Економија
Владата го усвои националниот план за енергија и клима 2025–2030
Владата го усвои Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030 – стратешки документ што ја поставува државата на јасна патека кон енергетска трансформација, одржлив развој и целосно усогласување со европските политики, соопштија од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
„Планот, изработен по предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, претставува клучен инструмент за модернизација на енергетскиот сектор и исполнување на обврските од Енергетската заедница и европската регулатива.
Со вкупно 61 конкретна мерка, Планот опфаќа:
· 26 мерки за декарбонизација,
· 20 за енергетска ефикасност,
· 3 за енергетска безбедност,
· 11 за внатрешен пазар на енергија и
· 1 за истражување, иновации и конкурентност.
Фокусот е јасен – намалување на емисиите на стакленички гасови, зголемување на обновливите извори на енергија и значително подобрување на енергетската ефикасност“.
Во наредниот период, како што е наведено во соопштението, државата ќе преземе конкретни чекори за: засилени инвестиции во сончева, ветерна и хидроенергија, воведување систем за цена на јаглерод, согласно европските стандарди, развој на складирање на енергија и модерна енергетска инфраструктура, постепено напуштање на јагленот како енергенс.
Паралелно, се зајакнува енергетската безбедност преку диверзификација на изворите, регионална соработка и нови интерконекции, како и понатамошна либерализација и интеграција на пазарот на електрична енергија.
„Планот е резултат на широк и транспарентен процес во кој учествуваа институции, експерти, академската заедница, приватниот сектор и меѓународни партнери. Во неговата подготовка се вградени и препораките на Секретаријатот на Енергетската заедница, како и најновите европски политики.
За документот е спроведена и Стратегиска оцена на влијанието врз животната средина, која ги анализира ефектите врз воздухот, водите, почвата, биодиверзитетот, климатските промени и здравјето на граѓаните. Извештајот е прифатен од надлежните институции, по спроведени јавни расправи и консултации, вклучително и со соседните држави.
Со имплементацијата на Планот се очекува значително подобрување на квалитетот на животната средина, поголема енергетска стабилност и независност, нов инвестициски циклус во енергетиката, забрзана зелена транзиција и економски развој.
Овој документ е јасна визија за енергетската иднина на државата, во која одржливоста, иновациите и европските стандарди стануваат реалност“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средба во Атина со колегите од регионот: Со заеднички напори ќе градиме интегриран и силен енергетски систем
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска денеска учествуваше на заедничката министерска средба со министрите за енергетика на Република Грција, Република Србија и Република Бугарија, Ставрос Папаставру, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ и заменик-министерот Кирил Темелков, којашто се одржа во Атина, Грција. Станува збор за средба која е единствена во ваков формат, а која е фокусирана на регионалното енергетско поврзување и зацврстување на соработката меѓу земјите од регионот на полето на енергетиката.
Министрите ја нагласија потребата од понатамошна меѓусебна соработка во регионот како катализатор на инфраструктурните развојни планови , пазарната интеграција во делот на гас и електрична енергија, флексибилноста и сигурноста во снабдувањето. Се разговараше на техничко ниво со владините претставници и систем операторите за гас и електрична енергија. Беше потенцирана одличната соработка помеѓу систем операторите на четирите земји , со дополнително барање да се интензивираат нивните контакти и продлабочи нивната соработка во понатамошниот период.
На крајот од состанокот во духот на понатамошна соработка беше договорено да се прошират работните групи со Србија и Македонија со цел да работат поефективно во насока на градење поврзана, поотпорна, одржлива регионална енергетска рамка, усогласена со целите на Европската енергетска унија.
При тоа, министерката Божиновска ја истакна важноста и потребата од координација во однос на инфраструктурата, пазарите и политиките, оценувајќи ја како клучна за изградба на поотпорен и поконкурентен енергетски систем во Југоисточна Европа.
„Денешната дискусија доаѓа во важен момент за нашиот регион. Југоисточна Европа се наоѓа во сложена енергетска транзиција, каде што сигурноста на снабдувањето, интеграцијата на пазарите и декарбонизацијата мора да напредуваат заедно. Македонија целосно ја споделува оваа визија. Ние сме посветени на зајакнување на енергетската безбедност преку диверзификација, забрзување на интеграцијата на обновливите извори на енергија и усогласување со внатрешниот енергетски пазар на ЕУ“, нагласи министерката Божиновска на средбата со колегите од регионот, додавајќи дека ниту една земја не може сама да се справи со овие предизвици.
Економија
Дурмиши: Со новите мерки обезбедуваме директна поддршка за малите бизниси, занаетчиите и преработувачката индустрија
Министерството за економија и труд денеска објави Јавен повик за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија и занаетчии, во рамки на Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста за 2026 година.
