Економија
УЈП ја започнува третата фаза од проектот е-Фактура
Стартува третата фаза од проектот е-Фактура, во рамки на која Управата за јавни приходи овозможува тестирање на системот е-Фактура преку веб апликација, со цел компаниите да добијат пристап до практична тест околина за електронска размена на фактури.
Во првата фаза се тестираше интеграцијата на ЕРП системите на компаниите со системот е-Фактура.
Во втората фаза се додадени API сервиси за преземање, прифаќање, одбивање и сторнирање на е-Фактура и се овозможи тестирање на повеќе даночни индикатори. Со овие измени се промени структурата на API повиците и JSON форматот, поради што компаниите повторно ги прилагодија своите системи согласно новите спецификации објавени на https://efakturawiki.ujp.gov.mk
Во третата фаза, се преминува на веб апликација, преку која секоја компанија – мала, средна или голема, може едноставно да тестира креирање на документ, испраќање, прифаќање, одбивање и сторнирање. Апликацијата овозможува тестирање на општата фактура со 12 даночни индикатори. Со веб апликацијата се овозможува поедноставен пристап до тест околина за сите деловни субјекти, независно од нивната големина или техничка подготвеност, а воедно се поттикнува постепена подготовка за примена на системот за е-Фактура, соопшти УЈП.
„Воедно, со цел тестирањето да биде структуирано, Управата за јавни приходи воспостави соработка со околу 200 компании – избрани тестирачи, коишто во соработка со назначени даночни агенти од УЈП ќе спроведуваат структуирано тестирање. Притоа, ќе се тестираат избрани тест сценарија и компаниите континуирано ќе доставуваат повратни информации до Управата за јавни приходи.
Управата за јавни приходи континуирано спроведува едукативни средби за компаниите преку стопанските комори, бизнис заедницата и останати здруженија. Досега се одржани приближно 30 информативно-едукативни средби, на кои беа презентирани клучните аспекти на системот и процесите поврзани со е-Фактура.
Во соработка со Стопанските комори, во наредниот период предвидено е организирање дополнителни средби со компании во повеќе региони низ државата, со цел нивно подетално запознавање со функционалностите и начинот на користење на системот е-Фактура.
Во наредниот период исто така ќе бидат објавени и вебинар и детално упатство, кои ќе им послужат како дополнителна поддршка на сите компании што самостојно ќе ги тестираат процесите за креирање и размена на е-Фактури.
Управата за јавни приходи ги повикува компаниите активно да ја тестираат веб-апликацијата и да доставуваат забелешки, предлози и препораки за нејзино понатамошно подобрување, како и предлози за дополнување и унапредување на даночните индикатори и функционалностите на системот.
Особено е важно да потенцираме дека и оние компании кои немаат назначено даночен агент, ги охрабруваме да пробуваат и да пристапат кон тестирање на функционалноста на системот, како и навремено да пријават евентуални забелешки или технички потешкотии“, се наведува во соопштението на УЈП.
Корисни информации за тестирањето:
• Потребна документација: https://efakturawiki.ujp.gov.mk
• Регистрација и доделување привилегии: https://eujptest.ujp.gov.mk/ureg
• Тест платформа за е-Фактура: https://efakturatest.ujp.gov.mk
• Контакт за поддршка: [email protected]
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Беким Сали: Бизнисот останува главен двигател на економскиот развој на државата
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на одбележувањето на 20-годишнината од основањето на Стопанската комора на Северозападна Македонија, при што го истакна нејзиниот значаен придонес во економскиот развој на државата во изминатите две децении.
Во своето обраќање, Сали нагласи дека Комората претставува силен глас на бизнис-заедницата, важен партнер на институциите и активен промотор на економскиот развој. Тој истакна дека силната економија значи повеќе работни места, подобри плати и посигурна иднина за граѓаните.
Осврнувајќи се на современите предизвици, првиот заменик-претседател на Владата посочи дека дигитализацијата, вештачката интелигенција, зелената транзиција, недостигот од квалификувана работна сила и глобалната конкуренција бараат уште посилно партнерство меѓу институциите и приватниот сектор.
„Улогата на институциите е да создадат поволни услови за развој преку правна сигурност, поефикасни процедури и политики кои ги поттикнуваат инвестициите и иновациите. Од друга страна, бизнисот останува двигателот што создава вредност, работни места и конкурентна економија“, истакна Сали.
На крајот, тој изрази благодарност до основачите, раководствата и членовите на Стопанската комора на Северозападна Македонија за нивниот придонес во економскиот развој на државата и посака идните години да донесат нови инвестиции, економски раст и поголеми можности за бизнис-заедницата и граѓаните.
Економија
Истанбул ќе биде домаќин на македонско-турски бизнис форум: Во фокусот инвестиции, енергетика и инфраструктура
Во петок во Истанбул ќе се одржи бизнис форум посветен на јакнење на економските врски и промоција на инвестициските потенцијали на Република Северна Македонија пред турската деловна заедница.
Форумот има за цел да ги поврзе институциите и бизнис секторот од двете земји преку директни контакти и разговори насочени кон отворање нови можности за соработка и заеднички инвестиции.
На настанот е најавено учество на премиерот Христијан Мицкоски, кој ќе предводи владина делегација составена од ресорни министри од економската, енергетската и инфраструктурната област.
Од турска страна, домаќин на форумот е министерот за трговија на Република Турција, Омер Болат, а организацијата ја спроведуваат Министерството за трговија на Турција и DEİK – Советот за надворешни економски односи.
Во рамки на програмата ќе бидат претставени инвестициските потенцијали на нашата земја, а настанот ќе вклучи и официјални обраќања, тематски панели посветени на трговијата, енергетиката и инфраструктурата, како и Б2Б средби меѓу компании од двете земји, со фокус на размена на искуства и унапредување на соработката во клучните економски сектори.
Форумот е наменет за компании кои имаат интерес за проширување на своето присуство на меѓународните пазари и воспоставување нови деловни партнерства во рамки на регионалната економска соработка.
Форумот се организира во рамки на проектот „Промоција на Мапа за инвестирање“, како дел од Програмата за поддршка на спроведувањето на Националната развојна стратегија, предводена од Владата на Република Северна Македонија и Генералниот секретаријат, а имплементирана во соработка со УНДП.
Во континуитет на ваквите активности, како дел од пошироката серија промотивни настани за позиционирање на Северна Македонија како атрактивна инвестициска дестинација, сличен бизнис форум неодамна се одржа и во Будимпешта. Овие настани претставуваат дел од пошироките напори за промоција на економските потенцијали на земјата и привлекување нови странски инвестиции преку директна комуникација со меѓународната бизнис-заедница.
Економија
АЛКАЛОИД меѓу предводниците на одржливиот развој
„Ќе живееме со сегашните проблеми, но нашите размислувања мора да одат подалеку. ’Алкалоид’ не е само за денес и утре, туку за многу генерации што доаѓаат по нас“. Оваа изјава, дадена од Трајче Мукаетов во јануари 1986 година, ја отсликува визијата за одговорно управување, заедништво и за долгорочно создавање вредности, принципи што денес се препознаваат како суштински елементи на ESG-концептот.
Одржаниот „Бизнис форум на одржливост“ обедини претставници на бизнис-секторот, институциите, граѓанските организации и на медиумите, со цел размена на искуства и ставови за актуелните трендови во одржливоста и за улогата на компаниите во справувањето со клучните развојни предизвици во државата.

