Економија
United Group – сопственикот на „Тотал ТВ“, доби одобрување од Европската комисија за аквизиција на грчки Forthnet
United Group со новата аквизиција на грчката телекомуникациска компанија Forthnet, го проширува своето географско присуство и во Грција и ја потврдува својата позиција како водечки телекомуникациски и медиумски оператор во Југоисточна Европа.
United Grоup, во чии рамки во Северна Македонија работи „Тотал ТВ“, доби одобрение од Европската комисија, во согласност со правилата за заштита на конкуренција на Европската Унија, за купување на Forthnet. Пред крајот на процесот на купување, се очекува и одлуката на Грчката комисија за телекомуникации и пошта.
United Grоup, со најновиот потег во рамките на стратегијата за раст уште еднаш ја потврдува својата водечка улога во телекомуникацискиот и медиумскиот пазар на Југоисточна Европа. По аквизицијата на Forthnet, групата ќе има повеќе од 10 милиони корисници и 11 илјади вработени, а вкупните годишни приходи ќе надминат 1,7 милијарди евра.
Ова е трета голема аквизиција од страна на United Grоup, откако инвестицискиот фонд BC Partners го презеде мнозинството на сопственост во март 2019 година. United Grоup со големи деловни планови влегува на грчкиот пазар само неколку недели по аквизицијата на Vivacom, водечката Бугарска телекомуникациска компанија и Tele2 во Хрватска на почетокот на годината.
Forthnet е еден од водечките провајдери на услуги за домашна забава и комуникација во Грција – телевизија, широкопојасен интернет и фиксната телефонија. Вработува околу 1.000 луѓе и обезбедува услуги за речиси 700.000 корисници и 40.000 компании, со приходи од 260 милиони евра.
United Grоup ги обединува водечките оператори и најдобрите производители на медиумски содржини во Југоисточна Европа. Со јасна визија и стратегија за европски раст во иднината, United Grоup се здобива со уште еден успешен оператор во регионот со цел да им обезбеди телекомуникациски услуги од најновата генерација и најдобри странски и домашни ТВ-содржини на пазар од 38 милиони луѓе во 8 земји од Југоисточна Европа и на дијаспората низ целиот свет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.