Контакт

Истражувања

Одземени дел од одобренијата за увоз и извоз, работниците на „Фени“ во паника

Објавено пред

Стравувањата на вработените во „Фени Индустри Кавадарци“ за затворање на фабриката стануваат сè пореални. Половина месец фабриката работи на одржлив минимум, нема производство, а вработените секојдневно јавуваат за постојаното присуство на извршители, кои веќе почнале со геометри да вршат мерење и обележување на земјиштето на „Фени“.

dobivaj vesti na viber

„Последна е блокадата од Царинската управа. Одземени ни се одобренијата за увоз и извоз. Поради блокираната сметка компанијата нема покритие за банкарска гаранција како доказ дека има начин да се платат давачките кон државата. Ова значи дека ниту можеме да увеземе репроматеријали ниту, пак, да извеземе готов производ, а целото наше производство одеше за извоз. Менаџменоот сè уште нè убедува дека ќе се најде начин да продолжи производството, но за овие одобренија повторно да се извадат е потребно многу време оти процедурата е долга. Дури и денес да се почне, нема надеж дека во догледно време повторно ќе можеме да извезуваме и да увезуваме“, велат за „Макфакс“ вработени во „Фени“.

Од Царинската управа потврдуваат дека дел одо одобренијата за увоз се одземени, но не на „Фени“ туку на фимата „Нова Логистик“ која го врши транспортот за комбинатот.

„На компанијата ‘Фени’-Кавадарци не и се одземени никакви одобренија за увоз и извоз при што на ниеден начин не е нарушено работењето на компанијата. Таа и понатаму може да работи и да извршува активности поврзани со извозот или увозот во редовна постапка. Царинската управа го одзеде одобрението за поедноставена постапка за увоз или извоз на стоки на царинскиот застапник ‘Нова Логистик’-Кавадарци (воедно царински застапник на ‘Фени’ – Кавадарци) како резултат на променетата финансиска стабилност на царинскиот застапник ‘Нова Логистик’ – Кавадрци. Тоа во никој случај не значи дека ‘Нова Логистик’ не може да врши увоз или извоз, ‘Нова Логистик’ и понатаму како царински застапник може да продолжи да врши увоз или извоз на стоки во редовна царинска постапка. Единствено одземено и е одобрението за за поедноставена постапка на увоз или извоз, односно можноста стоката да се царини во просториите на имателот на одобрението, додека во редовна царинска постапка, царинењето може да се врши само на царински терминал“, велат од Царинската управа на Република Македонија.

Од Царината нагласуваат дека постапката за добивање на ново одобрение значи исполнување на одредени услови, како што се солдна евиденција и финансиска стабилност.

Заедно со блокадите и присуството на извршителите, расте и паниката меѓу вработените. Дел од нив почнале да си бараат нова работа, а оние што успеале да се снајдат веќе си поднеле и оставки.

„Секојдневно по некој си дава оставка. Луѓето веќе почнаа да покажуваат дека не гледаат иднина во фабриката која до пред само еден месец важеше за една од најуспешните во Македонија “, велат вработените.

Оставка, според нив, поднел и директорот Јусуф Миракхмедов, но тој не е достапен за објаснувања во врска со фабриката. Веќе две недели ги игнорира прашањата од „Макфакс“ поврзани со случувањата во „Фени“.

Истражувајќи ги состојбите во „Фени“, „Макфакс“ дојде до документ од судот во Амстердам, со кој сегашните сопственици, ИМР (Интернешенал минерал ресорсис), биле обврзани  да вложат  66,5 милиони долари во фабриката до крајот на 2016 година. Тоа бил условот под кој ја добиле  фабриката по спорот околу сопственоста што го имале со „БСГ Рисорсес“, со кои партнески го делеле сопствеништвото. По пресудата, ИМР станале доминантен сопственик, но со обврска за вложување. Пресудата е јавен документ, достапен на интернет од судот во Амстердам. Спорот е воден во Холандија бидејќи таму е регистрирана компанијата „Кунико рисорсес“ во чии рамки функционира сегашниот сопственик на „Фени“ – ИМР.

