Контакт

Investigative story

(Видео) Охридскиот полицаец Стевоски си поднел тужба и против себе

Објавено пред

Деветмина високи функционери во СВР Охрид и во МВР се на листата од последната пријава што против претпоставените ја поднел охридскиот полицаец Стевче Стевоски, кој пред две години го казни командирот со 800 евра. Ги пријавил оти секој одделно, но и заеднички континуирано, психички го малтретирале, направиле повреда на неговите основни човекови права со цел да му изречат дисциплинска мерка – престанок на работниот однос. Неговите пријави никој од надлежните не ги есапи, па Стевоски одлучи да ги подели со „Макфакс“ за јавноста да чуе за однесувањето на луѓето на одговорни функции во МВР.

„Поднесов нова претставка, односно пријава за мобинг до МВР за продолжување со мобинг. Од страна на помошник-министерот Виолета Влаховиќ дојде известување да ги доставите сите докази против непосредните старешини што ги пријавувате. Сите докази ги доставив, но тоа таму и остана. Денеска ја нема Виолета Влаховиќ ниту да праша ниту да ги прекине овие состојби, туку изрекува санкции против мене“, вели Стевоски.

Во пријавата за мобинг, поднесена во јануари 2017 година, Стевоски наведува дека со усни наредби од старешините бил спречуван да работи во согласност со законите. Тврди дека деветтемина високи функционери во СВР Охрид и во МВР по терк на злосторничко здружување почнале отворена акција за негова дискредитација.

Кога истекле сите законски рокови, а не била преземена ниту една мерка, Стевоски во февруари 2017 годна против истите девет луѓе поднел тужба во охридскиот суд. Нема одговор ниту на тужбата.

Во ноември, пак, минатата година поднел пријава и во Државниот инспекторат за труд поради тоа што МВР не постапило по неговата пријава за мобинг и побарал да се изврши инспекциски надзор. Половина година по пријавата, Стевоски вели дека инспекциски надзор во СВР Охрид нема.

Од Државниот инспекторат за труд не одговорија на прашањата од „Макфакс“ зошто никој не презел мерки по пријавите за мобинг од Стевоски.

„Желбата и убедувањето на претходната и сегашната влада дека ќе се бори и ќе се справи со криминалот, за жал, е само за телевизија“.

Од МВР не сакаат да ги коментираат обвинувањата од полицаецот Стевоски

Разочаран од непостапувањето на институциите Стевоски се одлучил на радикален чекор – поднел кривична пријава за полициска корупција против себе и против четворица претпоставени оти оди на работа, зема плата, а нема обврски. Во кривичната пријава наведува дека четворицата претпоставени, Рубинчо Џавероски, командир на полициската станица во Охрид, Сашо Смилески, началник на СВР Охрид, Стефан Буџакоски, внатрешна контрола во Охрид, и Дејан Андонов, помошник на министерот за внатрешни работи, внатрешна контрола од Скопје, направиле три кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластувањето, несоодветно работење во службата и повреда на рамноправноста на граѓаните.

„Пријавените самоволно и спротивно на законот донеле устен договор за моја суспензија за вршење работи и работни задачи како полициски службеник во МВР, а исплатата на плата и надоместоци од плата ја извршуваа во целост, со што му предизвикале штета на буџетот во износ од 700.000 денари“, стои во кривичната пријава.

Како петтообвинет во кривичната пријава Стевоски се наведува сам себеси за сторено кривично дело лажно пријавување кривично дело. Смета дека доколку јавниот обвинител утврди дека четворицата претпоставени што му давале плата што не ја заработувал бидат ослободени од обвинение, тогаш тој треба да биде осуден за лажно пријавување кривично дело.

Стевоски во пријавата бара обвинетите од лични средства да ја надоместат штетата во буџетот од 700.000 денари.

Од охридското Обвинителство нема одговор на тужбата.

Стевоски вели дека битката со пријавите продолжува. Тој собира докази за обид колегите да му подметнат крадени дрва за огрев за да може да го обвинат, но ја згрешиле плевната, ги подметнале во туѓа. За овој случај од минатата година била малтретирана неговата сопруга.

„Жената ми вика: ‘Слушај ваму, еден од полицајците ме фати за раката и ме влечеше до објектот што се наоѓа над нашата штала и ми викаше дека овој објект е наш и треба јас да го отворам за да направат записник бидејќи имаат наредба од судот’. Кога ја прашав што направила, рече дека им кажала дека тој објект не е наш“, вели Стевоски.

