Контакт

Економија

Советот на Народната банка ги усвои Годишниот извештај и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем за 2025 година

Објавено пред

Советот на Народната банка, на редовната седница, ги усвои Годишниот извештај за 2025 година и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во 2025 година, при што беше оценето дека централната банка успешно ги остварувала своите цели во текот на годината, придонесувајќи за одржување на ценовната и финансиската стабилност.

Во Годишниот извештај се истакнува дека 2025-тата година беше обележана со сложено и неизвесно надворешно окружување, додека сè уште постојат геополитички ризици и ценовни притисоци. Оттука, Народната банка водеше претпазлива и конзистентна монетарна политика, со што се придонесе за стабилизирање на инфлацијата и зачувување на довербата во домашната валута. По умереното нормализирање на монетарната политика, на самиот почеток на 2025 година, основната каматна стапка беше непроменета во ефективна смисла до крајот на годината. Претпазливата монетарна поставеност беше дополнително поддржана и со промените кај задолжителната резерва, како и со затегнувањето во делот на макропрудентните инструменти. Кон крајот на 2025 година, Народната банка премина и кон нова оперативна монетарна рамка, заради поголема усогласеност со меѓународните практики и подобро испраќање на сигналите на монетарната политика, без притоа да се промени поставеноста на монетарната политика. Ваквата поставеност на политиката, односно нивото на каматните стапки, заедно со промените кај другите инструменти, придонесуваат за стабилност на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за ценовна стабилност на среден рок.

Како значаен стратегиски исчекор во текот на годината се издвојува приклучувањето на земјава кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како и започнувањето на подготовките за воведување инстант плаќања, со што дополнително се унапредува платежната инфраструктура и се зајакнува финансиската интеграција со Европската Унија.

Во рамките на Годишниот извештај е даден осврт на извршувањето на Програмата за работа на Народната банка, при што е оценето дека во текот на 2025 година успешно се остварени програмските активности. Покрај редовните процеси, се остварија и повеќе развојни проекти коишто овозможуваат воведување промени во работењето, со што е постигнат баланс помеѓу стабилноста, модернизацијата и интеграцијата.

Советот заклучи дека банкарскиот систем и натаму е стабилен и отпорен. Според Извештајот за ризиците во банкарскиот систем, во 2025 година, беше остварен солиден раст на банкарските активности, при засилена кредитна поддршка на економијата и стабилна депозитна база.

Показателите за стабилноста на банкарскиот систем се поволни – капиталната позиција е дополнително зајакната, ликвидноста е на задоволително ниво, а квалитетот на кредитното портфолио е подобрен, при што стапката на нефункционални кредити се намали на историски најниското ниво од 2%.

Истовремено, стрес-тестовите укажуваат на добар капацитет на банкарскиот систем за справување со потенцијални шокови, што ја потврдува неговата отпорност и стабилност.

И покрај позитивните движења, во Извештајот се наведува дека ризиците од надворешното окружување и натаму постојат, особено во услови на изразени геополитички тензии и неизвесност на светските пазари, при што се нагласува потребата од внимателно следење на состојбите и водење претпазливи политики за одржување на макроекономската и финансиската стабилност.

На седницата, Советот донесе измена на Одлуката за задолжителна резерва, со којашто од обврската за задолжителна резерва се исклучуваат новодоговорените обврски на банките кон нерезидентите во странска валута со договорна рочност над две години. Мерката има привремен карактер, со важност од две години, а е насочена кон поттикнување влез на долгорочен капитал од странство, како дополнителна поддршка за монетарната политика во услови на светска неизвесност.

На седницата, Советот разгледа и други материјали поврзани со тековното работење на Народната банка.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија

Божиновска на средба во Атина со колегите од регионот: Со заеднички напори ќе градиме интегриран и силен енергетски систем

Објавено пред

Од

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска денеска учествуваше на заедничката министерска средба со министрите за енергетика на Република Грција, Република Србија и Република Бугарија, Ставрос Папаставру, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ и заменик-министерот Кирил Темелков, којашто се одржа во Атина, Грција. Станува збор за средба која е единствена во ваков формат, а која е фокусирана на регионалното енергетско поврзување и зацврстување на соработката меѓу земјите од регионот на полето на енергетиката.

