Економија
Битиќи: Четвртиот сет мерки ги пресликува барањата на стопанството
Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, денес одржа работен состанок со претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа, и претставници на компаниите членки на Комората, на кои им го презентира четвртиот сет на мерки за справување со социо-економската криза предизвикана од Ковид-19.
Вицепремиерот рече дека овој пакет од 31 мерка е креиран преку целосно инклузивен процес, а во неговото создавање учествуваа сите релевантни чинители во економскиот живот, како што се стопанските комори, синдикални организации, академската заедница и граѓанскиот сектор. За мерките од четвртиот пакет резервиравме 470 милиони евра, рече Битиќи, при што додаде дека заедно со првите три пакети, обезбедена е соодветна и сеопфатна поддршка.
Мерките се моделирани за да одговорат на реалните потреби на граѓаните и бизнисот, а со нивната имплементација се очекува да се обезбеди сигурност и ликвидност на компаниите, да се задржат работните места и да се раздвижи домашната потрошувачка, која зафаќа најголем процент од домашниот бруто-производ.
Вицепремиерот се осврна на мерката за субвенционирање плати како една од најважните мерки кои беа побарани од стопанството, при што посочи дека во наредните три месеци помошта за исплата на плата ќе се спроведува скалесто сoгласно падот на приходите кај компаниите. Како репер за споредба ќе се зема периодот април-август 2020 година, споредбено со истиот период од лани, а во зависност од намалениот приход има разни суми за поддршка.
Компаниите што бележат намален приход од 30 до 40 % ќе добијат 14.500 денари поддршка, тие со загуби од 40 до 50 % ќе добијат 15.955 денари поддршка, од 50 до 60 ќе добијат 17.410 денари поддршка, од 60 до 70 % намален приход ќе добијат 18.865 денари поддршка, оние со приход што е помал од 70 до 80 % ќе добијат 20.320 денари поддршка, а наголема поддршка ќе добијат компаниите што се најпогодени и имаат над 80 % намален приход за што ќе добијат по 21.776 денари поддршка за секое работно место.
Вицепремиерот посочи дека уште низа мерки ќе се реализираат за поддршка на стопанството, како што се 100 милиони евра поволни кредити преку Развојната банка на Северна Македонија, пласирани преку комерцијалните банки, намалување на парафискалните давачки за компаниите, грантови за туристички агенции, за ресторани и за игротеки, одложување плаќања даноци, намалување на данокот на додадена вредност за одредени производи и други мерки, кои значително ќе го олеснат работењето на компаниите во овој период.
Битиќи потенцира дека преку примерот за креирање на четвртиот сет мерки, но и претходните три сета, се докажало дека Владата е сериозен и цврст партнер на стопанството и на граѓаните и дека сите мерки ги рефлектираат реалните потреби на сите категории граѓани и компании.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.