Место инвестиции, фабриката е пред колапс, само неколку месеци по истекот на рокот во кој требало во неа да се вложат 66,5 милиони долари.Од сопствениците нема одговор на прашањата како се случило и покрај обврската за инвестирање на оваа значителна сума,  фабриката да наталожи огромни долгови.

Вработените тврдат дека во изминатиот период немало никакви инвестиции и бараат одговорност за испумпување на капиталот од фабриката преку фирмите ќерки на компанијата.

„Наместо инвестиции, капиталот почна да се раскрчмува. ’Нова логистик’, фирма ќерка на ’Фени’, формирана да се грижи за транспортот за да не се ангажираат надворешни транспортери кои секогаш се поскапи, е приватизирана. Нејзин сопственик сега е менџерката која раководеше со фирмата додека беше дел од ’Фени’. Ова не е начин да се намалат трошоците, напротив преку оваа фирма транспортот почнаа да го вршат фирмите ’Ролис ГМ’ и ’Селекта’, кои се поврзуваат со семејството на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков. Се сомневаме дека токму преку овие фирми на организиран начин се одлевал капиталот на фабриката, се таложеле долговите кои сега доведоа до гасење на производството“, обвинуваат вработените кои стравуваат за работните места.

Тие сметаат дека згаснувањето на „Фени“ не е случајно.

„Парите одамна се изнесуваат од фабриката, но менаџментот ја користи смената на власта како параван”.

Извршителот Анѓел Костадинов претходно веќе потврди за „Макфакс“ дека спровел извршување како застапник на фирмата „Ролис ГМ” за долг кој изнесува околу 4 милиони евра.

Политичките партии, пак, не ја пропуштија можноста за состојбата на фабриката да упатат меѓусебни обвинувања, па така прва на удар се најде ЕДС ДОО Скопје како наводен виновник за блокада на сметката на „Фени”. Од „Енерџи деливери солушнс“, односно ЕДС ДОО Скопје, сопственост на Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања во Владата на Зоран Заев, за „Макфакс“ изјавија дека не ја прекинуваат соработката со „Фени“ ниту, пак, иницирале блокирање на сметката на фабриката.

„Би сакале да потенцираме дека ЕДС ДОО Скопје ниту ја иницирала постапката за блокирање на сметките на ‘Фени индустри АД’ ниту, пак, има желба ‘Фени индустри АД Кавадарци’ да се затвори. Напротив, ЕДС ДОО Скопје, како и досега а така и понатаму, својата иднина на македонскиот пазар ја гледа во соработка со успешни и просперитетни компании во кои несомнено ја вклучуваме и ‘Фени’“, велат од ЕДС, но не кажуваат како ќе ја продолжат соработката со „Фени“ и покрај огромниот долг за струја, кој според вработените, надминува седум милиони евра.

Иако нема производство, засега сите вработени доаѓаат на работа. Редуцирана е третата смена, доаѓаат само неколкумина за дежурство. Во другите смени сите доаѓаат на работа како и кога имало произвоство. Вработените сведочат дека навечер, и покрај редуцираниот број вработени, во фабриката имало најголемо движење.

„Се товарат камиони и се изнесува имот од фабриката. Гледаме дека камионите се растоваруваат на три локации во Кавадарци, но објаснување за ноќните активности никој не ни дава“, се жалат вработените.

Тие бараат државните органи да го преиспитаат работењето во „Фени“ час поскоро додека сè уште целосно не се изгасени печките оти по гасењето фабриката, велат, ќе биде само старо железо.

Владата најави помош за „Фени“, но и од таму не кажаа како конкретно ќе ѝ помогнат на фабриката за  850  работници да не останат без работа.

