Свет
Аргентина на чекор до втор банкрот за 12 години
Повеќечасовните преговори помеѓу претставниците на Аргентина и инвестициските фондови во вторникот не доведоа до решение на проблемот со отплата на долговите, изјави арентинскиот министер за економија, Аксел Кисилоф, на само еден ден пред можен банкрот на државата.
Со посредство на Даниел Полак, судски овластен медијатор, во вторникот претставници на Аргентина и на инвестициските фондови во Њујорк прв пат разговараа „очи во очи“. И покрај искрената размена на мислење и на загриженост, напредок во преговорите не е постигнат, порачано е по состанокот.
Не е сигурно дали двете страни во среда ќе ги продолжат преговорите, а доколку до тоа не дојде, Аргентина во четвртокот би можела да банкротира, втор пат за 12 години.
Третата по големина јужноамериканска економија веќе со години се бори со инвестициските фондови кои по банкротот на Аргентина во 2002 година, евтино купија нејзини обврзници, а потоа одбија да ги реструктуираат долговите, барајќи од државата целосно да ги исплати.
По изгубените бројни судски парници на судовите во САД, на Аргентина и се доближува рокот да постапи по пресуда на американскиот окружен судија Томас Грис од 2012 година, според која на фондовите би требала да им исплати 1,33 милијарди долари плус камати.
Доколку не се постигне договор во преговорите, американскиот суд ќе ја спречи Аргентина да ги исплати обврзниците кои доспеваат на наплата на 30 јули, што би предизвикало нов банкрот на земјата.
На Аргентина и преостануваат малку опции. Може да ги исплати фондовите, да ги прекине преговорите или да го уверија судијата Грис да ја одложи или повлечи одлуката за рокот, што веќе еднаш го одби.
Преостаната можност е фондовите да побараат од судот поместување на рокот. Според некои извори, група аргентински банки понуди гаранција од 250 милиони долари на инвестициските фондови за да тие побараат одложување на рокот.
За разлика од должничката криза во 2002 година, кога Аргентина беше без пари и не можеше да ги плати ниту државните службеници, денес е солвентна. Но, американскиот суд би можел да ја спречи да ги исполни своите обврски по обврзниците се додека трае битката со фондовите.
Аргентинската влада тврди дека со договор, каков што го бараат фондовите, би се прекршила така наречената RUFO клаузула која ја спречува доброволно да им понуди подобри услови на инвеститорите од оние што им ги даде во 2005 и 2010 година, во замена со обврзници кои ги прифатија над 90 отсто од кредиторите.
Тогаш кредиторите во замена се согласија на исплата на една третина од оригиналнат авредност на обврзниците. RUFO клаузулата е на сила до 31 декември оваа година.
Дел од кредиторите го повикаа американскиот судија да ја повлече својатра пресуда и најација дека ќе се откажат од RUFO клаузулата за да и ја олеснат позицијата на Аргентина.
Во случај ниту една страна да не попушти, Аргентина ќе банкротира до 31 јули. Иако има доволно средства за исплата на долгови во странска валута, вредни 35 милијарди долари, поради судската пресуда владата нема да може да ги исплати кредиторите надвор од државата.
Можниот банкрот, сепак, нема да предизвика бура на меѓунаордните финансиски пазари, каква што предизвика пред неколку години ризикот од банкрот на Грција. Аргентина, имено, со години е исклучена од финансиските пазари. Сепак, банкротот би предизвикал големи проблеми во самата Аргентина, која долго се бори со рецесија, слаба валута, пад на девизните резерви и со една од најголемите инфлации на светот. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
РЕ-Ново
Жена лажирала дури 17 бремености во текот на 24 години, добила 100.000 евра
Италијанка завршила во затвор бидејќи лажирала дури 17 бремености во текот на 24 години за да добие речиси 100.000 евра породилни надоместоци.
Барбара Џоел (50) излажала дека родила пет деца и направила уште 12 спонтани абортуси, а за да успее измамата, носела перници под кошулата за да изгледа како да има труднички стомак, пренесува „Јутарњи лист“.
Го лажирала и начинот на кој оди за да изгледа како да носи дете, а со тоа акумулирала значителен број слободни денови од работа. Џоел ги отфрли сите обвинувања и продолжува да тврди дека нејзините пет деца навистина постојат и дека сите нејзини бремености, вклучително и спонтани абортуси, биле реални.
