Контакт

Investigative story

Охридските „Градски гробишта“ се рекламирале за 1,1 милион денари народни пари

Објавено пред

Со народни пари реклами во локалните медиуми си плаќале и директорите на ЈП „Градски гробишта“ – Охрид, дознава „Макфакс“. За рекламни спотови, маркетинг-услуги, објава на соопштенија и огласи и телевизиско емитување од 2011 година, кога е формирано претпријатието, до годинава „Гробишта“ потрошило 1.115.400 денари или малку повеќе од 18 илјади евра. И тоа, по примерот на Општина Охрид, како и другите јавни претпријатија, плаќало за медиумско внимание и во екот на најголемата борба на Здружението на новинарите на Македонија против јавни пари во медиумите.

Локалните медиуми во Охрид истовремено зеле пари и од Општина Охрид и од јавните претпријатија. Најплатен медиум и во случајот на „Градски гробишта“ како и кај повеќето претпријатија и кај Општината е ТВМ. Иако соработувале само една година, 2012, на овој медиум претпријатието му префрлило 185.100 денари за телевизиско емитување, што е најголема одвоена сума за еден медиум. Зад ТВМ на листата следуваат „МХ бокс“ со 144.000 денари, „Охриднет“, кој добил 128.000 денари, „ТВ О2“ за која биле одвоени 120.000 денари, Радио Морис со 108.000 денари, за „МХ радио“ и „Охрид вест“ биле одвоени по 96.000 денари, „Охридскај“ добил 65.400 денари, на „НТВ продукција“ ѝ биле исплатени 64.900 денари, „ЛТ трејд“ за објави на порталот „Охрид 1“ добил 60.000 денари и најмалку пари биле одвоени за „ТВ Морис“, која добила 48.000 денари.

Од најплатениот медиум, ТВМ, првин ни рекоа дека немале договор за соработка со „Градски гробишта“ – Охрид спротивно на официјалните податоци што во „Макфакс“ ги испрати претпријатието, од кои се гледа дека за нив се потрошени најмногу пари, а подоцна се јавија да ја повлечат изјавата и рекоа дека од финансискиот оддел им потврдиле дека имале договори во 2012 година.

Најплатен медиум и во случајот на „Градски гробишта“ како и кај повеќето претпријатија и кај Општината е ТВМ

„Не земавме пари од ‘Градски гробишта’, немаме договори и не сме емитувале реклами. Договори имавме со ‘Комуналец’“, кусо изјави управителката на ТВМ, Ирена Арнаудова, за „Макфакс“.

Таа рече дека има неодложни обврски поради кои не може да даде подолго објаснување, но десетина минути подоцна ја смени изјавата и најави дека детаљно ќе ни одговори на сите прашања доколку ѝ ги пратиме по имејл. Арнаудова до објавувањето на текстот не одговори на прашањата.

Некои од останатите сопственици на медиумите кои добивале пари од Општината и од јавните претпријатија веќе се изјаснија дека додека траеле договорите им биле наклонети на оние што плаќале и се раководеле од изреката „кој те плаќа тој те има“.

Договорите за соработката со медиумите во име на „Гробишта“ ги случиле директорите Драган Пандевски, кој бил на функцијата до април 2013 година, и неговиот наследник Зоран Симоновски, кој бил директор до ноември 2017 година. Праксата за купување медиумско внимание во ова претпријатие ја прекинал сегашниот директор Ванчо Костоски.

„Со ниеден медиум немам договор и никој од медиумите не барал досега договор од мене“, вели директорот на „Градски гробишта“, Ванчо Костоски

„Не гледам потреба да се рекламирам и нема што да се рекламира кај нас. Ние имаме потреба од објавување огласи или соопштенија од типот да ги известиме граѓаните дека следува утужување ако не ги намират обврските за гробарина. Откако јас сум директор, не сме користеле огласи и соопштенија, туку праќаме опомени по пошта. Со ниеден медиум немам договор и никој од медиумите не барал досега договор од мене“, вели директорот Костоски за „Макфакс“.

