Култура
Аплаузи и овации за познатиот актер и комичар Драган Маринковиќ-Маца во Крива Паланка
Со громогласен аплауз и на нозе беше поздравен еден од омилените актери и комичари во регионот Драган Маринковиќ-Маца, кој синоќа настапи со претставата „Каква ти е сопругата – таков си и ти“, во продукција на „Златен заб“ на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка.
Публиката во салата на НУ Центар за култура Крива Паланка беше воодушевена од оригиналната актерска игра на познатиот и харизматичен Маца, се смееше на неговите шеговити реплики за вечната тема за бракот и машко-женските односи, но поттикна и размислување за смислата на животот.
Маца поентираше со пораката дека годините не смеат да се потрошат залудно, за да немаш со кого да се вратиш назад или со кого да продолжиш напред, нагласувајќи дека во животот не постои ништо важно, освен љубовта.
Тој ја поздрави кривопаланечката публика и изрази големо задоволство од гостувањето на театарскиот фестивал и престојот во Крива Паланка.
„Првпат сум во Крива Паланка, знам дека сте Град на културата, а со години слушам дека овде гостуваат многу мои колеги- актери, музички ѕвезди и уметници и постојано се прашував: „Боже колкава е таа Крива Паланка?“ Целосен респект што ја сакате уметноста и што уживате во неа. Ви посакувам уште многу фестивали“, порача Маринковиќ.
Вечерва, на шестата фестивалска вечер на МТФ„ Св. Јоаким Осоговски“ настапува Народниот театар„Стерија“ од збратимениот град Вршац, Србија, со претставата „Симпатија и антипатија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Камерното трио „Анимато“ со богата програма повторно пред публиката, во Даутпашиниот амам
Дела од Алексеј Шор, Бете Илин, Силвиан Гино и Аник Озиер Лафонтен премиерно ќе бидат изведени од камерното трио „Анимато“, на 14 октомври 2024 година, со почеток во 19 часот во Даутпашиниот амам. На програмата на концертот се и дела од Астор Пјацола, Едвард Елгар и Габриел Форе.
Дел од „Анимато“ се Светлана Димитриевска (пијано), Даниела Неделковска (флејта) и Симона Марочковска Манојловска (флејта), професорки во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, Скопје.
Ова трио со уникатен состав, пијано и две флејти, веќе четири години ја збогатува македонската камерна музичка сцена.
Проектот е поддржан од Министерството за култура.
Култура
В четврток свечено се отвора роденденската сезона на Македонска филхармонија
Новата сезона на Македонската филхармонија со наслов „Одисеја“ почнува в четврток, 10 октомври, со почеток во 20 часот, со концертот „Го славиме јубилејот“, на кој како солист ќе настапи нашата светски позната сопранистка Ана Дурловски, под диригентската палка на шеф-диригентот Јерухам Шаровски од Израел. На програмата е премиерна изведба на делото „Шест едноставни песни“ за сопран и оркестар и Лид на Мариета од операта „Мртвиот град“ од Ерих Корнголд, симфонијата во четири сцени „Манфред“ од Петар Илич Чајковски и светска премиера на симфониската поема „Јубилејна фантазија“ од македонскиот композитор Борис Светиев.
-Новата роденденска сезона ја отвораме во четврток со концертот насловен „Го славиме јубилејот“ со светски познатата сопранистка Ана Дурловски и нашиот шеф-диригент, маестро Јерухам Шаровски. Подготвивме возбудлива програма која на најдобар начин ќе ја најави нашата сезона во која ќе прославиме осумдесет години од формирањето како најстара институција во земјата. Целата сезона е внимателно подготвена, ќе настапат најдобрите македонски, но и странски солисти и диргенти, ќе прозвучат капитални дела, но и дела на домашни автори – вели Александар Котевски, в.д. директор на Македонската филхармонија.
Маестро Јерухам Шаровски од Израел има долга историја на настапи со оркестарот на Македонската филхармонија со која активно настапува од 2003 година.
-Со вашиот оркестар имам посебна врска и секогаш сум среќен кога доаѓам тука на концерти, зошто имаме одличен флуид и енергија додека ја подготвуваме програмата. Имате навистина посебен оркестар, посветени музичари кои имаат пасија и посебна искра која може да ја чувствува и публиката – вели Шаровски.
