Контакт

Истражувања

(Видео) Патарини: Една пресметка за пратениците, друга за граѓаните

Објавено пред

Алија Камбероски, кој e прв на листата на топ 20 пратеници според потрошените средства за патни трошоци за 2017 година што ја објави „Макфакс“, патува од Лабуништа, Струга, и во еден правец поминува околу 174 км за да стигне до Скопје.

Според пресметките што може да се добијат на порталот viamichelin.com, во просек патот до Скопје од оваа локација еден граѓанин кој патува со свој автомобил, без патарините, би го чинел нешто повеќе од 18 евра или 36 евра во двата правци. Доколку на тоа се додадат и околу 5 евра за патарини во двата правци, трошоците би изнесувале 41 евро за патот до Скопје. Ако  во месец со набиена агенда еден граѓанин реши да патува 20 пати до Скопје и назад од оваа локација, според оваа пресметка, ќе потроши околу 820 евра за патни трошоци. Доколку се примени актуелното правило за враќање на 30% од оваа сума, тогаш граѓанинот би требало да врати 246 евра од патните трошоци.

Но, трошоците за пратениците се пресметуваат според друга методологија бидејќи не им се брои само потрошениот бензин туку и изминатите километри. Тие со сегашната одлука на Собранието имаат право на надоместок за користење автомобил во лична сопственост за службени цели во висина од 30% од продажната цена на еден литар гориво според изминат километар, плус патарините. Па така, во април Камбероски земал околу 2 илјади евра за патни трошоци, во јули 2364 евра, додека во ноември 2427 евра.

Камбероски од март до ноември лани за само девет месеци од Собранието добил 12.847 евра за патни трошоци, што значи дека во просек само за патот до Собранието и назад месечно добивал дополнително по 1.427 евра.

Пратениците и лани зеле по 10-12 илјади евра за патни трошоци

Слично е и кај многу други пратеници кои потекнуваат од други градови и во одредени месеци земале по две и повеќе илјади евра за патни трошоци.

Според Одлуката за висината на надоместокот на пратениците, тие може да го користат ова право и за седници на работните тела, како и за учество во работата на делегации, пратенички групи, семинари, средби. Но, според упатените, во финалната пресметка за враќање на патни трошоци не влегуваат само потрошениот бензин и патарините туку и амортизацијата за возилото и други трошоци.

Според објаснувањата што ги добивме од вработени во собраниската финансиска служба за тоа како се прави пресметката на патни трошоци за рефундирање кај пратениците, пратениците прво приложуваат патна сметка. Тие се потпишуваат во списоци за секоја активност во Собранието и доколку се потпишани, имаат патна сметка и приложуваат патарини закачени за таа патна сметка и потоа се внесуваат во програма што им ги пресметува сумите за патни трошоци.

Според нив, ако хипотетички еден пратеник поминал 100 км и вредноста на горивото е околу 100 евра, тогаш тој добива враќање од 30% од тие 100 евра или 30 евра.

„Макфакс“ од Собранието ги побара, но не ги доби копиите од сите сметки за патарини и бензин што биле поднесени до законодавниот дом за враќање на патни трошоци од 2017 за десетина пратеници кои во изминатиот период се споменуваа како оние што најмногу трошеле за патни трошоци. Од Собранието нè информираа преку телефон дека доставата на ваквите копии не може да ја обезбедат бидејќи тоа ќе значело премногу фотокопирање и време за службите, па затоа не може да добиеме увид во копиите од патарините.

Направивме повторен обид преку генералниот секретар на Собранието, Цветанка Иванова, да добиеме увид во дел од копиите, но таа нè упати да испратиме ново барање за слободен пристап или, пак, да испратиме жалба на делумно одговореното барање.

Дел од пратениците кои се најдоа во ТОП 20, според патните трошоци според нивните анкетни листови кои ги доставиле до Антикорупциска, поседуваат и станови во Скопје. Томислав Тунтев во имотниот лист пријавил дека поседува стан од 39 квадрати во Скопје. Пратеникот Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ исто така пријавил дека има стан во Скопје од 57 квадрати. Неговиот колега од истата партија, Сашо Василевски, пријавил дека неговата сопруга има стан во Скопје од 91 квадрат, а исто така и пратеничката Јагода Шахпаска пријавила стан од 62м2 како имот на сопругот.

Алија Камберовски од ПЕИ за „Макфакс“ вели дека трошоците од повеќе од 1400 евра месечно за пат до Собранието воопшто не биле високи.

