Економија
„Алкалоид“ потпиша нов меморандум за практикантство со уште два факултета при УКИМ
Со цел да се поттикне развојот на креативноста кај студентите, нивното лично и професионално профилирање, како и подготвеноста за соочување со идни професионални предизвици „Алкалоид АД Скопје“ потпиша меморандум за соработка за програмата за практикантство со уште два факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје – Медицинскиот и Технолошко-металуршкиот факултет.
Практикантството во „Алкалоид АД Скопје“ е заеднички проект на компанијата, Универзитетот и студентите, кои ја претставуваат идната работна сила во Република Македонија.
На церемонијата на потпишувањето на овој меморандум за соработка за програмата за практикантство генералниот директор и претседател на управниот одбор на „Алкалоид АД Скопје“, Живко Мукаетов, изјави:
„Како опшествено одговорна компанија, би сакале на студентите да им се овозможиме вклучување во секојдневните компаниски процеси и активности со цел да се зајакнат нивните професионални вештини. Преку оваа програма, сакаме да изградиме синергија од која бенефит ќе имаат сите инволвирани страни, а научно-истражувачката работа во земјава ќе се подигне на едно ново, повисоко ниво. Соработката на оваа тема со Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ од Скопје за првпат е почната во април 2018 година, со Фармацевтскиот факултет и ПМФ – Институт за хемија, а првиот циклус на практиканство веќе е комплетиран во септември истата година. 11 од вкупно 17 практиканти останаа да работат во компанијата и интересно е колку малку мотив им е потребен на младите луѓе за постигнување одлични резултати! Заради особениот интерес, одлучивме соработката да ја прошириме со уште два факултети каде истражувањата укажаа дека се јавува дефицит од кадри. Годинава, согласно важечките законски прописи во државата, ќе имаме простор за вкупно 30 нови практиканти од четирите факултети со кои имаме соработка на овој проект“.
Благодарност и задоволство од оваа програма и укажаната можност за усовршување на студентите изразија и деканите на двата нови факултета од оваа програма:
„Денешното потпишување на меморандумот за соработка со ‘Алкалоид АД Скопје’ во програмата за практиканство отвора можност студентите од Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје да стекнат практични вештини, знаења и искуство во најголемата фармацевтска компанија во земјава. Веруваме дека студентите ќе ја искористат оваа можност и стекнувајќи практично искуство, ќе ја зголемат својата атрактивност на пазарот на труд по дипломирањето“, истакна деканот Јон Магдески.
Професорката Соња Топузовска, декан на Медицинскиот факултет при УКИМ, истакна:
„Програмите за практиканти што ги нуди ‘Алкалоид’ можат многу да им помогнат на студентите по медицина во стекнување нови практични искуства, со што тие понатаму ќе можат многу полесно да применуваат некои свои теоретски знаења и да ја развијат визијата за својата иднина. За нас, како факултет, искуството од ангажирањето студенти како практиканти ќе отвори перспективи за креирање нови студиски програми, како и осовременување на постоечките. Ваквите иницијативи се особено важни за студентите по медицина да се охрабрат дека сè повеќе се создаваат услови за надградување на нивното стручно знаење, вештини и можноста за професионална реализација во сопствената држава“.
„Алкалоид АД Скопје“ и водечкиот универзитет во земјава, преку проектот за практиканство планираат заеднички да ги разработат, адаптираат и структурно да ги усогласат програмите за едукација и развој на практикантите согласно заемните потреби, во обем кој е оптимален за образовните програми. Првиот оглас за ангажман на новата група практиканти во компанијата се планира во март годинава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.