Контакт

Investigative story

Луксуз во глина над Жданец, зградите се искачуваат упорно кон Водно

Објавено пред

Изградба на четири огромни згради предвидува луксузниот ресорт наречен „Белведере ресорт“, кој се наоѓа над населбата Жданец, на планината Водно. Една од големите згради има две нивоа и веќе е готова, но на терен е видливо дека изградбата во изминатиот период стагнира. Дел од локалното население стравува дека зградите се градат на ронливо, глиновито и нестабилно земјиште, но инвеститорите велат – ваквите наводи се злонамерни и невистинити.

Во општина Карпош наголемо се води кампањата за локални избори, чиј фокус овој пат е најмногу посветен на зелените ветувања. На терен, пак, во општината градежните машини сè повеќе ги узурпираат зеленилото, парковите и другите простори. Четири згради, од кои секоја е на две нивоа, ќе никнат над населбата Жданец доколку целосно се комплетира изградбата на најавениот „Белведере ресорт“. Зградите се наоѓаат над населбата, во самиот рид со специјално направен пат до нив, лоциран во зелениот појас на планината. За овој проект специјално се чистеше терен во самата планина, во реон каде што претходно немало изградба на градежни објекти. Луксузниот станбен комплекс е веќе видлив и од градот бидејќи една од зградите е речиси готова.

Според ветувањата на инвеститорите, компанијата „Имвента“ ДОО, идните станари на овој комплекс ќе имаат прекрасен поглед кон целата скопска котлина, ќе уживаат во изолиран објект и околното зеленило на планината надвор од градскиот метеж, а истовремено ќе бидат на само десетина минути од строгиот центар на градот, но и во близина на трговскиот центар „Сити мол“ и пазарчето „Тафталиџе“. Комплексот, според сликите на проектот што се достапни онлајн, ќе биде луксузно уреден, со базени и рекреативни простори, а апартманите ќе бидат директно поврзани со гаражите преку лифтови и скали.

Кој е инвеститорот „Имвента“?

Официјално, компанијата инвеститор на „Белведере ресорт“, „Имвента“ ДОО, според документите од Централниот регистар е формирана во 2011 година со странски капитал и нејзините сопственици имаат израелско потекло. Сопственик и управител на проектот е извесен Јозеф Море од Израел, проект-менаџер е Јосиф Смилевски, a стручен консултант и оперативен координатор е Љупчо Атанасов.

На веб-страницата посветена на проектот е објавено дека продажен и маркетинг-менаџер за проектот „Белведере“ е Горазд Чупевски, но, сепак, според неговиот линкедин и фејсбук-профил, тој од мај оваа година започнал да работи во Commerz Systems GmbH, компанија во Прага, Чешка. Како надворешни соработници компанијата на веб-страницата ги навела НЛБ Тутунска банка – Скопје, компанијата што им врши надзор на објектот, „Вијадукт“ – Скопје, и извесна компанија од Панама, „Рами Атие“, чија веб-страница речиси не функционира и нема основни информации во однос на нивната работа.

Големиот проект е прв од ваков вид во земјата за оваа компанија која за „Макфакс“ на прашањето на кои други проекти во Македонија работи, одговори дека во согласност со политиката на работа првин ги завршува започнатите, па потоа работи на нови проекти“.

Локалците тврдат: Земјиштето е ронливо и глиновито

Во пресрет на актуелните критики кон општинските власти за уништување на зеленилото во општина Карпош, ја посетивме локацијата на „Белведере ресорт“ во Жданец, која се наоѓа токму во зелениот појас на подножјето на Водно каде што нема други градби од ваков вид.

Една од зградите, која е на две нивоа и е дел од овој ресорт, е речиси готова. Патот што води кон станбениот комплекс е заграден со импровизирани огради од лим и не може да се пристапи до објектот што е во изградба. Интересно е што и покрај тоа што проектот забрзано иташе напред, на терен се чини дека изградбата на објектите е во застој или стагнира, со оглед на тоа што не можат да се забележат градежна машинерија или работници што работат на самото место.

Во неможност да поразговараме директно со некој на самото место кој е дел од градежните зафати, прошетавме во околината да помуабетиме со дел од мештаните во населбата. Тие се плашат дека градежната инвазија полека, но сигурно ќе го зафати и појасот над Жданец и со тоа може да ги уништи планината, зеленилото или, уште пострашно, да предизвика свлечишта.