„Јас патувам секојдневно, пресметајте ако секој ден патувате колку ќе ве чини. Ние сме шофери а не пратеници, дали би можел со илјада евра плата да седам во Скопје, да плаќам стан и да гледам фамилија. Имам деца, жена, тие суми не се високи, немам можност и да сакам да седам во Скопје, не ми дозволуваат фамилијарните обврски“, изјави Камберовски.

Тој додава дека непотребно се кренала фама околу патните трошоци и дека не се говори за милионите евра потрошени на разни други глупости, туку за потребите на пратениците.

„Се крена фама, а ако сакаат слободно нека најдат решение и кој сака нека нè вози, па нека си ги земат тие патни трошоци. Нека ни најдат некој на располагање 24 часа, три дена нема да издржи, секој ден патувам по 400 км, слободно нека проверат. Сè е согласно со Законот за пратеници“, вели Камберовски.

Пратеничката Затуроска рече за „Макфакс“ дека ѝ се познати податоците за потрошените средства. „Немам ништо што да додадам. Сè е видливо и во согласност со законите“, изјави пратеничката која патува од Битола. Таа додаде дека во тек се законските измени што треба да ги преполоват трошоците кои Собранието ги исплаќа за превоз и патарини. Затуроска рече дека ваквите исплати споредени со актуелната економска состојба во државата изгледаат навредливо.

Пратеникот Сурија Рашиди исто така смета дека непотребно се кренала многу фама во јавноста за патните трошоци.

„Мислам дека целта е напад врз дигнитетот на пратениците и авторитетот на Собранието. Од моја страна нема никаква злоупотреба, патувам дневно по 350 км, не сум бил пратеник кога е донесен тој закон, сè е законски. Ако математиките кажат дека навистина се големи, тогаш може да се преземат мерки. Лично мислам дека треба да се размисли за добар закон кој веќе нема да остава впечаток дека ќе има простор за злоупотреби. Да не дојдеме во ситуација да немаме на крај луѓе заинтересирани да се пратеници“, вели Рашиди.

Пратеничката група на СДСМ поднесе иницијатива за намалување на патните трошоци и надоместокот од 30 отсто од цената за изминат литар бензин да се преполови на 15 отсто. Предлозите поминаа како точка на дневен ред на Комисијата за финансирање и буџет, а работата е запрена во Комисијата за политички систем, каде што треба да се формира работна група. Според координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, се чека да се вратат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за да поминат предлозите.

Кристина Озимец / Васко Маглешов

Истражувања

Разрешена директорка зела плата и го возела службениот автомобил

Објавено пред

Ексдиректорката на Државниот комунален инспекторат, Елизабета Јованчева, и разрешена зела плата, го возела службениот автомобил и потпишувала документи, а нејзините колеги сведочат и дека заминала на обука во Италија за која си зела и дневници. Инспекторатот сега судски бара ексдиректорката да врати 26.832 денари, што ѝ биле префрлени како плата по разрешувањето, а откако ќе ја добие пресудата за платата, ќе поведе постапка и за сите останати трошоци што ги направила во периодот по одлуката на Владата.

„Владата ја разреши Јованчева на 15 мај 2018 година, без образложение, со назнака дека одлуката стапува на сила веднаш, но таа си остана на функцијата до јуни. Место само за 15 дена од мај, таа си потпиша плата за цел месец. Одвреме-навреме доаѓаше и на работа. Кога ја прашавме зошто доаѓа и по одлуката на Владата, таа кажуваше дека чека официјално известување“, велат вработени во Инспекторатот кои сакаа да останат анонимни.

Инспекторатот бил без директор до август 2018 година кога Владата го назначила Зоран Маџовски за в.д. директор, но по само две недели го разрешила и него и за в.д. директор е назначен Сали Ајдини, кој сè уште е на функцијата. Со негов потпис, Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата. Со истиот допис ја известиле ексдиректорката дека ако не ги врати парите, ќе почнат судска постапка.

Јованчева им одговорила дека барањето им е неосновано, па Инспекторатот побарал милење од Државното правобранителство. Правобранителството го прифатило барањето и го известило Инспекторатот дека случајот е испратен за постапување до Државното правобранителство во Штип, надлежно да постапува доколку е потребно да биде поведена судска постапка.

