Економија
ССК: Зголемување на трговската размена со Италија
Делегација на стопанственици од Италија на високо ниво допатува во нашата земја на директни средби со стопанственици од Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) со цел рализација на трговски партнерства, инвестициски проекти, како и унапредување на економската соработката преку заеднички настап на трети пазари, беше истакнато на денешниот бизнис-форум во организација на ССК, Институтот за социјални истражувања MK91 и Италијанската билатерална комора.
На бизнис-форумот акцент беше ставен на прехранбената индустрија, производството и дистрибуција на вино, туризам, градежништво, трговија, консултантски и медицински услуги, обновливи извори на енергија, кои дополнително ќе придонесат за зголемување на традиционално добрите деловни релации меѓу двете земји.
„Италија е меѓу десетте најголеми трговски партнери на нашата земја, поточно шести надворешно трговски партнер за 2018 година, согласно со официјалните статистички податоци. Вкупната трговска размена минатата година изнесува 614 милиони евра, што е 13,3 проценти поголема во однос на 2017 година. Извозот во 2018 година достигна 184 милиони евра, а увозот 430 милиони евра, при што споредено со 2017 имаме пораст на извозот за 12,6 отсто, но и пораст на увозот за 14,0 проценти. Покрај посакуваното зајакнување на добрите деловни релации, заедно потребно е да се посветиме на намалување на разликите во трговската размена и поттикнување на компаниите за конкретни партнерства и меѓусебна соработка. Одличните релации што ги градиме со коморите од Италија, како квалитетино поставени канали на соработка, се во насока на охрабрување на компаниите во мисијата да пронајдат сигурни деловни партнери да ги користат овие канали“, изјави Арсовска и додаде дека особено е значајно искуството на италијанските компании во реализација на поголеми инфраструктурни проекти со оглед и на фактот што како земја во овие сектори е присутна во повеќе од 90 држави во светот.
Зорица Апостолска, министер за странски инвестиции, рече дека Италија е значаен трговски партнер на Република Северна Македонија и перманентно се наоѓа на листата од првите десет земји со кои нашата држава има најголем обем на трговска размена и деловна соработка.
„За сите странски инвеститори и бизнисот воопшто, важна е политичката безбедност и сигурност на земјата бидејќи тоа силно влијае врз зголемување на економските активности, на прилив на нови инвестици, намалување на невработеноста и зголемување на БДП, што конечно ќе резултира во подигнување на животниот стандард на граѓаните. Со пристапувањето во НАТО и отпочнувањето на преговори со ЕУ, Република Северна Македонија ги реализира своите стратешки приоритети и стекнува политичка безбедност и сигурност, што претставува мотивирачки предуслов за сериозен прилив на нови странски инвестиции“, изјави Апостолска.
Франческо Петрела, претседател на Македонско-италијанската стопанска комора, посочи дека италијанските инвестиции во нашата земја во најголем дел се фокусирани во делот на ТГС технички гасови, обновливи извори на енергија, текстилна и чевларска индустрија, но дека особен итерес кај италијанските стопанствениците има и за прехранбена индустрија и туризам.
Во нашата земја согласно со официјалните податоци работат 130 компании со италијански капитал. Сојузот на стопански комори на Македонија има потпишано меморандум за соработка со Македонско-италијанската стопанска комора во 2016 година, дополнително и со Стопанската комора на Торино, како и со канцеларијата на Конфиндустрија Италија во Македонија, која е водечка трговска асоцијација во која членуваат преку 150 илјади компании.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.