Контакт

Истражувања

Се појави крунски доказ дека „Кунико“ го планирал стечајот на „Фени“

Објавено пред

По веста пред 6 месеци дека поранешниот сопственик на „Фени“ – „Кунико ресурсис“ (Cunico Resources) тужи 9 фирми и 4 физички лица за заговор со кој им е одземен „Фени“, „Макфакс“ дојде до документ презентиран во судот во Холандија, кој е крунски доказ дека „Кунико“ плански го одвел „Фени“ во стечај. Станува збор за финансиска анализа на „Кунико ресурсис“ подготвена од менаџерскиот тим на „Кунико“ на 13 јуни 2017 година, а наменета за Собранието на акционерите. Во анализата јасно стои дека без финансиска помош од акционерите, за „Фени“ банкротот е неизбежен. Во документот пишува дека поради неплаќање на долговите, веќе во јули 2017 се очекува доверителите да почнат стечајна постапка.

„’Кунико груп’ ќе го остави ‘Фени’ и други делови на Групацијата без финансиска помош. Во овој случај ‘Фени’ ќе има акумулирано критична маса на достасани долгови до јули 2017 година. Нашата процена е дека секој обид да се реструктуира компанијата и да се направат договори за отплата нема да бидат успешни без финансиска поддршка од акционерите од ‘Кунико’ и поради тоа не може да се покаже разумна перспектива за компанијата. Поради тоа, повеќе од јасно е дека некој од кредиторите ќе поведе стечајна постапка или тоа само треба да го направи менаџментот на “Фени’“, се наведува во анализата.

„Кунико“ во извештајот ги предвидел сите можни сценарија за „Фени“, која е означена како најпроблематична компанија и донесен е заклучок дека ако оди во стечај, може да се спаси целата групација. Како дополнително ‘спасувачко’ сценарио е тоа да се случи и со „Њу ко фероникели“ во Косово.

„Од денешна перспектива овој план е спроведен и во пракса: ‘Фени’ отиде во стечај, а ‘Њу ко фероникели’ неколку месеци подоцна исто така доби нов сопственик. Оваа анализа е целосно спротивна на наводите на ‘Кунико’ дека постоел заговор за носење на ‘Фени’ во стечај. Очигледно заговорот го направил самиот ‘Кунико’, свесен за последиците“, велат вработени во комбинатот.

Финансиската анализа на „Кунико ресурсис“, подготвена пет месеци пред стечајот, покажува дека без финансиска помош од акционерите, за „Фени“ банкротот е неизбежен

Анализата, која лани била строго доверлив документ, покажува дека „Кунико“ се грижел неговите компании да не ги исплатат долговите кон „Фени“.

„’Фени’ има побарувања од компании на Групацијата Кунико, и тоа 6,2 милиони американски долари од ‘Фероникели’, 11,8 милиони американски долари од ‘Кунико маркетинг’, 21,1 милион американски долари од ‘Кунико ресурсис’ и 1,1 милион американски долари од ‘Гуаксилан’. Има опасност ако Групацијата Кунико изгуби контрола врз ‘Фени’, стечајната управа да ги бара овие средства од компаниите. Во моментот го испитуваме потеклото на побарувањата и размислуваме да ги отпишеме ако се покаже дека нема соодветно објаснување“, стои во анализата.

Токму за незаконскиот отпис на долгови минатата година кривични пријави против менаџментот на „Кунико ресурсис“ поднесе Управата за финансиска полиција. Пред нецел месец тужба и кривични пријави против „Кунико ресурсис“, „Кунико маркетинг“, Јусуф Мирахмедов, Маниш Агарвал и Бранко Колев поднесе и стечајниот управник на „Фени“. Според кривичната пријава, која ја потврди Јавното обвинителство во Велес, пријавените се товарат за злосторничко здружување, злоупотреба на службената должност, но и фалсификување документи со кои е извршен незаконскиот отпис на 51 милион американски долари долг кон „Фени“. Веќе е утрвдено дека претходното раководство правело лажно датирање документи за да послужат за незаконскиот отпис.