„Правобранителството нè извести дека подготвително рочиште за предметот е закажано за во март годинава. Нашиот став е дека поранешната директорка треба да ги врати парите за половина месец оти одлуката на Влада за нејзино разрешување стапи на сила веднаш и таа беше одјавена од социјално осигурување“, изјави директорот Ајдини за „Макфакс“.

Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата

„Макфакс“ ја контактираше ексдиректорката Јованчева, но таа не сакаше да зборува за случајот.

Владата, која ја назначи и ја разреши Јованчева, не одговори на прашањата кое е образложението за нејзиното разрешување и зошто постојано дозволуваат Инспекторатот да е без директор.

„Во однос на кадровските прашања во Владата на Република Македонија, има комисија за кадровски прашања, која за секое лице поединечно ги проверува содржините на поднесената документација за да се провери дали ги исполнуваат условите за именување и соодветно на фактите, со потврдата за исполнување на условите за именување, Владата ги именува истите“, е коментарот на Владата како одговор на прашањата за смената на Јованчева.

Владата ја назначи за директорка Јованчева на 26 јануари 2018 година откако Инспекторатот беше три месеци без директор, оти дотогашниот стана градоначалник, а вработените беа без плата. Една од првите обврски на Јованчева беше потпишувањето на платата.

 

Прикажи повеќе...

Истражувања

(Видео) „Лимак“ и Градот ги изиграа скопјани, се гради хотел место прво да се изгради подземната сообраќајница

Објавено пред

Место прво да ја изгради подземната сообраќајница па потоа да ги гради содржините над земја, турската компанија „Лимак“ кај Стара железничка прво гради хотел. Зад „Рамстор“ веќе се гледа објект од приземје и четири ката, а во исто време на трасата на подземната сообраќајница видливи се само подготовки за градење. Овој проект е уште еден во низата проекти што имаат поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Во време на ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година беше продадено државното земјиште, но се молчеше иако со години не се градеше, а властите од СДСМ, пак, лани наплатија комуналии за сите предвидени објекти и издадоа одобренија за градење и покрај мораториумот за градење во Центар.

Сега властите молчат за редоследот на градење. Обврската прво да ја изградат подземната сообраќајница на Турците им ја наметна поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, веднаш по продажбата на земјиштето во 2012 година. Трајановски ги уверуваше скопјани дека Град Скопје склучил договор со Турците кој нема да дозволи тие да си ги изградат комерцијалните содржини над земја и да ја баталат подземната сообраќајница бидејќи се обврзале прво да ја изградат сообраќајницата, а дури потоа да почнат да ги градат другите содржини. Изградбата се одолговлекуваше со години, а кога веќе почнаа да градат минатата година, Турците покажаа дека приоритетен им е хотелот, спротивно на уверувањата на поранешниот градоначалник.

Иако објектот зад „Рамстор“ секојдневно расте, и од Град Скопје и од „Лимак“ велат дека не е прекршен договорот за изградба на подземната сообраќајница.

Од Градот тврдат дека е на сила договорот што го потпишал поранешниот градоначалник, но го сокрија кога „Макфакс“ со барање за пристап до информации од јавен карактер побара копија. Не одговорија на барањето и по истекот на законскиот рок од еден месец.

„Градот Скопје го нема променето договорот склучен помеѓу Град Скопје и ‘Лимак’ од 12.03.2012 година“, кусо одговорија од Градот на прашањето кога го смениле договорот што го обврзува „Лимак“ прво да ја изгради подземната сообраќајница, а потоа да ги гради останатите содржини со оглед на сегашната состојба на градилиштето зад „Рамстор“.

Од „Лимак“ избегнаа да одговорат директно на прашањето зошто не ја изградија подземната сообраќајница пред да почнат да ги градат другите содржини. Велат дека и покрај одолговлекувањето, ќе ги исполнат обврските од договорот потпишан во 2012 година.

„Според распоредот за изградба на ‘Лимак’, подземната сообраќајница ќе биде прва точка од проектот на ‘Лимак’, кој ќе се гради на парцелата 1.1. ‘Лимак’ прво ќе ја гради подземната сообраќајница на секвенци на парцелата 1.1 и ќе работи нагоре за да ги комплетира паркинзите, а дури потоа ќе почне со активности за изградба на станбените објекти и трговскиот центар кои е предвидено да се наоѓаат на ова место. Според инженерите, ова е сосема изводлив проект. Планирано и буџетирано е дека ‘Лимак’ ќе инвестира до 250 милиони евра за да го заврши овој проект“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.