Министрите ја нагласија потребата од понатамошна меѓусебна соработка во регионот како катализатор на инфраструктурните развојни планови , пазарната интеграција во делот на гас и електрична енергија, флексибилноста и сигурноста во снабдувањето. Се разговараше на техничко ниво со владините претставници и систем операторите за гас и електрична енергија. Беше потенцирана одличната соработка помеѓу систем операторите на четирите земји , со дополнително барање да се интензивираат нивните контакти и продлабочи нивната соработка во понатамошниот период.

На крајот од состанокот во духот на понатамошна соработка беше договорено да се прошират работните групи со Србија и Македонија со цел да работат поефективно во насока на градење поврзана, поотпорна, одржлива регионална енергетска рамка, усогласена со целите на Европската енергетска унија.

При тоа, министерката Божиновска ја истакна важноста и потребата од координација во однос на инфраструктурата, пазарите и политиките, оценувајќи ја како клучна за изградба на поотпорен и поконкурентен енергетски систем во Југоисточна Европа.

„Денешната дискусија доаѓа во важен момент за нашиот регион. Југоисточна Европа се наоѓа во сложена енергетска транзиција, каде што сигурноста на снабдувањето, интеграцијата на пазарите и декарбонизацијата мора да напредуваат заедно. Македонија целосно ја споделува оваа визија. Ние сме посветени на зајакнување на енергетската безбедност преку диверзификација, забрзување на интеграцијата на обновливите извори на енергија и усогласување со внатрешниот енергетски пазар на ЕУ“, нагласи министерката Божиновска на средбата со колегите од регионот, додавајќи дека ниту една земја не може сама да се справи со овие предизвици.

Прикажи повеќе...

Економија

Дурмиши: Со новите мерки обезбедуваме директна поддршка за малите бизниси, занаетчиите и преработувачката индустрија

Објавено пред

Министерството за економија и труд денеска објави Јавен повик за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија и занаетчии, во рамки на Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста за 2026 година.

За реализација на оваа мерка се обезбедени 11,34 милиони денари, а поддршката ќе се реализира преку кофинансирање на 40 проценти од докажаните трошоци за набавка на нови машини и алати, но не повеќе од 200 илјади денари по барател.

„Со оваа мерка директно им помагаме на домашните компании и занаетчии да инвестираат во модернизација, нова опрема и зголемување на продуктивноста. Нашата цел е да создадеме поконкурентна домашна економија и да обезбедиме реална поддршка за малите бизниси, кои се двигател на економскиот раст“, соопшти министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Право на учество на јавниот повик имаат микро, мали и средни претпријатија со мнозински домашен капитал, како и занаетчии регистрирани согласно Законот за занаетчиство.

Поддршката се однесува на трошоци направени во текот на 2025 и 2026 година, а сите апликанти кои ќе ги исполнат условите утврдени во јавниот повик ќе бидат опфатени со мерката.

Министерството за економија и труд најави и два нови јавни повици во рамки на Програмата за поддршка на преработувачката индустрија и општествена одговорност за 2026 година.

Првиот повик се однесува на надоместување на дел од трошоците за воведување и сертификација на стандарди во преработувачката индустрија, за што се обезбедени 2 милиони денари. Компаниите ќе можат да добијат кофинансирање до 70 проценти од трошоците, но не повеќе од 200 илјади денари.

„Преку воведување меѓународни стандарди им помагаме на компаниите полесно да се позиционираат на странските пазари, да ја зголемат конкурентноста и да станат дел од глобалните синџири на добавувачи“, истакна Дурмиши.

Вториот јавен повик е наменет за зајакнување на соработката помеѓу компаниите од преработувачката индустрија и универзитетите преку реализација на заеднички проекти. За оваа мерка се предвидени 5 милиони денари, а кофинансирањето ќе изнесува до 70 проценти од трошоците, но не повеќе од 500 илјади денари по проект.

„Инвестицијата во знаење, истражување, иновации и соработка меѓу бизнисот и академската заедница е клучна за технолошки развој, зелена и дигитална транзиција и создавање производи со повисока додадена вредност“, соопшти министерот Дурмиши.

Прикажи повеќе...

Економија

Божиновска на Energy Transition Summit во Атина: Посветени сме на заложбите за кредибилен партнер во Европската енергетска интеграција

Објавено пред

Од

Посветени сме да бидеме конструктивен регионален партнер, кредибилен учесник во европската енергетска интеграција, земја која придонесува за постабилна, побезбедна и поодржлива Југоисточна Европа, изјави денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, говорејќи на Министерскиот панел: “Delivering 2030 – Leadership commitments for the East Med transition”, во рамките на дводневниот „Energy Transition Summit: East Med and Southeastern Europe“, кој се одржува во Атина, Грција.

