Македонија
„02 Иницијативата“: Ништо не е реализирано од програмата за намалување на загадувањето за 2019 година
Од програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 со два милиона евра нема ништо реализирано, а објавена e само една јавна набавка за која сè уште нема склучен договор, во висина од 439 илјади евра за замена на греење во јавни објекти, велат од „О2 Иницијативата“.
Притоа, додаваат од таму, пренаменети се средства од оваа програма за гасификација на болницата во Струмица, што требаше да се направи независно.
„Макрадули и самиот потврдува дека има пренамена на средствата затоа што не направиле веб-платформа за следење на имплементација на Планот за чист воздух и не направиле кампања во врска со разните облици на аерозагадување. Она што заборавил да додаде е дека не е направен ниту план за замена на постојните нееколошки системи за греење во домаќинства и јавни објекти во најзагадените градови. Планираните средства за изготвување на потребните законски измени и правилници исто така се тргнати“, велат од „О2 Иницијативата“.
Тие истакнуваат дека на прес-конференцијата минатата недела заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, објавил дека ќе бидат набавени инвертери, топлински пумпи и слично за домаќинства и јавни објекти во вредност од 64 милиони денари во сите општини што се пријавиле не само во најзагадените, како што стои во Програмата. А во неа, додаваат таму, првично стои дека за таа цел треба да се наменат 69 милиони за со изменета пред две недели да станат 74,5 милиони.
„Поради пренамената, пак, пред една недела, на 5 милиони за гасификација на струмичката болницата, треба да има 69,5 милиони за таа цел, а не 64. На крајот јавна набавка до денес е објавена само за 26,76 милиони за измена на начинот на греење во јавни објекти, а таму ги нема Битола, Тетово, Куманово, Кичево, Струмица, Велес, Гостивар, Аеродром, Гази Баба, Чаир, Шуто Оризари, Кисела Вода, најзагадените општини. Хаос. Нема никаква дилема и јасно се гледа дека на брзина менувале и одлучувале, без потпирање вистински анализи и планови. Инаку, во годишниот план на Владата јавните набавки биле планирани да се спроведат во текот на март и април, сега ќе слушавме за нивната реализација“, велат од „О2 Инцијативата“ и истакнуваат дека од програмата за намалување на аерозагадување за оваа година сè останува на прагот од грејната сезона и само три и пол месеци до крајот на 2019.
Покрај долгата низа активности од Програмата за 2019, додаваат од таму, поразително е што Макрадули изјавува дека ова е прва зима каде што борбата со аерозагадувањето почнала летово. Од таму велат дека борбата против аерозагадувањето требало да почне со првиот ден од формирањето на оваа Влада и да не престане. Ваква изјава, додаваат од „О2 Иницијативата“, при крај на мандатот, само ја дава вистинската слика за тоа како оваа Влада (не) се справува со аерозагадувањето.
„Важно, упорно се лиферува бројката од 20-ина милиони евра кои другите институции ги намениле за намалување на аерозагадувањето, иако таа сума ја наведуваа првично за заштита на животната средина. Кога ќе ги прашаш на што се планирани, т.е. потрошени тие 20-ина милиони евра, одговор нема. Ни МЖСПП, ни Министерството за финансии, ни Макрадули, ни Заев – никој. Ама важно бројката се врти, кружи. Ефектот од звучноста на бројката во јавност е важен, не вистинската борба против аерозагадувањето и вистинско одвојување на потребните средства таму каде што се неопходни. Каква е таа отчетност, транспарентност кон граѓаните? Декларативна само, не суштинска. Зашто суштината е шуплива, не е за јавност“, велат од „О2 Иницијативата“.
Од таму потсетуваат дека Макрадули во ноември минатата година, кога го презентирал Планот за чист воздух, кажал дека ќе се набават комплетно нови инструменти за сите постојни 18 мерни станици во 2019 година.
„Еве сме на крајот од септември 2019 и нема податоци од 19 инструменти од 13 станици за поставување нови и не станува збор. Тој задоволен изјавува дека овој план за 2019 го исполниле. За него исполнување е ‘ќе’, измените на Програмата за 2019 три месеци пред крај, неисполнетите редица активности од Планот за чист воздух, нереализираните донации од донаторската конференција, немањето забрана за користење јаглен, немањето закон за индустриски емисии, немањето потребни контроли на загадувачите, неисправните мерни инструменти, немањето јавен превоз кој нема да загадува, дивите населби и горењето кабли секојдневно, палењето отпад насекаде, на ниви, диви и градски депонии итн. Да беше ова во приватна компанија, наместо државно министерство, до сега многу сликовито ќе му објаснеа дали е ова исполнување на планираното или дебакл од неисполнување“, велат од „О2 Иницијативата“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.