Јавното претпријатие, според директорот Костоски, сè уште е во долгови. Сегашниот долг изнесувал околу 50.000 евра.

Измената на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, која е во постапка, треба да забрани влегување јавни пари во медиумите, со што се очекува поголема медиумска независност.

Investigative story

Ни требаат реклами, ние сме угледот на градот, „Охридски комуналец“ за потрошените 1,7 милион денари на медиуми

Објавено пред

За медиумско внимание во Охрид плаќало и Јавното претпријатие „Охридски комуналец“. Од 2011 година, кога претпријатието почнува самостојно да функционира, до август 2018 година, „Комуналец“ за рекламирање во локалните медиуми потрошило 1.714.149 денари или околу 27,8 илјади евра, дознава „Макфакс“. Исплатите кон медиумите и од ова претпријатие, како и од другите јавни претпријатија во Охрид и од Општина Охрид, ги има и во екот на најголемата борба на Здружението на новинарите на Македонија против јавни пари во медиумите. „Комуналец“ плаќа и им плаќало на медиумите на ист начин како и Општина Охрид – од блокирана сметка поради долгови.

Договорите се потпишувале за гостувања во живо, за емитување соопштенија и огласи од информативен карактер, како и за поставување банери и рекламирање. Најмногу пари „Комуналец“ одвоил за „МХ радио“ – 429.785 денари, на „ЛТ трејд“ за објави на порталот „Охрид 1“ му биле исплатени 254.552 денара, 206.986 денари „Комуналец“ одвоил за услугите од ТВМ, 205.266 денари му исплатиле на Златко Маневски за организирање на веб-страницата на претпријатието, на „Охридњус“ му исплатил 148.290 денари, „Охрид 24“ добил 140.000 денари, „Охридскај“ добил 91.110 денари, на „Мегастар“ повторно за објави на порталот „Охрид 1“ му исплатил уште 90.000 денари, 85.750 денари му се исплатени на „Москито“ за објави во електронскиот весник „Охридлајв“, на „СОС Балкан медија“ за објави на „Охридскај“ му биле исплатени 40.320 денари и најмалку пари „Комуналец“ одвоил за „Вебвил“ со исплатени 22.000 денари.

Од „МХ радио“, кое добиле речиси половина милион денари од „Комуналец“, велат дека соработката со претпријатието не ја загрозувала нивната медиумска независност.

„Парите не се за фаворизирање, туку за објавување огласи и соопштенија. Претпријатијата имаат потреба од вакви објави и не гледам зошто медиумите да бидат тргнати настрана. Таа соработка не можам да кажам дека влијаела врз независноста на медиумот оти се работи за објава на соопштенија, во истата приказна сме сите, и локални и национални медиуми. Далеку сме сите до еден од независност и треба да помине еден долг период за да се направи природна селекција на чисто комерцијални медиуми, под услов да не се појавуваат повеќе медиуми целосно поддржани од Владата или од локалната самоуправа, како што имавме во изминатиот период“, вели Јулијан Здравковиќ од „МХ радио“.

Став дека претпријатието треба да се рекламира и покрај што работи со блокирана сметка има и сегашниот директор на „Охридски комуналец“, Љупчо Грданоски.

„Треба да се презентираат нашите активности, сакаме медиумите да ги покриваат. За тоа сега одвојувам 20-30 илјади денари месечно“, -Љупчо Грданоски, директор на „Охридски комуналец“

„Долгови има, работиме со блокирана сметка. По моето доаѓање, имам направено спогодби за враќање на долговите, за старите наталожени долгови. Почната е постапката, а големи се и каматите, треба време. Имаме потреба да се рекламираме во медиуми, ова е јавна работа. Ние сме угледот на градот, треба да се презентираат нашите активности, сакаме медиумите да ги покриваат. За тоа сега одвојувам 20-30 илјади денари месечно. Овие пари нема да влијаат на долговите затоа што тие се големи, а ова се малку пари“, изјави директорот Грданоски за „Макфакс“ не прецизирајќи колку изнесува долгот на претпријатието и колку време работат со блокирана сметка.

