Економија
Анѓушев во Амстердам осомничен за „киднапирање“ имот поврзан со „Фени“
Координирање на акција за „киднапирање“ на имотот на холандскиот никел-гигант „Кунико“ е дело со кое е осомничен вицепремиерот Кочо Анѓушев во судот во Амстердам, јавуваат холандските медиуми. Тужбата е поведена во Амстердам оти таму е седиштето на компанијата „Кунико“, поранешен сопственик на „Фени индустри“ од Кавадарци.
Мнозинскиот акционер во „Кунико“ тужи оти смета дека вицепремиерот Кочо Анѓушев, заедно со израелскиот бизнисмен Бени Штајнмец, малцински партнер во „Кунико“, со нелегални активности им ја одзел компанијата во Македонија.
Мнозинскиот пакет во „Кунико“ има тројца сопственици кои поседуваат 90 отсто од компанијата, а преостанатите 10 отсто се на израелскиот бизнисмен Штајнмец.
Холандските медиуми јавуваат дека тужбата е поднесена против 9 фирми и 4 физички лица, меѓу кои е вицепремиерот Анѓушев. „Кунико“ обвинува за заговор и побарува 20 милиони евра отштета од вкупната сума од 100 милиони евра вкупен криминал во „Фени индустри“.
Од кабинетот на вицепремиерот Анѓушев велат дека наводите во холандските медиуми се неточни.
„Владата на РМ категорично ги отфрла како невистинити тврдења изнесени во статијата објавена на веб-страницата Het Finansieele Dagblad на 3 јуни 2018 година со наслов ‘Холандскиот никел-гигант лут на заговорот на македонскиот вицепремиер’. Наводите што ги изнесува компанијата ‘Кунико ресурси’ во текстот се целосно неточни, а со втората страна, во случајот Владата на РМ, воопшто не е контактирано за став како што налагаат професионалните новинарски стандарди“, велат од кабинетот на Анѓушев.

Медиумите во Холандија известуваат и дека две македонски банки, осомничени дека се дел од заговорот, преку своите адвокати ги отфрлиле обвинувањата.
Раководството на „Фени“ поставено од „Кунико“, пак, во Македонија има три кривични пријави. Управата за финансиска полиција поднесе две од нив против поранешниот директор на „Фени“, Јусуф Миракхмедов, едната поради основано сомнение дека направил отпис на незастарени побарувања на „Фени“, со што се сомничи дека ја оштетил фабриката за 51.505.526 американски долари, а другата поради сомнение дека незаконски отуѓувал резерви на фероникел и друга руда од фабриката врз кои банките имале заложно право, со што фабриката била оштетена со речиси 30 милиони долари.
Третата кривична пријава е од малцинскиот акционер во „Кунико“, кој ги сомничи раководството на фабриката и директорот за злосторничко здружување, злоупотреба на службената должност и овластувањето, измама, оштетување или привилегирање доверители, како и други дејства со кои му е нанесена штета на малцинскиот акционер.
Миракхмедов ја напушти Македонија лани на крајот на октовмри пред да се соочи со кривичните пријави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Германскиот автомобилски сектор ќе изгуби 225.000 работни места
Германската автомобилска индустрија ќе изгуби 225.000 работни места до 2035 година, околу 35.000 повеќе од претходно предвиденото, предупреди денес шефот на Германското здружение на автомобилска индустрија (VDA). VDA претходно предвиде дека 190.000 работни места ќе бидат изгубени во автомобилскиот сектор помеѓу 2019 и 2035 година.
„Врз основа на сегашните пресметки, сега за жал мора да претпоставиме дека 225.000 работни места ќе бидат изгубени до 2035 година“, изјави претседателката на VDA, Хилдегард Милер, за медиумската група RND. Таа, исто така, истакна дека помеѓу 2019 и 2025 година, веќе се изгубени приближно 100.000 работни места.
Се очекува добавувачите да бидат особено силно погодени, бидејќи преминот од возила со мотори со внатрешно согорување кон електрична мобилност води до значителни загуби на работни места во секторот на добавувачи, рече Милер.
Претседателката на здружението, исто така, ја обвини, она што таа го нарече „сериозната и тековната криза на конкурентноста“ во Германија и Европа за влошените перспективи.
„Состојбите значително се влошуваат“, предупреди Милер, наведувајќи ги високите даноци и царини, скапата енергија, високите трошоци за работна сила и прекумерната бирократија меѓу тешкотиите со кои се соочува автомобилската индустрија.
фото/Depositphotos
Економија
Мукаетов на Самитот „Македонија 2025“: „’Алкалоид’ е пример дека Македонија може да се натпреварува глобално“
Компаниите од земјава и од регионот треба да ги напуштат локалните практики и да работат според глобалните правила и стандарди, доколку сакаат да бидат конкурентни и успешни на меѓународните пазари. Растот и развојот на „Алкалоид“ се резултат на децениско инвестирање во производство, истражување и развој, таленти, технологија и во регионална експанзија. Овогодишниот самит на организацијата „Македонија 2025“ обедини водечки бизнис-лидери од регионот, кои дискутираа за системските промени потребни за забрзан раст и за предизвиците со кои се соочуваат компаниите во процесот на интернационализација.
На панелот посветен на прашањето како може регионот од потенцијал да создаде скалабилни и одржливи резултати се отворија клучни теми за конкурентноста, иновациите и задржувањето на талентите во Југоисточна Европа. Генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, говореше за трансформацијата на компанијата од регионален производител во глобално конкурентна фармацевтска компанија.

