зголемување од 26,5 милиони евра во однос на лани, зголемениот број на поднесени кривични пријави – заклучно со април се поднесени 69 кривични против 257 физички и 77 правни лица, се јасен доказ за нашата цврста посветеност во евроинтегративните процеси. Царинската управа е меѓу најдобрите топ реформатори коишто овозможуваат подобрување на условите за водење бизнис и зајакнување на конкурентноста на македонската економија“, истакна директорот Николовски, и додаде дека согласно договореното на последниот состанок одржан во Хрватска се очекува интензивирање на оперативната соработка.
Министерката Гордана Димитриеска-Кочоска потенцира дека денешната дискусија е од особено значење, особено во контекст на евроинтегративниот процес и потребата од понатамошна модернизација и усогласување на царинските системи со европските стандарди.
„Министерството за финансии останува силно посветено на поддршката на реформите што значат поефикасни институции, поголема транспарентност и унапредување на системите кои придонесуваат за подобра наплата на приходите и посигурно економско окружување. Во таа насока, особено ја цениме подготвеноста на Република Хрватска за споделување искуства и добри практики, имајќи го предвид нејзиното значајно искуство во процесот на интеграција во Европската Унија и имплементацијата на европските стандарди во царинското работење“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Економија
ТАВ Македонија: Рекорден 32,4% пораст на бројот на патници во првите 4 месеци – опслужени 1,2 милиони лица
Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, управувани од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на групацијата ADP, ги завршија првите 4 месеци од 2026 година, со силен, рекорден пораст на бројот на патници од 32,4%, опслужувајќи вкупно 1,2 милиони патници (1.202.828), информираат од таму.
Во истиот период, јануари-април, двата македонски аеродрома, според соопштеното, опслужиле вкупно 8.123 летови, што е, годишно зголемување од 10,7%.
„ТАВ Македонија продолжува да бележи рекордно двоцифрено зголемување на патничкиот сообраќај. Во првите четири месеци од оваа година опслуживме вкупно 1,2 милиони патници на двата македонски аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, што е висок пораст од рекордни 32,4% и ќе нè рангира меѓу најбрзо растечките аеродроми во Европа и во светот. Меѓународниот Совет на Аеродроми-Европа (Airports Council International-Europe) веќе нè рангираше меѓу најбрзо растечките аеродроми како земја која не е членка на ЕУ врз основа на јануарските бројки за авиосообраќај. Среќни сме што силниот, рекорден пораст продолжува, и покрај глобалните геополитички предизвици и енергетската криза. Ова не е случајност, туку директен резултат на нашата силна посветеност и континуирани напори, заедно со Владата, за проширување на мрежата на авиолинии од двата македонски аеродрома. Оваа година, досега, отворивме 5 нови дестинации, додека во наредниот период ќе отвориме дополнителни 7 нови дестинации, од двата аеродрома, со што годинава ќе имаме вкупно 12 нови дестинации. Со ова, очекуваме порастот на патници да продолжи до крајот на годината, создавајќи силна основа за стабилен пораст во наредните години“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Како што нагласи тој, покрај проширувањето на мрежата на авиолинии и порастот на воздушниот сообраќај, ТАВ Македонија ќе остане фокусирана на подобрување на квалитетот на услугите на аеродромот, обезбедувајќи одлично искуство за клиентите – и за авиокомпаниите и за патниците.
Во рамките на летниот распоред на летaње, кој почна на крајот на март и завршува на крајот на октомври, 15 авиокомпании летаат до 54 дестинации од скопскиот аеродром, вклучувајќи ги редовните летови преку целата година и сезонските летови, додека во исто време 7 авиокомпании летаат до 24 чартер дестинации, што значи вкупно 78 дестинации од аеродромот во македонскиот главен град.
По отворањето на новите авиолинии до Будимпешта и Неапол од скопскиот аеродром, во јуни и јули ќе почнат летови до Трабзон (чартер), Самсун (чартер), како и до Палермо и до Алгеро.
Од охридскиот аеродром, со летниот распоред на летање, 8 авиокомпании летаат до 17 дестинации, од кои 14 се редовни дестинации преку целата година и сезонски дестинации, додека три се чартер-летови.
По отпочнувањето на новите летови од Охрид до Братислава, Милано и Штутгарт, во јуни ќе се отворат и новите линии до Вроцлав и Катовице, а од 21 јуни, Аустриан ерлајнс има најавено дека ќе почне да лета од Охрид до Виена.