Пред повеќе од една година беше обелоденето и дека ИМР (International Mineral Resources) со судска одлука од Холандија стекнал сопственост врз Групацијата Кунико ресурсис под услов да инвестираат 66,5 милиони американски долари, од кои, според кажувањата на вработените, никогаш ни долар не стигнал до „Фени“.
Стечајот на „Фени“ е заглавен и покрај планиот за реорганизација доставен од ГСОЛ, кој веќе двапати е изгласан на Собранието на доверителите со над 95 отсто поддршка. Жалби поднесуваат токму „Кунико ресурсис“ и „Кунико маркетинг“.

Од последниот протест на вработените во „Фени“ пред судот во Велес

Вработените на „Фени“ на секое рочиште протестираа и испраќаа порака да се стави крај на стечајот за кој велат дека ја загрозува нивната егзистенција.

На потег е Апелациониот суд во Скопје, кој треба да ја разгледа последната жалаба од „Кунико“. Од таа одлука зависи дали ќе заврши стечајната постапка за „Фени“, која почна лани во ноември.

„Кунко ресурсис“ беше недостапен за коментар на финансиската анализа, која од строго доверлив документ стана јавна тајна.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Истражувања

Разрешена директорка зела плата и го возела службениот автомобил

Објавено пред

Ексдиректорката на Државниот комунален инспекторат, Елизабета Јованчева, и разрешена зела плата, го возела службениот автомобил и потпишувала документи, а нејзините колеги сведочат и дека заминала на обука во Италија за која си зела и дневници. Инспекторатот сега судски бара ексдиректорката да врати 26.832 денари, што ѝ биле префрлени како плата по разрешувањето, а откако ќе ја добие пресудата за платата, ќе поведе постапка и за сите останати трошоци што ги направила во периодот по одлуката на Владата.

„Владата ја разреши Јованчева на 15 мај 2018 година, без образложение, со назнака дека одлуката стапува на сила веднаш, но таа си остана на функцијата до јуни. Место само за 15 дена од мај, таа си потпиша плата за цел месец. Одвреме-навреме доаѓаше и на работа. Кога ја прашавме зошто доаѓа и по одлуката на Владата, таа кажуваше дека чека официјално известување“, велат вработени во Инспекторатот кои сакаа да останат анонимни.

Инспекторатот бил без директор до август 2018 година кога Владата го назначила Зоран Маџовски за в.д. директор, но по само две недели го разрешила и него и за в.д. директор е назначен Сали Ајдини, кој сè уште е на функцијата. Со негов потпис, Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата. Со истиот допис ја известиле ексдиректорката дека ако не ги врати парите, ќе почнат судска постапка.

Јованчева им одговорила дека барањето им е неосновано, па Инспекторатот побарал милење од Државното правобранителство. Правобранителството го прифатило барањето и го известило Инспекторатот дека случајот е испратен за постапување до Државното правобранителство во Штип, надлежно да постапува доколку е потребно да биде поведена судска постапка.

„Правобранителството нè извести дека подготвително рочиште за предметот е закажано за во март годинава. Нашиот став е дека поранешната директорка треба да ги врати парите за половина месец оти одлуката на Влада за нејзино разрешување стапи на сила веднаш и таа беше одјавена од социјално осигурување“, изјави директорот Ајдини за „Макфакс“.

Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата

„Макфакс“ ја контактираше ексдиректорката Јованчева, но таа не сакаше да зборува за случајот.

Владата, која ја назначи и ја разреши Јованчева, не одговори на прашањата кое е образложението за нејзиното разрешување и зошто постојано дозволуваат Инспекторатот да е без директор.

„Во однос на кадровските прашања во Владата на Република Македонија, има комисија за кадровски прашања, која за секое лице поединечно ги проверува содржините на поднесената документација за да се провери дали ги исполнуваат условите за именување и соодветно на фактите, со потврдата за исполнување на условите за именување, Владата ги именува истите“, е коментарот на Владата како одговор на прашањата за смената на Јованчева.

Владата ја назначи за директорка Јованчева на 26 јануари 2018 година откако Инспекторатот беше три месеци без директор, оти дотогашниот стана градоначалник, а вработените беа без плата. Една од првите обврски на Јованчева беше потпишувањето на платата.