Кај ова претпријатие, според податоците што ни ги испрати сегашниот директор Грданоски, не се поклопува сумата на исплатени пари во медиумите со сумата на која се потпишани договорите за соработка. Исплатени се помалку пари од она што е предвидено во потпишаните договори. Претпријатието потпишало договори со медиумите кои предвидуваат да им бидат исплатени 2.123.695 денари, но реализираните исплати се на сума од 1,7 милион денари.

Прикажи повеќе...

Investigative story

Обвинителството ги комплетираше документите за случајот со ексдиректорот на МНТ

Објавено пред

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и надлежен обвинител активно постапуваат по предметот за наводната злоупотреба и ненаменско трошење на средства во Македонскиот народен театар. Целата документација што ја побарале е на увид пред надлежните од обвинителство кои ќе одлучуваат дали има основа за оформување обвинение. На прашање на „Макфакс“ дали ОЈО ќе оформи случај од приложените документи,  тие велат дека случајот е во процесот на предистражна постапка, дејствијата се тајна  и во моментов нема да споделуваат детали.

Во овој случај има индиции за повеќе незаконски постапки што ги вршел поранешниот директор Дејан Пројковски. Минатата недела  инспекторите ги анализираа документите за јавните набавки што ги вршел поранешниот директор на МНТ, Дејан Пројковски, во периодот од 2015 до 2017 година. Според документите,  постојат сериозни елементи на кривичното дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавнa набавкa или јавно – приватно партнерство.

Полицијата постапи по пријавата од страна на Министерството за култура, а како што дознава „Макфакс“, уметничкиот директор само за 2016 година склучил договори за јавни набавки кои се „под лупа“ со вкупна вредност од 25.165.250.000 денари, или приближно 409.191.000 евра.

Предмет на детална анализа се договорите склучувани со надворешни фирми и физички лица од кои театарската куќа речиси и немала потреба бидејќи стручен кадар и лица за истата работа има на редовниот платен список на МНТ. Од тука е интересот да се испита кој и зошто се плаќал, и каде завршувале тие пари.

Причината да се направи детален увид во работата на Пројковски бил големиот долг што го наследи актуелната директорка, Симона Угриновска.

 

Прикажи повеќе...

Investigative story

Пројковски трошел на големо – половина милион евра за бифе, авиони, хотели, хигиена и обезбедување

Објавено пред

Инспекторите ги анализираат јавните набавки што ги вршел поранешниот директор на МНТ, Дејан Пројковски во периодот од 2015 до 2017 година, а веќе постојат сериозни елементи на кривичното дело „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно – приватно партнерство.

По влегувањето на полицијата минатата недела, Макфакс дознава дека уметничкиот директор само за 2016 година склучил договори за јавни набавки кои се „под лупа“ со вкупна вредност од 25.165.250.000 денари, или приближно 409.191.000 евра.

Само за обезбедувањето за МНТ на годишно ниво, Пројковски платил 1.845.000 денари или околу 30.000 евра. За две години потрошил 60.000 евра, а за реализација на овие договори не бил поставен надзор за извршување на договорните обврски.

Инспекторите ги заинтересираа и договорите за одржување на хигиената кои според нив се незаконски склучувани, но и продолжувани без анекс. Освен што биле исплатени 40.000 евра за една година, на истата фирма по истекот на договорот и биле исплатени дополнителни 14.000 евра, без да постои било каков документ.

Договорот го склучил директорот Дејан Пројковски, а фактурите за периодот надвор од предметниот договор се доставувани и потпишувани од страна на в.д директор Драган Спасов – Дац.

Во наведената постапка околу реализација на договорот воопшто не е поставен надзорен орган, а од исказите на дел од вработените службени лица обемот на реализација на договорот за јавна набавка не е вршен согласно спецификацијата приложена во тендерската документација.

Во 2016 година директорот Дејан Пројковски со измена и дополнување на Статутот на МНТ создал дополнителна дејност подготовка и послужување на пијалоци. Отворил и подружница –БИФЕ МНТ кое обавувало трговска дејност, а како овластено лице се поставил самиот, односно е назначен Дејан Пројковски.