– На тоа место порано одевме и собиравме глина за училиште. Со неа потоа на часовите по ликовно во „Владо Тасевски“ правевме разни скулптури. Во околината сите знаат дека земјиштето е глиновито и ронливо, се надевам дека нема да ни се симнат надолу зградите. Се плашиме од свлечишта или пропаѓање на земјата, а под тие згради има доста куќи што се тука со години – вели една граѓанка на населбата Жданец, која сакаше да остане анонимна.

Со оглед на тоа што изградбата на објектот не се одвива забрзано како претходно, се шират и шпекулации дека постојат проблеми со стабилноста на земјиштето каде што се гради.

Но, со ваквите стравувања на мештаните очигледно не се согласува Општина Карпош, која дала одобрение за градење на инвеститорот „Имвента“ ДОО. Одобрението за градба чекало повеќе од две години бидејќи било поднесено во март 2013 година, а изградбата била конечно одобрена во ноември 2015 година. Проектот за станбениот комплекс е на компанијата „Радо инженеринг“, а надзорот го извршила компанијата „Вијадукт“ – Скопје. Од Општина Карпош не негираат дека изградбата е стопирана, туку за повеќе информации нè упатија кај инвеститорот на објектот. Не откриваат зошто се чекало дури две години за да се издаде одобрението за градба на овој објект.

– За причината зошто е стопирана изградбата на комплексот згради кои се дел од „Белведере ресорт“ во Жданец, најупатно е да разговарате со сопственикот на комплексот згради. Што се однесува, пак, за тоа кој ја следи изградбата, сакаме да ви посочиме дека динамиката на градбата е обврска на надзорот, а не на Општина Карпош.

Исто така, би сакале да ви укажеме дека сопственикот на комплексот самиот одлучи да гради фазно. Тоа практично значи дека за она за што ќе уплати комуналии, за тоа ќе добие одобрение за градење, и тоа ќе може да го гради, велат од Општина Карпош за „Макфакс“.

„Имвента“: Нема застој, се работи на објектот, земјиштето е безбедно

Инвеститорите на станбениот комплекс, компанијата „Имвента“, за „Макфакс“ велат дека иако можеби однадвор се чини дека изградбата на нивниот луксузен ресорт е запрена, сепак, застој не постои и се завршуваат внатрешните фази од работите во објектот, а надворешните инфраструктурни работи се поврзани со обезбедување согласности и технички решенија од општинските, градските и од други институции и тие се во фаза на реализација.

За шпекулациите дека изградбата е запрена поради пропаѓање или лизгање на земјиштето каде што се гади, менаџерот на проектот, Јосиф Смилевски од „Имвента“, вели дека за локалитетот се изготвени студии и стручни анализи, како и геомеханички испитувања, проекти за сите фази на објектот што е во градба, ревизија на проектната документација, која е во целост одобрена и по неа се извршува градбата на објектот без никаков застој.

Иако првично Смилевски ни понуди лично да го посетиме објектот, пред состанокот ни ја откажа средбата поради службен пат, по што одговори на нашите прашања по писмен пат.

Тие не одговараат директно зошто компанијата чекала дури две години за добивање градежна дозвола за проектот, а за реакциите на мештаните и нивните стравувања за безбедноста на објектот и земјиштето, велат дека таквите наводи се злонамерни и не постои простор за загриженост.

– Во делот на ваквите прашања одговорите би биле дека кажаното во прашањата е само претпоставка или злонамерно кажување за нешто што не постои и не е можно, велат од „Имвента“.

Инжинерот Влатко Коцевски, кој е дел од компанијата „Вијадукт“, која го прави надзорот врз објектот, исто така вели дека градбата не е стопирана, туку се вршат внатрешни занаетчиски работи на објектот. Признава дека, сепак, постои стагнација.

„Оди бавно финансиски, инвеститорот не ги засилува работите, а сега ќе има и избори. Слаба е продажбата на станови на пазарот, умртвена е целата работа“, вели Коцевски за „Макфакс“. Во однос на безбедноста на објектот тој вели дека самата зграда со својата тежина пркоси и му се спротивставува на брдото, има и потпорен ѕид, со што, според него, не се можни опасности за свлечишта.

„Таму има и геомеханички елаборат, статичка пресметка, сеизмичка анализа, сè е тоа поклопено штом има добиено дозвола за градба од Општина Карпош и сите лица тоа го имаат на увид“, вели Коцевски.