Маја Илиевска-Пачемска

Истражувања

(Видео) Нафтениот тајкун и пратеник од ДУИ, Јахоски, му ја продал куќата на Таравари во Тафталиџе, комшии му се министри и бизнисмени

Објавено пред

Куќата во скопско Тафталиџе на Арбен Таравари, актуелен градоначалник на Гостивар и лидер на Алијансата за Албанците, по цена далеку пониска од пазарната му ја продал пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски, кој пет мандати беше градоначалник на Пласница и чие семејство е сопственик на „Пуцко петрол“. „Макфакс“ дојде до официјалниот документ, кој покажува дека последниот сопственик на куќата во Тафталиџе пред Таравари да ја купи бил пратеникот Јахоски заедно со сопругата Љупка-Еда Јахоска.

dobivaj vesti na viber

Со купувањето на куќата, Таравари во соседството е опкружен со видни бизнисмени, но и политичари од партијата ДУИ. На неколку чекори од неговиот двор живее министерот за финансии, Фатмир Бесими. На истата улица кај Бесими куќа има и бизнисменот Фатмир Етеми, кој е поранешен пратеник од ПДПА, кој изгради деветкатница кај „Мајчин дом“ во Аеродром.

Иако му ја продаде куќата, семејството Јахоски останува прв сосед на Таравари оти Љупка-Еда Јахоска, според податоците од Катастарот, е сопственичка на соседната парцела.

Историјатот од Катастарот покажува дека Јахоска во 2013 станала сопственичка на куќата што денес ја поседува Таравари. Делела по една половина со Иса Јаоски. Во 2017 година делот од Иса Јаоски како дар го добил пратеникот Јахоски. По четири години, во 2021 година, врз основа на договор за купопродажба како сопственик е внесен Таравари.

Таравари во анкетниот лист истовремено ги пријавил куќата од 150 илјади евра и кредит од 100 илјади евра

Според анкетниот лист пријавен во Државната комисија за спречување корупција, Таравари за квадратен метар платил 576,5 евра, иако пазарната цена за квадрат надминува 1.500 евра и сега и во 2021 година кога била направена купопродажбата. Извештаите на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека и во 2019 година, две години пред Таравари да ја купи куќата, просечната цена на квадрат во Скопје била 1.000 евра, а од тогаш наваму цените се во постојан пораст.

Таравари смета дека цената од 150 илјади евра за 261 квадрат во Тафталиџе е реална и нагласува дека цените сега и пред две години се разликуваат

Таравари за „Макфакс“, сепак, тврди дека платил реална цена за куќата и не даде никаков коментар на обвинувањата за партиски пазар и сомнеж за корупција.

„Куќата е купена во јуни 2021 година со комплетно уредна документација. Пријавена е во анкетниот лист уште 2021 година, а според состојбата во која беше купена куќата во 2021 година, таа ѝ е реалната цена за тоа време. Инаку, цените на становите и куќите сега и пред две години се разликуваат“, рече Таравари.

Пратеникот Јахоски вели дека има обичен мобилен и не ги гледа пораките со прашања за купопродажбата

Пратеникот од ДУИ, Јахоски, не одговори на прашањата од „Макфакс“ зошто му направил попуст на Таравари и со тоа оставил простор за сомнеж за корупција и политички пазар, како што обвинува опозицијата.

„На седница сум“, рече пратеникот, кој самиот се јави во „Макфакс“ оти, како што рече, му стигнала празна порака, но спушти слушалка кога ги слушна прашањата што му беа испратени во пораката. Рече дека има обичен телефон и не гледа прашања, а не одговори ниту на прашањата испратени по имејл.

Таравари, истовремено, со купувањето на куќата за која навел дека вреди 150 илјади евра, во анкетниот лист пријавил и кредит од 100 илјади евра.

Државната комисија за спречување корупција ги истражува сите наводи во анкетниот лист на Таравари, вклучително и цената на куќата.

„Имаме предмет за Таравари, но сè уште се работи и во овој момент немаме исход што би можел да се соопшти“, вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК, за „Макфакс“.

Управата за финансиска полиција, пак, како најповикана институција за следење на патот на парите и откривање криминал во функционерските кругови, една недела не одговара на прашањата од „Макфакс“ за цената што Таравари ја платил за куќата по јавно искажаните сомнежи за корупција ниту, пак, извести дали на кој било начин оформиле предмет за овој случај. Новиот директор на Управата, Горан Иванов, не контактира со медиумите, освен во случаи кога Управата преку соопштение, еднострано, ѝ се обраќа на јавноста. За случајот на Таравари, досега од оваа институција немаше соопштение.

