Анализи
Власта сака улица на кеј за да може Алек Теранова да наплати три милиони евра од Телеком
Пишува Љубиша Арсиќ
Ранопролетните скопски мириси и сонцето на Кејот на Вардар се едно од првите доживувања што им ги препорачуваме на странците кои се во Скопје на почетокот на април. Ако го игнорирате погледот на галиите и барокните административни зданија од другата страна на реката, Кејот можеби и „поминува“ како едно од последните автентични парчиња од неповратно преобразениот централен скопски пејсаж. Секако, атрактивното шеталиште од хотелот „Холидеј Ин“ до плоштадот „Македонија“, низ годините не остана нечепнато во општата градежно-грабежна какофонија, но барем ја задржа основната форма и функција – како пешачка зона, продолжение на плоштадот и комуникација со ГТЦ.
Но, одлуката на Град Скопје низ Кејот да се гради улица до плоштадот, а особено начинот и околностите во кои таа е донесена, упатуваат на опасноста дека Кејот може да биде следната „жртва“, следната урбана отстапка кон интересите на политичките и бизнис елити. Едноставно власта преку уништување на ова парче сака да му овозможи на бизнис- соработникот Александар Ивановски да се стекне со милионска сума која треба да ја наплати од Телеком откако ќе биде отворена улицата.
На Кејот деновиве речиси и да не може да се забележи дека пред само две недели, започна изградбата на улицата. Настанот предизвика големо внимание во јавноста, а работите ги запре Општина Центар. Од општината се решени да ги искористат сите средства за да ја спречат изградбата на улицата, но ова не ја намалува неизвесноста околу иднината на Кејот.
На Алек му виси последната рата
Која е позадината на овој случај? Кои се интересите на бизнисменот Александар Ивановски, познат како Алек Теранова и неговата компанија „Дивелоп груп“?
Неговата фирма ја градеше зградата која во 2012 година беше разменета за други четири административни згради на Телеком во центарот на Скопје. Според договорот за оваа трампа, зградите на Телеком, со вкупна вредност од 21.15 милиони евра, се менуваат за зградата на Девелоп Груп која е проценета на 37.3 милиони евра. Како сосопственик се јавува ЈП Македонска пошта АД. Во договорот е предвидено разликата во цената од околу 16 милиони евра Телеком да ја отплаќа на шест еднакви рати по 3.176 милиони евра.

Најинтересна е точката 5.1 од договорот, во која има одредба според која „Дивелоп груп“ мора да изгради и улица на кејот, и тоа до истекот на пет години од склучувањето на договорот. Во спротивно, доколку годинава не ја изгради улицата, фирмата на Алек Теранова ќе остане без последните 3.176 милиони евра од последната, шеста рата.
Двете компании и државната Македонска пошта, уште пред да има какво било одобрение или изготвен проект за улица на Кејот на Вардар, се договориле да ја градат.
Со планираниот зафат, објектот на „Телеком“ ќе се комплетира за употребна дозвола, бидејќи во моментов, тоа што нема пристапна улица значи дека зградата не е пуштена во употреба според стандардите и нормативите за градба. Изградбата на улицата, според ова, е обид дополнително да се обезбедат условите и стандардите кои требало да бидат обезбедени пред „Дивелоп груп“ да почне да ја гради зградата на „Телеком“.
Градот Скопје како инвеститор и подземната сообраќајница исчезнуваат од документацијата
Град Скопје со години најавуваше дека под Кејот ќе се гради подземна сообраќајница, булевар кој би се протегал од Владата до компексот банки. Сервисната улица на Кејот требаше да биде крак од подземниот булевар, кој би бил врската со зградата на Телеком. Ова решение е впишано и во Деталниот урбанистички план за „Мал ринг“ во Општина Центар.

Во основниот проект за улицата од 2014 година стои дека инвеститор ќе биде Град Скопје. Но, Градот во меѓувреме се одлучил улицата да ја гради приватен инвеститор, без за тоа да донесе посебна одлука, како што е предвидено со законските прописи. Компанијата „Дивелоп груп“ во 2015 година нарачала инфраструктурен проект од фирмата „Чакар & партнерс“, а ја обезбедила и комплетната останата проектна документација, уште пред да знае дали Советот на Град Скопје ќе даде согласност и ќе ја избере за инвеститор. Советот одлучил во септември 2015, а во октомври лани компанијата доставила режим на сообраќај до Градот, кој го одобрил. И во овој документ стои дека е предвидена подземна сообраќајница, но и таа подоцна исчезнува од документите.
Два месеца по ова, во декември 2016 година, Градот и „Дивелоп груп“ потпишуваат договор со кој компанијата ги презема трошоците за изградба на улицата. Решението за градба од Град Скопје е издадено на 31 декември. Во него пишува дека ќе се гради „линиски инфраструктурен проект“. Во моментов како изведувач фигурира „Аполо инженеринг“ од Шишево, фирмата која го доби последниот градски тендер за чистење на снегот во Скопје.