 

Прикажи повеќе...

Истражувања

(Видео) „Лимак“ и Градот ги изиграа скопјани, се гради хотел место прво да се изгради подземната сообраќајница

Објавено пред

Место прво да ја изгради подземната сообраќајница па потоа да ги гради содржините над земја, турската компанија „Лимак“ кај Стара железничка прво гради хотел. Зад „Рамстор“ веќе се гледа објект од приземје и четири ката, а во исто време на трасата на подземната сообраќајница видливи се само подготовки за градење. Овој проект е уште еден во низата проекти што имаат поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Во време на ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година беше продадено државното земјиште, но се молчеше иако со години не се градеше, а властите од СДСМ, пак, лани наплатија комуналии за сите предвидени објекти и издадоа одобренија за градење и покрај мораториумот за градење во Центар.

Сега властите молчат за редоследот на градење. Обврската прво да ја изградат подземната сообраќајница на Турците им ја наметна поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, веднаш по продажбата на земјиштето во 2012 година. Трајановски ги уверуваше скопјани дека Град Скопје склучил договор со Турците кој нема да дозволи тие да си ги изградат комерцијалните содржини над земја и да ја баталат подземната сообраќајница бидејќи се обврзале прво да ја изградат сообраќајницата, а дури потоа да почнат да ги градат другите содржини. Изградбата се одолговлекуваше со години, а кога веќе почнаа да градат минатата година, Турците покажаа дека приоритетен им е хотелот, спротивно на уверувањата на поранешниот градоначалник.

Иако објектот зад „Рамстор“ секојдневно расте, и од Град Скопје и од „Лимак“ велат дека не е прекршен договорот за изградба на подземната сообраќајница.

Од Градот тврдат дека е на сила договорот што го потпишал поранешниот градоначалник, но го сокрија кога „Макфакс“ со барање за пристап до информации од јавен карактер побара копија. Не одговорија на барањето и по истекот на законскиот рок од еден месец.

„Градот Скопје го нема променето договорот склучен помеѓу Град Скопје и ‘Лимак’ од 12.03.2012 година“, кусо одговорија од Градот на прашањето кога го смениле договорот што го обврзува „Лимак“ прво да ја изгради подземната сообраќајница, а потоа да ги гради останатите содржини со оглед на сегашната состојба на градилиштето зад „Рамстор“.

Од „Лимак“ избегнаа да одговорат директно на прашањето зошто не ја изградија подземната сообраќајница пред да почнат да ги градат другите содржини. Велат дека и покрај одолговлекувањето, ќе ги исполнат обврските од договорот потпишан во 2012 година.

„Според распоредот за изградба на ‘Лимак’, подземната сообраќајница ќе биде прва точка од проектот на ‘Лимак’, кој ќе се гради на парцелата 1.1. ‘Лимак’ прво ќе ја гради подземната сообраќајница на секвенци на парцелата 1.1 и ќе работи нагоре за да ги комплетира паркинзите, а дури потоа ќе почне со активности за изградба на станбените објекти и трговскиот центар кои е предвидено да се наоѓаат на ова место. Според инженерите, ова е сосема изводлив проект. Планирано и буџетирано е дека ‘Лимак’ ќе инвестира до 250 милиони евра за да го заврши овој проект“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.

Од компанијата се правдаат дека почнале да го градат хотелот зад „Рамстор“ оти заедно со локацијата го презеле и одобрението за градење што претходниот инвеститор го добил во 2008 година. Морале да почнат да градат оти биле обврзани во рок од десет години од издавањето на одобрението градбата да заврши. Поради истечениот рок за завршување на градбата „Лимак“ плаќа казна од два милиона денари месечно.

Официјално изградбата на комплексот кај Јужен булевар Турците ја почнаа лани во септември и најавија дека подземната сообраќајница ќе биде готова за 20 месеци, односно до средната на 2020 година. Ќе се гради прво потпорен ѕид од 17.000 квадратни метри околу сите парцели опфатени со проектот.

