Економија
(Видео) Трошоците на државата на увид преку „Отворени финансии“
Денеска на прес-конференција беше промовиран порталот „Отворени финансии“, што содржи финансиски податоци за над дванаесет и пол милиони трансакции.
„Стандардите се поставени. Секогаш кога некое министерство, агенција или државна управа ќе извршат уплата на пари, трансакцијата во рекордно време ќе биде јавно достапна за увид на сите во државата“, соопшти претседателот на Владата, Зоран Заев.
На настанот на кој присуствуваа и министерката за финансии, Нина Ангеловска, министерот за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, и претставници на УСАИД и ИРИ, Заев истакна дека денеска е празник на транспарентноста и отчетноста во Република Северна Македонија бидејќи конечно се отвори државниот Трезор на Министерството за финансии, и на увид на граѓаните се ставени минатите, сегашните и ќе бидат ставени сите идни финансиски трансакции на буџетските корисници.
Премиерот Заев упати благодарност и за Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и УСАИД, без чија финансиска поддршка, имплементацијата на овој проект ќе беше невозможна.
„Отворање на трезорот и сите податоци во него е една од најголемите мерки во насока на намалување на корупцијата и неправилностите во работењето на државните институции, како и штедење на парите на граѓаните. Со ова ниво на транспарентност и отчетност, граѓаните, медиумите и граѓанските организации ќе можат слободно да ги истражуваат плаќањата на институциите и да согледуваат дали некоја институција форсира економски оператор или префрлува пари на едни исти физички лица за различни работи. Платформата ‘Отворени финансии’ во иднина ќе биде коректив на работењето на институциите и силна барикада за корупцијата, непотизмот и останатите неправилности кои ги среќаваме во институциите“, нагласи премерот Заев.
Во првата фаза е планирано на платформата „Отворени финансии“ да се објавуваат трансакциите на буџетските институции на Централниот буџет, а тоа се институциите од Основен буџет (министерства, агенции, управи итн.) и социјалните фондови, а во втората фаза ќе се објавуваат и трансакциите на единиците на локална самоуправа и нивните буџетски институции.
Платформата „Отворени финансии“ им се придружува на платформата „Отворени податоци“, на Алатката за отчетност на Владата која ги покажува личните службени трошења на функционерите и на новите сервисни веб-страници на Владата и министерствата на кои се работи и кои ќе содржат информации кои порано беа целосно недостапни.
Министерката за финансии, Нина Ангеловска, потенцираше дека порталот „Отворени финансии“ е еден од клучните резултати од големата реформа на јавните финансии, во чија основа е транспарентноста со што заложбата на оваа Влада за транспарентно, ефикасно и ефективно управување со јавните финансии, станува реалност и претставува чекор напред на европскиот пат.
„Денес го отклучуваме Трезорот за граѓаните. Ова е ‘декласифицирање’ на податоците за трансакциите на буџетските корисници. Покажуваме дека имаме институционален капацитет за големи демократски чекори. Транспарентноста е основна демократска алатка. Таа ја ограничува манифестацијата на моќ и поттикнува поодговорно и поправедно трошење на буџетските средства поради стравот од фаќање во нелегална активност. Тоа е повратниот ефект на транспарентноста врз намалување на корупцијата. Пристапот на граѓаните и граѓанското општество до информации за располагањето со буџетските средства поттикнува нивно разумно и одговорно трошење“, истакна министерката за финансии, Ангеловска.
Министерот за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, информираше дека според истражувањето на „Action SEE“ за транспарентност, отвореност и отчетност на извршната власт во регионот на Западен Балкан за 2018 година, Владата на Република Северна Македонија, заедно со Црна Гора е лидер во регионот според индексот на отвореност, кој изнесува 78% во однос на исполнување на индикаторите.
„Трендот е растечки во последните две години и донесе пресврт во рангирањето на нашата земја, ако се знае дека во 2016 година бевме на последното место со само 52% исполнети индикатори. Она што заслужува посебно позитивно внимание во ова истражување за транспарентност, отвореност и отчетност на извршната власт во регионот на Западен Балкан е првото место на нашата земја во подкатегоријата „Објавување граѓански буџет“ за што се исполнети дури 87% од индикаторите за транспарентност, отвореност и отчетност. Земјите на второто и третото место исполнуваат 40% и 24%, што претставува сериозна разлика во полза на Северна Македонија“, рече Поповски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.