Економија
Владина делегација на бизнис форум во Њујорк
Владина економска делегација, предводена од заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, во чиј состав се и министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции, Веле Самак и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Виктор Мизо, во петок учествуваше на бизнис форум во Њујорк, каде ги презентираа поволните услови за водење бизнис во Македонија.
За време на форумот, организиран во соработка со магазинот Форбс, вицепремиерот Пешевски ги истакна поволностите за водење бизнис, посочувајќи ја поволната деловна клима во земјата, притоа осврнувајќи се кон придобивките за странските компании, како што се најнискиот даночен пакет во Европа и стабилното макроекономско опкружување.
Тој воедно се осврна и на владините заложби за јакнење на потенцијалите за инвестиции како и на тековните реформи во државните институции, образованието и инфраструктурата во насока на унапредување на условите за водење бизнис и обезбедување на поголем развој на македонската економија.
„Организирањето на бизнис форум во Њујорк, кој е еден од главните економски центри во светот е од особено значење за привлекување на нови странски инвеститори во нашата земја, доколку се земе во предвид дека американските компании имаат голем потенцијал за ширење на своето производство, а некои од нив веќе и инвестираа во Република Македонија“, изјави Пешевски.
„Ја потенциравме можноста не само за инвестиции во делот на производството, каде што Македонија е една од најатрактивните дестинации од аспект на трошоците, туку и во останатите услужни сектори, бидејќи ние го продолжуваме развојот на овој концепт на слободни зони и во делот на информатичките технологии, во делот на туризмот и во делот на здравството. Можам да кажам дека интересот беше задоволувачки за време на презентациите, но и по нив, и веруваме дека во иднина со неколку од компаниите ќе оствариме директни посети во Македонија што се разбира, е основа за поконкретни инвестиции понатаму“, додаде вицепремиерот Пешевски.
На форумот говореа и министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Веле Самак и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Виктор Мизо.
„Кај американските компании во континуитет постои интерес за инвестирање во Македонија, што може да се согледа низ постоечките производствени погони на Вистеон, Џонсон Контролс или Кемет. Овие компании имаат позитивно искуство од водењето бизнис во Макеодонија и функционирање во ТИРЗовите и представуваат важен амбасадор при привлекувањето на нови американски компании, како што беше случајот и со Амфенол, Ки Сејфти системс, Кап Кон и Гентерм“, истакна Мизо.
„Инфраструктурната изграденост на ТИРЗ-овите и можноста лесно и брзо да сe започнe со изградба на нови капацитети, даночната политика, континуираното намалување на административните бариери, поволностите кои се нудат во зоните се дел од главните адути за привлекување на странските инвеститори. Целиот процес на aftercare и континуираната и квалитетна услуга и внимание кое се посветува на новите инвеститори е уште една важна алка која влијае врз одлуките на потенцијалните инвеститори. Претставувањето на сите овие факти на бизнис форуми како денешниов во Њујорк, е неопходно за да се слушне приказната за Македонија за да што поголем број на компании не имаат во предвид кога размислуваат за проширување или преструктуирање на присуството на Европскиот пазар“, додаде тој.
Министерот Самак пак се осврна и кон моменталната состојба на доларот наспроти еврото и нивното значење за инвеститорите во нашата земја.
„На американските инвеститори им посочуваме дека во период на силен долар наспроти слабо евро, инвестициите во Македонија се многу по-исплатливи, независно дали продуктите или услугите би биле насочени кон европските или кон американскиот пазар. Оваа ситуација со слабо евро може да потрае најмалку една година, што значи можноста да се намалат трошоците, но и да се освојат нови пазари треба да се искористи максимално. Бројните Американски инвеститори во Македонија, како Вистеон, Џонсон Контролс, Кемет, Гентерм и наскоро уште една голема компанија, се дополнителна потврда за овој тренд“, потенцираше Самак.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.