Контакт

Истражувања

(Видео) Дојавувачи укажуваат на злоупотреби во Дирекцијата за заштита на лични податоци

Објавено пред

„Судир на интереси“, „злоупотреба на службена должност“ и „тргување со влијание“ се дела кои вработени во Дирекцијата за заштита на лични податоци му ги припишуваат на генералниот секретар во Дирекцијата, Игор Кузевски. Тој приватно правел обуки на тема заштита на лични податоци, кои, според вработените, може да ги прави и Дирекцијата и да обезбеди дополнителен приход како гарант на самостојноста на институцијата. Тие сметаат дека со организирањето приватни обуки кои слушателите ги плаќаат, а парите не завршуваат во институцијата, генералниот секретар го намалува интересот за обуките што ги организира Дирекцијата и ја намалува можноста за осамостојување.

Генералниот секретар Кузевски потврди дека приватно правел обуки, но смета дека не го нарушил ниту конкурирал на работењето на Дирекцијата. Обуките вели дека биле придружен дел од промоцијата на книгата „Прирачник за заштита на личните податоци“, која тој ја напишал.

„Ја пишував речиси две години и по тој повод имав три настани како промоција на книгата на коишто се спроведуваше обука.  Обуката беше со работен наслов ‘ЕУ регулатива за заштита на лични податоци’, но во основа целата обука се однесува на набројување на основните начела во ЕУ. Тоа нема директна па јас би рекол ниту индиректна врска со заштита на лични податоци. Тоа се технички алатки. Предавањето не е во сегментот на лични податоци туку е во врска со промоцијата на книгата и беше инцидентно. Не е нешто што го правам со години. Се случи трипати откако е објавена книгата и нема повеќе, барем така знам. Ако е проблем што поради промоција на книга се одржани три обуки во кои се кажуваат најзначајните  сегменти што би ги поттикнале слушателите да направат прилагодувања на  својата машина, тогаш…“, вели генералниот секретар Кузевски.

Вработените сметаат дека Кузевски тргува со влијание оти приватните обуки ги држи не како експерт за заштита на лични податоци туку се претставува како генерален секретар во Дирекцијата.

„Книгата ја напишав во време кога не бев и не сонував да бидам генерален секретар. Напишав книга и во меѓувреме станав генерален секретар. Да речам сега дека не сум генерален секретар би било лажно претставување. Како да се претставам? Само како експерт за заштита на лични податоци? Па тогаш некој ќе ме праша кој ти ја даде титулата експерт“, вели Кузевски.

Кузевски ја напишал книгата пред да стане генерален секретар, а ја промовирал и држел обуки откако бил назначен на функцијата

Тој извршува три функции во Дирекцијата. Освен што е генерален секретар, тој членува во Комисијата за обуки и назначен е за лице за пријава на неправилности и сомнежи за измами или корупција во Дирекцијата за заштита на лични податоци. Кај него се пријавуваат нерегуларностите во работењето на Дирекцијата па вработените велат дека токму затоа се обесхрабрени да пријават случај поврзан лично за него. На официјалната веб-страница на Дирекцијата Кузевски е единственото лице за пријава на нерегуларности.

„Бев претседател на Комисијата за спроведување обуки пред да станам генерален. Во моментот кога станав генерален побарав да ме тргнат од тоа поради овие работи па бев ставен како заменик-претседател и од тогаш, реално, предавам само кога ќе зачестат обуките. И да, определен сум за лице за пријава на неправилности во работењето затоа што некој одлучил тоа да биде така. Затоа што некој ги проценил моите морални вредности. Ви кажав и претходно дека имаме уште еден службеник. Назначивме по заклучокот на Владата. Лицето требаше да исполнува некои профили од подзаконот, да има безбедносен сертификат и еден куп други работи. Се увиде дека само јас ги исполнувам“, рече Кузевски.

Од обуките на кои предвач е генералниот секретар на Дирекцијата за заштита на лични податоци

Последна забелешка за однесувањето на Кузевски од вработените е тоа што во период кога ги држел обуките се пријавувал дека е на работа, за што тој вели дека е уште една лага за него.