По овој случај, Стевоски почувствувал дека му е загрозена безбедноста и затоа побарал полициска заштита и прием кај министерот Оливер Спасовски, но и по една година, не добил одговор на барањата.

Од МВР не сакаат да ги коментираат обвинувањата од полицаецот Стевоски. Само кусо нагласуваат дека одделот за внатрешна контрола постапува секогаш кога има индиции за повреда на работниот ред.

 



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Investigative story

Антикорупциската комисија се сомнева во злоупотреби со монографии на Филозофскиот факултет

Објавено пред

Од

Антикорупциската комисија има доставено иницијатива за поведување постапка за кривично гонење поранешен декан на Филозофскиот факултет до Јавното обвинителство,поради сомневања дека сторил злоупотреба на службената положба и овластувањето, дознава „Макфакс“.

Информацијата за „Макфакс“ ја потврди и Државната комисија за спречување на корупцијата, од каде што велат дека тие во согласност со Законот за спречување на корупцијата постапиле по предмет оформен по пријава за сомневање за искористување на службената положба и овластувањето и прибавување корист за себе или за друг на штета на средствата на Факултетот по што на седница донеле заклучок до Јавното обвинителство да поднесат иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на професорот.

Во иницијативата што ја добивме од антикорупциска комисија се вели дека тие постапиле по анонимна пријава за сомневање за злоупотреба на позицијата кога во 2013 година, спротивно на Правилникот за работа на Факултетот, деканската управа потпишала меморандум за соработка во областа на издавачката дејност помеѓу Министерството за образование и наука, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Филозофскиот факултет – Скопје за финансирање 29 монографии за дејци од македонското револуционерно движење.

„Во периодот од 2014 до 2016 година овозможил исплата на средства, со што се надминати планираните средства за издадените 19 монографии за износ од 3.977.000 денари. Овозможил исплата на средства од Факултетот во износ од 1.142.000 денари спротивно на одредбите од меморандумот за соработка со кој е предвиден и утврден начинот на финансирање, овозможил исплата на средства за авторски хонорари и надоместоци за лектура и техничко уредување во износ од 498.000 денари, без обезбедна соодветна и комплетна документација“, се вели во иницијативата испратена до Обвинителството.

Според антикорупциската, постои и сомневање за овозможување склучување договори за закуп спротивно на објавените услови во огласот за издавање недвижности, како и нефактурирање на надоместоците за комунални услуги и други трошоци на закупците.

„Спротивно на одлуката за плати и надоместоци на плати овозможил исплата на надоместоци на наставниот кадар и администрацијата по основ на дополнителна ангажираност, зголемен обем на работа или учество во комисии во вкупен износ од 4.648.000 денари, како и не презел мерки и активности за враќање на финансиските средства доделени на Студентскиот парламент, а потрошени ненаменски и без соодветна документација“, се вели понатаму во предметот.

За случајот се обративме и кај поранешниот декан за кој се поведува предметот, но тој немаше коментар бидејќи според него сè уште немал никакви информации за поднесениот предлог за поведување постапка за кривично гонење.

Ратко Дуев, сегашниот декан на Филозофскиот факултет, исто така вели дека нема никакви информации за пријавата ниту, пак, дека Факултетот е информиран за неа, па затоа не може да коментира на темата.

Испративме прашања до Обвинителството за тоа до каде е постапката со иницијативата што ја има поднесено за кривично гонење на ексдеканот, а сега професор на Филозофскиот факултет, која е предадена во јануари годинава, како и дали Обвинителството има други постапки со кои се истражува корупција или други злоупотреби на овој факултет, но до објавата на текстот не добивме одговор.

Претходно, во мај 2017 година, и Државниот завод за ревизија во нивната ревизија на финансиските извештаи на Факултетот исто така констатира дел од неправилностите за кои сега антикорупциската го повикува Обвинителството да поведе постапка.

Според ДЗР, во текот на реализацијата на проектот од 2013 до 2016 година со монографиите воопшто не се водела евиденција за потрошените средства на ангажираните лица и за исплатувањето на нивните хонорари. Не бил изготвен ниту писмен извештај за реализација на проектот и само било информирано МОН дека ќе се издадат 19 монографии, 5 се во фаза на печатење, а 5 нема да се издадат од објективни причини.

ДЗР констатира дека финансиските извештаи на Факултетот не ги прикажуваат вистинито и објективно сите материјални аспекти, како и дека некои од активностите и трансакциите во нив не се во согласност со законската регулатива.

Кристина Озимец

Прикажи повеќе...