Грчев: Долните слоеви на Водно имаат тенденција на лизгање на земјиштето

Архитектот Мирослав Грчев за „Макфакс“ вели дека во последната деценија и повеќе во Скопје преoвладува една безмилосна изградба и притисок за градење кои градот го шират во најскапоцените терени што го опкружуваат – кон парк-шумата Водно или да ги уништува земјоделските површини околу него.

„Тоа се случува и во рамките на градот, се пополнуваат слободните простори, зелените простори, парковите, рекреативните простори. Тоа го прават само цивилизации што ги напуштиле и разумот, и умот и законот како ориентација во својата работа и овозможуваат да цветаат само приватниот интерес и профитот.

Сведоци сме дека Водно со години се освојува спротивно не само на одлуката за парк-шума Водно на Град Скопје и забраната за изградба во парк-шумата туку и спротивно на инженериските правила, според кои, не смее да се дозволи доведување во опасност животот и имотот на луѓето. Не смее да се зголемува опасноста врз јавната безбедност со градење нестабилни терени, свлечишта итн.“, вели Грчев.

Според него, спецификите, особено на подолните делови, првите брда од Водно, се дека тоа се слоеви глина и песоклива глина, кои имаат тенденција да се лизгаат и да се движат надолу кон градот.

„Поради тоа, градбите на овој терен мора да подлежат на посебни инженериски процедури на геомеханички пресметки и специјални мерки за консодилирање потпорни ѕидови, штитови, длабоки втемелувања, бидејќи тоа земјиште се свлечува.

Во некое време кога постоеше држава, тогаш кога државен орган – општината, градот, кога ќе дадеше дозвола, имаше големи шанси да се претпостави дека тоа одобрение ги зело предвид сите безбедносни аспекти. Денес, некои од одобренијата што ги имаат градителите што ги добиле од корумпирани општини и градоначалници, каде што органите на државата се потполно во фунција на профитот и други интереси, не значат ништо, дури некогаш се доказ дека градбите се во служба на тие интереси“, вели Грчев.

Кристина Озимец

Investigative story

Ни требаат реклами, ние сме угледот на градот, „Охридски комуналец“ за потрошените 1,7 милион денари на медиуми

Објавено пред

За медиумско внимание во Охрид плаќало и Јавното претпријатие „Охридски комуналец“. Од 2011 година, кога претпријатието почнува самостојно да функционира, до август 2018 година, „Комуналец“ за рекламирање во локалните медиуми потрошило 1.714.149 денари или околу 27,8 илјади евра, дознава „Макфакс“. Исплатите кон медиумите и од ова претпријатие, како и од другите јавни претпријатија во Охрид и од Општина Охрид, ги има и во екот на најголемата борба на Здружението на новинарите на Македонија против јавни пари во медиумите. „Комуналец“ плаќа и им плаќало на медиумите на ист начин како и Општина Охрид – од блокирана сметка поради долгови.

Договорите се потпишувале за гостувања во живо, за емитување соопштенија и огласи од информативен карактер, како и за поставување банери и рекламирање. Најмногу пари „Комуналец“ одвоил за „МХ радио“ – 429.785 денари, на „ЛТ трејд“ за објави на порталот „Охрид 1“ му биле исплатени 254.552 денара, 206.986 денари „Комуналец“ одвоил за услугите од ТВМ, 205.266 денари му исплатиле на Златко Маневски за организирање на веб-страницата на претпријатието, на „Охридњус“ му исплатил 148.290 денари, „Охрид 24“ добил 140.000 денари, „Охридскај“ добил 91.110 денари, на „Мегастар“ повторно за објави на порталот „Охрид 1“ му исплатил уште 90.000 денари, 85.750 денари му се исплатени на „Москито“ за објави во електронскиот весник „Охридлајв“, на „СОС Балкан медија“ за објави на „Охридскај“ му биле исплатени 40.320 денари и најмалку пари „Комуналец“ одвоил за „Вебвил“ со исплатени 22.000 денари.

Од „МХ радио“, кое добиле речиси половина милион денари од „Комуналец“, велат дека соработката со претпријатието не ја загрозувала нивната медиумска независност.

„Парите не се за фаворизирање, туку за објавување огласи и соопштенија. Претпријатијата имаат потреба од вакви објави и не гледам зошто медиумите да бидат тргнати настрана. Таа соработка не можам да кажам дека влијаела врз независноста на медиумот оти се работи за објава на соопштенија, во истата приказна сме сите, и локални и национални медиуми. Далеку сме сите до еден од независност и треба да помине еден долг период за да се направи природна селекција на чисто комерцијални медиуми, под услов да не се појавуваат повеќе медиуми целосно поддржани од Владата или од локалната самоуправа, како што имавме во изминатиот период“, вели Јулијан Здравковиќ од „МХ радио“.