Од компанијата се правдаат дека почнале да го градат хотелот зад „Рамстор“ оти заедно со локацијата го презеле и одобрението за градење што претходниот инвеститор го добил во 2008 година. Морале да почнат да градат оти биле обврзани во рок од десет години од издавањето на одобрението градбата да заврши. Поради истечениот рок за завршување на градбата „Лимак“ плаќа казна од два милиона денари месечно.

Официјално изградбата на комплексот кај Јужен булевар Турците ја почнаа лани во септември и најавија дека подземната сообраќајница ќе биде готова за 20 месеци, односно до средната на 2020 година. Ќе се гради прво потпорен ѕид од 17.000 квадратни метри околу сите парцели опфатени со проектот.

„Лимак“ на просторот кај Стара железничка станица покрај подземната сообраќајница најави изградба на мултифункционален комплекс со четири дваесеткатници, трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Земјиштето со вкупна површина од 41.824 квадратни метри во 2012 година го купи за 3,7 милиони евра. Лани за комуналии на Град Скопје се обврза да му исплати 6,5 милиони евра на рати, а за 20 отсто помала сума треба да исплати на име комуналии и во Општина Центар.

Прикажи повеќе...

Истражувања

(Видео) Турците ем градат кај Стара железничка ем плаќаат казна од 2 милиона денари месечно

Објавено пред

Турската компанија „Лимак“, која го гради комплексот со дваесеткатници кај Старата железничка станица, месечно уплаќа по  2 милиони денари во буџетот на Република Македонија како казна за нереализиран договор со Министерството за транспорт и врски, покажа истражување на „Макфакс“. Во договорот фирмата е обврзана во рок од десет години да изгради хотел, но рокот истече, а хотелот не е изграден, па „Лимак“ од средината на минатата година плаќа казна за неградење. Во исто време почна и да гради, наспроти гласното противење на скопјани против нови објекти во строгиот центар на градот. Хотелот, за кој плаќа казна, како и сите останати содржини што ги најави компанијата, се на државно земјиште кое Министерството за транспорт го продаде на „Лимак“.

„Компанијата е обврзана да плаќа договорна казна во висина од 1,5 отсто од вкупно постигнатата цена на јавното наддавање на предметното земјиште за секој изминат месец во првата година од истек на рокот, односно по 2.004.336 денари месечно, почнувајќи од 24.06.2018 година“, велат од Министерството за транспорт и врски за „Макфакс“.

Казната е за неизградениот хотел „Радисон“, кој во Скопје требаше да го изгради британската компанија „ХЛХ Македонија“, која доби и одобрение за градење во 2008 година, но откако не го изградија, земјиштето беше повторно вратено во државна сопственост, а Министерството за транспорт и врски во 2012 година го продаде на „Лимак“ во пакет со целото земјиште околу Старата железничка станица. „Лимак“ ја презеле обврската да изгради хотел, а го наследил и одобрението за градење поради кое сега плаќа казна.

„Претходниот инвеститор/изведувач ја има добиено градежната дозвола во јуни 2008 година. Според договорот со министерот за транспорт, изградбата требаше да заврши во рок од 10 години по издавањето на дозволата. Крајниот рок беше јуни/2018 година. Така, бидејќи се презема локацијата, ‘Лимак’ почна да ги плаќа соодветните месечни казни. Ова се однесува само за конкретната парцела, 1.12. Не за другите локации од мултифункционалниот комплекс“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.

Од турската компанија велат дека се отворени за соработка, но не сакаат да зборуваат пред камера.

Државата, преку Министерството за транспорт и врски им продаде вкупно 41.824 квадратни метри на Турците за вкупно 231.827.204 денари, или 3,7 милиони евра, земјиште поделено во две големи парцели. „Лимак“, пак, минатата година во септември и официјално ја почна изградбата на мултифункционален комплекс кој покрај четри дваесеткатници и хотел предвидено е да има трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Турците, заедно со комплексот, треба да ја изградат и подземната сообраќајница на Јужен булевар на која се чека уште од 2012 година.

Следно: „Лимак“ го изигра Градот, гради хотел место прво да ја изгради подземната сообраќајница

 

Прикажи повеќе...

Најново

Крвав четврток8 часа

Притвор за Јанакиески и Ристовски, за Груевски нова екстрадиција

Судијата на претходна постапка по барање на Јавното обвинителство им одреди мрека пртивор од 30 дена на поранешните министри Миле...