Директорот на Дирекцијата, Горан Трајковски, за случајот со генералниот секретар не сакаше да зборува пред камера. Вели дека знае за книгата што ја објавил Кузевски и за уште два настани кои биле одржани за промоција на книгата, но не знае за какви приватни обуки станува збор. Тој не ја исклучи можноста за постоење судир на интереси.

„Дали има судир на интереси во овој случај треба да се разговара, но јас како прв заштитник на приватноста навистина не можам ниту сакам да навлегувам во приватноста на моите вработени. За каква приватност се залагаме во таков случај? Во крајна линија секој може да држи обуки, но без сертификат. Само Дирекцијата издава сертификати“, рече директорот нагласувајќи дека сознанија за приватни обуки не стасале до него за да може да зборува за тоа.

За директорот е оправдано што Кузевски е носител на три функции во Дирекцијата бидејќи имаат недостиг од луѓе.

Во услови на нефункционалност на Државната комисија за спречување корупција, став за  случајот со генералниот секретар во Дирекцијата за заштита на лични податоци побаравме од Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси интернешнал“. Таа вели дека вообичаено не се дозволува извршување вакви дејности дури ни за професори на факултет и тврди дека секако треба да се испита случајот.

Истражувања

Разрешена директорка зела плата и го возела службениот автомобил

Објавено пред

Ексдиректорката на Државниот комунален инспекторат, Елизабета Јованчева, и разрешена зела плата, го возела службениот автомобил и потпишувала документи, а нејзините колеги сведочат и дека заминала на обука во Италија за која си зела и дневници. Инспекторатот сега судски бара ексдиректорката да врати 26.832 денари, што ѝ биле префрлени како плата по разрешувањето, а откако ќе ја добие пресудата за платата, ќе поведе постапка и за сите останати трошоци што ги направила во периодот по одлуката на Владата.

„Владата ја разреши Јованчева на 15 мај 2018 година, без образложение, со назнака дека одлуката стапува на сила веднаш, но таа си остана на функцијата до јуни. Место само за 15 дена од мај, таа си потпиша плата за цел месец. Одвреме-навреме доаѓаше и на работа. Кога ја прашавме зошто доаѓа и по одлуката на Владата, таа кажуваше дека чека официјално известување“, велат вработени во Инспекторатот кои сакаа да останат анонимни.

Инспекторатот бил без директор до август 2018 година кога Владата го назначила Зоран Маџовски за в.д. директор, но по само две недели го разрешила и него и за в.д. директор е назначен Сали Ајдини, кој сè уште е на функцијата. Со негов потпис, Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата. Со истиот допис ја известиле ексдиректорката дека ако не ги врати парите, ќе почнат судска постапка.

Јованчева им одговорила дека барањето им е неосновано, па Инспекторатот побарал милење од Државното правобранителство. Правобранителството го прифатило барањето и го известило Инспекторатот дека случајот е испратен за постапување до Државното правобранителство во Штип, надлежно да постапува доколку е потребно да биде поведена судска постапка.

„Правобранителството нè извести дека подготвително рочиште за предметот е закажано за во март годинава. Нашиот став е дека поранешната директорка треба да ги врати парите за половина месец оти одлуката на Влада за нејзино разрешување стапи на сила веднаш и таа беше одјавена од социјално осигурување“, изјави директорот Ајдини за „Макфакс“.

Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата

„Макфакс“ ја контактираше ексдиректорката Јованчева, но таа не сакаше да зборува за случајот.

Владата, која ја назначи и ја разреши Јованчева, не одговори на прашањата кое е образложението за нејзиното разрешување и зошто постојано дозволуваат Инспекторатот да е без директор.

„Во однос на кадровските прашања во Владата на Република Македонија, има комисија за кадровски прашања, која за секое лице поединечно ги проверува содржините на поднесената документација за да се провери дали ги исполнуваат условите за именување и соодветно на фактите, со потврдата за исполнување на условите за именување, Владата ги именува истите“, е коментарот на Владата како одговор на прашањата за смената на Јованчева.

Владата ја назначи за директорка Јованчева на 26 јануари 2018 година откако Инспекторатот беше три месеци без директор, оти дотогашниот стана градоначалник, а вработените беа без плата. Една од првите обврски на Јованчева беше потпишувањето на платата.