Investigative story

Ни требаат реклами, ние сме угледот на градот, „Охридски комуналец“ за потрошените 1,7 милион денари на медиуми

Објавено пред

За медиумско внимание во Охрид плаќало и Јавното претпријатие „Охридски комуналец“. Од 2011 година, кога претпријатието почнува самостојно да функционира, до август 2018 година, „Комуналец“ за рекламирање во локалните медиуми потрошило 1.714.149 денари или околу 27,8 илјади евра, дознава „Макфакс“. Исплатите кон медиумите и од ова претпријатие, како и од другите јавни претпријатија во Охрид и од Општина Охрид, ги има и во екот на најголемата борба на Здружението на новинарите на Македонија против јавни пари во медиумите. „Комуналец“ плаќа и им плаќало на медиумите на ист начин како и Општина Охрид – од блокирана сметка поради долгови.

Договорите се потпишувале за гостувања во живо, за емитување соопштенија и огласи од информативен карактер, како и за поставување банери и рекламирање. Најмногу пари „Комуналец“ одвоил за „МХ радио“ – 429.785 денари, на „ЛТ трејд“ за објави на порталот „Охрид 1“ му биле исплатени 254.552 денара, 206.986 денари „Комуналец“ одвоил за услугите од ТВМ, 205.266 денари му исплатиле на Златко Маневски за организирање на веб-страницата на претпријатието, на „Охридњус“ му исплатил 148.290 денари, „Охрид 24“ добил 140.000 денари, „Охридскај“ добил 91.110 денари, на „Мегастар“ повторно за објави на порталот „Охрид 1“ му исплатил уште 90.000 денари, 85.750 денари му се исплатени на „Москито“ за објави во електронскиот весник „Охридлајв“, на „СОС Балкан медија“ за објави на „Охридскај“ му биле исплатени 40.320 денари и најмалку пари „Комуналец“ одвоил за „Вебвил“ со исплатени 22.000 денари.

Од „МХ радио“, кое добиле речиси половина милион денари од „Комуналец“, велат дека соработката со претпријатието не ја загрозувала нивната медиумска независност.

„Парите не се за фаворизирање, туку за објавување огласи и соопштенија. Претпријатијата имаат потреба од вакви објави и не гледам зошто медиумите да бидат тргнати настрана. Таа соработка не можам да кажам дека влијаела врз независноста на медиумот оти се работи за објава на соопштенија, во истата приказна сме сите, и локални и национални медиуми. Далеку сме сите до еден од независност и треба да помине еден долг период за да се направи природна селекција на чисто комерцијални медиуми, под услов да не се појавуваат повеќе медиуми целосно поддржани од Владата или од локалната самоуправа, како што имавме во изминатиот период“, вели Јулијан Здравковиќ од „МХ радио“.

Став дека претпријатието треба да се рекламира и покрај што работи со блокирана сметка има и сегашниот директор на „Охридски комуналец“, Љупчо Грданоски.

„Треба да се презентираат нашите активности, сакаме медиумите да ги покриваат. За тоа сега одвојувам 20-30 илјади денари месечно“, -Љупчо Грданоски, директор на „Охридски комуналец“

„Долгови има, работиме со блокирана сметка. По моето доаѓање, имам направено спогодби за враќање на долговите, за старите наталожени долгови. Почната е постапката, а големи се и каматите, треба време. Имаме потреба да се рекламираме во медиуми, ова е јавна работа. Ние сме угледот на градот, треба да се презентираат нашите активности, сакаме медиумите да ги покриваат. За тоа сега одвојувам 20-30 илјади денари месечно. Овие пари нема да влијаат на долговите затоа што тие се големи, а ова се малку пари“, изјави директорот Грданоски за „Макфакс“ не прецизирајќи колку изнесува долгот на претпријатието и колку време работат со блокирана сметка.

Кај ова претпријатие, според податоците што ни ги испрати сегашниот директор Грданоски, не се поклопува сумата на исплатени пари во медиумите со сумата на која се потпишани договорите за соработка. Исплатени се помалку пари од она што е предвидено во потпишаните договори. Претпријатието потпишало договори со медиумите кои предвидуваат да им бидат исплатени 2.123.695 денари, но реализираните исплати се на сума од 1,7 милион денари.

Прикажи повеќе...