Став дека претпријатието треба да се рекламира и покрај што работи со блокирана сметка има и сегашниот директор на „Охридски комуналец“, Љупчо Грданоски.

„Треба да се презентираат нашите активности, сакаме медиумите да ги покриваат. За тоа сега одвојувам 20-30 илјади денари месечно“, -Љупчо Грданоски, директор на „Охридски комуналец“

„Долгови има, работиме со блокирана сметка. По моето доаѓање, имам направено спогодби за враќање на долговите, за старите наталожени долгови. Почната е постапката, а големи се и каматите, треба време. Имаме потреба да се рекламираме во медиуми, ова е јавна работа. Ние сме угледот на градот, треба да се презентираат нашите активности, сакаме медиумите да ги покриваат. За тоа сега одвојувам 20-30 илјади денари месечно. Овие пари нема да влијаат на долговите затоа што тие се големи, а ова се малку пари“, изјави директорот Грданоски за „Макфакс“ не прецизирајќи колку изнесува долгот на претпријатието и колку време работат со блокирана сметка.

Кај ова претпријатие, според податоците што ни ги испрати сегашниот директор Грданоски, не се поклопува сумата на исплатени пари во медиумите со сумата на која се потпишани договорите за соработка. Исплатени се помалку пари од она што е предвидено во потпишаните договори. Претпријатието потпишало договори со медиумите кои предвидуваат да им бидат исплатени 2.123.695 денари, но реализираните исплати се на сума од 1,7 милион денари.

Прикажи повеќе...

Investigative story

Охридските „Градски гробишта“ се рекламирале за 1,1 милион денари народни пари

Објавено пред

Со народни пари реклами во локалните медиуми си плаќале и директорите на ЈП „Градски гробишта“ – Охрид, дознава „Макфакс“. За рекламни спотови, маркетинг-услуги, објава на соопштенија и огласи и телевизиско емитување од 2011 година, кога е формирано претпријатието, до годинава „Гробишта“ потрошило 1.115.400 денари или малку повеќе од 18 илјади евра. И тоа, по примерот на Општина Охрид, како и другите јавни претпријатија, плаќало за медиумско внимание и во екот на најголемата борба на Здружението на новинарите на Македонија против јавни пари во медиумите.

Локалните медиуми во Охрид истовремено зеле пари и од Општина Охрид и од јавните претпријатија. Најплатен медиум и во случајот на „Градски гробишта“ како и кај повеќето претпријатија и кај Општината е ТВМ. Иако соработувале само една година, 2012, на овој медиум претпријатието му префрлило 185.100 денари за телевизиско емитување, што е најголема одвоена сума за еден медиум. Зад ТВМ на листата следуваат „МХ бокс“ со 144.000 денари, „Охриднет“, кој добил 128.000 денари, „ТВ О2“ за која биле одвоени 120.000 денари, Радио Морис со 108.000 денари, за „МХ радио“ и „Охрид вест“ биле одвоени по 96.000 денари, „Охридскај“ добил 65.400 денари, на „НТВ продукција“ ѝ биле исплатени 64.900 денари, „ЛТ трејд“ за објави на порталот „Охрид 1“ добил 60.000 денари и најмалку пари биле одвоени за „ТВ Морис“, која добила 48.000 денари.

Од најплатениот медиум, ТВМ, првин ни рекоа дека немале договор за соработка со „Градски гробишта“ – Охрид спротивно на официјалните податоци што во „Макфакс“ ги испрати претпријатието, од кои се гледа дека за нив се потрошени најмногу пари, а подоцна се јавија да ја повлечат изјавата и рекоа дека од финансискиот оддел им потврдиле дека имале договори во 2012 година.

Најплатен медиум и во случајот на „Градски гробишта“ како и кај повеќето претпријатија и кај Општината е ТВМ

„Не земавме пари од ‘Градски гробишта’, немаме договори и не сме емитувале реклами. Договори имавме со ‘Комуналец’“, кусо изјави управителката на ТВМ, Ирена Арнаудова, за „Макфакс“.

Таа рече дека има неодложни обврски поради кои не може да даде подолго објаснување, но десетина минути подоцна ја смени изјавата и најави дека детаљно ќе ни одговори на сите прашања доколку ѝ ги пратиме по имејл. Арнаудова до објавувањето на текстот не одговори на прашањата.