Прикажи повеќе...

Истражувања

Разрешена директорка зела плата и го возела службениот автомобил

Објавено пред

Ексдиректорката на Државниот комунален инспекторат, Елизабета Јованчева, и разрешена зела плата, го возела службениот автомобил и потпишувала документи, а нејзините колеги сведочат и дека заминала на обука во Италија за која си зела и дневници. Инспекторатот сега судски бара ексдиректорката да врати 26.832 денари, што ѝ биле префрлени како плата по разрешувањето, а откако ќе ја добие пресудата за платата, ќе поведе постапка и за сите останати трошоци што ги направила во периодот по одлуката на Владата.

dobivaj vesti na viber

„Владата ја разреши Јованчева на 15 мај 2018 година, без образложение, со назнака дека одлуката стапува на сила веднаш, но таа си остана на функцијата до јуни. Место само за 15 дена од мај, таа си потпиша плата за цел месец. Одвреме-навреме доаѓаше и на работа. Кога ја прашавме зошто доаѓа и по одлуката на Владата, таа кажуваше дека чека официјално известување“, велат вработени во Инспекторатот кои сакаа да останат анонимни.

Инспекторатот бил без директор до август 2018 година кога Владата го назначила Зоран Маџовски за в.д. директор, но по само две недели го разрешила и него и за в.д. директор е назначен Сали Ајдини, кој сè уште е на функцијата. Со негов потпис, Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата. Со истиот допис ја известиле ексдиректорката дека ако не ги врати парите, ќе почнат судска постапка.

Јованчева им одговорила дека барањето им е неосновано, па Инспекторатот побарал милење од Државното правобранителство. Правобранителството го прифатило барањето и го известило Инспекторатот дека случајот е испратен за постапување до Државното правобранителство во Штип, надлежно да постапува доколку е потребно да биде поведена судска постапка.

„Правобранителството нè извести дека подготвително рочиште за предметот е закажано за во март годинава. Нашиот став е дека поранешната директорка треба да ги врати парите за половина месец оти одлуката на Влада за нејзино разрешување стапи на сила веднаш и таа беше одјавена од социјално осигурување“, изјави директорот Ајдини за „Макфакс“.

Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата

„Макфакс“ ја контактираше ексдиректорката Јованчева, но таа не сакаше да зборува за случајот.

Владата, која ја назначи и ја разреши Јованчева, не одговори на прашањата кое е образложението за нејзиното разрешување и зошто постојано дозволуваат Инспекторатот да е без директор.

„Во однос на кадровските прашања во Владата на Република Македонија, има комисија за кадровски прашања, која за секое лице поединечно ги проверува содржините на поднесената документација за да се провери дали ги исполнуваат условите за именување и соодветно на фактите, со потврдата за исполнување на условите за именување, Владата ги именува истите“, е коментарот на Владата како одговор на прашањата за смената на Јованчева.

Владата ја назначи за директорка Јованчева на 26 јануари 2018 година откако Инспекторатот беше три месеци без директор, оти дотогашниот стана градоначалник, а вработените беа без плата. Една од првите обврски на Јованчева беше потпишувањето на платата.

 

Прикажи повеќе...

Истражувања

(Видео) „Лимак“ и Градот ги изиграа скопјани, се гради хотел место прво да се изгради подземната сообраќајница

Објавено пред

Место прво да ја изгради подземната сообраќајница па потоа да ги гради содржините над земја, турската компанија „Лимак“ кај Стара железничка прво гради хотел. Зад „Рамстор“ веќе се гледа објект од приземје и четири ката, а во исто време на трасата на подземната сообраќајница видливи се само подготовки за градење. Овој проект е уште еден во низата проекти што имаат поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Во време на ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година беше продадено државното земјиште, но се молчеше иако со години не се градеше, а властите од СДСМ, пак, лани наплатија комуналии за сите предвидени објекти и издадоа одобренија за градење и покрај мораториумот за градење во Центар.

dobivaj vesti na viber

Сега властите молчат за редоследот на градење. Обврската прво да ја изградат подземната сообраќајница на Турците им ја наметна поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, веднаш по продажбата на земјиштето во 2012 година. Трајановски ги уверуваше скопјани дека Град Скопје склучил договор со Турците кој нема да дозволи тие да си ги изградат комерцијалните содржини над земја и да ја баталат подземната сообраќајница бидејќи се обврзале прво да ја изградат сообраќајницата, а дури потоа да почнат да ги градат другите содржини. Изградбата се одолговлекуваше со години, а кога веќе почнаа да градат минатата година, Турците покажаа дека приоритетен им е хотелот, спротивно на уверувањата на поранешниот градоначалник.

