Економија
Volkswagen ID.4 е светски автомобил на годината!
„World Car of the Year 2021“ е Volkswagen: Новиот и целосно електричен ID.4 преовлада над силната меѓународна конкуренција на интернационалните „World Car Awards“- наградите за автомобили. Светската награда „World Car of the Year“ ја доделуваат повеќе од 90 меѓународни автомобилски новинари од 24 земји, кои гласаат за најдобрите иновации на светскиот пазар.
Особено сме задоволни што нашиот ID.4 е прогласен за Светски автомобил на годината“, вели Ралф Брандштетер, извршен директор на патнички автомобили на Volkswagen. „Не само затоа што е една од најважните награди за автомобили во светот – туку затоа што жирито ја истакна одличната идеја на одличниот тим на Volkswagen. Модел за клучните пазари на Европа, Кина и САД ја носи нашата електрична офанзива низ целиот свет. Убедлив автомобил, одлична идеја – и награда за Светски автомобил на годината? Тоа нам ни звучи одлично!“, додаде Ралф Брандштетер.
Возилата што ги исполнуваат условите за наградата Светски автомобил на годината мора да бидат произведени во најмалку 10.000 единици годишно и да бидат понудени на најмалку два континента.
„Наградата Светски Автомобил на Годината претставува голем успех за целиот ID тим“, вели Томас Улбрих, член на бордот за развој на брендот Volkswagen. „Успеавме да развиеме автомобил што ја започнува системската промена во електро-мобилноста во најважниот светски сегмент на компактни теренци и нуди одлична секојдневна употребливост. Со него, ID.3 и со претстојните ID модели, правиме иновативна електрична мобилност на пазарот, со волумен кој е достапен за сите“.
Жирито ја пофали грижата за еколошката средина без испуштање на директни емисии, како и иновативните карактеристики на ID.4. На пример, иновативниот дисплеј за аугментирана реалност, достапен опционално. Може да проектира важни информации на ветробранското стакло, како што се насоките од системот за навигација. Возачот ги гледа овие информации во 3D, со јасен приказ за насоките во просторот пред него на оддалеченост од три до десет метри пред возилото. Ова значи дека дисплејот е совршено интегриран во реалниот надворешен свет. Кога адаптивниот темпомат (ACC) или системот за помош при патување (Travel Assist) се активни, возилото пред ID.4 е светлосно обележано на главниот дисплеј со одредена брзина за да може да се задржи потребното растојание.
ID.4 исто така поставува стандарди во дигитализацијата. Автомобилот може да добива редовни ажурирања и нови функции преку интернет. Volkswagen е првиот производител во сегментот кој го нуди ова. Возилото секогаш да биде ажурирано.
Со стекнувањето на оваа награда, на 17-тото доделување на наградата „World Car of the Year“, ID.4 ја продолжува успешната приказна на Volkswagen на овој натпревар. Не само што е добро прифатен од светските новинари, туку и од клиентите. Volkswagen планира да испорача околу 150 000 ID.4 во светот оваа година. Електричната офанзива претставува основен елемент на стратегијата „ACCELERATE“ на Volkswagen. Компанијата планира да претставува барем еден нов и целосно електричен модел на пазарот секоја година.
Поради пандемијата КОВИД 19, оваа година церемонијата на доделување на наградите за „World Car of the Year“ се одржа дигитално. Можете да се погледнете на YouTube.com/worldcartv.
Во Македонија, ID.4 официјално ќе започне со продажба во мај.
Volkswagen добитници на наградата „World Car of the Year“:
2009: Golf (World Car of the Year)
2010: Polo (World Car of the Year)
2011: up! (World Car of the Year)
2013: Golf (World Car of the Year)
2021: ID.4 (World Car of the Year)
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.