„За компаниите во земјава и во регионот примената на ESG-принципите повеќе не е избор, туку стратешки чекор кон одржлив раст и поголема конкурентност на глобалниот пазар“, во своeто обраќање истакна Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, кој на Форумот беше во својство на главен говорник.

„За ’Алкалоид’ ESG-стандардите се суштински дел од секојдневното работење и стратешки двигател за управување со ризиците, поттикнување иновации, за обезбедување долгорочна конкурентност, градење доверба кај инвеститорите и за пристап до одржливо финансирање. Денес вистинското лидерство не се мери само преку финансиските резултати, туку и преку влијанието што го има компанијата врз животната средина, луѓето и заедницата“, истакна Мукаетов, осврнувајќи се на придобивките од примената на ESG-принципите во компанијата.
Тој посочи дека инвестициите во одржливост и заштита на животната средина во 2025 година донеле конкретни резултати. Компанијата остварила искористеност од 73,24 проценти обновлива електрична енергија, заштедила 21,35 милиони литри вода и елиминирала употреба на 179.000 пластични шишиња. Значајни резултати се бележат и во делот на општествената одговорност. Преку Фондацијата „Трајче Мукаетов“, во текот на изминатите 17 години поддржани се 739 стипендисти, при што се инвестирани речиси 151 милион денари. Во 2025 година во здравството, културата и во спортот биле вложени дополнителни 3,7 милиони евра.

Мукаетов нагласи дека економскиот придонес на „Алкалоид“ претставува важен двигател на локалниот развој. Во 2025 година, по основ на плати, придонеси и други надоместоци за вработените во Македонија, како и на дивиденди за акционерите, компанијата исплатила 51,5 милиони евра. Дополнително, во државниот буџет биле уплатени 32 милиони евра по основ на даноци и придонеси. Во насока на поддршка на домашната економија, „Алкалоид“ соработува со повеќе од 1.960 домашни добавувачи, на кои во текот на 2025 година им исплатил 52,5 милиони евра за обезбедените производи и услуги.
Првиот ESG-извештај на „Алкалоид“ е објавен во април 2023 година. Во 2025 година компанијата го доби признанието „Добри ESG-практики за 2024 година“ од Македонската берза и од Американската стопанска комора за својот најнов консолидиран извештај изработен на ниво на целата Групација.

Во рамките на настанот на „Алкалоид“ АД Скопје му беше врачена Наградата за родово одговорни семејни политики за големи претпријатија, а на Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, наградата „Лидерство за одржлив развој“.
„Бизнис форумот на одржливост“ е организиран од Клубот на одговорни бизниси на „Конект“ во партнерство со Министерството за економија и труд на Република Северна Македонија и со УНФПА, а со поддршка од Австриската агенција за развој (ADA).
ПР