За реализација на оваа мерка се обезбедени 11,34 милиони денари, а поддршката ќе се реализира преку кофинансирање на 40 проценти од докажаните трошоци за набавка на нови машини и алати, но не повеќе од 200 илјади денари по барател.
„Со оваа мерка директно им помагаме на домашните компании и занаетчии да инвестираат во модернизација, нова опрема и зголемување на продуктивноста. Нашата цел е да создадеме поконкурентна домашна економија и да обезбедиме реална поддршка за малите бизниси, кои се двигател на економскиот раст“, соопшти министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Право на учество на јавниот повик имаат микро, мали и средни претпријатија со мнозински домашен капитал, како и занаетчии регистрирани согласно Законот за занаетчиство.
Поддршката се однесува на трошоци направени во текот на 2025 и 2026 година, а сите апликанти кои ќе ги исполнат условите утврдени во јавниот повик ќе бидат опфатени со мерката.
Министерството за економија и труд најави и два нови јавни повици во рамки на Програмата за поддршка на преработувачката индустрија и општествена одговорност за 2026 година.
Првиот повик се однесува на надоместување на дел од трошоците за воведување и сертификација на стандарди во преработувачката индустрија, за што се обезбедени 2 милиони денари. Компаниите ќе можат да добијат кофинансирање до 70 проценти од трошоците, но не повеќе од 200 илјади денари.
„Преку воведување меѓународни стандарди им помагаме на компаниите полесно да се позиционираат на странските пазари, да ја зголемат конкурентноста и да станат дел од глобалните синџири на добавувачи“, истакна Дурмиши.
Вториот јавен повик е наменет за зајакнување на соработката помеѓу компаниите од преработувачката индустрија и универзитетите преку реализација на заеднички проекти. За оваа мерка се предвидени 5 милиони денари, а кофинансирањето ќе изнесува до 70 проценти од трошоците, но не повеќе од 500 илјади денари по проект.
„Инвестицијата во знаење, истражување, иновации и соработка меѓу бизнисот и академската заедница е клучна за технолошки развој, зелена и дигитална транзиција и создавање производи со повисока додадена вредност“, соопшти министерот Дурмиши.
Економија
Божиновска на Energy Transition Summit во Атина: Посветени сме на заложбите за кредибилен партнер во Европската енергетска интеграција
Посветени сме да бидеме конструктивен регионален партнер, кредибилен учесник во европската енергетска интеграција, земја која придонесува за постабилна, побезбедна и поодржлива Југоисточна Европа, изјави денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, говорејќи на Министерскиот панел: “Delivering 2030 – Leadership commitments for the East Med transition”, во рамките на дводневниот „Energy Transition Summit: East Med and Southeastern Europe“, кој се одржува во Атина, Грција.
На Самитот, којшто е во организација на Financial Times и Катимерини, учествуваат високи владини претставници од регионот, како и претставници на бизнис и финансискиот сектор на регионално ниво.
Министерката Божиновска, во својот говор се осврна на важноста од регионалното енергетско поврзување:
„Во изминатите неколку години многу јасно се покажа дека ниту една земја во нашиот регион не може сама да изгради енергетска безбедност, и дека ниту една транзиција не може да успее ако не е сигурна, достапна по цена и погодна за инвестиции. За мојата земја ова е прашање на енергетска безбедност, економска конкурентност и социјална стабилност. Затоа, за нас остварувањето на целите за 2030 значи три работи: изградба на регионална интерконекција како безбедносна инфраструктура, интеграција на обновливите извори преку мрежи, складирање и балансирање, и одржување на транзицијата достапна, социјално праведна и привлечна за инвестиции“, рече министерката Божиновска.
Набројувајќи ги постигнувањата на нашата земја на полето на енергетиката, министерката Божиновска потенцираше дека нашата цел е географската позиција на земјата да се претвори во предност.
„Гасниот интерконектор со Грција е клучен пример. Со почетен капацитет од 1,2 милијарди кубни метри годишно и можност за проширување до 2,8 милијарди кубни метри, тој ја менува нашата позиција од енергетска крајна точка во дел од регионален коридор. Ова е важно затоа што диверзификацијата денес не значи само повеќе снабдувачи. Таа значи повеќе рути, поголема флексибилност и поголема отпорност.
Преку поврзувањето со Грција, нашата земја го зајакнува пристапот до регионалните гасни текови, вклучително и LNG инфраструктурата. Планираната интерконекција со Србија е следниот чекор кон посилна север-југ енергетска поврзаност во Југоисточна Европа. Нашата позиција е јасна: интерконекторите се инструменти на регионална стабилност, енергетска дипломатија и долгорочна отпорност“, нагласи министерката Божиновска на Министерскиот панел: “Delivering 2030 – Leadership commitments for the East Med transition”, во рамките на „Energy Transition Summit: East Med and Southeastern Europe“.