„Пресвртот се случуваше постепено како резултат на долгорочната и внимателно поставена стратегија. Визијата за глобализација започна со изградбата на новите производствени капацитети во раните 2000-ти години, додека, пак, клучниот исчекор кон европските пазари се случи во 2007 година, кога беше потврдена нашата усогласеност со стандардите ЕУ-GMP и кога го добивме првото одобрение за ставање лек во промет во Европската Унија. Денес ’Алкалоид’ има 1008 маркетиншки авторизации за лекови на пазарите во ЕУ.“
Мукаетов посочи дека фармацевтскиот сегмент денес учествува со 91 процент во вкупните продажби на компанијата, удел во кој предничи полусинтетскиот цефалоспорин – цефиксим, за кој „Алкалоид“ е водечки производител во Европа и Евроазија според волуменот на производство.

Посебен акцент на панелот беше ставен врз важноста на човечките ресурси и врз проблемот на земјава и регионот со одлив на таленти, што директно влијае врз економскиот и иновативниот потенцијал. Меѓу компаниите во регионот сѐ почесто се наметнува оцената дека образовниот систем не одговара на потребите на современиот пазар на трудот и дека е евидентен недостигот од практично подготвен и глобално конкурентен кадар.
„’Алкалоид’ инвестира во сопствена академија, практикантски програми, дуално образование и во стипендии за студенти по медицина и фармација, со цел да придонесе за создавање и задржување квалитетен кадар во земјава. Како столбови на националните економии, големите компании треба да најдат начини за да ги задржат талентите тука. Нашата стратегија за луѓето е и наша бизнис-стратегија“, порача генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, на Самитот „Македонија 2025“, нагласувајќи дека долгорочниот успех и позитивниот имиџ на компанијата се темелат врз организациска култура во која луѓето, довербата и развојот на таленти се врвен приоритет.

На панел-сесијата „Од потенцијал до перформанси: може ли регионот да скалира?“, модерирана од Методија Папазоски, член на Одборот на директори на „Македонија 2025“ и претставник на „EMBS Group“, учествуваа и Александар Сератлиќ, претседател на Надзорниот одбор на „Mercata VT Owner“ и член на надзорните одбори на „Vivex Group“, „Краш“ и „MPC Properties“; Ана Драшковиќ, потпретседател и регионален генерален менаџер за Југоисточна Европа во „VISA“, и Огњен Лазиќ, генерален директор на „Пивара“ Скопје.
ПР
Економија
Влада: Преку Програмата за намалување на диспаритетите и зголемување на конкурентноста за 2026 година ќе се финансираат 32 проекти
Преку Програмата за намалување на диспаритетите и зголемување на конкурентноста за 2026 година ќе се финансираат 32 проекти, соопштија од Владата.
На денешната седница беа разгледани и усвоени програмите преку кои за 2026 година ќе се финансираат десетици проекти насочени кон подобрување на условите за живот, локалната инфраструктура, конкурентноста и одржливиот развој.
Преку Програмата за намалување на диспаритетите и зголемување на конкурентноста за 2026 година ќе се финансираат 32 проекти, со вкупна вредност од 74.839.946 денари.
„Со овие програми, Владата ја потврдува својата определба за еднаков развој на сите региони, поддршка на локалните заедници и создавање подобри услови за економски раст и поквалитетен живот за граѓаните во секој дел од државата“, пишува во соопштението.