Македонија9 часа

(Видео) Мицкоски: „Апси Заев, можеш да нарачуваш и убиства, но нема да ти се исплашиме“

По информациите за вечерашното приведување на тројцата функционери на ВМРО-ДПМНЕ – Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, вечерва прес-конференција...

Крвав четврток9 часа

Русковска: Бараме притвор за Јанакиески и Ристовски поради опасност од бегство

Шефицата на Обвинителството за организиран криминал при ЈО, Вилма Русковска, изјави дека распитот на осомничените ексфункционери од ВМРО-ДПМНЕ, Спиро Ристовски...

Крвав четврток11 час

Вељаноски: Не чувствувам вина за упадот во Собранието

Поранешниот претседател на парламентот, Трајко Вељаноски, штотуку излезе од Основниот суд Скопје 1, каде што беше повикан на распит за...

Македонија13 часа

Трамп со писмо до Заев: Ви честитам за лидерството, обезбедивте просперитетна иднина за Северна Македонија

Премиерот Зоран Заев денеска прими писмо од американскиот претседател, Доналд Трамп, во кое тој нагласува дека Северна Македонија е голем...

Македонија14 часа

Зелената градина на ГТЦ му се наметнува исто како и барокот, архитектите разочарани

Зелената градина за покривот на Градскиот трговски центар ги разочара архитектите како стручна јавност, а незадоволни се и скопјани, кои...

Македонија15 часа

Половина милион евра исплатени лани за патни трошоци на пратениците

Над 525 илјади евра биле исплатени за патни трошоци на пратениците во Собранието минатата година, покажува анализата на „Макфакс“ од...

Македонија16 часа

Заев потврди, Села му се налутил поради одземените ингеренции на Таравари

Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања потврди дека Зијадин Села не дошол на денешната средба за консензуален претседателски кандидат поради...

Македонија17 часа

Бектеши не чувствува морална одговорност за вработувањето на сестра му во МЕПСО

Министерот за економија, Крешник Бектеши, изјави дека не чувствува морална одговорност за вработувањето на неговата сестра во МЕПСО. Тој вели...

Топ17 часа

Села му се налути на Заев, не доаѓа на средба

Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, одби да присуствува на закажаната средба со премиерот Зоран Заев, на која требаше...

Македонија18 часа

Ниту еден родител не е казнет за невакцинирано дете од почетокот на епидемијата на морбили

Ниту еден родител не е казнет за невакцинирано дете од почетокот на епидемијата на морбили иако пред два месеца само...

Топ18 часа

Дедото на Кирацовски ќе се повлече од работното место

Таткото на сопругата на пратеникот Александар Кирацовски, Борис Поповски, ќе се повлече од работното место, објави на „Фејсбук“ Кирацовски. Тој...

Македонија19 часа

Заев и Димитров нема да одговараат за велепредавство

Скопското обвинитeлство ја отфрли кривичната пријава на Светскиот македонски конгрес поднесена против премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи,...

Македонија20 часа

Сопругата на директорот на ЕЛЕМ вработена како шефица на кабинет во Централен регистар

Александра Миновска, сопруга на директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски, од октомври минатата година е вработена како шефица на кабинет кај...

Македонија20 часа

Две бомби од Првата светска војна пронајдени во Битола

Вчера на булеварот 1 Мај во Битола, во близина на местото викано Црн Мост при изведување на градежни работи при...

Регион21 час

Непознат маж му се заканувал на Мицотакис со бомба

Лидерот на опозициската Нова демократија во Грција, Киријакос Мицотакис, пријавил синоќа закана со бомба која ја добил додека сè уште...

Македонија21 час

Бугарија го ратификуваше протоколот за НАТО

Со 140 гласа „за“, бугарскиот парламент го ратификуваше протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО, објави бугарската новинска агенција...

Македонија21 час

Синот на пратеникот Мисовски: Поднесов оставка поради хистеријата, се надевам јавноста ќе здивне

Откако Кристијан Мисовски, син на пратеникот Горан Мисовски, пред четири дена се повлече од работното место во Агенцијата за супервизија...

Свет22 часа

Ердоган: Турција не ќе може сама да се справи со нов бегалски бран од Сирија

Турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган, изјави дека неговата земја нема да може сама да се справи со уште еден бран...

Свет23 часа

Најмалку четворица повредени откако лавина зафати швајцарски скијачки центар

Четири лица беа повредени, од кои еден е во критична состојба, откако лавина ја погоди скијачката патека „Плен мор“ во...

Досие