Од неговото отварање до денес има создадено вкупни обврски од околу 13.000,00 евра кон добавувачите. Во март годинава извршен е попис на производите во БИФЕ МНТ Скопје и констатирани се состојби на неодговорно работење со производите, односно со изминат рок, недостаток на испорачани производи, производи кои ги нема на листата на набавки, поради што по вештачењето ќе биде иницирана постапка за утврдување на одговорност за незаконското и несовесно работење со подружницата.

За услугите за превоз на лица и опрема на годишно ниво Пројковски исплатил околу 50.000 евра, а двојно помалку се одлеале на услугите за хотелско сместување за кои на годишно ниво се трошени средства во висина од околу 1.500.000 денари или околу 25.000 евра.

Резервацијата на авио – билети годишно МНТ ја чинело прескапи 50.000 евра.

И овде има сомнеж за злоупотреби на постапките за јавни набавки и тоа во делот на услугите за превоз на лица и опрема каде се утврдени енормно високи цени за превоз на лица и опрема во и надвор од државата кои се далеку повисоки од вообичаените цени на пазарот, додека во делот на услугите за резервација на авио-билети е злоупотребена можноста преку годишниот план за јавни набавки да се фаворизира одредена агенција. Утврдено е дека се трошени средства за авио-билети по цени далеку повисоки од вообичаените цени на пазарот.

Има сомневање дека е вршено и ненаменско трошење на средства за јавна набавка на услуги за одржување на системи (сценски системи, сценско осветлување, БМС Систем и автоматика и сл.) , за чија реализација МНТ Скопје располага со соодветен стручен кадар. Само по овој основ има сомневања дека се ненаменски трошени по околу 32.000 евра на годишно ниво.

Ова се само дел од сомнителните ставки за јавните набавки што ги потпишувал Пројковски.

„Моменталните обврски на МНТ кон добавувачи врз основа на претходно склучени договори за јавни набавки на стоки и услуги и обврските за комуналии надминуваат износ од 9.225.000 денари, односно од 150.000 евра и се уште пристигнуваат доспеани обврски по основ на неисплатени фактури за извршени услуги“, изјави за Макфакс адвокатот Жарко Стевовски.

Предмет на детална анализа се договорите склучувани со надворешни фирми и физички лица од кои театарската куќа речиси и немала потреба, бидејќи стручен кадар и лица за истата работа има на редовниот платен список на МНТ. Од тука е интересот да се испита кој и зошто се плаќал, и каде завршувале тие пари.

Големиот долг кој го открила актуелната директорка Симона Угриновска бил и причината да се направи детален увид во работата на поранешниот директор Пројковски.

Како што објави Макфакс, лавината од сомнежи за злоупотреби во МНТ беше покрената по оставката на претседателот на Управниот одбор, режисерот Александар Поповски во јули годинава. Тој беше дециден дека мора да се направи ревизија на состојбите бидејќи новото раководство поради низата неправилности не може да ја извршува работата.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија16 часа

(Видео) ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава против Заев поради поткуп при избори

ВМРО-ДПМНЕ  достави кривична пријава во Јавното обвинителство против премиерот Зоран Заев, поради јавен повик на поткуп при избори. Димитар Димовски,...

Култура17 часа

(Видеоинтервју) Адеми: Нулта толеранција за корупцијата во културата, нови комисии на претстојниот конкурс

Строги и јасни критериуми по кои ќе одлучуваат новооформените комисии на претстојниот конкурс за проекти во културата, нулта толеранција за...

Топ18 часа

Камион удри во баба и внуче на пешачки премин на булевар Србија

Почина бабата која со внучето вчера беше прегазена на пешачки премин на булеварот Србија во скопската населба Аеродром, информира полицијата....

Македонија19 часа

,,Море Миле, нити е сечено, нити е лепено”, му рече обвинителката на Миле Јанакиески

Во кривичниот суд во Скопје продолжува рочиштето за предметот на СЈО со кодно име ,,Траекторија”, за провизиите за кинеските автопатишта....