Investigative story

Охридските „Градски гробишта“ се рекламирале за 1,1 милион денари народни пари

Објавено пред

Со народни пари реклами во локалните медиуми си плаќале и директорите на ЈП „Градски гробишта“ – Охрид, дознава „Макфакс“. За рекламни спотови, маркетинг-услуги, објава на соопштенија и огласи и телевизиско емитување од 2011 година, кога е формирано претпријатието, до годинава „Гробишта“ потрошило 1.115.400 денари или малку повеќе од 18 илјади евра. И тоа, по примерот на Општина Охрид, како и другите јавни претпријатија, плаќало за медиумско внимание и во екот на најголемата борба на Здружението на новинарите на Македонија против јавни пари во медиумите.

Локалните медиуми во Охрид истовремено зеле пари и од Општина Охрид и од јавните претпријатија. Најплатен медиум и во случајот на „Градски гробишта“ како и кај повеќето претпријатија и кај Општината е ТВМ. Иако соработувале само една година, 2012, на овој медиум претпријатието му префрлило 185.100 денари за телевизиско емитување, што е најголема одвоена сума за еден медиум. Зад ТВМ на листата следуваат „МХ бокс“ со 144.000 денари, „Охриднет“, кој добил 128.000 денари, „ТВ О2“ за која биле одвоени 120.000 денари, Радио Морис со 108.000 денари, за „МХ радио“ и „Охрид вест“ биле одвоени по 96.000 денари, „Охридскај“ добил 65.400 денари, на „НТВ продукција“ ѝ биле исплатени 64.900 денари, „ЛТ трејд“ за објави на порталот „Охрид 1“ добил 60.000 денари и најмалку пари биле одвоени за „ТВ Морис“, која добила 48.000 денари.

Од најплатениот медиум, ТВМ, првин ни рекоа дека немале договор за соработка со „Градски гробишта“ – Охрид спротивно на официјалните податоци што во „Макфакс“ ги испрати претпријатието, од кои се гледа дека за нив се потрошени најмногу пари, а подоцна се јавија да ја повлечат изјавата и рекоа дека од финансискиот оддел им потврдиле дека имале договори во 2012 година.

Најплатен медиум и во случајот на „Градски гробишта“ како и кај повеќето претпријатија и кај Општината е ТВМ

„Не земавме пари од ‘Градски гробишта’, немаме договори и не сме емитувале реклами. Договори имавме со ‘Комуналец’“, кусо изјави управителката на ТВМ, Ирена Арнаудова, за „Макфакс“.

Таа рече дека има неодложни обврски поради кои не може да даде подолго објаснување, но десетина минути подоцна ја смени изјавата и најави дека детаљно ќе ни одговори на сите прашања доколку ѝ ги пратиме по имејл. Арнаудова до објавувањето на текстот не одговори на прашањата.

Некои од останатите сопственици на медиумите кои добивале пари од Општината и од јавните претпријатија веќе се изјаснија дека додека траеле договорите им биле наклонети на оние што плаќале и се раководеле од изреката „кој те плаќа тој те има“.

Договорите за соработката со медиумите во име на „Гробишта“ ги случиле директорите Драган Пандевски, кој бил на функцијата до април 2013 година, и неговиот наследник Зоран Симоновски, кој бил директор до ноември 2017 година. Праксата за купување медиумско внимание во ова претпријатие ја прекинал сегашниот директор Ванчо Костоски.

„Со ниеден медиум немам договор и никој од медиумите не барал досега договор од мене“, вели директорот на „Градски гробишта“, Ванчо Костоски

„Не гледам потреба да се рекламирам и нема што да се рекламира кај нас. Ние имаме потреба од објавување огласи или соопштенија од типот да ги известиме граѓаните дека следува утужување ако не ги намират обврските за гробарина. Откако јас сум директор, не сме користеле огласи и соопштенија, туку праќаме опомени по пошта. Со ниеден медиум немам договор и никој од медиумите не барал досега договор од мене“, вели директорот Костоски за „Макфакс“.

Јавното претпријатие, според директорот Костоски, сè уште е во долгови. Сегашниот долг изнесувал околу 50.000 евра.

Измената на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, која е во постапка, треба да забрани влегување јавни пари во медиумите, со што се очекува поголема медиумска независност.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет5 часа

Бил Козби осуден на 3 до 10 години затвор за сексуален напад

Познатиот комичар Бил Козби е осуден на три до 10 години во државен затвор за дрога и сексуално малтретирање на...

Регион7 часа

(Видео) Пожар на Пељешац, гори борова шума – жителите ги бранат куќите

Во пожар што избувна кај местото Мокало на хрватскиот полуостров Пељешац гори густа букова шума. Според последните информации, огнот го...