Некои од останатите сопственици на медиумите кои добивале пари од Општината и од јавните претпријатија веќе се изјаснија дека додека траеле договорите им биле наклонети на оние што плаќале и се раководеле од изреката „кој те плаќа тој те има“.

Договорите за соработката со медиумите во име на „Гробишта“ ги случиле директорите Драган Пандевски, кој бил на функцијата до април 2013 година, и неговиот наследник Зоран Симоновски, кој бил директор до ноември 2017 година. Праксата за купување медиумско внимание во ова претпријатие ја прекинал сегашниот директор Ванчо Костоски.

„Со ниеден медиум немам договор и никој од медиумите не барал досега договор од мене“, вели директорот на „Градски гробишта“, Ванчо Костоски

„Не гледам потреба да се рекламирам и нема што да се рекламира кај нас. Ние имаме потреба од објавување огласи или соопштенија од типот да ги известиме граѓаните дека следува утужување ако не ги намират обврските за гробарина. Откако јас сум директор, не сме користеле огласи и соопштенија, туку праќаме опомени по пошта. Со ниеден медиум немам договор и никој од медиумите не барал досега договор од мене“, вели директорот Костоски за „Макфакс“.

Јавното претпријатие, според директорот Костоски, сè уште е во долгови. Сегашниот долг изнесувал околу 50.000 евра.

Измената на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, која е во постапка, треба да забрани влегување јавни пари во медиумите, со што се очекува поголема медиумска независност.

Прикажи повеќе...

Investigative story

Обвинителството ги комплетираше документите за случајот со ексдиректорот на МНТ

Објавено пред

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и надлежен обвинител активно постапуваат по предметот за наводната злоупотреба и ненаменско трошење на средства во Македонскиот народен театар. Целата документација што ја побарале е на увид пред надлежните од обвинителство кои ќе одлучуваат дали има основа за оформување обвинение. На прашање на „Макфакс“ дали ОЈО ќе оформи случај од приложените документи,  тие велат дека случајот е во процесот на предистражна постапка, дејствијата се тајна  и во моментов нема да споделуваат детали.

Во овој случај има индиции за повеќе незаконски постапки што ги вршел поранешниот директор Дејан Пројковски. Минатата недела  инспекторите ги анализираа документите за јавните набавки што ги вршел поранешниот директор на МНТ, Дејан Пројковски, во периодот од 2015 до 2017 година. Според документите,  постојат сериозни елементи на кривичното дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавнa набавкa или јавно – приватно партнерство.

Полицијата постапи по пријавата од страна на Министерството за култура, а како што дознава „Макфакс“, уметничкиот директор само за 2016 година склучил договори за јавни набавки кои се „под лупа“ со вкупна вредност од 25.165.250.000 денари, или приближно 409.191.000 евра.

Предмет на детална анализа се договорите склучувани со надворешни фирми и физички лица од кои театарската куќа речиси и немала потреба бидејќи стручен кадар и лица за истата работа има на редовниот платен список на МНТ. Од тука е интересот да се испита кој и зошто се плаќал, и каде завршувале тие пари.

Причината да се направи детален увид во работата на Пројковски бил големиот долг што го наследи актуелната директорка, Симона Угриновска.

 

Прикажи повеќе...

Најново

Вести3 часа

(Видео) Најмалку три лица убиени во Мериленд, за нападот е осомничена жена

Најмалку три лица се убиени во пукањето што се случи во 9 часот наутро по локално време во сојузната американска...

Регион3 часа

Поранешниот шеф на Хипо банка преку видеоврска сведочеше на судењето против Санадер

Поранешниот шеф на Хипо банка, Гунтер Штрајдингер, преку видеоврска од затвор сведочеше на судењето против поранешниот хрватски премиер, Иво Санадер,...

Македонија7 часа

(Видео) Кратовалиев: Во „Тортура“ презентирана снимка за случајот „Кампања“ што досега била криена

На денешното рочиште за „Тортура“, кое се одвиваше без присуство на јавноста како доказен материјал од специјалното јавно обвинителство, бил...

Македонија8 часа

Пелените во станот во „Скопјанка“ стоеле од јануари, кога починала 90-годишната жена

Деведесетгодишната станарка на „Скопјанка“ која користела пелени починала во јануари годинава. Поради остар мирис од насобраните пелени во станот број...

