Daily news
Членовите на АЕК и годинава ќе трошат по 600 евра дневно за службени патувања и патни трошоци
Агенијата за електронски комуникации (АЕК) годинава ќе потроши 5 милиони денари повеќе за плати на членовите во споредба со минатата година, а бројот на вработени ќе остане ист како лани. Ова беше соопштено на промоцијата на „Петтиот мониторинг-извештај за работата на АЕК и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги (АВМУ)“, кој се однесува на последниот квартал од лани (октомври-декември).
„Вкупните расходи предвидени на Агенцијата за 2018 година изнесуваат исто колку и предвидените приходи (475.555.000 денари), од кои околу 85 отсто се предвидени за четири расходни ставки: капитални средства, плати, опрема и интелектуални и други услуги. Втора најголема ставка во планираниот буџет се пресметаните плати во износ од 136.000 000 денари, односно 32,8 отсто од вкупниот буџет. Оваа ставка е зголемена 5 милиони денари во споредба со минатата година“, пишува во извештајот.
Една од најголемите ставки е интелектуални и други услуги (34.889.500 денари), односно нешто повеќе од 7 отсто од целиот буџет предвиден за 2018 година. Најголем дел од оваа ставка е предвиден за консултантски услуги по што следуваат услугите за обезбедување имот и лица. Трет трошок според големината во оваа ставка се договорните услуги за членовите на Комисијата, во висина од 5.600.000 денари. Доколку се направи пресметка и оваа сума се подели со бројот за АВМУ и за АЕК на членовите на Комисијата (пет), се добива сума од 1.120.000 денари (на годишно ниво) или 93.333 денари (на месечно ниво), кои се предвидени како месечен бруто-хонорар за секој член на Комисијата. И во 2017 година беше предвидена идентична сума за хонорари на членовите на Комисијата на АЕК.
Според Законот за електронските комуникации, членовите на Комисијата не се вработени во АЕК, а според Законот тие имаат право на месечен надомест во висина од четири просечни плати. Уште една голема ставка се дневниците за службено патување и патни трошоци за кои во 2018 година се предвидени 8.850.000 денари, исто како и во 2017 година. „И во првиот квартален извештај, во кој го разработувавме буџетот за 2017 година, посочивме дека доколку се направи пресметка според која во 2018 година е предвидено да има 235 работни дена, тогаш секој работен ден во текот на годината Агенцијата ќе троши просечно 37.660 денари или нешто повеќе од 600 евра дневно за службени патувања и патни трошоци“, пишува во извештајот.
Во споредба со претходните години, во буџетот за 2018 година може да се забележи една голема разлика, а тоа е дека во ставката помош, донации и други давачки не се предвидени никакви средства. Презентацијата на извештајот за мониторингот на АЕК и АВМУ ја организираа „Евротинк – Центар за европски стратегии“, НВО „Инфоцентар“, „Транспарентност Македонија“ и Хелсиншкиот комитет за човекови права.
В. М.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.