Македонија8 часа

Се намалуваат трошоците во постапките пред нотарите и извршителите

На предлог на Министерството за правда, Владата ги прифати предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за извршување и на...

Македонија9 часа

Заев: Одлучуваат тие што гласаат, тие што не гласаат не се ни бројат

За успешноста одлучуваат тие што гласаат, а тие што не гласаат не се ни бројат, порача премиерот Заев пет дена...

sobranie, 27 april nasilstvo krvav cetvrtok sobranie, 27 april nasilstvo krvav cetvrtok
Крвав четврток10 часа

Чавков наредил да им ја отворам вратата на колегите од УБК, сведочеше собраниска полицајка за oдзмените харддискови

По наредба на директорот на БЈБ, обвинетиот Митко Чавков, било одземањето на дисковите со снимките од безбедносните камери во Собранието, потврди собраниската...

Крвав четврток10 часа

Судот им ги одби гаранциите на Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов да се бранат од слобода

Обвинетите пратеници Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов, како и активистот Богдан Илиевски и обезбедувачот Оливер Радулов, и натаму остануваат во...

Топ11 час

Градоначалникот на Куманово добивал закани, поднесена кривична пријава против едно лице

Градоначалникот на Куманово до СВР Куманово пријавил дека во два наврата му биле испратени СМС-пораки со заканувачки содржини кон него...

Крвав четврток12 часа

Се надевам дека ќе одговараат нарачателите за 27 април, рече обвинителката Русковска

По првиот дел од судењето во кривичниот суд за настаните од 27 април, обвинителката Вилма Русковска, на новинарско прашање, рече...

Investigative story14 часа

Антикорупциската комисија се сомнева во злоупотреби со монографии на Филозофскиот факултет

Антикорупциската комисија има доставено иницијатива за поведување постапка за кривично гонење поранешен декан на Филозофскиот факултет до Јавното обвинителство,поради сомневања...

Крвав четврток14 часа

„Влатко Ѓорчев ги молеше како Господ да не нè напаѓаат“, се расплака телохранителот на Оливер Спасовски

(Фото: Ацо Ангеловски во средина) „Лево од мене слушнав наредба – убијте ги! Масата одеднаш тргна кон нас. Бидејќи не...

Регион14 часа

Додик: Јавна тајна е дека опозицијата подготвува немири на улиците

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави дека е јавна тајна дека опозицијата во тој српски ентитет има план да...

Виница Виница
Македонија15 часа

Вонредни контроли по масовното труење со храна во Виница

Aгенцијата за храна и ветеринарство во наредните денови во Виница ќе изврши вонредни контроли кај сите оператори што произведуваат, подготвуваат...

Свет15 часа

Кина: САД ни ставаат „нож под грло“, губиме и едни и други

Продолжувањето на кинеско-американските трговски преговори е тешко откако САД на Кина и ставија „нож под грло”, рече заменик-министерот за трговија...

Свет16 часа

САД ја предупреди Русија: С-300 во Сирија ќе биде голема грешка

САД ја предупредија Русија дека распоредувањето на модерниот анти-ракетен систем С-300 во Сирија е голема грешка и дека одлуката треба...

Топ16 часа

Осумнаесетгодишно момче од Скопје загина во сообраќајна несреќа

На улицата „Јадранска магистрала“ во Скопје ноќеска се случила сообраќајна несреќа во која животот го загуби 18-годишниот Д.К. од Скопје....

Свет20 часа

НАСА откри две нови далечни планети

Орбиталниот телескоп на НАСА, кој е во потрага по нови светови надвор од Сончевиот систем, открил две нови далечни планети...

Спорт1 ден

Модриќ е „кралот“ на светот

Лука Модриќ очекувано е избран за најдобар фудбалер во изборот на ФИФА, комплетирајќи ја неверојатната година во која со Реал...

Македонија1 ден

„Најди некој со сила од Унијата на жени, некој непознат“, Јанакиески вртел телефони за да бара противкандидат за градоначалник

На продолжението од судењето за предметот на специјалното јавно обвинителство, познат со кодното име „Титаник“, во доказната постапка се репродуцираат...

Македонија1 ден

(Вознемирувачки фотографии) Смртоносни отрови расфрлани во повеќе градови, реагира „Анима мунди“

Исклучително силни смртоносни отрови се расфрлани во повеќе градови и села во целата држава – Валандово, Велес, Охрид, Куманово, Тетово,...

Македонија1 ден

Поднесено обвинение против Васе Доневски за скандалот со „Секјуриком“

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против поранешниот директор на Службата за општи и заеднички...

Досие