За в.д. директорот Александар Котевски вели дека е одличен инструменталист и амбициозен менаџер.
-Мислам дека со неговиот талент и енергија и мојата посветеност ќе постигнеме многу во оваа јубилејна сезона, дека ќе успееме да реализираме и заеднички турнеи и аудио записи – истакна Шаровски.
За нашата сопранистката Ана Дурловски, вели дека е најдобрата со која досега имал можност да соработува.
-Сум работел во многу врвни оперски пејачки, но, Ана, дефинитивно е најдобрата – вели Шаровски.
Ана Дурловски е почестена и среќна што ќе настапи на отворањето на роденденската сезона на Македонска филхармонија.
-Овој оркестар е моето срце, со него се врзани моите почетоци, првиот настап со оркестарот го имав токму со Македонската филхармонија. За оваа пригода одбравме специфична и интимна програма со дело во кое музички е илустриран најубавиот момент на смрт и разделба. На концертот ќе прозвучат четири песни од циклусот „Шест едноставни песни“ од Корноголд, кои, мене лично ми се омилени парчиња од оперската литература – вели Дурловски.
Премиерно, на концертот в четврток ќе се изведе и симфониската поема „Јубилејна фантазија“ на македонскиот композитор и пијанист Борис Светиев, една од композициите која помина на Конкурсот за откуп на дела од македонски автори, а којшто институцијата го распиша годинава. Идејата да го создаде ова дело, Светиев ја имал од пред повеќе години, тежнеејќи да го истражи соодносот шум-тон. Вели дека токму Конкурсот за нарачка на дела од страна на Филхармонијата за него бил доволен мотив да ја реализира до крај таа идеја, со оглед на тоа што веќе ги имал и техничките можности и доволно предзнаење за тоа како би требало да тече процесот на работа врз една композиција со помош на DAW (Digital Audio Workstation).
Во концертната сезона 2024/2025 во која Македонската филхармонија ќе го прослави својот 80-ти роденден, како најстара културна институција во земјата, публиката ќе има можност да проследи разновидна и внимателно одбрана програма, солисти и диригенти.
Новата сезона е насловена „Одисеја“, а симболиката на насловот се надоврзува на осумдесетте години активно музицирање на оркестарот и преку поднасловот – патување исполнето со музички авантури и предизвици. И насловите на концертите се извлечени од наслови на претходни сезони за да се сублимира осумдеценискиот континуитет на Македонската филхармонија. На сцената, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија во новата роденденска сезона ќе продефилираат уникатни индивидуалци како пијанистите Лука Дебарг и Петер Лаул, извонредниот виолинист Сергеј Малов кој воедно ќе се претстави како солист и диригент на концертот на 7 ноември; Роберт Бонфиљо – усна хармоника (САД), виолончелистката Моника Лесковар од Хрватска, виолинистката Алена Баева- Казахстан/Луксембург. На пултот пред нашиот оркестар за првпат ќе застане маестра Бар Авни од Израел, инаку лауреатка на престижниот натпревар „Маестра“ во Париз и асистентка на славната диригентка Барабара Ханиган, како и маестро Конрад Ван Алфен од Холандија, нашиот диригент Борјан Цанев, маестро Лубнан Баалбаки од Либан и Емил Табаков од Бугарија. И во вториот дел од сезоната, од јануари до јуни 2025, ќе настапат исклучителни солисти и диригенти, како виолинистот Марк Бучков од Белгија, врвната Селина От (труба) од Австрија, еден од најдобрите пијанисти на денешницата- Дмитри Маслеев од Русија и др. На Велигденскиот концерт, со наслов Per aspera ad astra, првпат во Македонија ќе прозвучи Големата миса во це-мол од Моцарт.