Иако објектот зад „Рамстор“ секојдневно расте, и од Град Скопје и од „Лимак“ велат дека не е прекршен договорот за изградба на подземната сообраќајница.

Од Градот тврдат дека е на сила договорот што го потпишал поранешниот градоначалник, но го сокрија кога „Макфакс“ со барање за пристап до информации од јавен карактер побара копија. Не одговорија на барањето и по истекот на законскиот рок од еден месец.

„Градот Скопје го нема променето договорот склучен помеѓу Град Скопје и ‘Лимак’ од 12.03.2012 година“, кусо одговорија од Градот на прашањето кога го смениле договорот што го обврзува „Лимак“ прво да ја изгради подземната сообраќајница, а потоа да ги гради останатите содржини со оглед на сегашната состојба на градилиштето зад „Рамстор“.

Од „Лимак“ избегнаа да одговорат директно на прашањето зошто не ја изградија подземната сообраќајница пред да почнат да ги градат другите содржини. Велат дека и покрај одолговлекувањето, ќе ги исполнат обврските од договорот потпишан во 2012 година.

„Според распоредот за изградба на ‘Лимак’, подземната сообраќајница ќе биде прва точка од проектот на ‘Лимак’, кој ќе се гради на парцелата 1.1. ‘Лимак’ прво ќе ја гради подземната сообраќајница на секвенци на парцелата 1.1 и ќе работи нагоре за да ги комплетира паркинзите, а дури потоа ќе почне со активности за изградба на станбените објекти и трговскиот центар кои е предвидено да се наоѓаат на ова место. Според инженерите, ова е сосема изводлив проект. Планирано и буџетирано е дека ‘Лимак’ ќе инвестира до 250 милиони евра за да го заврши овој проект“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.

Од компанијата се правдаат дека почнале да го градат хотелот зад „Рамстор“ оти заедно со локацијата го презеле и одобрението за градење што претходниот инвеститор го добил во 2008 година. Морале да почнат да градат оти биле обврзани во рок од десет години од издавањето на одобрението градбата да заврши. Поради истечениот рок за завршување на градбата „Лимак“ плаќа казна од два милиона денари месечно.

Официјално изградбата на комплексот кај Јужен булевар Турците ја почнаа лани во септември и најавија дека подземната сообраќајница ќе биде готова за 20 месеци, односно до средната на 2020 година. Ќе се гради прво потпорен ѕид од 17.000 квадратни метри околу сите парцели опфатени со проектот.

„Лимак“ на просторот кај Стара железничка станица покрај подземната сообраќајница најави изградба на мултифункционален комплекс со четири дваесеткатници, трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Земјиштето со вкупна површина од 41.824 квадратни метри во 2012 година го купи за 3,7 милиони евра. Лани за комуналии на Град Скопје се обврза да му исплати 6,5 милиони евра на рати, а за 20 отсто помала сума треба да исплати на име комуналии и во Општина Центар.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија21 минута

Беќаровски навести дека си оди од Токсикологија: Дон Кихот конечно го напушта оклопот

Доктор Нико Беќаровски навести дека ќе си замине од Клиниката за Токсикологија. Во статус на социјалните мрежи, Беќаровски порача дека...

Свет38 минути

Русија со предупредување до Европа: Ако ни го земете имотот, одговорот ќе боли

Сојузникот на претседателот Владимир Путин во вторникот ја предупреди Европа дека Русија веќе го напишала законот за да се одмазди...

Македонија1 час

Странски новинари, преведувачи: вкупно 942 набљудувачи ќе ги следат претседателските избори

Вкупно 942 набљудувачи, странски новинари и преведувачи се акредитирани за следење на Претседателските избори на 24 април. Како што е...