Македонија8 часа

Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ преку „Фејсбук“ најавуваат дека нема да гласаат за уставни измени

Десетина пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку своите фејсбук-профили најавуваат дека нема да гласаат за уставни измени. Дел од пратениците, меѓу...

Македонија10 часа

Јорданов: На Божиновски му дадов 5 илјади евра за услуги, потоа ми бараше уште повеќе

Бизнисменот Минчо Јорданов на денешното рочиште во кривичниот суд за случајот ,,Шпион” рече дека на новинарот Зоран Божиновски му дал...

Македонија10 часа

(Видео) Запален автомобилот на архитектот Златко Тодоров, соседите забележале луѓе со фантомки

Утрово околу 4 часот бил запален автомобилот на архитектот Златко Тодоров паркиран на тротоар на улицата Христо Смирненски зад Универзалната...

Spion Spion
Македонија10 часа

Укината постапката против Зоран Божиновски за злосторничко здружување

Се укинува постапката против Зоран Божиновски за злосторничко здружување. Судијата Владимир Туфегџиќ на почетокот од денешното рочиште за случајот ,,Шпион”...

Македонија11 час

Јавноста исклучена од денешното рочиште за „Тортура“

Денешното рочиште за „Тортура“ почна без присуство на јавноста. Триесет и пет прислушкувани разговори како дел од доказниот материјал ќе...

Македонија11 час

Коментар на грчка пратеничка ги разгоре страстите на синоќешната седница на мешовитиот парламентарен комитет

Во Собранието вчера со бурен старт почна седницата на мешовитиот парламентарен комитет. Страстите уште на самиот почеток ги разгоре пратеничката...

Свет12 часа

Помпео: Вашингтон е подготвен за преговори со Северна Кореја

САД ги поздравија важните обврски што ги презеде Северна Кореја за време на меѓукорејскиот самит во Пјонгјанг и изрази подготвеност...

Македонија21 час

Пелени и шишиња со урина ја испразнија зградата во Аеродром

Евакуацијата на зградата во Аеродром била поради нехигиена. Дел од присутните лица пред зградата од каде беа евакуирани за „Макфакс“...

Македонија1 ден

Томевски: Поради острата миризба, станарите мораше веднаш да се евакуираат на безбедно

Околу 18 часот добивме дојава од граѓани што почувствувале остар мирис во влезот по што беше испратена екипа. Поради остриот...

Македонија1 ден

Евакуирана зграда во Аеродром, паника кај станарите

Жителите од зграда на улицата Кузман Јосифовски – Питу, број 15, во скопската населба Аеродром, кај „Мезе бар“, се евакуирани...

Македонија1 ден

(Видеоинтервју) Софијанова: Балканската школа на педијатрите ги обедини кадрите и важните аспекти во лекувањето на децата

Повеќе од 500 доктори, медицински сестри и специјализанти ја посетиле Балканската школа на педијатрите, што првпат се одржа во хотелот...

Македонија1 ден

(ВИДЕОИНТЕРВЈУ) Јовановиќ: Путин преку своите дипломати сака да го сруши договорот помеѓу Македонија и Грција

Претседателот на српската Либерално-демократска партија, Чедомир Јовановиќ, во интервју за „Макфакс“ вели дека има руско влијание на Балканот и дека...

Крвав четврток1 ден

Напаѓачите добиваа насоки од команден штаб, сведочеше пратеникот Ферид Мухиќ за 27 април

На продолжението на судењето за настаните од 27 април, судијката Добрила Кацарска, која го суди предметот, рече дека претседателот на...

Топ1 ден

Тинејџери силувале дете во Битола

Двајца тинејџери на возраст од 14 и 16 години се осомничени дека силувале дете во Битола. Според информациите на МВР,...

Димитар Апасиев, Тодор Петров Димитар Апасиев, Тодор Петров
Македонија1 ден

(Видео) Апасиев: Да се испита кој ги повикувал уставните судии на разговор и им влијаел на одлуката

Има сознанија дека уставните судии се повикувани на разговор пред денешната седница, вели Димитар Апасиев, еден од подносителите на инцијативата...

Kacarska Кацарска Kacarska Кацарска
Крвав четврток1 ден

Адвокатот на Тарчуловски не сака да суди Кацарска оти била роднина со оштетен

Судијката Добрила Кацарска, која го суди предметот за крвавиот четврток, даде еден час пауза за претседателот на судот, Иван Џолев,...

Досие