Македонија20 часа

Хан до Мицкоски: Референдумот не е момент за политички игри

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, на средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, му кажал дека референдумот не е партиски...

Свет20 часа

Флоренс направи невидена катастрофа, а допрва следат најголемите поплави во историјата

Ураганот Флоренс, и покрај тоа што ослабна, и натаму предизвикува огромни штети во американските сојузни држави Јужна и Северна Каролина,...

Економија21 час

Државата ќе позaјми 50 милиони евра – утре со нив ќе врати стари долгови

Министерството за финансии објави дека денеска на домашниот пазар од банки и осигурителни друштва ќе побара заем од над 50...

Свет21 час

(Видео) Јужнокорејскиот претседател пристигна на третиот самит со севернокорејскиот лидер во Пјонгјанг

Јужнокорејскиот претседател, Мун Џае-ин, пристигна во Пјонгјанг на третиот состанок оваа година со севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-ун. На меѓународниот аеродром...

Европа1 ден

Орбан: ЕУ сака да дозволи влез на мигрантите и да управува со нив

Европската Унија сака да ја преземе одбраната на надворешните граници на одделни земји за да овозможи влез на мигранти, изјави...

Свет1 ден

(Видео) Пожар на паркинг пред шопинг-центар во Њујорк, над 20 повредени

Најмалку 21 лице се повредени во пожар што избувнал пред паркинг на шопинг-центарот „Кингс плаза“ во Њујорк. Локалните медиуми пренесуваат...

Свет1 ден

Русија и Турција се договорија да формираат тампон-зона во Идлиб

Русија и Турција се договорија да создадат демилитаризирана тампон-зона во сириската провинција Идлиб за да ги разделат владините сили од...

Daily news2 дена

(Видео) Техничкиот директор на ЈСП: Старите автобуси ќе возат до идното лето

Поради недоволен број возила, ЈСП мора во сообраќај да ги пушта старите автобуси „санос“. Техничкиот директор, Васил Толевски, вели за...

Македонија2 дена

Актерката Ирена Ристиќ приведена па однесена во болницата во Бардовци оти чистела ѓубре пред Влада

Актерката и активистка Ирена Ристиќ со полициско комбе била приведена во полициска станица „Беко“ бидејќи, како што вели, чистела догорчиња...

Македонија2 дена

Ги уценувале со илјадници евра за да не објават текстови за Драган Даравелски и Минчо Јорданов

Во кривичниот суд во Скопје, повторно, од почеток почна судењето за случајот „Шпион“, кое го застапува специјалното јавно обвинителство. Во...

Свет2 дена

Милијардерот Марк Бениоф го купува магазинот „Тајм“

Списанието „Тајм“ повторно ја менува својата сопственичка структура, речиси осум месеци откако беше продадено на американската медиумска група „Мередит корпорејшн“....

Македонија2 дена

Американскиот секретар за одбрана допатува во Скопје, загрижен е за мешањето на Москва во резултатот на референдумот

Американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис, утринава слета на Меѓународниот аеродром  „Скопје“ и беше пречекан од министерката за одбрана, Радмила...

Регион2 дена

Тачи: До договор со Србија преку мирна корекција на границите

Заокружувањето на разговорите и постигнувањето конечен договор помеѓу Косово и Србија е неопходно да се случи во брзо време, а...

Свет2 дена

(Видео) Тајфунот од Филипините се пресели во Кина – евакуирани над два милиони луѓе

Над два милиона луѓе се евакуирани во кинеската јужна провинција Гуангдонг пред пристигнувањето на тајфунот Мангхут. Претходно овој тајфун со...

Вести2 дена

Свештеници во Германија злоставувале 3 677 деца

Главниот германски надбискуп рече дека е шокиран од извештајот за сексуално злоставување во Германија во кој се наведува дека околу...

Регион3 дена

Авион кој летал од Ниш до Базел принудно слетал поради чад во кокпитот

Авион на компанијата „Визер“ вчеравечер принудно слетал во Загреб поради чад во кокпитот, пренесува „Индекс.хр“. Летот од Ниш до Базел...

Досие