„Лимак“ на просторот кај Стара железничка станица покрај подземната сообраќајница најави изградба на мултифункционален комплекс со четири дваесеткатници, трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Земјиштето со вкупна површина од 41.824 квадратни метри во 2012 година го купи за 3,7 милиони евра. Лани за комуналии на Град Скопје се обврза да му исплати 6,5 милиони евра на рати, а за 20 отсто помала сума треба да исплати на име комуналии и во Општина Центар.

Прикажи повеќе...

Истражувања

(Видео) Турците ем градат кај Стара железничка ем плаќаат казна од 2 милиона денари месечно

Објавено пред

Турската компанија „Лимак“, која го гради комплексот со дваесеткатници кај Старата железничка станица, месечно уплаќа по  2 милиони денари во буџетот на Република Македонија како казна за нереализиран договор со Министерството за транспорт и врски, покажа истражување на „Макфакс“. Во договорот фирмата е обврзана во рок од десет години да изгради хотел, но рокот истече, а хотелот не е изграден, па „Лимак“ од средината на минатата година плаќа казна за неградење. Во исто време почна и да гради, наспроти гласното противење на скопјани против нови објекти во строгиот центар на градот. Хотелот, за кој плаќа казна, како и сите останати содржини што ги најави компанијата, се на државно земјиште кое Министерството за транспорт го продаде на „Лимак“.

„Компанијата е обврзана да плаќа договорна казна во висина од 1,5 отсто од вкупно постигнатата цена на јавното наддавање на предметното земјиште за секој изминат месец во првата година од истек на рокот, односно по 2.004.336 денари месечно, почнувајќи од 24.06.2018 година“, велат од Министерството за транспорт и врски за „Макфакс“.

Казната е за неизградениот хотел „Радисон“, кој во Скопје требаше да го изгради британската компанија „ХЛХ Македонија“, која доби и одобрение за градење во 2008 година, но откако не го изградија, земјиштето беше повторно вратено во државна сопственост, а Министерството за транспорт и врски во 2012 година го продаде на „Лимак“ во пакет со целото земјиште околу Старата железничка станица. „Лимак“ ја презеле обврската да изгради хотел, а го наследил и одобрението за градење поради кое сега плаќа казна.

„Претходниот инвеститор/изведувач ја има добиено градежната дозвола во јуни 2008 година. Според договорот со министерот за транспорт, изградбата требаше да заврши во рок од 10 години по издавањето на дозволата. Крајниот рок беше јуни/2018 година. Така, бидејќи се презема локацијата, ‘Лимак’ почна да ги плаќа соодветните месечни казни. Ова се однесува само за конкретната парцела, 1.12. Не за другите локации од мултифункционалниот комплекс“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.

Од турската компанија велат дека се отворени за соработка, но не сакаат да зборуваат пред камера.

Државата, преку Министерството за транспорт и врски им продаде вкупно 41.824 квадратни метри на Турците за вкупно 231.827.204 денари, или 3,7 милиони евра, земјиште поделено во две големи парцели. „Лимак“, пак, минатата година во септември и официјално ја почна изградбата на мултифункционален комплекс кој покрај четри дваесеткатници и хотел предвидено е да има трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Турците, заедно со комплексот, треба да ја изградат и подземната сообраќајница на Јужен булевар на која се чека уште од 2012 година.

Следно: „Лимак“ го изигра Градот, гради хотел место прво да ја изгради подземната сообраќајница

 

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија11 час

Инспекторот Илиевски поднесе прекршочна пријава за ректорот и за тетовскиот универзитет

Просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски поднесе прекршочна пријава во тетовскиот Основен суд за Државниот универзитет во Тетово и за ректорот Вулнет...

Македонија12 часа

Жбогар е уверен дека законот за Обвинителството ќе биде донесен со консензус

Eвроамбасадорот Самуел Жбогар при денешната посета на Општина Новаци изрази надеж дека парламентот ќе го донесе законот за Обвинителството со...

Македонија12 часа

Обвинителството го доби извештајот од телефонот на Јанева

Обвинителството за организиран криминал и корупција го доби извештајот од вештачењето на мобилниот телефон на обвинителката Катица Јанева, но во интерес...