Свет1 час

Иранскиот министер за надворешни работи: Санкциите на ЕУ против Иран се за жалење

Санкциите на Европската унија, за кои минатата недела беше постигнат начелен договор што треба да му бидат наметнати на Техеран...

Македонија1 час

Предизборен молк пред утрешните претседателски избори, денеска гласа дијаспората, болните и затворениците

Започна предизборниот молк пред утрешните претседателски избори. Молкот завршува на 24 април во 19 часот, кога се затвораат избирачките места....

Свет2 часа

Украинските власти: Седум лица се повредени во напад со руски дрон во Одеса

Седум лица се повредени, меѓу кои две деца, во напад на руски дрон врз украинското пристаниште Одеса, соопштија украинските власти....

Македонија15 часа

Приватните спцецијализнати протестираа со куфери: „ Над 70 отсто од студентите по медицина активно учат германски“

Со куфери приватните специјализанти протестираа и денес пред Министерството за здравство. Претседателката на Здружението на лекари специјализанти, доктор Александра Георгиева,...

Македонија16 часа

Лекарите од токсикологија: Стигнавме до 8 админитративци и 3 секретари, а не сакаат да вработат биолози и болничар

Нико Беќаровски заедно со уште пет докторки од Стручниот колегиум на Клиниката за токсикологија јавно ја прозваа економската директорка на...

Македонија17 часа

Демири нема забелешки за работата на директорката на Токсикологија, Иљази, ќе го разреши медицинскиот директор Петровски

Министерот за здравство Илир Демири најави разрешување на медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, но не и за економската директорка....

Македонија18 часа

Лични документи може да се подигнат и в среда

Во пресрет на претстојните претседателски избори, што ќе се одржат в среда на 24 април 2024 година, Министерството за внатрешни...

Македонија20 часа

Шаќири подготвен да го повлече дописот за одработување на деновите за изборите во училиштата ако се најде друго решение

Министерот за образование, Јетон Шаќири, е подготвен да го повлече дописот што минатата недела го испрати до основните училишта за...

Економија20 часа

Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за...

Македонија21 час

Вечерва ќе сопрат кампањите за избор на претседател, молкот почнува на полноќ

Со денешниот ден завршува изборната кампања за првиот круг од претседателските избори 2024 година, односно од полноќ почнува изборниот молк...

Македонија22 часа

„Ахмети, кревај рачна кочница на време, Мицкоски не е сам“, му порача Ангелов на лидерот на ДУИ

Директорот на Центарот за управување со кризи, лидер на Достоинство и дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Стојанче Ангелов денеска преку...

Македонија22 часа

Европскиот фронт: Мицкоски на тешкo дереџе, спасот го бара кај Левицата

„Мицкоски и ВМРО никако да да ја сокријат нервозата и паниката од ДУИ и од Европскиот фронт. На кое дереџе...

Македонија22 часа

Мицкоски му врати на Ахмети: Многу бргу од денес и кексито и млекото ќе ти преседнат

„Вчера во Аеродром и Гази Баба ја повикав албанската опозиција на обединување против оваа власт и изразив јавна намера дека...

Македонија23 часа

„Кафеански озборувач, политичката култура на Александар Николоски падна на најниско ниво“, Филипче најави тужба за клевета

„Политичката култура на Александар Николоски падна на најниско ниво, но не сум изненаден од речникот. Сепак, морам да признаам дека...

Европа23 часа

(Видео) Драма во Русија: три лица загинаа во пожар во фабрика во Воронеж

Руското Министерство за вонредни ситуации денеска соопшти дека три лица загинале во пожар во индустриска зграда во Воронеж, на југозападот...

Европа1 ден

Орбан предупредува: Во Европа владее воено расположение, Брисел си игра со оган

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека Европа е расположена за војна, дека се подготвува за војна и дека во...

Свет1 ден

Нетанјаху планира да го нападне Рафа: „Ќе му нанесеме нови тешки удари на Хамас“

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера им вети на Израелците дека ќе го засили „воениот притисок“ врз Хамас „во наредните денови“,...