 

Прикажи повеќе...

Истражувања

(Видео) „Лимак“ и Градот ги изиграа скопјани, се гради хотел место прво да се изгради подземната сообраќајница

Објавено пред

Место прво да ја изгради подземната сообраќајница па потоа да ги гради содржините над земја, турската компанија „Лимак“ кај Стара железничка прво гради хотел. Зад „Рамстор“ веќе се гледа објект од приземје и четири ката, а во исто време на трасата на подземната сообраќајница видливи се само подготовки за градење. Овој проект е уште еден во низата проекти што имаат поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Во време на ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година беше продадено државното земјиште, но се молчеше иако со години не се градеше, а властите од СДСМ, пак, лани наплатија комуналии за сите предвидени објекти и издадоа одобренија за градење и покрај мораториумот за градење во Центар.

Сега властите молчат за редоследот на градење. Обврската прво да ја изградат подземната сообраќајница на Турците им ја наметна поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, веднаш по продажбата на земјиштето во 2012 година. Трајановски ги уверуваше скопјани дека Град Скопје склучил договор со Турците кој нема да дозволи тие да си ги изградат комерцијалните содржини над земја и да ја баталат подземната сообраќајница бидејќи се обврзале прво да ја изградат сообраќајницата, а дури потоа да почнат да ги градат другите содржини. Изградбата се одолговлекуваше со години, а кога веќе почнаа да градат минатата година, Турците покажаа дека приоритетен им е хотелот, спротивно на уверувањата на поранешниот градоначалник.

Иако објектот зад „Рамстор“ секојдневно расте, и од Град Скопје и од „Лимак“ велат дека не е прекршен договорот за изградба на подземната сообраќајница.

Од Градот тврдат дека е на сила договорот што го потпишал поранешниот градоначалник, но го сокрија кога „Макфакс“ со барање за пристап до информации од јавен карактер побара копија. Не одговорија на барањето и по истекот на законскиот рок од еден месец.

„Градот Скопје го нема променето договорот склучен помеѓу Град Скопје и ‘Лимак’ од 12.03.2012 година“, кусо одговорија од Градот на прашањето кога го смениле договорот што го обврзува „Лимак“ прво да ја изгради подземната сообраќајница, а потоа да ги гради останатите содржини со оглед на сегашната состојба на градилиштето зад „Рамстор“.

Од „Лимак“ избегнаа да одговорат директно на прашањето зошто не ја изградија подземната сообраќајница пред да почнат да ги градат другите содржини. Велат дека и покрај одолговлекувањето, ќе ги исполнат обврските од договорот потпишан во 2012 година.

„Според распоредот за изградба на ‘Лимак’, подземната сообраќајница ќе биде прва точка од проектот на ‘Лимак’, кој ќе се гради на парцелата 1.1. ‘Лимак’ прво ќе ја гради подземната сообраќајница на секвенци на парцелата 1.1 и ќе работи нагоре за да ги комплетира паркинзите, а дури потоа ќе почне со активности за изградба на станбените објекти и трговскиот центар кои е предвидено да се наоѓаат на ова место. Според инженерите, ова е сосема изводлив проект. Планирано и буџетирано е дека ‘Лимак’ ќе инвестира до 250 милиони евра за да го заврши овој проект“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.

Од компанијата се правдаат дека почнале да го градат хотелот зад „Рамстор“ оти заедно со локацијата го презеле и одобрението за градење што претходниот инвеститор го добил во 2008 година. Морале да почнат да градат оти биле обврзани во рок од десет години од издавањето на одобрението градбата да заврши. Поради истечениот рок за завршување на градбата „Лимак“ плаќа казна од два милиона денари месечно.

Официјално изградбата на комплексот кај Јужен булевар Турците ја почнаа лани во септември и најавија дека подземната сообраќајница ќе биде готова за 20 месеци, односно до средната на 2020 година. Ќе се гради прво потпорен ѕид од 17.000 квадратни метри околу сите парцели опфатени со проектот.