Од начинот на кој се води целата постапката, испаѓа како компанијата да му донира цела улица на Градот Скопје. Но, овде не завршуваат спорните моменти околу улицата на Кејот. Одобрението за градба е издадено за цела парцела КП13828 општина Центар. Таа парцела, според катастарска документација е составена од пет дела, (13828/1, /2, /3, /4, /5), додека во одобрението пишува дека е како една, само основната бројка. Со ова практично на „Дивелоп груп“ му се дава и простор во Вардар, галиите, но и имот на приватни сопственици?! Ова е само потврда дека градските власти во обид да му угодат на Алек Теранова прекршуваат процедури, промашуваат документи и носат одлуки спротивни на фактичката состојба на терен.

Градот и Општина Центар во правно-политичка битка
Улицата треба да поминува по средината на шеталиштето, меѓу дводелните тераси на угостителските објекти на Кејот. Токму угостителите беа најгласни во противењето на овој проект затоа што ем ќе останат без десетици маси, ем пред нивните локали ќе минува сообраќајница.
„Ние вработуваме речиси 500 луѓе во нашите објекти, а во летните месеци овој број се зголемува. Плаќаме по 21 денар од квадратен метар по ден за терасите. Сезоната трае седум месеци и ова се многу пари. Ако властите се луди да ги изгубат овие приходи, нека повелат. Не веруваме дека планираната улица ќе биде сервисна, туку дека ќе се претвори во вистинска сообраќајница, а автомобилите ќе доаѓаат до плоштадот. Во целиот свет улиците се претвораат во шеталишта, само кај нас шеталиштата се претвораат во улици. Сметаме дека решенија има, но потребно е властите да имаат волја и заедно со сите засегнати да се изнајде вистинското решение“, револтирани се угостителите од Кејот.
До 2015 година, општините во Скопје можеа самостојно од Градот да одлучуваат дали ќе забранат градежни активности во туристички подрачја. Општина Центар веќе ја користеше оваа можност, во случајот со изградбата на катната гаража кај „Автомакедонија“. Но, со измените во Законот за градење од декември 2015, скопските општини сега се должни да бараат позитивно мислење од Градот пред да забранат градба. Со интервенција на централната власт, скопските општини се ставаат во подредена положба на Градот. Во конкретниот случај, единствената опција која ѝ стои на располагање на Општина Центар, а во која не мора да бара согласност од Градот, е донесување на Програма за изглед на урбаната опрема на Кејот – токму решението со кое беше запрена изградбата на улицата пред неколку недели.
Од друга страна, не попушта ниту скопскиот градоначалник Коце Трајановски. Случајот, според него не е спорен, а во ДУП-от за „Мал ринг“ во Општина Центар е впишана надземната улица што треба да се гради. Обидите на Општина Центар и Андреј Жерновски да се спречи изградбата на улицата, Трајановски ги оценува како политички маркетинг.
Во меѓувреме инспекцијата на Општина Центар го подготвува извештајот од извршениот увид на терен. Дознаваме дека ќе биде заклучено оти изведувачот нема поседува никаква градежна дозвола, сообраќаен проект, геодетски елаборат и информативна табла. Иако изведувачот и инвеститорот се задолжени во општина да достават комплетна документација врз која тргнале да градат улица на Кејот, тие тоа се уште не го сториле и прашање е дали ќе го направат.
Наспроти нив Ивановски тврди дека ја поседува целата документација.
„За улицата ја имаме комплетната потребна документација. За објектот на Телеком добивме привремена употребна дозвола, затоа што возилата го користат сегашниот пристап преку Кејот. Со пристапната улица нема да има повеќе сообраќај одошто има сега, а таа ќе се користи само во дел од денот. Колите и сега одат по плочникот на Кејот. Дали граѓаните се пожалиле? Се работи за 750 квадратни метри коцка, a зафатот е практично замена на коцката. Точно е дека ќе ја изгубиме последната рата од исплатата ако не ја изградиме улицата. Тоа се големи пари и ако продолжат опструкциите, ја разгледуваме можноста за тужба против Општина Центар“, изјави Ивановски.
Улица на Кејот засега нема да има, но имајќи ги предвид искуствата од минатото и значењето на деловно-политичките интереси на власта во уредувањето на центарот на Скопје, скоро може да се очекува повторен обид за „освојување“ на атрактивното шеталиште./крај/мф/ља
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
