Економија
Трипуновски: Бележиме раст во производството на кравјо и овчо млеко во 2025
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, денеска од Прилеп истакна дека според податоците на Државниот завод за статистика во 2025 година се произведени 290 илјади литри кравјо млеко, што е за 2,7% повеќе од 2024 година.
„Во делот на овчото млеко, произведени се околу 27.000 литри што е за 4% повеќе во однос на 2024 година. Согласно податоците на ДЗС кај козјото млеко има мал пад. Во делот на производството на јајца имаме зголемување во однос на 2024 година“, појасни министерот.
„Не секогаш бројот на грлата треба да ја прати продукцијата, понекогаш може да се зголеми продукцијата иако има стагнација на бројната состојба бидејќи можеби се работело на генетскиот потенцијал во делот на сточниот фонд, исхрана“, посочи тој.
Министерот додаде дека ќе се работи за во тековната 2026 година да има повеќе задржани женски јагниња односно зголемување на бројната состојба на овците во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Нафтата над 102 долари: стравот од блокадата врз Иран го тресе пазарот
Цените на нафтата денеска пораснаа на меѓународните пазари и се приближија до 102 долари по барел, поради стравувањата на инвеститорите дека американската поморска блокада врз Иран дополнително ќе ги намали испораките од регионот на Персискиот Залив.
На лондонскиот пазар цената на барелот попладне достигна 101,85 долари, што е зголемување од 6,65 долари во однос на затворањето на крајот од минатата недела. На американскиот пазар, барелот поскапе за 6,07 долари и достигна цена од 102,64 долари.
Пазарите на почетокот на неделата беа потресени од најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување поморска блокада на Иран, поради незадоволството од позицијата на Техеран во преговорите во Исламабад.
САД се залагаа за итно отворање на Ормуски теснец, но Иран инсистирал на прекин на огнот на сите фронтови, вклучително и во Либан, како и на одмрзнување на својот имот.
По објавата на примирјето меѓу САД и Иран во средината на минатата недела, Израел повторно изведе воздушни напади врз Либан, при што загинаа повеќе од 300 луѓе.
По заминувањето на американските преговарачи од Исламабад, предводени од потпретседателот Џејмс Дејвид Венс, Трамп најави блокада на влезот во Ормускиот теснец, додавајќи дека американската морнарица ќе ги запира сите бродови што платиле транзитна такса на иранските власти.
Американската морнарица за Ројтерс појасни дека блокадата ќе биде воспоставена во Оманскиот Залив и во Арапското Море, источно од теснецот, при што првично беше наведено дека ќе се запираат сите бродови, а подоцна дека ќе се блокираат само оние со ирански пратки.
Вашингтон на тој начин сигнализира дополнителна ескалација на конфликтот, кој веќе сериозно ги намали испораките на нафта од регионот.
Техеран возврати дека американската блокада претставува „пиратство“ и предупреди дека, доколку иранските пристаништа бидат загрозени, нема да бидат безбедни ниту пристаништата во Персискиот и Оманскиот Залив.
Од почетокот на март, Иран извезол околу 58,75 милиони барели нафта, според податоците на порталот Windward.
Одделни пресметки на ОПЕК покажуваат дека цената на барелот од кошницата на нејзините членки во петокот изнесувала 105,28 долари, што е намалување за два долари.
Економија
УЈП со План за подобрување на усогласеноста: целта е да се влијае врз однесувањето на даночните обврзници
Управата за јавни приходи донесе План за подобрување на усогласеноста – Неформална економија 2026 – 2027, како стратешки документ кој произлегува од современиот концепт на управување со ризиците на усогласеност.
Овој концепт,како што појаснуваат, претставува модерна филозофија на работењето на даночните администрации, која вклучува препознавање на ризиците за неусогласеност и нивно навремено адресирање преку комбинација од превенција, советување и поддршка, таргетирани контроли и системски мерки.
Целта е, велат од УЈП, да се влијае врз однесувањето на даночните обврзници и да се поттикне доброволна и трајна усогласеност со законските обврски.
Планот претставува континуитет на активностите што УЈП ги спроведуваше во текот на 2025 година за сузбивање на неформалната економија, со дополнително унапредување и проширување на пристапот.
Фокусот и во следниот период останува на угостителството, трговијата на мало и одредени услужни дејности, каде што постои поголем ризик од неевидентирање на готовинскиот промет.
Истовремено, опфатот се проширува и кон економските активности во синџирите на снабдување поврзани со овие дејности.
Овој пристап се темели на сознанието дека неформалните активности не се задржуваат само на местото на продажба и не се сведуваат само на неиздавање фискална сметка, туку се пренесуваат низ целиот синџир преку набавки и плаќања во готово и исплати „во плико“” кон неформално вработени лица.
Дополнителен фокус се става на краткорочното туристичко сместување, вклучително и активностите што се одвиваат преку дигитални платформи, како сегмент што се повеќе добива економско значење, но истовремено носи и специфични ризици за непријавени приходи.
Планот предвидува засилување на превентивните и информативните активности, со акцент на вмрежување и координација со други институции на национално и локално ниво. Целта, како што е соопштено, е даночните обврзници сеопфатно да бидат информирани за своите обврски, права и придобивки од формалното работење. Советодавната поддршка и насочување кон доброволно усогласување остануваат клучен елемент на пристапот, со цел даночните обврзници да го прифатат и одржат законски усогласеното однесување на долг рок, наместо усогласеноста да биде само принуден резултат на санкции.
Во делот на контролите од УЈП нагласуваат дека ќе се имплементираат мерки за зголемување на ефикасноста и ефективноста, не само преку подобрена селекција на субјектите врз основа на анализа на ризик, туку и со унапредена методологија за контрола и примена на индиректни методи за процена на неевидентираниот промет.
Контролата нема да се сведува само на проверка на касата и формалните документи, туку на утврдување на економската суштина на работењето преку капацитетот на деловниот субјект, бројот на вработени, побарувачката, залихите и др. Планот вклучува и системски мерки, меѓу кои е и надградбата на ГПРС системот за следење на готовинскиот промет во реално време, што ќе овозможи подобра анализа и навремено детектирање на ризици. Целта на овој план, според УЈП е трансформирање на неформалните активности во таргетираните дејности во формални и законски усогласени. Успешноста на планираните мерки ќе се цени преку конкретни индикатори, пред се преку растот на пријавениот промет кај даночните обврзници во таргетираните дејности.
Економија
Трипуновски: Досега се откупени околу 30.000 тони млада зелка
Откупот на младата зелка се одвива непречено и во согласност со предвидената динамика и текот на бербата, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од струмичкиот регион.
„Од почетокот на годината до вчера се откупени околу 35 милиони килограми зелка. Но ако само зборуваме за пролетната, младата зелка од оваа реколта, од крајот на месец февруари до вчерашниот ден се откупени околу 30.000 тони“, посочи министерот.
Тој истакна дека откупната цена е задоволителна за земјоделците, воедно најави дека Инспекторатот ќе продолжи внимателно да го следи процесот, со цел да се обезбеди фер и непречен откуп.
фото/Depositphotos