„Лимак“ на просторот кај Стара железничка станица покрај подземната сообраќајница најави изградба на мултифункционален комплекс со четири дваесеткатници, трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Земјиштето со вкупна површина од 41.824 квадратни метри во 2012 година го купи за 3,7 милиони евра. Лани за комуналии на Град Скопје се обврза да му исплати 6,5 милиони евра на рати, а за 20 отсто помала сума треба да исплати на име комуналии и во Општина Центар.

Прикажи повеќе...

Истражувања

(Видео) Турците ем градат кај Стара железничка ем плаќаат казна од 2 милиона денари месечно

Објавено пред

Турската компанија „Лимак“, која го гради комплексот со дваесеткатници кај Старата железничка станица, месечно уплаќа по  2 милиони денари во буџетот на Република Македонија како казна за нереализиран договор со Министерството за транспорт и врски, покажа истражување на „Макфакс“. Во договорот фирмата е обврзана во рок од десет години да изгради хотел, но рокот истече, а хотелот не е изграден, па „Лимак“ од средината на минатата година плаќа казна за неградење. Во исто време почна и да гради, наспроти гласното противење на скопјани против нови објекти во строгиот центар на градот. Хотелот, за кој плаќа казна, како и сите останати содржини што ги најави компанијата, се на државно земјиште кое Министерството за транспорт го продаде на „Лимак“.

„Компанијата е обврзана да плаќа договорна казна во висина од 1,5 отсто од вкупно постигнатата цена на јавното наддавање на предметното земјиште за секој изминат месец во првата година од истек на рокот, односно по 2.004.336 денари месечно, почнувајќи од 24.06.2018 година“, велат од Министерството за транспорт и врски за „Макфакс“.

Казната е за неизградениот хотел „Радисон“, кој во Скопје требаше да го изгради британската компанија „ХЛХ Македонија“, која доби и одобрение за градење во 2008 година, но откако не го изградија, земјиштето беше повторно вратено во државна сопственост, а Министерството за транспорт и врски во 2012 година го продаде на „Лимак“ во пакет со целото земјиште околу Старата железничка станица. „Лимак“ ја презеле обврската да изгради хотел, а го наследил и одобрението за градење поради кое сега плаќа казна.

„Претходниот инвеститор/изведувач ја има добиено градежната дозвола во јуни 2008 година. Според договорот со министерот за транспорт, изградбата требаше да заврши во рок од 10 години по издавањето на дозволата. Крајниот рок беше јуни/2018 година. Така, бидејќи се презема локацијата, ‘Лимак’ почна да ги плаќа соодветните месечни казни. Ова се однесува само за конкретната парцела, 1.12. Не за другите локации од мултифункционалниот комплекс“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.

Од турската компанија велат дека се отворени за соработка, но не сакаат да зборуваат пред камера.

Државата, преку Министерството за транспорт и врски им продаде вкупно 41.824 квадратни метри на Турците за вкупно 231.827.204 денари, или 3,7 милиони евра, земјиште поделено во две големи парцели. „Лимак“, пак, минатата година во септември и официјално ја почна изградбата на мултифункционален комплекс кој покрај четри дваесеткатници и хотел предвидено е да има трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Турците, заедно со комплексот, треба да ја изградат и подземната сообраќајница на Јужен булевар на која се чека уште од 2012 година.

Следно: „Лимак“ го изигра Градот, гради хотел место прво да ја изгради подземната сообраќајница

 

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија13 часа

Регистрирани 333 нови случаи на коронавирус, починаа 19 лица

Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје дека во последните 24 часа. Направени се 2.547 тестирања,...

Македонија17 часа

Имаме мнозинство и очекуваме дополнително да се зголеми, рече Османи

Има мнозинство во парламентот кое очекуваме дополнително да се зголеми, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи одговарајќи на новинарски...

Свет17 часа

Светската медицинска асоцијација: Можеби вакцината против Ковид ќе треба да се дава секоја година

Дополнителна доза од вакцината против коронавирусот веројатно ќе биде потребна секоја година, смета претседателот на Светската медицинска асоцијација, Франк Улрих...

Македонија17 часа

Кои се луѓето кои го следат секој мој потег, прашува Аријанит Хоџа по објавената фотографија од средбата со Муса Џафери

Министерот во оставка од Движењето Беса, Аријанит Хоџа ја искоментира фотографијата што се појави на социјалните мрежи, а на која...

