Економија
РКЕ почна постапка за одземање на лиценците на двајца снабдувачи на електрична енергија
Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) почна со постапки за одземање лиценци на двајца снабдувачи на електрична енергија.
Од таму појаснуваат дека клучната причина поради која се почнати постапките се поради тоа што снабдувачите Друштвото за производство, трговија и услуги „Мист енерџи“ ДООЕЛ Скопје и Друштвото за трговија со електрична енергија „Уповер“ ДОО експорт-импорт Скопје не ги обезбедиле навреме и во целост количините на електрична енергија за кои имаат склучено договори со потрошувачите и нe постапиле во целост по претходно донесените одлуки на РКЕ со кои им беа наложени мерки за усогласување на работењето.
За снабдувачот со електрична енергија „Енергија гас енд пауер“ ДООЕЛ Скопје, РКЕ донесе одлука за преземање мерки со што практично снабдувачот треба да достави докази дека ја има обезбедено потребната количина електрична енергија за потрошувачите.
„’Мист енерџи’ и ‘Уповер’ не купиле електрична енергија навреме и сега кога цените на берзите се зголемија, количините кои им недостигаат ги надополнувале од резервите на МЕПСО кои се наменети за балансирање на електроенергетскиот систем. МЕПСО ја алармираше РКЕ дека е евидентирано неоправдано зголемено ангажирање на електричната енергија која се користи за исклучителни ситуации. Дополнително оваа електрична енергија што снабдувачите ја користеле од механизмот за балансирање е поевтина од берзанската цена, со што ја нарушуваат конкуренцијата и ја загрозуваат стабилноста на електроенергетскиот систем. РКЕ ја следи состојбата во континуитет и пред еден месец побара од овие снабдувачи да доставуваат (докази дека имаат обезбедено електрична енергија) номинации согласно потребите на своите потрошувачи, но до истекот на рокот не постапија и затоа отпочнуваме со постапка за одземање на лиценци“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.
Исто така, РКЕ донесе одлуки со кои им налага на снабдувачите „Соларопро холдинг“ ДООЕЛ, „Вангард“ ДОО Скопје и „Енерџи акитиве“ увоз-извоз ДООЕЛ Скопје точно и целосно да ги информираат потрошувачите за нивните права и обврски.
„Регистриравме делумно информирање и обиди за манипулација од страна на снабдувачите кон потрошувачите. Па така, дел од снабдувачите почнале да ги раскинуваат договорите со домашните компании, министерства, јавни претпријатија и други установи пред време и се обиделе да им фактурираат по нови цени. Сакам да потенцирам дека преку донесените закони и правилници потрошувачите се заштитени и снабдувачот не смее да им ја промени цената од договорот додека трае периодот на промена на снабдувач, односно додека не склучи нов договор. Снабдувачот е обврзан да му ја фактурира испораката на струја на потрошувачот согласно цената во договорот за снабдување. Доколку тоа не го прави и манипулира РКЕ ќе почне со соодветни постапки“, рече Бислимоски.
Тој потенцира дека овие ценовни дисторзии се евидентирани на слободниот пазар на големо, додека цената на електричната енергија за домаќинствата е стабилна и гарантирана од домашниот производител ЕСМ.
„Универзалниот снабдувач ја има обезбедено потребната енергија“, изјави Бислимоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.