На Самитот, којшто е во организација на Financial Times и Катимерини, учествуваат високи владини претставници од регионот, како и претставници на бизнис и финансискиот сектор на регионално ниво.

Министерката Божиновска, во својот говор се осврна на важноста од регионалното енергетско поврзување:

„Во изминатите неколку години многу јасно се покажа дека ниту една земја во нашиот регион не може сама да изгради енергетска безбедност, и дека ниту една транзиција не може да успее ако не е сигурна, достапна по цена и погодна за инвестиции. За мојата земја ова е прашање на енергетска безбедност, економска конкурентност и социјална стабилност. Затоа, за нас остварувањето на целите за 2030 значи три работи: изградба на регионална интерконекција како безбедносна инфраструктура, интеграција на обновливите извори преку мрежи, складирање и балансирање, и одржување на транзицијата достапна, социјално праведна и привлечна за инвестиции“, рече министерката Божиновска.

Набројувајќи ги постигнувањата на нашата земја на полето на енергетиката, министерката Божиновска потенцираше дека нашата цел е географската позиција на земјата да се претвори во предност.

„Гасниот интерконектор со Грција е клучен пример. Со почетен капацитет од 1,2 милијарди кубни метри годишно и можност за проширување до 2,8 милијарди кубни метри, тој ја менува нашата позиција од енергетска крајна точка во дел од регионален коридор. Ова е важно затоа што диверзификацијата денес не значи само повеќе снабдувачи. Таа значи повеќе рути, поголема флексибилност и поголема отпорност.

Преку поврзувањето со Грција, нашата земја го зајакнува пристапот до регионалните гасни текови, вклучително и LNG инфраструктурата. Планираната интерконекција со Србија е следниот чекор кон посилна север-југ енергетска поврзаност во Југоисточна Европа. Нашата позиција е јасна: интерконекторите се инструменти на регионална стабилност, енергетска дипломатија и долгорочна отпорност“, нагласи министерката Божиновска на Министерскиот панел: “Delivering 2030 – Leadership commitments for the East Med transition”, во рамките на „Energy Transition Summit: East Med and Southeastern Europe“.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет3 часа

„Њујорк пост“: Американскиот персонал не дозволил никакви кинески предмети да се внесат во авионот на Трамп

Дописничката на „Њујорк пост“ од Белата куќа, Емили Гудин, денес изјави дека американскиот персонал не дозволил никакви кинески предмети да...

Свет3 часа

СЗО: Лицето од САД негативно на хантавирус, бројот на случаи во светот е намален на десет

Директорката на Одделот за подготвеност и превенција на епидемии и пандемии при Светската здравствена организација (СЗО), Марија ван Керхове, денес...

Свет4 часа

Аракчи: Иран секогаш ќе биде чувар на безбедноста во Ормускиот теснец

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, денес изјави дека Иран секогаш ќе биде чувар на безбедноста во Ормускиот теснец....

Свет4 часа

Стармер: Ќе го спречиме секој што се обидува да шири омраза и поделби во Британија

Британските власти им забранија на 11 странски крајнодесничарски активисти влез во земјата пред митингот на поддржувачите на Томи Робинсон, додека...

Свет4 часа

Трамп: Само САД и Кина можат да пристапат до иранскиот ураниум

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави по враќањето од Пекинг дека само САД и Кина можат да дојдат до иранскиот ураниум...

Свет4 часа

Израел го нападна водачот на Хамас, Иза ал-Дин ал-Хадад

И покрај кревкото примирје во Газа, постигнато со посредство на САД, Израел изврши напад насочен кон врвниот воен лидер на...

Свет5 часа

Германија: Истекоа токсични хемикалии во фабрика, има повредени работници

Во несреќа што се случи денес во индустриски погон во Нирнберг, повредени се 30 лица, од кои две се во...

Македонија5 часа

„Вреди“: Се враќа целосната функционалност на Комисијата за односи меѓу заедниците, нов чекор за зајакнување на Охридскиот рамковен договор

Со години, Комисијата за односи меѓу заедниците беше ставена на маргините, оценуваат од „Вреди“. „Беше де факто ослабена од политиките...

Свет6 часа

Премиерот на Полска: Откажувањето на пристигнувањето на американските војници нема да влијае на нашата безбедност

Полскиот премиер Доналд Туск денес изјави дека ненадејното откажување на трансферот на 4.000 американски војници во Полска нема да влијае...