Џоел тврдеше дека го родила своето последно дете во декември, но полицајците рекоа дека ја набљудувале претходните девет месеци и дека целата бременост била лажна. Таа е обвинета и за кражба на изводи од матичната книга на родените и други документи од клиника во Рим, пренесува италијанскиот весник „Ил Матино“.
Со ваков вид измама се занимава од 2000 година и на тој начин обезбедила бенефиции од над 94.000 евра. Дејвид Пичинато, 55-годишниот партнер на Џоел, наводно ѝ кажал на полицијата сè, а за време на испрашувањето рекол дека „добро знаел“ дека таа никогаш не била бремена.
Се верува дека сведочел против Барбара за да добие помала казна, иако и самиот бил обвинет за помагање во нејзината измама.
„Направила лажни сертификати и ги донела“, наводно им рекол Пичинато на истражителите. „Тоа го знам од 2012 година, односно од почетокот на нашата врска. Џоел беше осудена на една година и шест месеци затвор, но не се појави на изрекувањето на пресудата. Нејзиниот адвокат наводно покажал две потврди, кои потврдуваат дека е болна.
Економија
Еврото го слави својот 25-ти роденден: Треба да се воведе во дигиталната ера
Неопходно е еврото да се внесе во дигиталната ера и да се изгради унија на пазарот на капитал и посилна банкарска унија, најавија европските лидери во пресрет на 25-годишнината на европската валута.
Еврото стапи на сила пред 25 години, на 1 јануари 1999 година, а денес е валута на дваесет земји со 350 милиони жители, од кои Хрватска стана последна членка на почетокот на оваа година.
Претседателот на Еврогрупата Пашал Донохое, претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард, претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја одбележаа таа годишнина со заедничка напис објавен на веб-страницата на ЕЦБ.
„Заедничката валута го олесни животот“
Во написот објавен вчера, тие пишуваат дека заедничката валута ѝ даде на Европската унија „едноставност, стабилност и суверенитет“ и го олесни животот на европските граѓани кои сега можат лесно да ги споредуваат цените, трговијата и патувањето.
Со текот на годините, еврото се соочуваше со големи предизвици, вклучително и прашања за неговото опстанок, пишуваат европските лидери, нагласувајќи дека „секогаш ќе се најдат вистинските одговори“, како што е усогласениот систем на супервизија на банките по големата криза во 2008 година.
„Денес поддршката за заедничката валута меѓу граѓаните на еврозоната се приближува до рекордни нивоа“, посочија тие, предупредувајќи дека работата „не е завршена“ бидејќи Европа се соочува со нови предизвици со кои поединечни држави не можат да се справат сами.
Унијата се соочува со растечки геополитички тензии, првенствено руската „илегална војна“ против Украина, забрзана климатска криза и невидени предизвици за европската конкурентност од другите делови на светот.
Затоа, прашањата како одбраната, зелената и дигиталната транзиција ќе бидат клучни во иднина. Само за декарбонизација на економиите ќе бидат потребни 620 милијарди евра годишно до 2030 година, предупредија тие.
ЕУ мора да изгради вистинска унија на пазарите на капитал за да ги „мобилизира приватните финансии“, да ја зајакне банкарската унија и да ги реформира фискалните правила. Еврото треба да влезе во „дигиталната ера“ и мора да се подготват темелите за потенцијално „дигитално евро“ кое ќе биде комплементарно на готовината.
Лидерите предупредуваат дека „со неколку земји кои моментално се во процес на пристапување во ЕУ“, алијансата мора да го задржи капацитетот да „дејствува решително“.
„Проширувањето и продлабочувањето меѓусебно не се исклучуваат. Но, проширувањето може да бара промени во организацијата на ЕУ“, се заклучува во написот.
Свет
Убиени 41 член од исто семејство во Газа
Министерството за здравство во Појасот Газа соопшти дека 41 член на исто семејство загинале во израелското бомбардирање на нивната куќа во централниот дел на градот Газа.
Министерството објави список со имињата на 41 член на семејството Малка, од кои сите загинаа во нападот што се случи во зори во населбата Зајтун во Појасот Газа, пренесува AFP.
На ова следуваа реакциите на корисниците на социјалните мрежи на веста за смртта на толку голем број членови на исто семејство, кои споделија список со имињата на загинатите, како што наведоа.
Тие ги осудија злосторствата на окупацијата со која беа истребени цели семејства и избришани од матичната евиденција, наведуваат некои од нив во своите објави.