Економија
Ковачевски: Владата и компаниите мора да покажат единство за заштита на граѓаните
Претседателот на владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска ја посетија компанијата за производство на јајца „Везе шари“.
За време на посетата, со сопственикот на компанијата, Арбен Абдурахмани, разговараа за предизвиците што ги наметна економско-енергетската криза, па затоа повеќе од потребно е да се покаже единство во донесувањето мерки и решенија за доброто на иднината на сите граѓани.
„Во разговор со вработените во компанијата ‘Везе шари’, како и со почитуваниот господин Арбен, заклучивме дека мора да покажеме единство за доброто на државата и за доброто на граѓаните во оваа криза. Последно во низата замрзнувања на цените на основните прехранбени производи се јајцата од кокошка. Со ова Владата оневозможува зголемување на цената на овие производи пред велигденските празници и пред празникот Бајрам. Вие веќе знаете дека ја замрзнавме цената на лебот, замрзнавме цена на дел од тестенините, при што и ја намаливме и ја замрзнавме и намаливме цената на дел од основните производи од млечната индустрија. За заштита на граѓаните донесовме одлука што ги обврзува малопродавачите минимум 70 % од набавките што ги имале во текот на јануари и февруари во делот на снабдувањето со јајца од кокошка да ги имаат и во периодот кога цените се замрзнати, што значи до 30 април“, изјави премиерот Ковачевски.
Тој додаде дека пред да се донесат антикризните мерки, деноноќно имав консултации со Министерството за економија, во кои беа вклучени експерти, работодавци, здруженија, претставници на стопанските комори во земјата, производителите, како што е и директорот на овој огромен производствен капацитет, и целта ми беше како Влада никого да не оставаме сам да се справува со последиците од оваа криза. Со мерките што ги донесовме во текот на 2022 година, а ги продолживме во 2023 година, околу 750 милиони евра насочивме кон граѓаните и кон задржување на ликвидноста на компаниите.
Ковачевски истакна дека компанијата „Везе шари“ го има финансирано најголемиот проект во државата заедно со ИПАРД-програмата во зголемување и осовременување на нивното производство. Тој се заблагодари на трудот, посветеноста и на соработката што ја имаат со компанијата во текот на сите овие кризни месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.