Македонија14 часа

Заев на одмор во Охрид и Грција, Шекеринска во Скандинавија, Царовска во Турција

Премиерот Зоран Заев со семејството ќе замине на одмор по празникот 2 Август, Илинден, во Охрид и во Грција, министерката...

Македонија15 часа

Хелсиншки комитет: Рекорден број дела од омраза во 2018 година, негативниот тренд продолжува и годинава

Во периодот од 2013 до крајот на 2018 година Хелсиншкиот комитет евидентирал 508 инциденти сторени поради омраза, беше соопштено на денешната прес-конференција по повод Европскиот...

Сеад Кочан Трансмет, Труст, СЈО Сеад Кочан Трансмет, Труст, СЈО
Македонија17 часа

Кривичниот суд вторпат го одби барањето на Кочан за одложување на казната

Кривичниот суд по вторпат го одби барањето на бизнисменот Сеад Кочан, осуден во предметот „Труст“ на специјалното јавно обвинителство, да...

Свет19 часа

Итна седница на британската Влада, се бара безбедна пловидба во Заливот

Британската Влада свика итна седница на која ќе се расправа за одговорот што треба да се испрати на Иран, по...

Свет19 часа

Иран уапси 17 шпиони на ЦИА, некои се осудени на смрт

Иран уапси 17 шпиони кои работеле за Централната разузнавачка служба на САД (ЦИА), а некои од нив се осудени на...

Свет19 часа

(Видео) Масакр во луксузно одморалиште, убиени 5 лица, а 6 се повредени

Вооружен напаѓач уби петмина мажи и рани уште шест лица во популарен бар во мексиканскиот град Акапулко, што е уште...

Свет20 часа

Иран ѝ се закани на Велика Британија со ескалација на тензиите во Заливот

Со оглед дека британските официјални претставници одбиваат да ја исклучат можноста за воведување санкции кон Техеран, иранскиот амбасадор во Велика...

Свет20 часа

Израел почна да урива палестински згради

Израелските работни тимови почнаа да уриваат десетина илегално изградени палестински згради во источниот дел на Ерусалим. Денешното уривање ја прекинува...

Свет20 часа

Зеленски ѝ понуди сојуз на рок-ѕвезда

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, чија партија убедливо води на предвремените парламентарни избори со 43,9 отсто од гласовите, според излезните анкети,...

Македонија1 ден

Голем пожар во Едриличарскиот клуб во Струга

Голем пожар избувна попладнево во бараките на Едриличарскиот клуб во Струга што се наоѓа кај „Машката плажа“ во градот. За...

Македонија1 ден

Спасовски: МВР без налог од судот не може да знае каде е Јанева

МВР без налог од судот или обвинителството не може да знае каде е Катица Јанева. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски,...

Регион1 ден

Мицотакис ја претстави владината програма, на соседите им порача дека соработката ќе го одреди нивниот пат кон ЕУ

Грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис денеска во грчкиот Парламент ја претстави владината програма, во рамки на  тридневната расправа за добивање доверба на...

Македонија2 дена

Запленет глисерот на Зоран Кичеец

Запленетиот глисер во Охрид, е во сопственост на второосомничениот во случајот „Рекет“, Зоран Милевски познат како Зоки Кичеец, потврдуваат од...

Македонија2 дена

„Анима мунди“: Познат е сторителот кој свирепо уби куче во Стојаково, бараме најстрога казна

Монструозниот чин на кој сведоци беа жителите на селото Стојаково во Богданци, кога куче беше запалено со бензин е пријавен...

Македонија2 дена

(Видео) Жителите на Аеродром против центар за зависници, бараат тие да се лечат на периферијата

Жители на скопската населба Аеродром излегоа на протест, по иницијативата за преместување на зависниците од центарот во Кисела Вода, во...

Свет2 дена

(Видео) Иран објави снимка од заземањето на британскиот танкер

Иранската револуционерна гарда објави видеоснимки за кои тврдат дека ги покажуваат моментите кога нејзините припадници го заробиле британскиот танкер „Стена...

Свет2 дена

Шест лица починаа поради жешкото време во САД

Најмалку шест лица го загубиле животот поради рекордно високите температури во САД, објави „Гласот на Америка“. Според властите, жртвите се...

Досие