Култура
„Одење пеш“, во режија на Тамара Котевска, ги отвора престижниот филмски фестивал во Токио и фестивалот за документарен филм „Фолкстон“ во Англија
The Walk („Одење пеш“) свечено ќе отвори два престижни светски филмски фестивала, фестивалот во Токио, Јапонија, и Фестивалот на документарен филм во Фолкстон, Англија. Светската турнеја на најновиот документарен филм на Тамара Котевска: „Одење пеш“ продолжува во 5 светски мегалополиси: покрај Токио и Фолкстон, филмот е во официјална селекција во Лос Анџелес, Лондон и Париз. Се најавува домашна и јапонска дистрибуција на филмот.
Отварањето токму на фестивалот во Фолкстон претставува огромна чест за Тамара Котевска и англиските продуценти GRAIN MEDIA бидејќи патувањето на сириското дете бегалче Амал во Англија почна токму од овој град, каде што бегалците преминуваат од Франција преку Ла Манш во Англија и токму тука се судираат со најжестокиот отпор на англиската полиција. Организаторите на фестивалот изјавуваат дека отварањето на Фестивалот за документарен филм во Фолкстон токму со „Одење пеш“ е покажување пркос на англиските радикалци и обид повторно да се сврти вниманието на жителите на овој приморски град кон еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат во своето секојдневие.
Веднаш по премиерата во Англија, „Одење пеш“ патува на фестивалот Le Grand Bivouac, кој се одржува во Абервил (североисточен регион на Париз), Франција. Овој фестивал е со фокус на современите индивидуални и колективни општествени проблеми, а „Одење пеш“ e во официјална селекција и ќе биде прикажан вечерта на 21 октомври 2024.
Ноемвриската тура на фестивали за „Одење пеш“ ќе биде одбележана со свечено отварање на International Refugee Film Festival Tokyo 2024 на 7 ноември. Режисерката Тамара Котевска изјавува дека да се отвори интернационален фестивал во Токио токму со нејзин документарен филм е еден од најубавите комплименти што ги добила токму поради тоа што уникатниот креативен израз и идентитет на филмот одекнува толку далеку и допира една толку поинаква култура од европската, која очигледно јасно го препознава квалитетот на филмот. Оваа свечена премиера ќе го најави и почетокот на јапонската дистрибуција на филмот.
Учеството на толку многу светски фестивали е почесна потврда за квалитетот и релевантноста на филмот, но Котевска е особено задоволна дека се случува токму дистрибуција на филмот во толку далечни култури во светот. Тоа е она што го запечатува успехот на филмот гарантирајќи му огромна гледаност на широка публика надвор од фестивалските настани.
Веднаш по Токио, „Одење пеш“ ќе биде истовремено прикажан во двата мегалополиси: Лондон и Лос Анџелес. Во Лондон ќе биде дел од 12-тото издание на European Psychoanalytic Film Festival на 16 ноември 2024.
New Filmmakers Los Angeles Film Festival ќе се одржи од 14 до 17 ноември и во фокус се млади автори, кои настапуваат со својот прв или втор филм.
„Одење пеш“ изминатата година ја имаше светската премиера на престижниот интернационален фестивал за документарни филмови во Њујорк, DOC NYC, европската премиера на GENEVA INTERNATIONAL FILM FESTIVAL OF HUMAN RIGHTS во Женева, по што имаше 5 проекции на престижниот фестивал за документарни филмови во Копенхаген, CPH DOX, а Котевска во чест на филмот беше повикана да одржи свечен говор на Венецискиот филмски фестивал 2023. Филмот имаше преполна македонска премиера на затворањето на домашниот фестивал за документарни филмови „Македокс“ по што композиторот Дуке Бојаџиев одржа моќен концерт од музиката на „Одење пеш“, која тој ја компонира.
Режисерката и сценаристка Тамара Котевска продолжува активно да биде еден од најпрепознатливите амбасадори на македонската култура во светот. До сега како режисер и сценарист таа е една од ретките во нашата земја, која непрестано, страсно и активно работи во полето на документаристиката (кој е воедно една од најтешките форми на филмскиот израз). Но Котевска им пркоси на документарните ограничувања креирајќи моќен, уникатен и длабоко емоционален уметнички израз, бирајќи современи, релевантни социјални теми и предизвикувајќи промена на домашно и светско ниво. „Одење пеш“ e само најава на она што следува од оваа млада прогресивна авторка и во поглед на документарниот и во поглед на играниот филм.