Македонија18 часа

Сопственикот на „Беса Транс“: Овие тестови се од Алах

Сопственикот на автопревозникот „Беса Транс“, Беким Хаџиу, преку социјалната мрежа „Фејзбук“ се огласи во врска со автобуската несреќа во која...

Свет20 часа

ГАВИ: Омикрон видот се појави поради неправедната распределба на вакцините во светот

Меѓународната асоцијација за промоција на правична вакцинација во светот, ГАВИ, оцени дека појавата на новиот сој на коронавирусот-омикрон укажува на...

Македонија2 дена

Почна постапката за кандидирање за претседател на СДСМ, изборите на 12 декември

Централниот одбор на СДСМ на синоќешната седница донесе одлука за започнување на процесот за организирање внатрепартиски непосредни избори за претседател,...

Македонија2 дена

ДУИ смета дека оставката на Заев од премиерката позиција треба да почека

Првиот вицепремиер Артан Груби, денеска изјави дека ДУИ верува оти оставката на премиерот Зоран Заев од функцијата прв човек на...

Македонија2 дена

Двајцата пациенти од автобуската несреќа се хоспитализирани на Пластична хирургија во Скопје

Пациентка на 17 годишна возраст и пациент на 49 годишна возраст, повредени во сообраќајната несреќа што се случи на автопатот...

Македонија2 дена

Филипче предлага матичните лекари да бидат парично наградени ако 70 отсто од нивните пациенти се вакцинирани

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека во последниве неколку дена се разгледуваат мерки за невакцинираните лица кои нема да...

Македонија2 дена

Бугарското обвинителството ги презеде материјалите од Македонија за истрагата за автобуската несреќа

Македонското државното јавно обвинителство денеска ги предаде на бугарското обвинителство материјалите поврзани со истрагата и со идентификацијата на жртвите во...

Македонија2 дена

Османи: Со Бугарија сме најблиски соседи, блиски пријатели и можеме да си помагаме и во добро и во лошо

„Бугарските институции постапија професионално и им обезбедија мир на семејствата на жртвите, бидејќи имаше премногу шпекулации, што дополнително ги оптоваруваше...

Свет2 дена

Можеме да ги приспособиме вакцините кон новата варијанта за околу 100 дена, велат од „Фајзер“

Производителите на вакцини изразија уверување дека ќе можат брзо да ги приспособат своите вакцини доколку се прошири варијантата Омикрон. Новиот...

Свет2 дена

Автобус се заби во куќа во Мексико, најмалку 19 загинати

Најмалку 19 лица загинаа, а 32 се повредени во автобуска несреќа што вчера се случи во Мексико, кога автобус се...

Македонија2 дена

Двајца од повредените во несреќата се отпуштени од болницата „Пирогов“

Двајца повредени во сообраќајката на автопатот „Струма“ се отпуштени од болницата во „Пирогов“. Отпуштените се во добра и стабилна состојба,...

Македонија2 дена

ВМРО-ДПМНЕ: Кој дал наредба автобусите на „Беса-транс“ да поминуваат граница над 100 пати без дозвола?

„Оставки и Спасовски и Бочварски, Беса транс возеле без дозволи, минувале граници и контроли, системот работел за мафијата. Скоро 140...

Македонија2 дена

Прифатена оставката на Заев, на 12 декември ќе се бира нов претседател на партијата

На 12 декември, недела, ќе се одржат внатрепартиски избори во СДСМ, откако Централниот одбор на партијата вечерва ја констатирал оставката...

Регион2 дена

(Видео) Пукање во автобус со калашников во Косово, убиени возачот и двајца ученици

Во автобус вечерва е пукано од калашников кај селото Глоѓане кај Дечани, во Косово, а според последните информации загинале четири...

Македонија2 дена

Алтернатива ќе преговара за влез во Владата

Алтернатива одлучи претседателот Африм Гаши да преговара со премиерот Зоран Заев или идниот мандатар за влез во Влада. Според нив,...

Топ2 дена

Скопјанец повикан во полициска станица поради говор на омраза за автобуската несреќа

Скопјанец бил повикан во полициска станица на информативен разговор поради говор на омраза за автобуската несреќа во која загинаа 45...

Досие